Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров

,,МЛАД БОРЕЦ” ЗА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ


,,Млад борец” е, да потсетам (сé поголем е бројот на новородените кои воопшто и не чуле за овој весник) прв весник објавен на современ македонски јазик - на 22 март, првиот ден на партизанската пролет 1944 година, на Козјак планина, над манастирот Прохор Пчински. Незаменлива е неговата улога во подигањето на новинарскиот кадар во младата македонска новинар: весникот со право се наречуваше новинарски универзитет, а и буквално нема ниту еден македонски писател кој своите творечки првенци не ги објавил во овој весник. Некој знае, а и јавноста ќе дознае, зошто овој, прв весник на македонски јазик, не ја преживеа транзицијата од деведесеттите на минатиот век.

Во овој весник и јас, како и мнозина мои колеги, ја оставив својата прва деценија од новинарскиот живот. Тукушто дојден во редакцијата, на почетокот на 1972 година, се договоривме да подготвиме еден број на весникот исцело посветен на ликот и делото на Гоце Делчев, по повод 100-годишнината од неговото раѓање. Честа да го подготвувам тој број ми припадна мене и еве сега, по цели 47 години, ја споделувам со Вас содржината на тој број на ,,Млад борец”. 

И еден куриозитет во врска со овој број на ,,Млад борец” : печатен е во  рекорден тираж од 103.000 примероци, незамисливи за тоа, а и ова време. Отпечатеното - распродадено, до последен примерок.


1872 ГОЦЕ 1972




           

И џицвџаните што се мачат по снегов да најдат некоја трошка да го поминат денот, знаат дека од деведесет и првата тука, кај нас, ништо не е исто како пред тоа. Затоа и се проретчуваат џивџаните, во други предели, а по нив и дузини млади луѓе - џивџаните на југ, луѓето на север.
            И џивџаните, особено младежта и постарите, сите знаат дека она што го имаме од деведесет и првата натаму е држава, а не мачкина кашлица, со сите нишани за една држава - наша, меѓународно призната, членка на Обединетите нации и на многу меѓународни организаци. Постарите паметат, а помладите знаат дека по ,,раздружувањето” од старата дружина, анализите на Европската унија (ќе да беше тогаш заедница?) црно на бело покажаа дека единствено најмалите држави од поранешната голема држава, Словенија и Македонија, се најподготвени за влез во големото европско семејство. Ако имало некаква протекција, сигурно била поврзана со проценките за безбедноста во регионот. Еве ја Словенија, со години веќе, европска држава, а ние зацапани во место: во Брисел нема кој да ја чуе нашата стратешка определба декларирана во раните деведесетти дека евроатланските интеграции, ЕУ и НАТО се единствена посока по која сакаме да влеземе во иднината, отшто го видовме аирот од минатото. Сите можни сондажи потврдуваат дека големото мнозинство граѓани и политички партии во Македонија се за оваа опција и никоја друга. Што не значи дека сиве овие години исчекување ние сме невини. Напротив, кабаетлии сме, не малку, многу сме кабаетлии. Не од сега. Но, не сме саде ние.
            Познато е, имено, дека во Европската унија се влегува со отворање и затворање на 35-36 поглавја, кои не се ништо друго туку проверка за тоа дали сме стасани за таму. Македонија, како дел на Југославија, ги имаше отворено сите ,,поглавја” од Повелбата и документите на ООН, сите. Не се важело. Македонија, како дел на Југоиславија, беше отворена зад Берлинскиот ѕид. Не се важело. Сега пред очи ни поставуваат еден вид ѕидови нам кои од југословени станавме западнобалканци, нам сосе Србија, Босна и Херцеговина, Косово... Во тие поглавја никаде не се бара државата-апликант (во