Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров

На помалите народи, изгледа,  им се проречено да бидат поеуфорични, повеќе од мерата. Иако, се разбира, нема ништо лошо во еуфоричните расположаенија. Во сите области на животот: од спортот до политиката. Во последно време некако повеќе се “палиме” на политиката, ама ќе мине и тоа време. Целината на животот е нешто многу, многу повеќе.
А колку за потсетување: едно од објаснувањата на зборот еуфорија во дигиталниот речник на македонскиот јазик е: претерано воодушевување. Кај народот што го зборува истиот тој, македонски јазик, од дамнини се вели дека во ништо не треба да се претерува. Арно ама, се’ што се вели - не се прави. Во еуфоричните (политички) бранови, најмногу се тркала кусото паметење. Колку поголема еуфорија, толку покусо паметење. Такви сме и во другите сфери на живеачката. Најдобар доказ: прославувањата на спортските успеси. Во атлетиката, на пример, немаме којзнае какви резултати, ама милуваме еуфорично да се впуштаме во трките пред времето. Треба нешто и времето да каже, кога ќе му дојде време.  Има и други успеси, што не се спортски а се поголеми, ама тие не предизвикуваат никаква еуфорија, одвај се забележуваат. Често одат во заборав сиктеросани од лепачите на етикети, од секаков вид. Па и од такви кои сугерираат, не секогаш намерно, дека дека демократијата е само за победниците, дека сака да се дејствува енергично, за разбирачка нема време. Еуфоријата, често, се поврзува со доаѓањето на пролетта. А пролетта некогаш поранува, некогаш задоцнува, ама задолжително - доаѓа. Понекогаш треба да си припомнеме на една зен-мудрост: ,,Седи во тишина, не прави ништо, пролетта доаѓа, тревата сама расте”. 

Ристо Лазаров

( преобјавувањето на текстот или на делови од текстот не е допуштено без дозвола на авторот)

ЗАДУМАНОСТ

Времево е такво: деликатно, тадури тревожно. Сака секој прстот на глава и сериозна, темелна задуманост. Иднината ниту доаѓа туку така од никаде, таа се изборува - не со запалени емоции и страсти, ами со ум. Ум свртен нанапред, ама што добро знае што било наназад и каков е вкусот на сегашната каша. Со празни пароли и евтина демагогија не ја бива - се губи во тегобноста на времето вредноста на иднината. Не ја бива ни “на брзинка” - последиците можат да бидат исти, независно од намерите. Се’ што било, не мора да било заедничко. И не мора само заедничкото што (не)било да биде темел на иднината. Пример: самата ЕУ - та, ниту било заедничко, ниту некој барал да биде заедничко, минатото на Германија и Франција, при прифаќањето на идејата на Шуман. Со жарчињата на минатото не се играат петкаменца. Жежат и сака на време да си викне “џиш!”. И не потоа да се нарами вреќата и да се полни со заслуги, за се’ и сешто. Не сака удирање во гради и самобендисано јуначење. Не сака обвинување на тие штонне рекле, а никој не ги прашал. Секој кројач пред да ти го сошие костумот, првин ти го проба, ти дава огледало - и самиот да ја процениш неговата мајсторија. Тоа што некој не бил викнат на проба кај кројачот, не му дава за право на тој кројач самиот да си се прогласи за кројач над кројачите, повреден од сите други. Понекогаш биднува и обратно. Фалбата, самофалбата особено, е ‘рѓа. Лачи ‘рѓави плуканици врз неистомисленикот или врз оној што не рекол, а не бил повикан да рече. Се разбира дека секој има право да рече, ама тежината на реченото се мери и по тоа кој го рекол. Затоа не сака прозивки, суетни наддавања, анатеми врз неистомисленикот. Тоа не му прилега на устремот кон иднината. Тоа и одмага, и тежи на иднината, крева нови планини од неизвесност. Па потем оди барај ја и види ја иднината зад планината што сам си ја креваш!

Ристо Лазаров
( преобјавувањето на текстот или на делови од текстот не е допуштено без дозвола на авторот)


   
РОМАНТИЧНА ПРЕГРАТКА?


