Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров

ДЕЛБИТЕ


Поделено општество сме, не отсега. Имаме долга традиција во делбите - какви и да се тие. Едни на едниот, други на спротивниот брег на реката. А во реката клокоти омраза. Како сега никогаш не било, а периодот пред изборите и да не го спомнуваме. Земјата ни стана расадник на пизма - од секаков вид, општа пизма. Има и такви кои тоа го сметаат за природна појава во побеќепартизмот. Има и такви, многу повеќе, кои знаат дека и во други држави, постари од нашата има и делби и несогласувања, ама во рамките на пристојноста. Мерка за мерка, таков е насловот на една Шекспширова пиеса. Секаде (во политиката) има межусебни обвинувања, но никаде нема да се во право само оној што е на власт. Тоа се смета за тешка исчашеност на демократијата и сетики последнава деценија ја научивме таа лекција. Кој губи има право да се лути, ама и витештво: да се пружи рака, да се признае поразот, грешките, (не)неделата. Се изнагледавме сешто, ама ни последниве месеци тој филм не се прикажува во македонскиот парламент. Сопки, безразложни одолговлекувања, божем тоа ќе е од некое фајде. Напротив. И носи штета, не само на власта која ветува брзи реформи, ами и на државата воопшто. А државата ни е таква каква што е, народски речено - за никаде. Ај да не речам како пасиониран читач, деновиве, набасав на интервјуто на Предраг Марковиќ, угледен професот по историја на Белградскиот универзитет и потпретседател на СПС за белградски НИН. Тема: што друго ако не претстојниот нивни внатрешен дијалог за Косово. Ми се стори полезно да споделам со вас два ексцерпта од интервјуто на Марковиќ и однесувањето на политичките ривали во време на криза. Најпрвин: “Нашите претци умееле да работат. На пример, Скерлиќ и Слободан Јовановиќ длабоко го мразеле Пашиќ,од многу причини. Пашиќ бил еден од најрасипаните и најнепринципиелните политичари кои кога и да е се појавиле. Меѓутоа, во моментите на големите државни кризи и Скерлиќ и Јовановиќ го поддржале Пашиќ”. И малку попосле: “Пашиќ успеал околу основните државни прашања да ги собере луѓето со кои бил во пострашни судири од овие денес. Тие луѓе кои едни на други си правеле најстрашни работи, до атентати и фрлање в затвор, умееле да се соберат околу најважните државни интереси. Пашиќ, таков каков што бил, денес има споменик на едно од најубавите места во Белград, во триаголникот меѓу Домот на синдикатите, некогашното Сојузно собрание и Собранието на градот Белград. Се разбира, недобројни се ваквите примери во светот на политиката, а овој, ете, самиот се намести. Една капка надеж, ништо повеќе.

Ристо Лазаров
( преобјавувањето на текстот или на делови од текстот не е допуштено без дозвола на авторот)
See Older Posts...