случајов нашата, Македонија) да си го смени името. Како што за правда и праведност во Европската унија не се игнорира пресудата на Меѓународниот суд на правдата со ,,образложение” дека тие што изгубиле на суд се внатре, во Унијата, а ние окапуваме надвор, во чекалницата. Како што тое лефтерно се сведе на билатерален спор, во кој притисокот да се најде некакво чаре, некаква рамнотежа, главно оди врз наши плеќи. Не се бараат во поглавјата на ЕУ и меѓудржавни договори како потврда дека со некои соседи сме имале ,,заедничко минато”, а нé тераат да се бориме за минатото (или некому да му го подариме на тацна). А Германија и Франција, кога ја формирале Европската заедница, ниту пустеле ниту штуреле за минатото, ами го впериле заедничкиот поглед кон иднината.
            Контекстот во кој се одигрува сета оваа драма во која сме втурнати е мошне деликатен: на очи е воскреснувањето на крајната десница и на фашизмот во цела Европа, така што нејзиното тнр. тврдо јадро сé повеќе е свртено кон чистењето на сопствениот двор. Проширувањето може малку и да причека. А нам ни се брза, чувме, меѓудругото и затоа да го симнеме и срамот од ,,називот” божем постои макар еден единствен што така нé нарекол некогаш, а и божем не го знаеме историскиот контекст во кој во ОН бевме запишани како БЈР Македонија, не БЈРМ! Под тоа име, како што во официјален меѓудржавен договор се согласи нашиот сосед, можевме да бидеме примени во сите меѓународни организации. И сега пак се повторува прашањето: зошто притисокот цело време се вршеше врз нас, а не врз оној што не го почитуваше договорот? И пак треба да повториме: и кај нас е кабаетот. Имавме, ама немавме дипломатија за еден ваков залак. А добивме челници зашеметени, чукнати од минатото, дури од Александар Големиот, и сé се витоса низ Вардарот наш варден и недоварден, сосе новокомпонираните гемии во него. И сега Јово-наново, што за нас веќе станува вообичаено - сé да почнува од новата власт. Пак ќе го повторуваме стариот лисец Черчил кој беше рекол дека народ што се напиња меѓу минатото и сегашноста, ја губи иднината. Ние, додуша, не се напињаме - поделени сме до закрвавеност, каква што не се памети во славното ни минато.
            Ние, во чекалницата, сега мислиме дека надвор дуваат само добри ветрови и брзаме, брзаме да ја фатиме и нивната добрина и нивната посока. Барем не седиме со скрстени раце, а предупреда за брзањето имаме во Илинденското востание коешто, нели, било избрзано.
            Во меѓувреме, Европа ,,пожолтува”, сé појасно и е на нејзините челници (некои од нив отповеќе напернати) дека треба да се вардат од бесот на трпеливиот народ, дека не треба сé да му се препушта на времето бидејќи во времето освен рози, бели рози или црвени, има и трње, боцливо трње. Ние знаеме дека трпението е поблага форма на очај, ама кај сме чекале толку ќе причекаме уште малку. Не туку-така се вели: Кој чека ќе дочека - за Годо малку потешко, а за чекан в глава е малку поизвесно. Неволјата е поголема што споро напредуваме со решавањето на ,,домашните задачи”, сега пак сме далдисани со историјата, сега во секој од нас има најмалку по двајца експерти по историја а во МАНУ има само еден ,,дописен” историчар, сега пак забораваме дека овошјето што сакаме да го скинеме е на гранка и дека треба, како знаеме и умееме, да ја довстасаме гранката. Овошјето нема само да ни падне в уста.
            Најнакрај, сетики разбравме дека нема изгубена битка, освен онаа за која самите мислиме дека е изгубена. Не е одвишно, тадури нужно е да се повтори: за битка за иднината се работи.
                                                                        
