Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров




Старделов: Стиховите на Лазаров се чудесен сеизмограф на нашето време! 

Писатели, уметници, професори, новинари, пријатели и бројни почитувачи на творештвото на македонскиот поет Ристо Лазаров, на 20 февруари на пладне се собраа во холот на Националната и универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски” да присуствуваат на чинот на врачување на наградата „Дијалог“ на познатиот поет, за стихозбирката “Ситночекорка”.
Наградата за поетското дело за 2012, за значаен придонес во збогатувањето на трајните вредности на современата македонската литература, му ја врачи Веле Смилевски, уредник во Здружението за уметност и култура на живеење “Дијалог” од Скопје, кој учествуваше во носењето на одлуката, заедно со академик Георги Старделов  и Соња Стојменска Елзесер, како членови на жири-комисијата.
- Ситночекорка“ е сугестивна потврда на автентичниот и препознатлив глас на Лазаров. Низ песните на книгата се прекршува драматиката на нашето современо живеење, судбините на неговите пријатели, ехото на љубовните трепети, одгласите на далечните патувања, соочувањето со корените, но и со модерните текови – рече Смилевски во своето обраќање, изнесувајќи дел од образложението за наградата.
За творештвото на познатиот македонски поет зборуваше академик Георги Старделов, чие дело го нарече „чудесен сеизмограф на нашето време“, преку кој Лазаров го гледа „светов заробен во пајажина што се нафатила насекаде , и во која човекот е заробен, заклештен, но и тажен, што не може од таму да излезе - ниту неговата душа, ниту неговиот ум“. Но, и не само тоа.
- Додека ја читав „Ситночекорка“ низ глава постојано ми навираше стихот на поетот Ацо Шопов, од стихозбирката „Песна за црната жена“, „Откривајќи го светот ја открив татковината, и откривајќи ја татковината го открив светот“. Оваа асоцијација не е случајна, зошто Лазаров со оваа книга и песните во неа ги испружи рацете да го прегрне целиот свет. Во неа се редат сите земји низ кои летнал/летал, но, низ тој космички шир тој никаде не ја заборава својата татковина. Некои планини му се гледаат како глетки како од Титов Врв на Шар Планина, а некои нешта како да се случуваат кај нас самите. Имам впечаток дека познатите светски цивилизации во неговата книга пеат значајни современи песни – рече Старделов во обраќањето.
Поезијата на Лазаров покажува дека во овој современ свет, вистината е најлесно расиплива стока, нагласи академикот, „свет каде што триумфираат фанфарите на насилниците, свет во кој битисува едно ужасно мрзеливо молчење, каде што никој не може да ги запре крадците на чистите души. Во тој свет постои тој амбис на самозалажување, во кој нема дно“.
- Таму стварноста мириса на формалин, истечен од старите тегли на историјата, која не застанува да се повторува, и станува се повеќе крематориум за големите утопии на човечкиот род – рече Старделов.
Тој во своето обраќање потенцираше дека со објавувањето на книгата „Ситночекорка“ истовремено се одбележуваат и 40 години од појавата на првата стихозбирка на Ристо Лазаров, „Ноќна птица во паркот“, (1972 година), со која се најави доаѓањето на цела плејада поети од четвртата генерација.
Старделов зборуваше и за статусот на поезијата на Лазаров во македонската литература, нагласувајќи дека поетот го „измести постојниот поредок на третата генерација писатели, откривајќи нов мегдан и поинаков поетички хоризонт“.
- Лазаров не соочува и со нашата тажна транзиција низ која поминуваме, но и со новиот економски поредок, кој е на жесток удар во неговото поетско творештво. Пишува за жална Македонија, која често пропушта историски шанси и прави есапи на сопствена штета. Во донесувањето на тие поетски слики тој ја приграбува поетиката на оспорувањето, а тука стихот гори. Низ него трештат поетски искри – додаде Стараделов.
Поетот Ристо Лазаров се заблагодари за наградата, и искрено сподели со присутните дека настанот го посветува на неговата внука Јана, и во нејзина чест ја прочита песната „Новото време“.
„Ситночекорка” е дваесетта поетска книга на Лазаров, а стихови од неа денес во НУБ читаше актерот Сенко Велинов.       
Лазаров е добитник на највисоките литературни признанија кај нас, меѓу кои и наградите „Ацо Шопов” на Друштвото на писателите на Македонија” и “Браќа Миладиновци” на Струшките вечери на поезијата. Негови песни се застапени во сите антологии на новата македонска поезија презентирани во светот, а посебни книги од неговото творештво се објавени во Русија, Австралија, Албанија, Србија, Англија, Словенија и Чешка.


