Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
Saturday 25 Aug 2012 12:02
| Permalink
ЗОШТО
ПОЕЗИЈАТА МАЛКУ СЕ ЧИТА?
Прашањето од насловов е глобално, ама јас – со години
веќе – си го поставувам на крајот на секое лето, во времето на одржувањето на
Струшките вечери на поезијата. Делува навистина импозантно кога на затворањето
на овој поетски фестивал од светски маштаб, поети од цел свет, од струшкиот
мост на поезијата, читаат песни пред десетина илјади посетители. Еве,
проценителите нека претерале и за половина – пак воопшто не се малку пет-шест
илјади души кои се насобрале да слушаат поезија, а не некаков предизборен
говор, на пример. Од друга страна, делува навистина мизерно сознанието дека во
истата таа Струга нема книжарница во која човек може да купи книга (не мора
поетска, дури каква и да е!) од главниот фестивалски лауреат. Книгите на
струшките леуреати сека година се печатат луксузно, им се делат во едно торбуле
(волнено, демек ракотворбено или пластично, зависи од тоа колку пари има
организаторот) на сите учесници на фестивалот и толку. Во книжарница не може да
ја најдете, не само во Струга, ами во цела Македонија, толкава колкава што е и
таква каква што е. А само бегло да се присетиме, струшки венценосци биле:
Вистон Хју Одн, Еуџенио Монтале, Пабло Неруда, Ханс Магнус Енцесбергер, Андреј
Вознесенски, Јосиф Бродски, Томас Транстремер, Јанис Рицос, Рафаел Алберти...
Нивни книги, со еден или два исклучоци, во Македонија не се печатат и отпосле,
читателите да видат како и се множи опусот, или, ако си заминале од овој свет,
да се присетат на нив, на некои песни што не биле публикувани во луксузните
изданија на Струшките вечери на поезијата.
Но,
Струшките вечери се само малку поизострен поглед врз суштината на прашањето. А
тоа не имплицира борбена настроеност за одбрана на приметот на поезијата, за
која Бродски, на пример, вели дека најкондензиран начин на пренесување на
човековото искуство.
Во
меѓувреме, светските фабрики на бестселери работат во три смени, што повторно
не значи дека денес луѓето се претргнуваат од читање, макар и на евтините
бестселери на кои се гледа презриво од литературните олимписки висови. Мнозина
добри прозаисти страдаат од истата болка како и поетите, но во овој текст се
постави прашањето за (не)читањето на поезијата.
Македонското
искуство е повеќестрано поразително и вртоглаво се приближува до прашањето:
чуму воопшто пишувањето поезија? Поетите знаат, ама се прават дека не знаат,
дека пишуваат и објавуваат само за пријателите. Издавачите знаат дека поетските
книги речиси воопшто не се продаваат, ама ги објавуваат оти се покриени со
државни дотации. Добар дел од читателскиот корпус времето го тепа со
телевизиски сапуници, во кои, нели, нема ни здодевна проза, а не пак поезија.
Со еден збор: сите знаат се’, ама се прават или навистина сакаат да знаат дека
не знаат ништо за судбината на поезијата наша, насушна.
Самата
поезија не е без вина виновна. Многу лесно и без борба и сепредаде на суровите
и студени навеви на Транзицијата. Не успеа (нема гаранции баш и дека сакаше) да
се оттргне од старите клишеа, од истрошените, да ги речам, средновековни
поимања на поезијата и поетите. Наместо да му речат ,,слава му” на застарениот
(ако не веќе и парталосан) зборовен збир, тие од ветви зборови сакаа да прават
балони на нова слава. На некои руралните спомени, тревките и камчињата, им беа
поважни од жестокоста на животот, заборавија дека без живот – нема поезија.
Животот се разбира не е еднаков на поезија, ама поезијата е секогаш еднаква на
спротиставувањето на старите клишеа.
И
критиката крена раце од поезијата. Има еминентни критичари кои со години не
прелистале поетска книга. Некои дури и кога ќе ги натопорат во некое жири за
доделување на некоја поетска награда, првин чекаат другите да го направат
најтесниот избор, па отпосле да свртат по некоја страница од веќе направениот
избор. Критиката ни се поболе од – пригодност. Нејзината улога се сведе на
пригодните беседи при промоциите на поетските книги. И со такви беседи потем се
полнат страниците на она што остана од литературните списанија. Во пригодните
говоранции на промоциите, сите поетски книги се – добри, многу добри, најдобри.
