Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
ПЕНЗИИ, ДАЛЕКУМЕТНИ


Значи, тнр. "национални пензии" за кои се изнаместија (главно по партиска линија) едночудо награди, такашто сега можеби има повеќе наградени од ненаградени творци, тие пензии, значи, не се вистински, ами лаж-лажливи, отприлика како што новиот гипс по плоштадите скопски е мермер. Ѓуро од Калниште! Пензиите се уредени по строги законски прописи ибсе добиваат само од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. И пензиите, како што се знае, се добиваат според тоа кој колку внел во истиотнтој пензиски фонд. И пензиите се, како истонтака се знае, своевиден имот, стекнуван со години и во кој никој умен на чепка, оти тоа би билнеден вид модифициран апашлак: со години да стекнуваш еден трособен стан, на пример, и потоа некој да дојде (од власта, де) и така, лефтерно да ти каже дека ти е голем станот и едната соба има да ти биде земена! И точка! Море колку сакаш точки.
            Нашиот пензиски закон одамна, ехееј, уште од оние времиња, е "генетски модифициран", тоест лимитиран: добиваш од државата решение за пензија од 100.000 денари, на пример, ама под тоа во друг став ти пошува дека според тоа и тоа, пензијата се лимитира на 30.000 денари, на пример, и пак точка. Солидарност, што ли - ојде твоето одајче од спомнатиот трисобен стан. Згора на сето тоа, недостасуваа само "националните пензии" (зошто само за уметниците?) и уште позгора звањата "национален уметник" (сосе едно илјадарче во евра секој месец, доживотно). Ова со"националните", можеби во чест на Леонид Брежњев, од каде да знаеш, ѓаволот ни ора ни копа! Ќе повторам, за да не се разбереме погрешно: сум за солидарност со уметниците (но не и само со нив), но тоа да си се регулира "низ институциите на системот" и, пак ќе речам, тие додатоци, ако треба, нека се исплаќаат преку надлежното министерство (за труд и социјална политика). Не знам како, ама треба и инструмент за драстично намалување на "наместените" државни награди при чие доделување присуствуваме на истата бурлеска: како државни се признаваат само три награди, другите ѓоа се антидржавни. Како што и оние што не се докопале до национална пензија, се антинационални творци. Пензионерска игранка до несвест.
            Арно ама, да ти имало и други пензии, што инвентивноста на власта ја крева на висок пиедестал, колку оној на Аце Македонски, во центарот на Скопје. Во 2012 година, кога законите се носеа по експресна постапка, извршени се измени и во законот за пензии. Сменет е членот 132, што значи едно големо ништо, ако не се пржидодаде дека е сменет, всушност, лимитот на пензиите - од 37.000 на 47.000. И тоа замислете финта, овој закон донесен 2012 година, стапува во сила дури во 2016 година, 4,-4,5 години по изгласувањето. И така сега во земјата на македонските пензионерски чудеса имаме уште едно чудо-чудовиште: две категории на лимитирани пензионери; џабе декларации, прифатени обврски за еднаквоста на правото, итн, итн. Мене ми е интересно тука и прашањето: како господата во 2012 година, далекуметно, проценија баш за тие кои ќе се пензионираат во 2016 година, ќе има услови за кревањето на лествичката на лимитот? Сетики не е којзнае каков грев, ако кон ова се додаде и прашањето: може ли на јавноста да и се покаже списокот на оние со зголемен лимит? Како тие вложиле во ПИОМ толку пари за од 2016, кога ќе станат пензионирани пензионери, да добиваат повеќе од нивните претходници.
            Немојте да очекувате дека во ПИОМ ќе ви кажат нешто за ова. Само ќе речат дека на тој и тој ден 2012 година се извршени измени во законот. Но, молчеле не молчеле, веќе се поведени дузина судски спорови (сликата и приликата на Уставниот суд му ја видовме). Еднаквоста, како и да е, кога и да е, ќе остане - базично право. Да не се повторува сега дека тоа важи и за "националните" пензии, а скраја некој да се шекне дека неговите 40-45 години стаж сега помалку вредат од придонесите што само десетина години некој "национален" ги вложил во ПИОМ во неговиот ценет и многу почитуван работен век.
            Не е приоритетно, ама не е за во фиока.
            А којзнае, можеби ќе во меѓувреме ќе лафнат нешто инод ПИОМ? И од другаде - од каде што треба. А имаше и еден Драги Аргировски, се сеќавате, и тој стана "национален пензионер"....
Ристо Лазаров


( преобјавувањето на овој текст или на делови од него не е дозволено и подлежи на законските консеквемци)
ПЕНЗИИ НАЦИОНАЛЕ



