Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
НАВРЕДЕНИТЕ И НАПУДРЕНИТЕ


Немерени плуканици се истурија врз некогашното едноумие: и шуто и рогато - удри врз едноумието, без кантар, тоа било злото. Не дека не било. Но и плуканиците без усул не се за човек да се фали со нив.
Нејсе, на радост на сите, дојде новото време, широко се распосла полето на разноумието. Волтери, па дури и волтерчиња во нашите сокаци - еј, тоа е цивилизациски скок, Сергеј Бубка! Полесно се дише, па и кога ќе падне магла по поле. Оваа магла како да има поинаков вкус.
Но, понекогаш паѓа магла за да ги замагли идеите, разликите во идеите. А не дека не знаеме дека до вредната идеја се доаѓа низ трпелива размена (вклучувајќи го и зовривањето) на полно идеи. Само, не го чувствуваме сите мирисот на маглата. Па се случува, ете, расправата за идеите да се превртува - како некогаш - во расправа за луѓето. И тоа со пис јазик, за да се засоли сознанието дека тоа веќе не е ни расправа. Повеќе кочоперење на недозреани идеи. 
Полето на размена на различните идеите не е место каде што човек (сосе идејата) треба простачки да биде нападнат. Повеќеумието, разноумието не е тоа - псите да лајат, карванот да си врви. Аргументите се над секој лавеж, над секое празно ломотење и лаење на месечината, како во една песна на Есенин, за лаењето.
Слободата е да ја живееме. Човекот станува слободен со своја одлука, отпор и несогласување - беше запишал Меша Селимовиќ. Во едноумието. Слободата не е амалин на стравот, ниту на навредите, тадури и навредите. Слободата е и токму тоа: да мислиш поинаку. И да зборуваш поинаку. И влакно од косата да не ти недостасува. Слободата е за да се совладат сите стравови.
Во слободата, сопоставувањето на идеите не се води само во бели ракавиици. Има и ќе има и подвикнување, повишување на октавите, ама сака - усул. Сака, пред сè, да го почитуваш другиот. Тоа значи да се почитуваш и себеси, безбели. Аргументите, а не навредите, ги исфрлаат рибите на суво. Лесно е да му фрлиш некому кал в лице - калта се суши, се мие. Со аргументите не е така. Еве, зима е, врвиме низ магла, ама внимаваме каде врвиме, да не се избербатиме во некоја кал или во некој ѓол. Или во не дај боже во некој бербатлук од нашите погани сопоставувања. Оние, де, од типот "што на ум, тоа на друм". Сака друмовите да ни се чисти.
Сево ова го знаат мнозина од учесниците во нашите сопоставувања со навреди, како некогашните претставленија со песни и пукања. Ама, пустиот инает и стоте вреќи сол. А има и такви, кои мислат дека навредувајќи ги другите, се заштитуваат себеси, сосе фотелјата. Им влегла магла в глава, им треба ветар за разбркување на маглата.
Има, да не си фрламе пепел в очи, и нарачатели на навреди и понижувања на поинакумислечките. Изживеавме цела таква деценија. Сетики научивме дека со навреда не се понижува умот, како што ни со празна фалба не се воздигнува глупавиот. Рамнотежата на животот ја чинат делата, аргументите. 
Во царството на умот, навредите се несакани гости. Особено оние напудрените во салоните за разубавување на стварноста.

( Преобјавувањето на текстов или на делови од него не е дозволено без согласност на авторот)


See Older Posts...