Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров





Не е дека среде пролетта на човештвото сме пуштени како птички и дека лефтерно (тадури и весело) ги прелетуваме сите опасности на една обична, а достоинствена живеачка: обесправеноста на луѓето, ширењето на стравот, 'рмбањето за корка сува леб без око да им трепне на "газдите" дека поминале две работни времиња... Но, не сме до толку заслепени да не знаеме дека е незапирлив природниот тек, на годишните времиња, на пример. Вечна пролет тука има само во пустите желби, се распродава на плоштадите сосе сите лажни ветувања, а еве, веќе дојде зимата, крајот на мечтите, сосе шлагерите кои некои современи чауши си ги компонираат со ноти од очај: "зар крај, зар вистина е крај...?" Се истроши списокот на пакостите и одново излегува на бело видело надежта. Впрочем, таа, надежта, велат учените, е вградена во нашите инстинкти - сами од себе очите да ни се вртат кон светлината, а не кон мракот. Колку и да сме зацапани во мракот.
Да ги баталиме "странските служби" и товарите теории на заговорот. Дојде време за свртување кон светлината, најпрвин - кон светлината во себе. Така свртени и курдисани, да си ги поставиме најтешките прашања: се излегува ли од мракот низ некој налицкан шминкерски салон? Или со генерален ремонт? Или, сепак, нам ни треба нов почеток, од нула, изградба на конзистентен општествен систем кој ќе биде отпорен на сите пакости што ги доживеавме, кој ќе ни го проветрее животниот простор со ветровите на демократијата, кој ќе ни го крене достоинството на чекорење по патеките на опстанокот со крената глава...?
Еден од клучните патокази на патот на опстанокот е - самопочитувањето. Може да звучи и неверојатно, но многу е чудно како сиве овие години речиси туку-така, без да сетиме, го изгубивме баше него, самопочитувањето и неговото незаменливо значење, наспроти сите застрашувачки врескања, од каде и да доаѓаа. Со каква невнимателнист ги истрошивме речиси сите залихи на претпазливост и избегавме од сопствениот дух којбединствено може да биде темелник на демократскиот дух на општеството. За духовни темелници е зборот, не за оние со сечења ленти и со благослови и истурања вино на верските (и државните, безбедли) великодостојници. Без слободата на духот се станува роб на туѓи илузии, но и тогаш, неговата основна супстанца останува слободата, а не слугинството. Успева само слободата што ја создава слободниот дух самиот од себе. Не сака многу знаење по историја и општество за тоа. Како што не сака ни многу знаење за тоа дека ако самиот не се почитуваш - не чекај го тоа од другиот.
Иднината, гледаме, не е гола парола. Има ситуации кога спинерските барабанџии и одењето наназад го прогласуваат за трчање кон иднината. Но, секој спин не завршува во полето на кое се игра натпреварот. Сосе крајот на спиновите, доаѓа и крајот на мечтите, болното соочување со суровата реалност. Најнапред со прашањето за иднината - има ли иднина? Иднината е услов над сите услови - да ја имаме, видлива, не како згодна тема во детските писмени работи. Тоа од нас зависи, пееше едно време по некој евровизиски фестивал, целата нација. Со тоа што иднината не е евровизиски фестивал, ами вистински европски натпревар во кој се троши многу пот.
Маските кога паѓаат, најчесто се покажува дека врз нив имало други маски, тетоважи, шарени и зашеќерени лаги, што ли не! Тогаш со трескавична забрзаност би требало да се трошат практиките на сите застрашувања. Тогаш дефинитивно треба да се сфати она што е елементарно и општо познато: власта не е господар на приватен имот, ниту е нечиј плен или служи за уживање. Власта постои за да се менува. Тоа не е онаа - ја шегобијна, ја цинична - за Курто и Мурто. Нека се повтори уште еднаш: за обликување на систем што од корен ќе ги сосечува апашлаците од сите видови. Систем на нормалноста (и подносливоста) на живеачката. Систем во кој преобликувањето на народот секогаш останува само пуста желба, секогаш со фатални последици.  Тоа, зрното на самопочитувањето, не се смачкува. Сака малку напор да пркне, да ја истреби коштревата на вазалството, секакво. И да ги ишне сите фатаморгани од нашата стварност, ако и таа е стварна.
Мурто и Курто, затоа, се само почеток на приказната, како оние што ни ги кажуваа нашите баби и дедовци: си било едно време... Ова е време во кое сме соочени, лице в лице, со муртовизмот и куртовизмот, со сите негови јазли.
Сега сè што било заплеткано, мора да се отплетка. Некои велат Господ знае колку време треба за тоа. А сите, белки, знаеме дека веќе е истрошено времето за губење. Остајте ги сега теориите за безвременоста.
Според тоа како врват работите, нема да ни биде здодевно на патот до крајот на првиот пролетен месец в година. Повеќегласје ќе има, а и повеќе гласност, бучава. Кому мунпречи бучавата - нека си најде дополнителна опрема: тампони за уши, на пример. Плитки и празни гласови секако ќе нема. Мак Диздар има една прекрасна песна "Модра река" овенчана и со струшкиот златен венец. Таа модра река, била длабока, била матна, била брзотечна - сака да се премине. И во името на самопочитувањето.

          Ристо Лазаров
                                                                                                     (www.ristolazarov.com)

See Older Posts...