Критички Одгласи

Георги Старделов

 

Ристо Лазаров: „Вампирското“

 

„Вампирското“ е шеста по ред поема во богатиот поетски опус на Ристо Лазаров. И таа, како и останатите поеми, како и бројните песни кои, по обемноста и наративниот поетски говор, се мали поеми, го вредуваат овој мошне оригинален и бележит поет, со свој посебен статус во нашата современа поезија, како поет на поемата, или поточно, на поемичноста, во која се преплетуваат лирскиот, епскиот, мисловниот и наративниот елемент на неговиот пев. Така, додека четирите поеми: „Херакле“ (1998), „Колумбо“ (2000), „Тројца за преферанс“ (2001) и „Сонот на коалата“ (2009) се случуваат на светско-историски план, опседнати од странпатиците на човекот во цивилизацијата на т.н. нов светски поредок распространет на повеќе континенти на нашата планета, новата негова поема, „Вампирско оро“, заедно со поемата „Силјан штркот уште еднаш ја облетува Македонија“, на која се надоврзува, свртени се исцело на современата, дури би рекле, на актуелната македонска транзициска стварност последниве две децении. Но, сите негови поеми, како и бројните подолги песни, иако се одигруваат на тлото, на пример, на САД, Јужна Америка, Азија или Австралија, длабоко се поврзани со Македонија и нејзината социјална, историска и национална егзистенција. Лазаров, всушност, го реализира во своите поеми, но и во повеќето свои песни, она начело во поезијата на Ацо Шопов од „Песни за црната жена“, што го зема и како свое начело – откривајќи го светот ја открив Македонија, откривајќи ја Македонија го открив светот!

Она што, инаку, длабоко импресионира во поезијата на Ристо Лазаров, посебно во неговите поеми, тоа е големата, ретката, исклучителната поетска инвенција и имагинација, како и каде да ја лоцира, како и во која форма да ја изрази својата поетска замисла и идеја. Во конкретниов случај, тоа е егземпларно видливо од неговата последна поема „Вампирското“, но и од поемата „Силјан штркот уште еднаш ја облетува Македонија“. Во ова поема тој поаѓа и ја зема како своја поетска парадигма сказната на Цепенков, „Силјан штркот“, додека во најновата, последнава поема, „Вампирско“, парадигма му е орото македонско, од „Тешкото“ („демек, каков живот, такво оро“), па низ сите други, за да стаса до орото што и отпорано го имало, но сега посебно влегло во голем подем на Балканот, „Вампирското“. И додека во поемата „Силјан штркот уште еднаш ја облетува Македонија“ таа е во некое штрково време, сега во „Вампирско оро“ таа е во вампирско време. Во 33 песна, со пролог и епилог, во, околу 3000 стихови, во ората македонски, заталкале туѓи играорци; Македонија, сета далдисана, е заталкана во своето минато (а $ гори под нозете), па почнале да се појавуваат „повеќе сеништа одошто луѓе“ и „повеќе ѓаволи отколку ѕвезди на небото“. Дошло време на едночудо шејтани, вештерки, трески, мајстори на плукање, на едночудо стравови од летање, од обезименување, од суши и начулени уши, од поплави, од аздисани глави, од безумици и беспарици, од пожари и дерикожи, од испразнети во контејнерите кеси итн. па секој во оваа земја си има и во себе крие и носи цела „една антологија на тајните“.

Од сите македонски ора, сега, се разбира, поетски се најсублимни вампирџиските ора. Откако „современата вампирологија“ утврдила дека Балканот е ендемска зона на орото и дека Македонците се посебно надарени играорци, во поголемиот број пеења, особено во епилогот, централно место зазема вампирското оро кое понекогаш се игра немо, обезвучено и се цупка во место за да не слушат „надлежните тајни служби“. Во „Вампирско“ „вампирите сами себе си ја цицат крвта“, зашто самоцицањето не е божји грев. Напротив, самонацицаните повисоко скокаат во орото, се качуваат на тапанот (тапанари од сите земји раступајте се!) и повеќе ги развеселуваа главатарите.

Ристо Лазаров, за разлика од многу наши поети не бега од, речиси емпириската стварност, туку настојува неа најнепосредно да се соочи да ја воздигне до степен на оригинален поетски пев. Затоа и можам него да го наречам поет на македонската транзиција.