Самозалажувањето оди дотаму што мнозина поети недосонуваните соништа сакаат да
ги преточат во јаве: демек, сме имале поезија свежа и полнокрвна, од модерна
помодерна, од чист европски маштаб, дури и за пример сме можеле да служиме. Што
не значи дека немаме и такви проблесоци, ама сите знаеме што се проблесоци.
Поезијата
во образовниот систем? Ајдете, ви се молам, каков систем – сето тоа повеќе
наликува на некаква прастара, ‘рѓосана машинерија, со испокршени запчаници. Ќе
чкрипи додека чкрипи, па што биде нека биде – кој сега да се сакалдисува дека
тоа оди на штета на поезијата, при толку нешта наоколу што одат на штета на
државата, на општеството?! За Црногорците владее мислењето дека сите го знаат
наизуст ,,Горскиот венец”? Кој наш поет ние, особено нашите најнови поколенија,
го знаат наизуст? Рацин? Прличев? Некој трет? Ние и не сме се ,,договориле”
кого задолжително треба да го знаеме наизуст?
Колку
самите наши поети, предводени од бардовите, знаат каква поезија се пишува во
светот, а каква преведуваме кај нас, ако воопшто преведуваме. Преведувањето на
поезијата кај нас најчесто се прави по системот ,,јас тебе – ти меене”, затоа и
најпреведувани се – поетите издавачи. Некои поети, а ќе станат издавачи, а ќе
им тргне работата со сопствената афирмација во светот. прекутрупа, надвор до
сите светски обичаи (преку агенти, афирмирани издавачи и сл.) а често и со наши
државни пари, што сите сме ги одвојувале, како даночни обврзници. Раритетни се
примерите од странски јазици да се преведуваат поети кои не се издавачи. И кога
се случуваат такви (убави) раритети, тоа е повеќе за да се добие некоја пара од
некои странски или меѓународни фондации за таа намена.
Никако
не смее да се прескокне и фактот дека самите поети не се читаат меѓу себе.
Стига е да се прашаме колку поети има во нашите две писателски асоцијации, а во
колкави (симболични) тиражи се печатат поетските книги и се’ излегува на бел
ден. Има ли на јаве – друштво на мртви поети? Колку се живи поетите кои речиси
некој не ги чита? Да се допрашува ли - колку наставници и професори по
литература има во државата ни?
И
еве го вистинскиот допир со незаменливото значење на поезијата како највисока
форма на човековото изразување. Тоа, што веруваме дека е така, не’ тера да
продолжиме да пишуваме поезија, да не го обесмислуваме самото дишење, да не
биде тоа дишење заради дишење, омлитавено, бесцелно, колку да му мине редост и
да се крепи живуркањето. Поезијата бара, ама и дава широко отворени бели
дробови.
Затоа
деновиве како првостепено запрепастување, како вистински гром од ведро небо,
како мелем да душа, ја ислушав приказната дека една мала група млади скопјани
решиле да не си го абат времето со празни муабети по кафулињата, ами од време
на време да се собираат на терасата на еден од нив, и толку колку што се, да
читаат, на глас, баш – поезија, не своја, ами од ,,вистински” поети – домашни и
странски. Секој што ќе донесе од дома, да им го прочита на другите, па да
помуабетат малку за тоа, не ,,високоумно” ами баш како обични, најобични млади
луѓе, кои, ете, виделе дека има смисла (и потреба, сетики) да се чита поезија.
Е,
токму таа бистра вода од терасата на скопските девојки и момчиња, откога ја чув
приказната за нив, катаден ми шепоти: ма, има смисла да се пишува поезија!
Јасно е уште сега дека е претеризам сентенцата дека еден ден сите ќе пишуваат
поезија, јасно е и дека на куково лето сите ќе читаат поезија, ама дека поезија
ќе се чита многу повеќе отколку сега – ќе се чита.
Колку за потсетување: ова
го потпишува кој поет за кого не може да се рече дека се занесува и дека не е
цврсто наземи, а на кого, од друга страна, не му личи на годините да биде
оптимист.
25
август 2012
Friday 17 Aug 2012 12:14
| Permalink
ИДЕНТИТЕТИ
Всушност, којшто прави овие две децении, ние таа пак таа
– тиради за идентитетот, интегритетот, суверенитетот. Многу зборови, малку
фајде. Како што одминува времето, се’ понејасен ни е овој расчекор. Муабетиме
во нови, модерни кафулиња, на улици со сменети имиња, ама како да седиме во
минатото. Тешко ни оди одлепувањето од минатото и залепувањето за иднината.
