Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров





Не е дека среде пролетта на човештвото сме пуштени како птички и дека лефтерно (тадури и весело) ги прелетуваме сите опасности на една обична, а достоинствена живеачка: обесправеноста на луѓето, ширењето на стравот, 'рмбањето за корка сува леб без око да им трепне на "газдите" дека поминале две работни времиња... Но, не сме до толку заслепени да не знаеме дека е незапирлив природниот тек, на годишните времиња, на пример. Вечна пролет тука има само во пустите желби, се распродава на плоштадите сосе сите лажни ветувања, а еве, веќе дојде зимата, крајот на мечтите, сосе шлагерите кои некои современи чауши си ги компонираат со ноти од очај: "зар крај, зар вистина е крај...?" Се истроши списокот на пакостите и одново излегува на бело видело надежта. Впрочем, таа, надежта, велат учените, е вградена во нашите инстинкти - сами од себе очите да ни се вртат кон светлината, а не кон мракот. Колку и да сме зацапани во мракот.
Да ги баталиме "странските служби" и товарите теории на заговорот. Дојде време за свртување кон светлината, најпрвин - кон светлината во себе. Така свртени и курдисани, да си ги поставиме најтешките прашања: се излегува ли од мракот низ некој налицкан шминкерски салон? Или со генерален ремонт? Или, сепак, нам ни треба нов почеток, од нула, изградба на конзистентен општествен систем кој ќе биде отпорен на сите пакости што ги доживеавме, кој ќе ни го проветрее животниот простор со ветровите на демократијата, кој ќе ни го крене достоинството на чекорење по патеките на опстанокот со крената глава...?
Еден од клучните патокази на патот на опстанокот е - самопочитувањето. Може да звучи и неверојатно, но многу е чудно како сиве овие години речиси туку-така, без да сетиме, го изгубивме баше него, самопочитувањето и неговото незаменливо значење, наспроти сите застрашувачки врескања, од каде и да доаѓаа. Со каква невнимателнист ги истрошивме речиси сите залихи на претпазливост и избегавме од сопствениот дух којбединствено може да биде темелник на демократскиот дух на општеството. За духовни темелници е зборот, не за оние со сечења ленти и со благослови и истурања вино на верските (и државните, безбедли) великодостојници. Без слободата на духот се станува роб на туѓи илузии, но и тогаш, неговата основна супстанца останува слободата, а не слугинството. Успева само слободата што ја создава слободниот дух самиот од себе. Не сака многу знаење по историја и општество за тоа. Како што не сака ни многу знаење за тоа дека ако самиот не се почитуваш - не чекај го тоа од другиот.
Иднината, гледаме, не е гола парола. Има ситуации кога спинерските барабанџии и одењето наназад го прогласуваат за трчање кон иднината. Но, секој спин не завршува во полето на кое се игра натпреварот. Сосе крајот на спиновите, доаѓа и крајот на мечтите, болното соочување со суровата реалност. Најнапред со прашањето за иднината - има ли иднина? Иднината е услов над сите услови - да ја имаме, видлива, не како згодна тема во детските писмени работи. Тоа од нас зависи, пееше едно време по некој евровизиски фестивал, целата нација. Со тоа што иднината не е евровизиски фестивал, ами вистински европски натпревар во кој се троши многу пот.
Маските кога паѓаат, најчесто се покажува дека врз нив имало други маски, тетоважи, шарени и зашеќерени лаги, што ли не! Тогаш со трескавична забрзаност би требало да се трошат практиките на сите застрашувања. Тогаш дефинитивно треба да се сфати она што е елементарно и општо познато: власта не е господар на приватен имот, ниту е нечиј плен или служи за уживање. Власта постои за да се менува. Тоа не е онаа - ја шегобијна, ја цинична - за Курто и Мурто. Нека се повтори уште еднаш: за обликување на систем што од корен ќе ги сосечува апашлаците од сите видови. Систем на нормалноста (и подносливоста) на живеачката. Систем во кој преобликувањето на народот секогаш останува само пуста желба, секогаш со фатални последици.  Тоа, зрното на самопочитувањето, не се смачкува. Сака малку напор да пркне, да ја истреби коштревата на вазалството, секакво. И да ги ишне сите фатаморгани од нашата стварност, ако и таа е стварна.
Мурто и Курто, затоа, се само почеток на приказната, како оние што ни ги кажуваа нашите баби и дедовци: си било едно време... Ова е време во кое сме соочени, лице в лице, со муртовизмот и куртовизмот, со сите негови јазли.
Сега сè што било заплеткано, мора да се отплетка. Некои велат Господ знае колку време треба за тоа. А сите, белки, знаеме дека веќе е истрошено времето за губење. Остајте ги сега теориите за безвременоста.
Според тоа како врват работите, нема да ни биде здодевно на патот до крајот на првиот пролетен месец в година. Повеќегласје ќе има, а и повеќе гласност, бучава. Кому мунпречи бучавата - нека си најде дополнителна опрема: тампони за уши, на пример. Плитки и празни гласови секако ќе нема. Мак Диздар има една прекрасна песна "Модра река" овенчана и со струшкиот златен венец. Таа модра река, била длабока, била матна, била брзотечна - сака да се премине. И во името на самопочитувањето.