Инаку жанровски, поемата „Вампирското“ асоцира на балата, на песна, на мелодија што се игра (ballare – играње, ороиграње); на лауда; на карневалска песна, на оние македонски обредни ора и покладни песни; на лакрдија; на едно, во Бахтинова смисла, карневалско чувствување на светот, на сатиричен пев како изворен поетски одраз на менталитетот на нашето време.

Катица ЌУЛАВКОВА

 

НОВАТА ПОЕЗИЈА НА РИСТО ЛАЗАРОВ

Беседа по повод 65 годишнината од раѓањето на Ристо Лазаров

11.11.2014 година

 

Драги пријатели и колеги, уважени гости!

Пред пет години, на истово место, во ДПМ, на култната „Максим Горки“ улица број 18 (ако има ново име не се сеќавам на него), зборувавме, Георги Старделов и јас, за творештвото на македонскиот поет, новинар, колумнист, лирски патописец, ангажиран писател, совршен читател, книжевен преведувач, југоносталгичар, љубител на Белград (и на Прага), мераклија на народни песни и на лаф муабет, критичар со остро перо, Ристо Лазаров. Тогаш поводот беше излегувањето од печат на неговите собрани дела во четири тома (2009), па јас се осврнав на поетскиот профил на Ристо Лазаров, изграден во текот на изминатите четириесетина години, откако тој се занимава со книжевност, односно од објавувањето на неговата прва поетска книга Ноќна птица во паркот, во веќе далечната 1972 година. Поводот, пак, за оваа беседа е 65-та годишнина од неговото раѓање (3 октомври 1949, Штип), кој ја осмисли намерата да се осврнам поподробно на најновото поетско, прозно (мемоарско-есеистичко) и преведувачко творештво на Ристо Лазаров.

Во овој петгодишен период се објавени, интензивно, следните нови поетски книги на Ристо Лазаров: Сонот на коалата (2009), Кревалка (2011), Ситночекорка (2012), Јана, Јана (2013), Светилничар (2013), Препки (2014), како и прозните мемоарски записи и реминисценции под наслов Врежанки (2014). Во тој контекст, треба да се каже дека токму последниве пет години, Ристо Лазаров стана добитник и на неколку книжевни награди: Книжевното жезло (2010) на Друштвото на писателите на Македонија, Велја кутија на асоцијацијата „Македонски духовни конаци“ (2010) и "Дијалог" (2012). [1]

Освен тоа, во истиов овој период, Лазаров подготви и објави повеќе препеви на книги на значајни писатели какви што се Оскар Давичо, Милица Николиќ, Абдулах Сидран, Горан Бабиќ, Душко Новаковиќ, Миљенко Јерговиќ, Александар Новачиќ и др. Овие преводи се објавени во едицијата „Везилка“ што тој ја уредува и која се стреми да ги задржи во активно сеќавање делата и ликовите на некогашните југословенски, односно српски, босански, хрватски, црногорски писатели, но се отвора и кон другите балкански/јужнословенски книжевности (Георги Константинов од Бугарија).[2]

Бунтовник по природа, Ристо Лазаров станува ангажиран интелектуалец, писател, новинар (повеќегодишен уредник на „Млад Борец“ и на меѓународното списание „Балкан форум“, повеќегодишен генерален директор на југословенската новинска агенција „Танјуг“ и на македонската ТВ Телма, па во последно време и блогер. Последниве неколку години (2006-2014), Лазаров ја врши функцијата претседател на Македонскиот ПЕН центар.[3] Со други зборови, тој го прави она што е во негова моќ за да ги спаси од заборав величините врз коишто нашите актуелни сомнителни (квази)демократски времиња, фрлаат прав и пепел, со цел да ги поништат и да ги фрлат во заборав (македонските Славко Јаневски, Блаже Конески, српскиот Оскар Давичо и др.). Тој во едно клучно време од македонската транзиција се претстави како глас на интелектуалната совест, покажувајќи дека политиките на фрлање прав се залудни, затоа што вистинските уметнички вредности имаат моќ да се преродуваат, дочекувајќи се секогаш на нозе, како „мачки“.