МАЛКУ ОДМОР
ПА КНИГА ЗА ЖИВОТНИТЕ И ДРУГИ ОГЛЕДИ

Почитувани,

ред е да Ве известам дека заминувам на годишен одмор и дека со тоа, практично, престанува мојот летен серијал.

Кон крајот на септември сите овие текстови ќе се најдат во КНИГА ЗА ЖИВОТНИТЕ и други огледи и есеи, која е веќе во печат. Текстовите на сајтот претставуваат одвај една третина од таа книга, во која ќе има уште многу необјавени текстови. Подетални информации за книгата - кога ќе излезе.

Ви благодарам на вниманието и дочитање.

Срдечно,
Ристо Лазаров


ЗОШТО ПОЕЗИЈАТА МАЛКУ СЕ ЧИТА?

Прашањето од насловов е глобално, ама јас – со години веќе – си го поставувам на крајот на секое лето, во времето на одржувањето на Струшките вечери на поезијата. Делува навистина импозантно кога на затворањето на овој поетски фестивал од светски маштаб, поети од цел свет, од струшкиот мост на поезијата, читаат песни пред десетина илјади посетители. Еве, проценителите нека претерале и за половина – пак воопшто не се малку пет-шест илјади души кои се насобрале да слушаат поезија, а не некаков предизборен говор, на пример. Од друга страна, делува навистина мизерно сознанието дека во истата таа Струга нема книжарница во која човек може да купи книга (не мора поетска, дури каква и да е!) од главниот фестивалски лауреат. Книгите на струшките леуреати сека година се печатат луксузно, им се делат во едно торбуле (волнено, демек ракотворбено или пластично, зависи од тоа колку пари има организаторот) на сите учесници на фестивалот и толку. Во книжарница не може да ја најдете, не само во Струга, ами во цела Македонија, толкава колкава што е и таква каква што е. А само бегло да се присетиме, струшки венценосци биле: Вистон Хју Одн, Еуџенио Монтале, Пабло Неруда, Ханс Магнус Енцесбергер, Андреј Вознесенски, Јосиф Бродски, Томас Транстремер, Јанис Рицос, Рафаел Алберти... Нивни книги, со еден или два исклучоци, во Македонија не се печатат и отпосле, читателите да видат како и се множи опусот, или, ако си заминале од овој свет, да се присетат на нив, на некои песни што не биле публикувани во луксузните изданија на Струшките вечери на поезијата.
         Но, Струшките вечери се само малку поизострен поглед врз суштината на прашањето. А тоа не имплицира борбена настроеност за одбрана на приметот на поезијата, за која Бродски, на пример, вели дека најкондензиран начин на пренесување на човековото искуство.
         Во меѓувреме, светските фабрики на бестселери работат во три смени, што повторно не значи дека денес луѓето се претргнуваат од читање, макар и на евтините бестселери на кои се гледа презриво од литературните олимписки висови. Мнозина добри прозаисти страдаат од истата болка како и поетите, но во овој текст се постави прашањето за (не)читањето на поезијата.
         Македонското искуство е повеќестрано поразително и вртоглаво се приближува до прашањето: чуму воопшто пишувањето поезија? Поетите знаат, ама се прават дека не знаат, дека пишуваат и објавуваат само за пријателите. Издавачите знаат дека поетските книги речиси воопшто не се продаваат, ама ги објавуваат оти се покриени со државни дотации. Добар дел од читателскиот корпус времето го тепа со телевизиски сапуници, во кои, нели, нема ни здодевна проза, а не пак поезија. Со еден збор: сите знаат се’, ама се прават или навистина сакаат да знаат дека не знаат ништо за судбината на поезијата наша, насушна.
         Самата поезија не е без вина виновна. Многу лесно и без борба и сепредаде на суровите и студени навеви на Транзицијата. Не успеа (нема гаранции баш и дека сакаше) да се оттргне од старите клишеа, од истрошените, да ги речам, средновековни поимања на поезијата и поетите. Наместо да му речат ,,слава му” на застарениот (ако не веќе и парталосан) зборовен збир, тие од ветви зборови сакаа да прават балони на нова слава. На некои руралните спомени, тревките и камчињата, им беа поважни од жестокоста на животот, заборавија дека без живот – нема поезија. Животот се разбира не е еднаков на поезија, ама поезијата е секогаш еднаква на спротиставувањето на старите клишеа.