Не носам во себе ни зрнце против подобрувањето и унапредувањето на односите со соседите, значи и со Бугарија. Не е мое да се занимавам како ќе се рангираат работите и приоритетите. И јас имам доволно пријатели во сите соседнизсемји, значи и во Бугарија. Сум превел и книги од бугарски јазик. И сакам, што веќе е речено, поради сопствената совест да се произнесам по ова, со децении горливо прашање. Однапред одбивам полемика со кого било. Којшто мисли нека си напише и нека се потпише.
                  Првин ќе ви раскажам едно мало лично искуство. Пред неколку години имав хируршка операција и нашите доктори ме упатија на бањска рехабилитација во Павел Бања, џенем, речиси на границата на Бугарија со Турција. На враќање, наминавме во Пловдвив и (нормачлно) влеговме во првата книжарница на која набасавме и за каква што во Скопје може само да сонуваме. Што ново имате? Секавично ни беа понудени две книги: едната раскази од Георги Господинов, другата романот на Гоце Смилевски. Тоа беше изборот на продавачката, се надевам доволно јасно е поширокото значење на настанот.
                  Моите бугарски пријатели, повеќето писатели, се добри луѓе. Но, нема безрезервно да тврдам дека, кога ме запознавале со нивни колеги, имало и “закачки” за македонско-бугарските односи. Среде Скопје, еден бугарски пеновец се обиде да ја развие приказната со ветов наслов “еден народ – два јазика”. Бргу, бргу самиот виде дека ја претера. Живот. Нè има секакви. Но, не сме сите такви – ни ние, ни тие. Не отсега, туку уште од “комуњарски времиња”: беа тоа две, не баш туку-така, спроивставени државни политики. Поради македонското прашање. А запаленковци, навивачки тајфи, има и таму и ваму. Кога веќе се спомнаа “комунистичкте времиња”, да не се заборави: и светли, и темни страници имаше во нив. Отворањето на училишта непосредно по Втората светска војна во кои се учеше на македонски јазик во Пиринска Македонија и на македонските театри во истиот тој регион, имам впечаток, лефтерно се заборава. Сето тоа прекрати со Сталиновата резолуција на Инфомбирото, чин зад кој остана таинствената смрт на бугарскиот лидер Георги Димитров.
Факт е дека по триста молби и проколнувања, потпржени во Москва,  Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ им дозволи на некои бугарски партизански единици да поминат низ Македонија и да заминат на Сремскиот фронт – колку да си ги измијат образите од фашистичката кал. Фак е да беа окупатори на Македонија, како дел на фашистичката оска.  А дека учествувале во нашето ослободување – тоа ќе мора маѓоснички да се разјасни: како може да те ослободува оној од оној што те окупирал. Македонија беше под бугарска окупација, не е белки и тоа за “под тепих”. Тука ќе направам една дигресија и ќе кажам еден пример од Чешка. Во центарот на градот има една улица која се вика 5 мај. Еден од суријата екстра талентирани екс-југословенски режисери, еден ден, сосема добродушно го прашал својот стар професор на Филмската академија: што значи тој 5 мај, под кого нема ни датум, ништо. Професорот се подналутил: Па, тоа е денот на востанието! На кое востание? Па, на она од 1945, антифашистичкото. Југословенскиот студент слатко се изнасмеал: ние се кренавме четириесет и првата, дадовме 1.700.000 жртви, а сега и вие антифашисти, откога биле убиени Хитлер, Гебелес и дружината... Патем, Чесите сепак не биле на страната на Хитлер.
                  Од 1948-49 година маакедонското прашање во Бугарија се третираше на еден начин: не постои македонски народ, не постои македонски јазик, не постои... За повеќе од петпати се намали бројот на Македонците во Пиринска Македонија – демек пред тоа со сила биле терани да се попишуваат како Македонци!?  Многу средби и разговори на највисоко југословенско-бугарско ниво (секогаш со учество на Македонец) се одржувани на оваа тема. Безполезно, без милиметарска отстапка, тадури и обратно. Секоја прилика, насекаде во светот (каде што можеше) бугарска политика, на пример, го спречуваше објавувањето на дела од македонски писатели. Итн, итн.
                  Да се вратам на моите пријатели од Бугарија. Од 1991 година постојано велат (а тоа го велат и нивните политичари) дека сега настапила нова реалност, што не е неточно. Но, никој жив, ни пријател ни непријател не објаснил што е тоа “нова реалност” во нашите односи? Дека животот почнува од 1991 година, а она што било пред тоа не се важи, било иреалност? Ајдете, ви се молам! Рековме ли ние, во сите времиња, не постои бугарски јазик, бугарски народ и бугрска држава? Не. А тие го рекоа (велат) тоа за нас? Да. Детали има, колку да сакаш. Ете, дури и таа дребност: што еден наш амбасадор во Софија полека, сакајќи или не, ги вовлече во нашиот јазик Балканите, а Балканот остана во “Крвавата бајка” на Десанка Максимовиќ што би беше во училишната програма.