Невозможно е да се набројат насловите од богатиот читателски архив на Лазаров, ама тоа не е ни неопходно. За упатената публика е јасно дека на читател каков што е Ристо Лазаров, не му останува ништо непрочитано од новата книжевна и публицистичка продукција на јазичните простори на екс Југославија. Тој е пасиониран купец на книги, тој го купува тоа што го чита. Угледната српска писателка Вида Огњеновиќ, за него вели дека, кога си заминува од Белград, влече со себе вреќи полни книги. Овде е битно да се истакне дека страста за читање никогаш не е без ’последици’. Токму како последица на читателската страст (пасија) се испишани многу поетски творби на Лазаров, во коишто се насетуваат интертекстуални траги, реплики, сеќавања, алузии, ремикси и дијалози со други дела и со нивните автори, било да се дружел со нив во живо, или преку нивното дело. Сраснат со архивите на македонската, јужнословенските и на светската книжевност, Лазаров испишува бројни поетски страници на обраќања, дијалози и на тивки епистули, писма и писанија до Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Блаже Конески, Славко Јаневски, Живко Чинго, Анте Поповски, Матеја Матевски, Светлана Христова Јоциќ, Оскар Давичо, Ален Гинзберг, Чарлс Симиќ и други.

Во поезијата на Р. Лазаров е востоличен, популаризиран и поставен на висок пиедестал епистоларниот поетски дискурс. Жанрот поетски епистули е хибриден, затоа што комбинира елементи и постапки карактеристични за писмото, разговорот, мемоарот, анегдотата, дневничкиот запис и колумната. Епистоларните песни и поеми на Ристо Лазаров се парадигматичи и референтни за поновата македонска поезија, меѓу другото и затоа што се комбинација на современи и традиционални теми и вредности. Епистоларниот дискурс на Лазаров ги актуализира култните спомен фигури од македонското и југословенското ’блиско минато’, па се чита и како парабола на една младост и на една слобода. Таквиот однос упатува на спрегата на есенцијата и егзистенцијата во животот и делото на Ристо Лазаров, профилирајќи еден специфичен поглед на свет, една творечка и животна кауза обележана од почит, восхит и лични чувства. Тоа ми дава за право да заклучам дека најновото творештво на Лазаров е спрега на поетички и етички начела. По-Етика.

Спомен местата се места на разговор, места на реторичка исповед, хронотоп на катарса. И навистина, во комеморијалните и дијалогични песни на Ристо Лазаров има видливи разговорни и исповедни елементи, егзалтирани рапорти до „спомен-поетите“, обраќања прелеани реторички со восхит, гнев, револт и тага. Ако добро размислиме, во поклоненијата што овој поет ги прави пред починатите родители и книжевните авторитети, ги исчитуваме неговите најдобри стихови. Можеби ваквиот сензибилитет спрема културните и егзистенцијалните величини ја има образувано неговата ’комеморијална навика’, неговиот ритуализиран обичај да ги посетува последните обитавалишта на писателите и личностите што ги уважувал, во Македонија и ширум светот, онаму каде што стапнала неговата нога, во Јужна Америка и Азија, на Исланд и во Чешка…

Изгледа дека Разделбата е совршениот хронотоп на поетиката на Ристо Лазаров. Разделбата е простор-време каде што се отклучува неговата имагинација, неговиот јазичен трезор, неговото сеќавање, неговите чувства, бунтовникот и носталгичарот во него. Разделбата е хронотоп на имагинарно враќање и повторна средба, хронотоп на духовна и емотивна преписка. Формиран врз таквото начело на интерперсонални проекции и идентификации, на средби и разделби, авторот Ристо Лазаров се легитимира секогаш двонасочно, на две рамништа: како син и следбеник, како поет и публицист, како традиционалист и модернист, како левичар и менаџер, како слободоумник и почитувач на наследените вредности... Во творечката меморија на оваа, сè на сè необична фигура на современата македонска книжевност и култура, се врежани многу спомени и фигури од македонската и од пошироката стварност. Поезијата на Ристо Лазаров, иако во потрага по изгубеното време и времето на одминување (впрочем, секое време е време на одминување!), е проследена со живи сеќавања, но и со опомени до современиците. Затоа, неговата комеморијална реторика е етична, саркастична, критична и актуелна.