Долго време (барем откога сум пензионер со ,,лимитирана пензија") се мислам и премислувам да напишам нешто за македонските национални пензии и други такви звања. Веднаш да кажам: против тие измислици што апашите (Гошев) од режимот ги прави многу загрижени за нашите уметници. Ѓоа.
            Но деновиве, ни крив ни должен, дознав дека на промоцијата на еден млад литературен славодобитник, промоторот побарал да му се обезбедат услови на славодобитникот да пишува само литература. Никаков друг работен ангажман!
            Ова недоветност ми ги врати во умот тнр. ,,национални пензии" и ,,национални уметници" што саканото ни Министерство за култура штедро ги дели, безмалку како флаери за некој добар концерт, на пример. Само на пример.
            Знам дека многу ,,национални" ќе се разгневат, но белки не е таен и недопирлив нивниот статус - колку повеќе прашалници, а колку малку точкички има зад нивните вредносни ,,сертификати". Ако нема ,,сертификати" има тнр. ,,државни награди": годинава една таква награда, догодина ,,национална пензија". Фино фун кционира тоа, проферете ја деценијава зад нас.
            Како што знаете сите ,,национална пензија" и другите такви нешта се.
 добиваат за ,,исклучителен придонес за нашата култура". Има такви и меѓу живите, ама секој од нас првин помислува на Конески, Шопов, Јаневски, П.М. Андреевски, Чинго, Власто Николовски, Прличко, Џувалековски...
            Најпрвин, сакам трипати подблечено јасно да ставам до знаење во ниту еден момент не сум помислил на ваква привилегија, а потем истата и да се демистифицира: тоа, всушност, не е пензија (иако некој лефтерно си ја крстил така) ами ,,додаток на скапотијата" што би рекле нашите северни соседи. На врапците, па и на власта и е совршено јасно дека се што е поврзано се пензиите се регулира во Фондот за пензиско и инвладиско осигурување. А таму нема параграф за ,,националните" пензии: нив, со средства од буџетот на РМ, ги доделува Министерството за култура, по проста шема: едикојси" добива редовна пензија од, да речеме, 20.000 денари и на тоа му се додава додаток до највисоката пензија! Машала! Груба аномалија во системот која добива елитни аплаузи!?
            Зарем треба да кажувам дека ја разбирам (но не ја одобрувам) добронамерноста на министерот ни културен да им се помогне на оние кои ја задолжиле нашата култура, а и на сиромашните уметници. Само, како да им се помогне? По кој пат да се стигне до целта, да не им се повреди достоинството на тие луѓе (ама не ни на оние што стекнале редовни пензии). Некој тоа го нарече општествена солидарност, при што сигурно не мислеше солидарниот да добива помалку од оној со кој е солидарен. Но, ,,националните пензии" се нешто друго, ај да не ги спомнуваме соцреалистичките рецидиви. Нема што да замислуваме, со толку брзиот прогресивен раст на ,,националните" ние би требало да сме културен гигант во регионот, па и пошироко (бројните награди и призанија не се бројат, а одликувања на уметниците ретко, ретко им се даваат).
            Нашата држава изгледа постои од неа секој да бара нешто, како од онаа кравичка од која сите сакале троа млекце.Ако је жалиш државата - нема фајде. Аго ги жалиш ,,националните" добитници - уште помалку. Нека си се погледнат ,,националните" со оние што биле прескокнати, некои и од партиски причини.
            Ако веќе пристојноста налага да не се објавува списокот на македонската ,,класа национале", бездруго е време темелно да се испита сета оваа регулатива: културно, без злоба и завист, без реваншизми од какви и да е бои, ами само со трезвенка на проценката од вакви синекури. А и со намера да се исправи непревдата кон оние кои добиваат ,,лимитирани пензии", па сега, со речиси илегално внесените новини во пензионерската регулатива, некои ,,лимитирани" имаат помали пензии не само од ,,новолимитираните" ами и од ,,националните". Небаре уметниците кои чесно си го одбработиле својот век а не се докопале до ,,национална пензија" се - анационални. За најмладите ,,национални пензионери"(или ,, национални уметници") кои тукушто го започнале својот творечки опус, без мисла дека ќе ги достигнат посакуваните височини - попусто е да се трошат зборови.