                  Не во времето на Тодор Живков, ами сега, кога и двете земји се слободни и демократски, кон на почетокот на првата декада на новиот век, тогашниот бугарски претседател Петар Стојанов (не кој било) од бриселската европска говорница ни плесна дека “најромантичен дел од бугарската историја е Македонија”.  На која и каква историја мислеше претседателот-романтичар? Кој му рече, вклучувајќи ги и моите пријатели од Бугарија, дека историјата не е подиум за романтични танци?
                  Не сега, уште кога Димитар Димитров беше министер за култура, издавачката куќа “Култура” од Скопје  ги објави Бугарските народни песни на браќата Миладиновци, оригиналниот наслов на книгата, а ние пред тоа сме го објавувле како “Зборник на македонски народни песни”. Како да нема во самиот тој зборник објаснување зошто е тоа така. Како Бугарија да нема ништо со тоа, а ние потоа сме го фалсификувале насловот. И сега – песните во зборникот (со исклучок на 50-60, вметнати за како-така да се објави зборникот) бугарски ли се? Одете, опитајте ги фолклористичките зналци, а и самиот народ.
                  Точно е, има фалинки и тоа пред се во нашата историографија, зошто не е детално објаснета сета збрка околу формирањето на ВМРО, не само едно. Има ли релевантно објаснување, еве денес, за тоа зошто една организација да има две раководства – Централен и Врховен комитет? Зад ова има многу, навистина многу тнр. потпрашања. Што е нашето Илинденско, а што бугарското Преображенско востание? Може ли тоа детално да се објасни, колку да знаеме колку сме близу до равенството?  И зошто, на пример, Кирил и Методија таму се нарекуваат првин бугарски, па потем (кога се мора) и сесловенски просветители? Зошто ви тие дални времиња во Бугарија е забранета книгата на Крсте Петков Мисирков “За македонцките работи”, стожерникот на современиот македонски јазик? Кој и со што може да докаже дека нашите учени, мислечки луѓе фалсификувале и присвојувале нешто туѓо? Блаже Конески, на пример, кој студираше во Софија, оттаму ли ја донесе македонската азбука? Или: токму тоа му се смета за грев. И Блаже Ристовски, кој ги прекопа сите архиви за Мисирков – виновен ли е за тоа? А сета слава да му припадне на Зоран Тодоровски кој среде Скопје објави, без приложени оригинали, дневник на Мисирков во кој тој на едно место вели дека е Бугарин. Што било болката!
                  Најнакрај, највисоките функционери на двете држави прво се должни сесрдно да работат за развивање на добрососедските односи, а се разбира, имаат неприкосновено право да донесуваат одлуки и да потпишуваат документи за кои проценуваат дека се во таа насока. Но, убеден сум дека и тие самите нсакаат да им ги затнат устите, не само на историчарите, па и на нивните колеги современици – со добро втемелени објаснувања зошто договорот за кој е збор досега неколкупати не е потпишан. Историјата не се учи само од учебниците, особено не од овие објавени последнава деценија. Не е лошо да се препрочита капиталното дело на Ванѓа Чашуле ,,Од признавање до негирање” објавено далечната 1970 година. Не е лошо некои книги од тие времиња да се преобјават и непрочитани да не се третираат накако “комуњарска пропаганда”.
                  За венците колај бива! Ете, се положи заеднички венец на царот Самоил во Софија и не се почувствува никакво тресење на земјата. Убаво и цивилизирано би било, на пример, Бојко Борисов, да клекне и да положи венец на споменикот масакрираните младинци во Ваташа, па да им каже на сите на која страна е. Како Вили Брант во седумдесетите во еврејското гето во Варшава. Ама, не е секој Вили Брант, а мнозина ѓоа се вардат да не го имитираат.
                  Голема грешка се прави ако се мисли дека е ова прашање на ВМРО и СДСМ. Можеби доаѓа време за тнр. “национални прашања” да се изјаснуваат и едните и другите, сосе народот што ги избира. Ни едните ни другите немаат полза од евтини паролашки поддршки и од развеаните знамиња на популизмот. Тешки времиња дошле, тешки одлуки треба да се носат. Го пишувам ова со длабока верба дека новото државно раководство ќе ги најде најдобрите решенија. Непродуктивни се брзите, да не речам избрзаните оценки. Слични напори – за подобрување на добрососедските односи – ја очекуваат нашата власт и во односите со сите соседни земји. Тоа е превосходно наш интерес, што не значи дека секогаш треба да биде изразен во заборав. Има и други патеки на компромисите, да почекаме. Имајќи го на ум и ритамот на балканското оро. Беше било се рекло дека нè бива за тоа, а богами и гајдаџиите не се глуви, дотолку повеќе што го промислуваат ритамот на иднината.

Ристо Лазаров


( Забрането е преобјавување на текстот и на делови од текстот)
See Older Posts...