Токму ваквиот профил на Лазаров води кон неговата прозно-публицистичка книга Врежанки објавена неодамна (2014). Во мемоарските записи Врежанки доаѓа до израз токму доблеста и дарбата на Лазаров да ги меморира собитијата од минатото, оние обележани од личните искуства и живот, полни анегдотичност, малку хумор, малку страничен и слободоумен поглед кон стварноста, малку поглед врз минатото од временска и вредносна дистанца. Во секоја од неговите ’врежанки’ станува збор за некоја (историска) личност која повеќе не е меѓу живите, се работи за некое време кое е зад сцената на новиот свет и поредок, така што постојат сите услови за емотивни и критички реминисценции. Неговата усна публицистика и мемоаристика еве годинава може да се чита, запишана, врежана во книга како што спомените се врежанио во неговата Памет, во неговото интелектуално и емотивно сеќавање. Книгата Врежанки е еден вид популарна книжевност, не елитна и затворена, не теориска и учена, а питома, читлива, занимлива, живописна, питка како изворска вода, како домашно вино, зависно од тоа како кој си ја доживува питкоста, како кој си ја утолува жедта. Книгава е придружена со два добри текста, еден предговор и еден поговор, едниот на Ферид Мухиќ, другиот на Гоце Смилевски, па и тие долеваат на нејзиниот шмек. Или вкус, ако така претпочитате.

Сега повторно би се навратила на неговата поезија од последните неколку збирки. Ниту имам време, ниту е ред да правам одделни критички анализи и проценки на неговите книги Кревалка (2011), Ситночекорка (2012), Светилничар (2013) и Препки (2014). Би сакала да ја доловам со неколку опсервации поетиката на неговите збирки од периодот 2011-2014, не размислувајќи подробно дали таа поетика – сфатена како образец - може да се однесува на неговото севкупно творештво, но со претпоставка дека би можела, затоа што се однесува и на некои константи на неговото творештво. Со тек на време, некои својства на неговиот поетски стил станале уште понагласени и болдирани. За каква поетика станува збор, поточно каква поетика јас имам на ум кога ја читам поезијата на Ристо Лазаров од последниве неколку години?

Прво, се работи за една поетика која е тематски, жанровски и стилски ширум отворена спрема емигрантскиот, печалбарскиот, исеселничкиот топос, добро закотвен во македонската усна традиција, во македонската меѓувоена книжевност позната како битова драма, би рекла прецизно, македонската семејна драма, како и во почетоците на современата македонска книжевност по Втората светска војна. Лазаров испишува една нова печалбарска, емигрантска поезија во којашто се огледа големата судбинска тема на македонските селидби или т.н. дијаспори.

Денес, кога македонската дијаспора е, најверојатно, побројна од македонската матична заедница, кога иселувањето станува принцип на опстанок, оваа тема е топ тема не само за социополитички истражувања, туку и за поетски реминисценции. Опевајќи ја траумата на македонската емиграција, Ристо Лазаров на повеќе места го спомнува „смачканото племе“ (Препки, 2014, 47), како парабола на македонскиот народ, ја повикува сликата на исчезнувањето, како парабола на стравот од исчезнување на народот кој, макар бил со милениуми стар, денес е исправен пред големото искушение на (надворешно и внатрешно) раселување до исчезнување. Што ги гони Македонците надвор од нивниот дом? На ова прашање поетот не дава одговори, но ги споделува амбивалентните чувства на македонските иселеници ширум светот. Дијаспоричната поезија на Лазаров е обележана од елементи на баладичност, епичност, епистоларност и елегичност. Пишувана од егзистенцијална дистанца, ама со длабока емотивна блискост, песните во коишто има печалбарски парфем и припев на траумите на македонската дијаспора, на иселеништвото од Австралија до Чешка, се експресивни и потресни, испишани во облик на ритмична нарација, епски драматично и пространо. Оваа поетика на Лазаров е варијанта на еден поетски БЛУЗ. И треба да се чита во соодветен амбиент, обележан од горчина и такт на гнев.