         И критиката крена раце од поезијата. Има еминентни критичари кои со години не прелистале поетска книга. Некои дури и кога ќе ги натопорат во некое жири за доделување на некоја поетска награда, првин чекаат другите да го направат најтесниот избор, па отпосле да свртат по некоја страница од веќе направениот избор. Критиката ни се поболе од – пригодност. Нејзината улога се сведе на пригодните беседи при промоциите на поетските книги. И со такви беседи потем се полнат страниците на она што остана од литературните списанија. Во пригодните говоранции на промоциите, сите поетски книги се – добри, многу добри, најдобри. Самозалажувањето оди дотаму што мнозина поети недосонуваните соништа сакаат да ги преточат во јаве: демек, сме имале поезија свежа и полнокрвна, од модерна помодерна, од чист европски маштаб, дури и за пример сме можеле да служиме. Што не значи дека немаме и такви проблесоци, ама сите знаеме што се проблесоци.
         Поезијата во образовниот систем? Ајдете, ви се молам, каков систем – сето тоа повеќе наликува на некаква прастара, ‘рѓосана машинерија, со испокршени запчаници. Ќе чкрипи додека чкрипи, па што биде нека биде – кој сега да се сакалдисува дека тоа оди на штета на поезијата, при толку нешта наоколу што одат на штета на државата, на општеството?! За Црногорците владее мислењето дека сите го знаат наизуст ,,Горскиот венец”? Кој наш поет ние, особено нашите најнови поколенија, го знаат наизуст? Рацин? Прличев? Некој трет? Ние и не сме се ,,договориле” кого задолжително треба да го знаеме наизуст?
         Колку самите наши поети, предводени од бардовите, знаат каква поезија се пишува во светот, а каква преведуваме кај нас, ако воопшто преведуваме. Преведувањето на поезијата кај нас најчесто се прави по системот ,,јас тебе – ти меене”, затоа и најпреведувани се – поетите издавачи. Некои поети, а ќе станат издавачи, а ќе им тргне работата со сопствената афирмација во светот. прекутрупа, надвор до сите светски обичаи (преку агенти, афирмирани издавачи и сл.) а често и со наши државни пари, што сите сме ги одвојувале, како даночни обврзници. Раритетни се примерите од странски јазици да се преведуваат поети кои не се издавачи. И кога се случуваат такви (убави) раритети, тоа е повеќе за да се добие некоја пара од некои странски или меѓународни фондации за таа намена.
         Никако не смее да се прескокне и фактот дека самите поети не се читаат меѓу себе. Стига е да се прашаме колку поети има во нашите две писателски асоцијации, а во колкави (симболични) тиражи се печатат поетските книги и се’ излегува на бел ден. Има ли на јаве – друштво на мртви поети? Колку се живи поетите кои речиси некој не ги чита? Да се допрашува ли - колку наставници и професори по литература има во државата ни?
         И еве го вистинскиот допир со незаменливото значење на поезијата како највисока форма на човековото изразување. Тоа, што веруваме дека е така, не’ тера да продолжиме да пишуваме поезија, да не го обесмислуваме самото дишење, да не биде тоа дишење заради дишење, омлитавено, бесцелно, колку да му мине редост и да се крепи живуркањето. Поезијата бара, ама и дава широко отворени бели дробови.
         Затоа деновиве како првостепено запрепастување, како вистински гром од ведро небо, како мелем да душа, ја ислушав приказната дека една мала група млади скопјани решиле да не си го абат времето со празни муабети по кафулињата, ами од време на време да се собираат на терасата на еден од нив, и толку колку што се, да читаат, на глас, баш – поезија, не своја, ами од ,,вистински” поети – домашни и странски. Секој што ќе донесе од дома, да им го прочита на другите, па да помуабетат малку за тоа, не ,,високоумно” ами баш како обични, најобични млади луѓе, кои, ете, виделе дека има смисла (и потреба, сетики) да се чита поезија.
         Е, токму таа бистра вода од терасата на скопските девојки и момчиња, откога ја чув приказната за нив, катаден ми шепоти: ма, има смисла да се пишува поезија! Јасно е уште сега дека е претеризам сентенцата дека еден ден сите ќе пишуваат поезија, јасно е и дека на куково лето сите ќе читаат поезија, ама дека поезија ќе се чита многу повеќе отколку сега – ќе се чита.
Колку за потсетување: ова го потпишува кој поет за кого не може да се рече дека се занесува и дека не е цврсто наземи, а на кого, од друга страна, не му личи на годините да биде оптимист.
                   
25 август 2012
See Older Posts...