          Ристо Лазаров
                                                                                                     (www.ristolazarov.com)


Во речникот наш, македонски, зачнат во "комунизмот", сега доправен и допрва што ќе се доправа (јазикот, нели, беше жива материја), во речникот наш, значи има еден збор - зелник. Којзнае што им значи на најмладите и како тие се справуваат со него и неговото значење. За постарите колај бива: од дални сиромашни времиња (ѓоа сега сме богати!) знаат дека кога се крши зелникот, секој гледа да се докопа до поголем комат. Желни за зелник, пустото. А зелникот не дека не сакал многу мастраф: баба дур го месела зелникот, цела каца масло истурила - така некако вели една народна песна, ај нека биде и шегобијна, ако во тоа е утехата. Се случувало, ќе сретнете кај Цепенков, некогаш нешто да кркне додека се пече зелникот: сите велеле жаба е, Попот велел мечка е и си ја спраштил низ оџак, толку што бил ачик. А не бил само попот мераклија за зелник, недобројни биле тие, мераклиите, и тие си останале така и да ги викаат - зелникари. Многу отшто сакале да јадат зелник. Не да месат. Додека да крекне нешто во зелникот, тогаш - секој на своја страна, секој со својот комат. Едно обично крекање не може да нè одржи збрани, на купче.
Лизгајќи се, речиси вртоглаво кон европските маргини, ние дури сега, во неволја, забележуваме дека зелник се римува со -желник. Римата како рима, сега не е важна - само потсетува дека имаме сè помалку зелници, а сè повеќе желници. Желен народ станавме, не се престоривме.
Не можеш асолно да се разминеш на улица отшто талкаат толку многу желници, легитимни претставници на желниот народ, на желните граѓани. Од време на време, како сега, нив ги има под шаторите распнати пред Владата и пред Собранието. А и на други места. Има желни за слава и ореол на глава. Има желни за власт и тие се вон категорија. Има желни за корка леб (кога веќе немаме за чоколада) и нив никој не ги есапи во ниту една категорија. И тие се опачина на вон категоријата. Има желни за пари, за суво злато, желни за љубов.
И желните се скриле во долговечните сенки на Цепенков. Да ми ти биле тие желни како лен за вода, како босилек за роса. И да ми ти имало меѓу желниците еден Пејо: ситне овчари вечерале, само желен Пејо не вечерал. И сега нема желна дружина без желен Пејо, а овчари има, овци уште повеќе. За стрижење.
На некои желници, баш денес, ич не им е гајле што ќе излезе под капакот на големата дупка над која стоиме како на гробишта, колкава и каква смрдеа и реа - толку се транспарентни што воопшто не ја кријат својата желност ли, алчност ли. Рибата, што се вели, уште во морето - тие веќе ги токмат тавите. Едно без друго не оди: и на нероден Петко капа треба да му се стокми. Нека биде капата поголема од главата, не пречи оптичката мамка. Колку поголема капа, толку погоре по мердевените на моќта.
Желниците удираат таламбаси за братска делба и за тоа што не е баш братско дело и имот. Барем некоја мрвка да дофатат, ако се може. Некогаш одамна се велело: за тоа ли се боревме!?
Наспроти желниците, некои си ги чешаат мешињата. Од пуста желност, желниците не можат да го видат. И не можат да дочујат дека баш сега, кога се крши зелникот, оние кои си ги чешаат мешињата сакаат да остават впечаток дека баш им е гајле што крекнало во зелникот: напернати, велат дека го признаваат само судот на Партијата. Патем, желниците имаат ли Партија?
Желниците поставуваат. многу прашања, а би требало да знаат дека во право е само оној кој ја открил и кој е сајбија на вистината. Оној кој во овие жешки времиња е нагрнат само со вистината - не со свилени и други маици со крокодили или други претставници на животинското царство, наместо џепче од левата страна, тука некаде околу срцето. Баш личи: крокодилче околу срцето, оти има многу желни и за крокодилчиња (и за други амблеми). Не само на летните маици.
Се разбира, има и желни за тоа да се стави долготраен мораториум на желниците и алчниците. Да се погледне времето директнов очи. При што не е важно времето и околностите само да се гледаат, ами и како се гледаат.
Кога ќе го насетат крајот на битката, желниците ги креваат главите, како желките од нивните оклопи. Да го видат поубаво пленот. По битките, нели, сите се генерали. Ем генерали, ем јунаци. Сенека, додуша, на времето беше бил рекол дека храброста е желна (пак желна!) за опасност, ама сегашниве желници убаво ги распознаваат звуците на сирените кои велат - опасноста помина. Сега му е мајката! Батали тоа што големата желност, како и стаклото, може да биде кршлива и може да почне да се крши баш кога ви се чини дека најмногу блеска. Батали, ама...