Токму поради тој „такт на гневот“, би можело да се зборува за најновата поезија на Ристо Лазаров како за вид политичка поезија. Колку и да звучи несоодветно како категорија, колку и да наликува како употреба на некаков „критериум за екстерно оценување“, политичката песна е реалност во последните книги на Лазаров. Во склад со мојата теорија за тоа дека поезијата во мигот кога ја извршува естетската функција, може да се рефлектира и на други планови на комуникацијата – психолошкиот, културниот, социјалниот, политичкиот, си допуштив да ја читам неговата поезија и од политички агол. Во песните во коишто преовладуваат социјални и идеолошки матрици, невозможно е да се доживее поетскиот хабитус надвор од политичкиот и социјалниот.

Во ваквата поезија се возобновува не само социјалниот, туку и идеолошкиот гнев, како на времето во футуристичките песни на Коста Солев Рацин или подоцна во поезијата на Гане Тодоровски и на Јован Котески. Лазаров испишува една епско-лирска историја на македонското постсоцијалистичко време во којашто се проектирани и некои елементи на фрагментираниот (балканизиран) и хаотизиран пејзаж на светот. Таа поетска „историја“ е зачинета со цитати и реплики на македонскиот и на глобалниот политички амбиент.

Тоа може да се илустрира со три песни, парадигматични за политичката поетика на Лазаров, со песната „Предзорје“ од последната збирка Препки (2014), песната „Нгуен Ти Там: Напалм сеќавања“ (Препки, 121) и песната „Дамаск, без зборови“ (Препки, 36). Во песната „Предзорје“ се опева темата на бездомништвото, клошарството, бедата, сето тоа не како одлики на некое минато време, туку како карактеристика на современоста. Актуелното време е полно со себе, суетно, нарцисоидно, со нарушен морал и без критичка свест за последиците што ги произведува (социјална нееднаквост и дискриминации од секаков вид). Во песната „Дамаск, без зборови“ е претставена поетиката на гнев на Ристо Лазаров, зачната одамна, но сега изведена екстензивно и интензивно, без одлагање. Таа поетика, на ироничен начин, ги опева стратегиите на војната и на воените конфликти, на „хуманитарните бомби“ и „милосрдните бомбардирања“ (Препки, 36), на враќањето на нашево време во „Средниот век“, во темните ходници на мрачните цивилизации. Во песната „Нгуен Ти Там: Напалм сеќавања“, се наведуваат повеќе цитати симптоматични за долгата историја на насилството.

Политичката поезија има моќ да го побуди слободоумието и да поттикне на интелектуален активизам, под услов ако има широк круг читатели. Токму тоа му го пожелувам на авторот на оваа поезија, да стекне широк круг читатели и неговата поезија да наиде на одек не само кај критиката, туку и кај луѓето, оние што тој ги опева, шеретски, боемски, патописно и емпатично.


[1] Книги на Р. Лазаров се објавени на англиски, руски, чешки, словенечки, албански, српски и бугарски јазик. Тој е добитник на неколку книжевни награди: „Млад борец“ и „8-ми ноември“ на градот Штип во 1972 за стихозбирката „Ноќка птица во паркот“; „13 ноември“ на град Скопје за 1980 година за стихозбирката „Јана“; „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија за 2007 година за стихозбирката „Чехопек“; наградата „Браќа Миладиновци" на Струшките вечери на поезијата за за стихозбирката ,,Среде". Добитник е и на првата награда за песна на „Празникот на липите“ во 2000-та година. Во областа на новинарството ги има добиено врвните државни награди „Мито Хаџивасилев Јасмин“ (1975) и „Крсте Мисирков“ (1982).

[2] До сега Ристо Лазаров ги има објавено следните преводи и препеви: Горан Бабиќ: Столб во реката (Скопје, 1982), Дејан Новачиќ: СФРЈ за повторувачи (Скопје, 2003), Георги Константинов: Човекот е прашање (Скопје, 2006), Александар Новачиќ: Досието Чехов (2006), Абдулах Сидран: Партизански гробишта (Скопје, 2012), Чарлс Симиќ: Несоница (Скопје, 2012), Александар Новачиќ: Венедикт Ерофеев и хорот на пијаните ангели (Скoпје, 2012), Душко Новаковиќ: Капитулација (Скопје, 2013), Миљенко Јерговиќ: Промена на времето (Скопје, 2013), Оскар Давичо: Покрив на луњата (Скопје, 2014), Милица Николиќ: Руска археолошка приказна (Скопје, 2014).