За
идентитетите, си велиме деновиве со пријателот, се напишани томови и томови
умни мисли. И не дека не се прочитани, макар што некои главатари не се баш по
читањето книги, ама белки имаат и по некој советник – читач. Го спомнуваме Амин
Малуф, неговите дамнешни ,,Погубни идентитети” кои вреди (и треба) одново и
одново да се препрочитуваат, да се цитираат, да им се посочуваат на потенцијалните
читачи. И не е само Малуф распнат во одгатката на цивилизациското распетие меѓу
минатото и иднината.
Глава
не се крева од армиите бранители на идентитетот. Колку подлабоки корени ако сме
имале, толку поцврст ни бил идентитетот. Свесно се прескокнува урокот дека така
стокменото сфаќање од идентитетот прави – лажен пријател. Лажните пријатели се
татковци на лажните занеси, на самовеличењето, а често и на напакостувањето
другему. Лажни пријатели, лажни времиња, лажни идентитети. Расцут на
фантазијата за предците – овенување на непобитната реалност дека сите ние,
сепак, сме синови на своето време. Така беше бил рекол некој историчар, не
некој претскажувач на иднината.
Нагласката
на нашиот длабок корен, може да создаде и вишок на нетолеранција – и кај нас, и
кај оние кои живеат со нас а си имаат друг корен. Кога ќе се стаса на тоа
дереџе, обично е доцна да се види дека немала баш голема смисла толкавата
заслепеност од минатото. Не треба да се заборави дека понекогаш и од иднината
се прави Ватерло. Кој прв почна – тоа е наслов за в театар. Секоја чест на
насловите, ама животот сепак не е театар. Од таквото минато времето прави
бледи, речиси бесмислени спомени. А минатото е минато по неговите големи
моменти. Тврдините на минатото не се задолжителбо тврдини на фанатизмот,
напротив.
Вреди
да севезден да се прават напори за идентитетот да се говори во идно време. Тоа
не значи кревање раце од минатото, туку просто свест дека некако не го личи
човек повеќе да е обземен со минатото, отколку со својата иднина. Иднина која
не го анулира континуитетот, но која е сосема свесна за длабоките преобразби
како sine qua non. Иднина која ќе умее да го прескокне јазот
помеѓу она што навистина сме и помеѓу она што посакуваме да сме. Огледалцето
коешто кажува најубав на светот кој е, не е патоказ кон иднината – води во
обратна насока.
Наспроти сите популизми кои запнуваат да се прикажат како
знак за распознавање на нашето време, ни би ни личело да сметнеме од ум дека
сепак живеем, како-така, во времето на поединецот. Навивачките маси, и покрај
сиот налет, не можат да го згмечат идентитетот на поединецот. Не толку одамна,
Љоса беше ркол дека идентитетот е нешто
што му припаѓа на поединецот, а колективитетите него го губат оној час кога ќе
го надминат племенскиот начин на живот. Богатството на идентитетскиот
колорит е во континуитетот кој и нема идентитет, оти, заправо, ги има сите
идентитети.
Идентитетот
е грдолик ако е квота.
Идентитетот
е грдолик и ако е топорење на мнозинството.
Идентитетот
е е само собирање, секоја математика познава и одземање, делење, множење. Секој
живот познава и давање, тадури и откажување од своето битие. Не во името на
апетитите на другему, ами во името на модернизацијата, во името на новиот ден.
Тој,
новиот ден, не е безбоен, безмирисен и безстожерен. Скраја да е. Јазикот, да
речеме, е еден од основните стожери на новиот ден. И на идентитетот, се
разбира. На културниот идентитет. При што се подразбира постоењето на јазична
разноликост. А и разноликоста си има свои стожери.
Надежно
звучи сознанието дека се уште има време да поитаме кон вистинскиот извор:
брзаците коишто потекуваат од него не се само обична глетка за восхит, ами
многу повеќе туку животворна притока која се влева во регионалните, па и
пошироки текови кон утрешниот ден.
Ристо
Лазаров
18
август 2012
Friday 10 Aug 2012 09:11
| Permalink
ЦРНОРИСЦИ
КУКАВИЦИ
Приказната за Црноризец Храбриот е исправена во
историјата. Современиве наши црнорисци се кукавици од највисока категорија: немаат
ни микрон светлина ни во очите, ни во душата. Зад поданичкото егзекуторство се
кријат вистинските налогодавачи, како самите да си знаат дека немаат образ за
покажување.