Мал есеј


ЗА СЛОБОДАТА И САМОВОЛИЕТО


Многу тефтери и книги се испишани за слободата. И допрва ќе бидат напишани. Така е тоа со вечните теми.
             Откога се дума, говори и пишува за слободата, постојано се преповторува дека таа не се добива на подарок по никаков повод, ами дека нејзината вистинска вредност блеснува и трае - ако е освоена. Освојувањето на слободата е траен напор, повеќе трајна обврска.
              За слободата има повеќе слободни толкувања. Најраспространетото меѓу нив на прв, а богами и на втор поглед, изгледа просто како грав: да може човек да делува без присила и забрана, да не под ничие и никакво ропство. Внатрешна јатка и вечен подвижник на слободата е негувањето и практикувањето на сопствената волја. Не на туѓата, чија и да е. Тоа никој разумен не го сфаќа како разуздано самоволие. Самоволието е од спротивната страна.
               Меѓу другото, и заради самоволието човек нема право да се откажува од својата слобода. Тоа би значело и откажување од правата, тоа би значело и своевидно осакатување на моралноста на сопственото делување - нека биде парафразиран Русо.
               Меѓу другото, затоа слободата е и песна недоиспеана, песна што се пее одново и одново. Никогаш пригушено, притаено. Слободарската песна го кутнува паѓањето.
            Бранко Миљковиќ беше напишал: ако сме паднале, на паѓање сме биле склони.
            Се разбира дека има паѓања ( и туркања) и без склонот.
            Се разбира дека и сите паѓања не се бесконечни, дека повеќето од нив следува искачување од амбисот на безнадежта до врвовите на надежта.
            Кон врвоите инаку, се стремат разни сорти алпинисти - љубители на власта. Некои со најсовремена опрема, некои со корави, раскрвавени раце. Сите знаат дека со различни средстца се стасува до иста цел, ама некои се прават дека не знаат и ги допуштаат само сопствените средства, кои однапред им носат предност. Ама не еднаш се случило предност мигум да се престори во заостанување, тадури и ступолување во амбисот каде што сé уште има доволно место за самобендисаните алпинисти кон врвовите на власта, а уште повеќе за оние кои си мислат дека за навек ги запоседнале тие врвови. Таквите уште не стасале до првиот урок: ако не знаеш дека им струполување, ич не качувај се угоре.
             Качувањето угоре добива смисла ако е качување кон висовите на слободата. Другото е лук и вода, чисто властодржие, авторитаризам, диктатура. Слободата не е во мода кај оние кои се качуваат на врв планина, за таму јатата птици да ги испозатворат во кафези. И уште да ги убедуваат птиците дека во кафезите им е најлагодно: одвреме навреме ќе им фрлат по некоја трошка за преживување и купишта лаги за залажување. Таквите кафези не траат долго, брзо 'рѓосуваат и се абат.
             Кајшто има кафези, нема слобода. Има само мотивација, силен поттик на борбата за слобода. Ркулецот на слободата е во мислата, од што произлегува дека љубителите на кафези не му ја мислат многу. Слободата сака да е обмислена. И освојувањето на слободата сака да е обмислено. Од небото, гледаме, паѓа дожд, а не ензапишано во ниту една книга дека од небото паднало барем некое заскитано парче слобода. Слободата е полна, вистинска, ако е освоена. И кога е освоена, слободата треба уште да се освојува - упорно и сé поупорно: како највисоките Хималаи на духот. Таа има смисла ако е слобода за сите. Во спротивно, донесува мамурни утра, а запина да ги отчепи сите буриња со расолница.