[3] Од декември 2014, Лазаров е избран за почесен претседател на Македонскиот ПЕН.


Катица Ќулавкова

 

ПОЕТСКО-РЕТОРИЧКИТЕ ПЕРФОРМАНСИ

НА РИСТО ЛАЗАРОВ

 

Книгата Светилничар на Ристо Лазаров ја продолжува, доградува и ја надградува амбивалентната поетика на добли­жување и оддалечување од биографскиот, автобиографскиот и мемоарскиот пристап во лирската поезија.

Доближувањето се случува кога песната ги рефлектира, со нагласен миметизам, јавните и личните собитија во опкру­жувањето на поетот (било да се работи за домашниот амбиент или за амбиентот од некои негови патувања). Оддалечувањето се случува кога поетот ја зголемува дозата на ироничност на изразот, кога ја стилизира песната преку слободни лудистички интервенции (игри со зборови). И едната и другата поетичка постапка ги имаме сретнувано во досегашната поезија на Ристо Лазаров, во неговиот обемен поетски опус од дваесетина ори­гинални поетски збирки. Во некои поетски збирки преовладува миметичкиот принцип (референцијален, наративен, патописен, исповеден), додека пак во некои други, особено оние од почетоците на неговото творештво, преовладува лудистичкото начело (Еве ти шипинки, Јана, на пр.). Во последнава книга поезија (2013), Лазаров ги вкрстува овие две начела на најубав начин, така што тој создава еден свој интегриран поетски профил и го легитимира својот творечки идентитет.

Некои критичари од белградска/српска провиниенција ја нарекуваат оваа поетика „поезија на проживеаното искуство“ (Гојко Божовиќ, „Историја на впечатоците...“, поговор кон изборот Otplesana istorija, издание на издавачката куќа „Архипелаг“ од Белград, 2012, во превод на Душко Новаковиќ). Поточно, Гојко Божовиќ смета дека песната на Лазаров „почнува таму каде што „се судираат настаните и заборавот“. Тие го ставаат акцентот врз блискоста меѓу песната и стварноста (животот, искуствата, собитијата, историјата, лич­ните впечатоци за стварноста), иако го забележуваат и мигот кога песната искажува ироничен став спрема стварноста и кога стварноста се фокализира низ критичката перспектива на поетот.

Јас би сакала да го нагласам токму последново, настојувањето на песната да биде критички настроена спрема стварноста, спрема настаните и луѓето кои често пасивно, некритички се однесуваат спрема аномалиите на нашата современост, културна и политичка. Од таа критичка позиција произлегува потребата да се иронизира, да се повлече извесна вредносна и етичка граница, извесна дистанца која ќе ги отвори портите на црниот хумор, подбишегата, гневот и револтот, патетичните реминисценции и носталгијата по една друга стварност.

Таа носталгија има свое огледало, се препознава во носталгија по едно препознатливо време кое било па се изгубило, не само историски, туку дури и во современите интерпретации на таа историја. Токму на тоа бришење на историјата во колективната меморија реагира жестоко оваа книга. Таа со извесен презир гледа на недоветните ревизии на македонската историја од времето на југословенската федерација и од глобалните опкружувања од втората половина на 20 век. Поетот ги препознава тие недоветни и неправедни ревизии насекаде околу себе, во урбани мотиви, во медиумската сфера, во менталитетот и културните стереотипи на денешното време, во заблудите со политичка, национална и идеолошка позадина. Во тоа секојдневно посматрање на обележјата на современиот свет сега и тука, поетот го акумулира својот гнев и се соочува со својата немоќ на единка, како и со немоќта на индивидуата да промени нешто битно, нешто коренито во светот што го живееме.

Токму тоа соочување со немоќта да се дејствува го тера поетот да се сврти спрема Речта, спрема Песната, најсилното орудие што го има за да го искаже својот став, својата болка, својата горчина.

Во поезијата на Р. Лазаров од неговата последна книга речиси фотографски уверливо се проектира сликата на современа Македонија во склоп на еден поширок мозаик на современиот свет, за што сведочат циклусите „Црешата“ (мотивите поврзани со Јосиф Бродски, Маргарет Атвуд и др.), односно двата последни „патописни“ циклуси „Венеција“ и „Фиренца“. Во овие циклуси се наѕираат контурите на современиот цивилизациски хронотоп во којшто е ставен жигот на далечното минато полно со артефакти, и на своременоста обележана од парадокси.