                                                                                                                 Ристо Лазаров


(Пренесување на текстот и делови од него само со дозвола на авторот)

             
Првпат го сретнав како Милан. Милан Ѓурчинов - авторитетен, еминентен проследувач на македонските литературни текови и угледен зналец на светската, особено на руската и француската, литературна мапа. Беше тоа есента 1967 година, кога тој гостуваше на трибината за литература во Работничкиот универзитет во Штип, што ја беше осмислил Михаил Ренџов. Таквите настани обично завршуваат со прашање за прашањата: има ли некој нешто да праша?  Стутулен средношколец, некаде во последните редови, сепак собрав сили да му поставам едно прашање на професорот - за ,,Лица со маски” од Владимир Костов беше збор, за тоа зошто нашата критика чиј висок угледник беше професорот, го премолчува тој роман? Тркалесто, па на ќоше, така се вели за одговорите без одговор. Но, одговорот на професорот стигна набргу, во свечениот дваесетидеветоноемвриски број на ,,Нова Македонија”, распослан на цела страница, под наслов ,,За Владимир Костов, за мојот мал штипски пријател, за сите нас”. Професорот не го беше фрлил прашањето во полињата на заборавот. Некои денес би рекле: има прашања што заслужуваат одговор. Набргу тој текст професорот го објави во книга, а стои и во неговите Собрани дела. На стутулениот штипски средношколец и денес не му е сеедно што тој дребен настан во нашата ,,литературна провинција” доби таков епилог. Беше тоа, всушност, бележита потврда на карактерот на професорот и неговата доживотна определба да не се одбегнува, ами напротив да се негува дијалогот, во дијалогот да не се влегува од олимписки височини, да не се биде арбитер и омаловажувач на поводот за разговор, макар тоа било и стутуленото прашање на еден средношколец.
Следната средба се случи пак незакажано. Во 1972 година (колку брзо профрчувал половина век!) излезе мојата прва книга ,,Ноќна птица во паркот”, а тогаш беше обичај сите македонски поети кои имаат објава меѓу две поетски Струги да се покануваат на поетското славје покрај водите на Езерото и на Дрим. Таа година сместувањето беше во новиот охридски хотел ,,Горица”. Се разминувавме по скалите. Професорот беше во друштво на Оскар Давичо, јас сам, ќе да не бев веќе стутулен, ама сепак... Тој ме запре и му предложи на Давичо да запозне еден од најмладите македонски поети. Немав при себе примерок од книгата, но тоа го средивме утредента. Поважна беше намерата на професорот неговите пријатели да не бидат само негови. Не се сите такви, особено во паркот на писателските суети.
Во 1980 година бев удостоен со наградата ,,13 ноември” на град Скопје за стихозбирката ,,Јана”. Претседател на жирито беше тој, професорот Милан Ѓурчинов. Па 2007-та ,,Ацо Шопов” за ,,Чехопек”: претседател на жирито пак Милан Ѓурчинов... Па во неговите антологии на современата македонска поезија тука и во светот.... А воопшто не бев од неговата ,,голема четворка” на која и беше приврзан до последниот здив, без оглед што некои го изневерија. Не беше за мир в куќи по секоја цена, но не беше ни злопамтило. Интелектуалниот габарит што го имаше, не го потиснуваше во него интуитивното, човечно чувствување на човекот.
Долги години потоа, долги разговори под муренката во Охрид. Катаден. Некои работи се случуваат случајно, а се паметат за навек. Друштвото не многу големо (понекогаш се прошируваше од љубопитници) а разговорите понекогаш и вжештени, не ќе да е само од охридското сонце. Кога ќе заесенеше, друштвото ја менуваше локацијата: секоја сабота во 11 часот првин во ,,Уранија”, па во ,,Томче Софка” во Градскиот парк во Скопје. Времето штедро со теми - од актуелни, поактулени. Разговорите врват од левата страна на времето. Да, нека се подвлече тоа - од левата страна. Но, не се еднобојни, вријат од спротивставувања, некакви природни филтри на продлабочените анализи. Со нетрпение и љубопитство се очекува зборот на професорот, што напати се доживуваше и како беседа на стар мудрец кој беше ,,на ти” со највисоките антички мисловни врвови. Во неговиот мисловен опсег минатото (искуството и знаењето) немаше дно, но погледот му беше свртен кон иднината. Им се радуваше на младите марксисти, се дружеше со нив, им држеше предавања. Веруваше дека ќе се најде чаре за татковината, одбиваше да биде нем набљудувач. Имаше не само желба, ами и план за покренување на ново списание кое ќе го извлече дијалогот (особено во културата) од матежот кој не донесува ништо освен меѓусебни препукувања, дисквалификации и понижувања. Не се помируваше со она што го донесоа првите две декади на новиот милениум: секогаш сакаше и се стремеше да биде подобро. Не веруваше во никого кој велеше дека не може да се стори ништо, ама баш ништо. Беше Македонец, но голем противник на национализмот. Кога ќе дојдеше национализмот на ,,дневен ред” имаше навика да го цитира Албер Ками: ,,премногу го сакам својот народ за да бидам националист”. Не го забораваше ни југословенскиот културен и општествен простор. Беше првиот што во самостојна Македонија одржа говор пред бистата на Тито.
Еден од ретките наши мислечки луѓе кој беше во тек со современата марксистичка и левичарска мисла и кој знаеше зошто Маркс бил во право. И кој не го таеше тоа,напротив. Пред една деценија, во негова организација и под негово претседателство во Охрид се одржа Светскиот славистички конгрес. И сé така, со игнорирање на заморот на подвижната лента на животот.
За неговиот творечки опус, кажано е, безбели сé, макар што секогаш има нешто да се придодаде. Овие редови, како што гледате, се вакцинирани од таква претенциозност. Единствено сакаат да прикажат по некое, навидум не толку значајно парче од личноста на стамениот интелектуалец со изразита индивидуалност - таков како што беше, а не таков како што многумина од нашата фела мислат дека се. На крајот на неговиот бурен животен и творечки пат, пријателски се разделивме со - Мишко.
See Older Posts...