Затоа оваа нашава, тешко ја
бидува без капки страв во кислородот, без густи и темни облаци на очајот. Некои
облаци се градоносни, пустошат по полињата на цивилизираната живеачка, дерман
се нема од нив, ама, изгледа се преценуваат кога си мислат дека и чаре се нема
од нив. Денес тешко да те тресне мака, а да не може да се најде чаре. Во
дваесет и првиот век сме, сепак.
Облаците
на очајот имаат некаква специфична улога на патокази – ги насочуваат
црнорисците, а тие се котат правопропорционално со облаците на очајот. Над
таквите облаци – господарите-алхемичари, кои очајот го преименуваат во
општонародна среќа. Поточно, го прекрстуваат, оти господарите-алхемичари многу
љубат да се прикажуваат како се крстат. Затоа и одат в црква, да ги сликаат
како се крстат. Личотии едни, уште за сликање се!
Црнорисците,
значи измеќарите на господарите-алхемичари, не би биле црнорисци ако не се
прикажуваат како осветлувачи, небаре носители на олимпискиот факел. Направи
првин политичка чадна завеса, па после дувај, дувај од силно посилно, да се
расчисти чадот, да блесне светлината. Нивната, црнориската светлина.
Црнорисците
се љубители на страв и покорност. Инаку те лапна ламјата, ти ставаат се што
имаш да блеска на најсветлата светлина. На таквата светлина се ничкосува
приватноста, ама буи омразата и одмаздата, како чудотворен лек за некакви
црнориски фрустрации од детството, за некакви заблудености од сегашната моќ. Ни
се може и што ни можете – е еден од главните подвижнички лозунзи на
црнорисците, ѓоа осветлувачи.
Црнорисците,
ѓоа осветлувачи, предат како стари, црни мачори. Ѓоа отпетлуваат историски клупчиња,
за сметка на сегашноста и иднината.
Црнорисците,
ако без никаква потреба ти тропнат на врата и ги избркаш, каков што е
домаќинскиот ред, ќе измислат потреба и ќе се обидат да ти влезат низ пенџер,
низ оџак, низ ќенеф, ако така е речено. Само забораваат дека мнозина не се
плашаат кога ќе видат глувци, стаорци мизерни, црнорисци.
Пак
се на оро црнорисците. Им потскокнуваат крастите. Веселнички, туку така, на оро
(за ,,шизење” не ги бива) смислуваат нови основани сомненија. Дела не се
потребни, и сомненијата вршат работа. Сега да се правело толку масраф за
некакви тајкуни и комуњари – дваесет години по падот на комунизмот!
Насладата
на црнорисците е комплетна кога ќе им дадат табло и на него ќе лепат што
сакаат, кого сакаат, колку сакаат. Тамам толку, колку латетно да се ќеифлии
господарите-алхемичари.
Во меѓувреме, мнозина од
веќе подготвените за истопорување на интернет-таблоите на црнорисците, сфаќаат
дека подземи им е каде-каде подобро отколку во шуплите глави на црнорисците,а и
на нивните господари-алхемичари. Црнорисците тофаш збеснуваат, ако треба ќе
смислат пропис што нема да ги остават на раат ни оние подземи. Нема бегање од
раката на црнорисците, едно време некои од нив се перчеа дека долга била таа
рака.
До кое колено? – се
прашуваат оние подземи, или оние кои веќе кинисале по нивниот пат. Оти, нели
велат дека мисијата на црнорисците била света, помирителска? Првин силеџиска,
па помирителска?
Сега би можело цинично да
се каже – лесно им е на оние подземи, навреме го фатиле патот. На другите, пред
наездата на црните стаорци, им преостанува прашањето: што ќе донесе утрешниот
ден? За задутре е рано да се мисли.
Шуќур што на црнорисците не
им се свртеле в глава границите. Тие се отворени, а гледаме, штоако со натажени
очи, дека младите знаат што да прават кога се отворени границите, додека
црнорисците, ѓоа осветлувачи, веселнички потскокнуваат на своето оро. За
,,шизење” сепак нема да ги биде – ем им е таква семката, ем им е доцна. А
можеби им е и рано, отшто тие љубат да живеат во минатото. Во сметилиштата од
минатото исе уште има место за секаков, па и ваков безумен активизам и занес,
кој исцело треба да се игнорира. Со една попатна напомена: си доаѓа, кога
тогаш, колце на тркалце.
Ристо
Лазаров
11
август 2012