Некои песни од оваа збирка се алузивни и реминисцентни (интертекстуални во поширока смисла на зборот). Тие алу­дираат на некои познати места од македонската поезија и култура („Старо купувам“ на Ацо Шопов, на пр., поезијата на Блаже Конески и др.), а други се обидуваат да актуализираат некои општи места и да ги исполнат со нови свежи значења, почнувајќи од песната називите на првите два циклуса „Учителот“ и „Глува дупка“, па завршувајќи со песните „Народна кујна“, „Пуштил полжав рогови“, до „Студен туш“, „Сиктер песна“ или „Лебец и вино“. Строгата критика се комбинира со инфантилна потреба да се подигрува и со потребата на човек на зрела возраст да биде меланхоличен, бесен, некогаш и пречувствителен.

Оваа книга песни на Р. Лазаров покажува дека лириката може да опстане и кога во неа има нагласена дијалогичност, наративност, мемоаристичност. Таа е тивка, дискретна реплика на тезата на Михаил Бахтин дека лирската поезија е моно­логична. Точно е дека и дијалогот во поезијата поприма форма на монолог исполнет со страсти, реплики, реторички и дра­матични обраќања. Но, уште повеќе е точно дека поезијата има длабок порив да се отвори спрема читателите, спрема пошироката јавност и да биде морална опомена и свест на своето Време. Ако го постигне тој ефект со помош на добро извајана естетска форма, тогаш поезијата ја остварила својата цел, ја покажала својата моќ, што јас ја нареков трансестетска, односно реторична и перформативна (изведбена).

Поезијата на Р. Лазаров е реторична и перформативна и затоа се отвора спрема публиката, затоа, затоа го следи методот на одржување на врската со колективната свест, со масите. Во таа своја намера, песната си допушта слобода да се приземни, да ги користи жаргонските изрази и фамилијарните фрази, да биде комуникативна и разбирлива. Реторичноста и извед­беноста се основа и на една сценична димензија на поезијата, која пак е преземена од епската поезија и пренесена во лириката. Ваквиот трансфер се смета за ефектен и успешен ако е поетски и естетски продуктивен, каков што е оној во последнава збирка на Ристо Лазаров.

 

 

Скопје, јануари 2013 


03/01/2013

Istorija utisaka Riste Lazarova

Autor: M. Bojanić

Knjiga izabranih pesama „Otplesana istorija“ Riste Lazarova predstavlja snažnu sumu proživljenog iskustva ovog makedonskog pesnika, esejiste, kritičara i novinara.

 

Kao što je i sam pesnik u jednom intervjuu izjavio, on piše pesme „ukoliko ih otkrije u životu“. A čitalac kroz poeziju otkriva da je njegova opservacija sveta brižljiva, a utisci i sećanja koje pretače u poeziju živi i razgovorni.

Možemo slobodno reći da su pesme Riste Lazarova pisane u skladu s Rilkeovom pesničkom teorijom obelodanjenom u romanu „Malte Laurids Brige“: „Stihovi nisu osećanja kako to ljudi misle - nego su iskustva. Radi jednog jedinog stiha potrebno je videti mnoge gradove, ljude i stvari, potrebno je poznavati životinje...“ Pesnik strpljivo sakuplja impresije i senzacije, dovodeći ih u red pretvara ih u umetnost. Njegov izraz je pun, stihovi su objedinjeni u živopisnu sliku, a jezik savršeno jednostavan, upečatljiv i simboličan. Provodeći nas poezijom kroz istoriju svog sećanja, od ranih dana svog detinjstva do mudrosti zrelog života, pa čak i u istoj pesmi kao što je, recimo, pesma „Pusti pužu rogove“, pesnik nam s gorkom ironijom i smehom prekrivenom tugom pokazuje da je čovek ponekad „drčno hvalisav“, lažno hrabar, ponizan, zapravo nesavršen. Virtuoznim sintagmama, pesnik pevajući o svojim utiscima govori o ljudskoj prirodi ogoljujući je, o pustoši javnog života, istoriji, tranziciji, o iskrama svakodnevice koje zasijaju samo u pesnikovom oku. Sve može biti povod za pesmu i tuga zbog smrti najbližih i prizor Venecije kao „školjke ukotvljene u vekove“.