              Има ситуации кога моќните господари врз туѓата слобода попуштаат не пред молбениот очај, ама и пред очајничкото спротивставување на потлачените. Познат е примерот на премоќниот Скендербег, кој бркал ли бркал некој свој војник. Го бркал, всушност, негпвиот ситен грев. Кога најсетне војникот се нашол во крајна неволја, исправен пред можноста часкум да остане без глава, со мечот в рака се свртел кон господарот, да се брани. Е, токму тоа го смирило разбеснетиот господар и му ја спасило главата (и слободата) на потлачениот. Витештвото има длабоки корени во смислата на секоја борба, па и на онаа за слобода.
               Сал празноглавите и тврдоглавите јаваат во галоп врз витештвото. Тврдоглавоста секогаш е натоварена со големи бисаги порочност и безумност. Тврдоглавоста го гази витештвото и со тоа што во своите колони на злото влече сурии пристрасни судии, заслепени од врелото сонце на власта. Сака, значи, вардење ем од тврдоглавите, ем од пристрасните судии. Никогаш не било лесно освојувањето на слободата. Да, слободата се мисли, ама постојано треба да се има пред очи онаа на Горки: само со мисла не се тргнува каменот од патот.
                Никогаш не треба да се исклучи можноста дека токму стравот предизвикува ужасна заслепеност. Така некако велеше Монтењ. Таков страв можат да имаат во коските и тврдоглавите и пристрасните судии. Нема меѓу нив неустрашливи, има добро офајдени кои катаден се мачат да го скријат стравот - да не го изгубат фајдето, имотот на пример. Ај да е само имотот, ама има и други чариња за таквите. Колку повеќе им расте и им се открива стравот, толку повеќе глумат весел живот и слобода. А сслободата, пусто, не се глуми. Таа е стварност и тоа стварност за сите, не евтина бурлеска.
                 Слободата секогаш се пишува во сегашно време, како што се живее.
                 Но, станува сé потешко да се пронајде сегашноста. Тук-там, во сезоните на големите ветувања, некој ќе проговори за иднината. Мнозината се забревтани во трките низ минатото. Живееме распнати помеѓу културата на стравот и културата на надежта. Не ни е пријатно кога гледаме дека одиме кон работ на амбисот, па се правиме дека не гледаме каде одиме. Гледаме во чавките. И во птиците грабливки, се разбира - некои со завист, некои со бес. Од дрвото, не ја гледаме шумата на корупцијата. Дождлива шума што ја наводенува и стежнува слободата, освојувањето на слободата, гласот на слободата. Слободата не се освојува безгласно. И не се става на жртвеникот на далдисаноста по некакви прастари кодови - библиски, национални, културни, секакви. Слободата, на пример, уне е да немаш култура, а да имаш министер за култура, кој си мисли дека тој самиот е култура. Новото време е полно со такви примери. Неслободата се камуфлира со разни марифетлуци.
                  Кога врне, надоаѓаат реките. Истекуваат цели градови, истекува младежта, умноста. Се прелеваат разно-разни смрдежи и омрази. Тогаш слободата се препелка со затнат нос, да го заобиколи смрдежот и омразата. Самото препелкање е доказ за оштетеноста на слободата. Наместо да разбереме дека нема држава без слобода, запињаме да докажеме дека нема држава без предавници. А со предавниците треба како со предавници, слободно, без гајле - десет удри едно број.                
                  Туку-така ли се прашуваше големиот Бранко Миљковиќ, оној од почетокот на текстов: ќе умее ли слободата да пее, како што потлачените пееле за неа?

Ристо Лазаров
www.ristolazarov.com
14.06.2014
(преобјавување само со наведување на изворот)
See Older Posts...