Ристо Лазароц (www.ristolazarov.com)


преобјавувањето на блогот или негови делови не е дозволено без писмена дозвола на авторот





Не е дека среде пролетта на човештвото сме пуштени како птички и дека лефтерно (тадури и весело) ги прелетуваме сите опасности на една обична, а достоинствена живеачка: обесправеноста на луѓето, ширењето на стравот, 'рмбањето за корка сува леб без око да им трепне на "газдите" дека поминале две работни времиња... Но, не сме до толку заслепени да не знаеме дека е незапирлив природниот тек, на годишните времиња, на пример. Вечна пролет тука има само во пустите желби, се распродава на плоштадите сосе сите лажни ветувања, а еве, веќе дојде зимата, крајот на мечтите, сосе шлагерите кои некои современи чауши си ги компонираат со ноти од очај: "зар крај, зар вистина е крај...?" Се истроши списокот на пакостите и одново излегува на бело видело надежта. Впрочем, таа, надежта, велат учените, е вградена во нашите инстинкти - сами од себе очите да ни се вртат кон светлината, а не кон мракот. Колку и да сме зацапани во мракот.
Да ги баталиме "странските служби" и товарите теории на заговорот. Дојде време за свртување кон светлината, најпрвин - кон светлината во себе. Така свртени и курдисани, да си ги поставиме најтешките прашања: се излегува ли од мракот низ некој налицкан шминкерски салон? Или со генерален ремонт? Или, сепак, нам ни треба нов почеток, од нула, изградба на конзистентен општествен систем кој ќе биде отпорен на сите пакости што ги доживеавме, кој ќе ни го проветрее животниот простор со ветровите на демократијата, кој ќе ни го крене достоинството на чекорење по патеките на опстанокот со крената глава...?
Еден од клучните патокази на патот на опстанокот е - самопочитувањето. Може да звучи и неверојатно, но многу е чудно како сиве овие години речиси туку-така, без да сетиме, го изгубивме баше него, самопочитувањето и неговото незаменливо значење, наспроти сите застрашувачки врескања, од каде и да доаѓаа. Со каква невнимателнист ги истрошивме речиси сите залихи на претпазливост и избегавме од сопствениот дух којбединствено може да биде темелник на демократскиот дух на општеството. За духовни темелници е зборот, не за оние со сечења ленти и со благослови и истурања вино на верските (и државните, безбедли) великодостојници. Без слободата на духот се станува роб на туѓи илузии, но и тогаш, неговата основна супстанца останува слободата, а не слугинството. Успева само слободата што ја создава слободниот дух самиот од себе. Не сака многу знаење по историја и општество за тоа. Како што не сака ни многу знаење за тоа дека ако самиот не се почитуваш - не чекај го тоа од другиот.
Иднината, гледаме, не е гола парола. Има ситуации кога спинерските барабанџии и одењето наназад го прогласуваат за трчање кон иднината. Но, секој спин не завршува во полето на кое се игра натпреварот. Сосе крајот на спиновите, доаѓа и крајот на мечтите, болното соочување со суровата реалност. Најнапред со прашањето за иднината - има ли иднина? Иднината е услов над сите услови - да ја имаме, видлива, не како згодна тема во детските писмени работи. Тоа од нас зависи, пееше едно време по некој евровизиски фестивал, целата нација. Со тоа што иднината не е евровизиски фестивал, ами вистински европски натпревар во кој се троши многу пот.
Маските кога паѓаат, најчесто се покажува дека врз нив имало други маски, тетоважи, шарени и зашеќерени лаги, што ли не! Тогаш со трескавична забрзаност би требало да се трошат практиките на сите застрашувања. Тогаш дефинитивно треба да се сфати она што е елементарно и општо познато: власта не е господар на приватен имот, ниту е нечиј плен или служи за уживање. Власта постои за да се менува. Тоа не е онаа - ја шегобијна, ја цинична - за Курто и Мурто. Нека се повтори уште еднаш: за обликување на систем што од корен ќе ги сосечува апашлаците од сите видови. Систем на нормалноста (и подносливоста) на живеачката. Систем во кој преобликувањето на народот секогаш останува само пуста желба, секогаш со фатални последици.  Тоа, зрното на самопочитувањето, не се смачкува. Сака малку напор да пркне, да ја истреби коштревата на вазалството, секакво. И да ги ишне сите фатаморгани од нашата стварност, ако и таа е стварна.
Мурто и Курто, затоа, се само почеток на приказната, како оние што ни ги кажуваа нашите баби и дедовци: си било едно време... Ова е време во кое сме соочени, лице в лице, со муртовизмот и куртовизмот, со сите негови јазли.
Сега сè што било заплеткано, мора да се отплетка. Некои велат Господ знае колку време треба за тоа. А сите, белки, знаеме дека веќе е истрошено времето за губење. Остајте ги сега теориите за безвременоста.
Според тоа како врват работите, нема да ни биде здодевно на патот до крајот на првиот пролетен месец в година. Повеќегласје ќе има, а и повеќе гласност, бучава. Кому мунпречи бучавата - нека си најде дополнителна опрема: тампони за уши, на пример. Плитки и празни гласови секако ќе нема. Мак Диздар има една прекрасна песна "Модра река" овенчана и со струшкиот златен венец. Таа модра река, била длабока, била матна, била брзотечна - сака да се премине. И во името на самопочитувањето.

          Ристо Лазаров
                                                                                                     (www.ristolazarov.com)

See Older Posts...