Proces spoznaje stvarnosti je dominantan motiv u ovoj zbirci, zato se sa podjednakom pažnjom govori o smrti oca i o kačketu Pabla Nerude. Međutim, stvarnost za pesnika predstavlja snažan utisak, koji nam se, čitajući poeziju, čini trenutnim, ali i nezaboravnim. Jer baš kao što je to rekao Gojko Božović u tekstu „Poezija proživljenog iskustva“, Risto Lazarov „izazove stvarnosti razume kao privremene događaje života, nipošto kao jedini mogući život“. Pesnik se u pojedinim pesmama ponovo rađa kroz svoje senzacije. Popevši se na vrh Maču Pikčua, tog „mrtvog kraljevstva koje još živi“, pesnik vidi kačket Pabla Nerude, „prazničnu zastavu zaljubljenih“, a zatim ga doziva:

„Mahao sam ti, mahao, do besvesti sam ti mahao/I baš me briga što bezbojni i bezimeni vetar/ ulazi pravo u moje kosti/dok zurim u tvoj kačket/rađajući se s tobom, brate“. Pesnik opisuje utiske koji su na njega ostavila remek-dela, ali ne na hladan, parnasovski način, utiske koje su probudili pesnici, poznanici, savremenici… Jedna od najsnažnijih pesama možda je „Ciplele za mog oca“. Ova, baš kao i pesma „Tramvaj za sećanje“, sastavni je deo svih antologija pesama Riste Lazarova. Dok se u prvoj pesmi autor kroz nenametljiv, nepatetičan, a dubok izraz, obojen gorkim smehom suočava sa smrću oca, opisujući jednu rutinsku radnju dok „dan pre umiranja“ sa bratom kupuje cipele za oca „špicaste i tvrdog đona/da bi mogao/onako merkalijski/da ritne“ anđela čuvara kad mu počne „baljezgati o besmrtnosti dobrote i pravednosti“, u drugoj pesmi autor se suočava sa starošću. Obe pesme opevaju univerzalnu temu, izraženu na potpuno ličan i lirski način, snagom osećanja prepoznatljivog za svakoga.

Risto Lazarov je tvorac nekoliko zbirki. Njegove zbirke izabranih pesama su objavljene u Engleskoj, Rusiji, Srbiji, Bugarskoj, Albaniji, Sloveniji, Češkoj, Australiji… Dobitnik je velikog broja nagrada za poeziju. Završio je jugoslovensku književnost i makedonski jezik na Filološkom fakultetu u Skoplju. Predsednik je makedonskog PEN centra.

Knjigu „Otplesana istorija“ objavila je izdavačka kuća Arhipelag u svojoj biblioteci Element, a s makedonskog jezika preveo je Duško Novaković.

(Danas, Bgd,04.01.2013)


За СИТНОЧЕКОРКА, Дијалог, Скопје 2012:

Лидија Димковска: „Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (издание на Дијалог, едиција Синтези, Скопје, 2012)

 

 

„Ситночекорка“, последната поетска книга на Ристо Лазаров е „тукушто избањата/намирисана/и стокмена/.../ангелисана убавина“ која може да се сретне низ една од скопските улици,  и „како вистинска/ ситночекорка/знае дека колку поситно чекори/толку подалеку ќе стаса“, а до мене навистина така стаса менувајќи неколку градови: Скопје-Лајпциг-Љубљана-Грац-Љубљана. Имаше и зошто: во оваа книга има толку многу антологиски песни колку што нема ни во вистинските антологии. Убаво (но не и безгрижно и безопасно) е да се нурне човек во вистините што Лазаров ги разоткрива на поетски начин, а сите ги знаеме од животот: „Вжарен, па испотен камен – тоа е историјата“, вели, и боли, но и лекува ова сознание, исто како и благосостојбата на реверс, или Андите кои отсекогаш биле повисоко од животот, или стварноста што остро мириса на формалин на малите гробишта во Берлин, или македонските коледарски огнови како не-совест на новокомпонираните веселници, или баладата за враќањето од Јапонија... Пеење и мислење совршено вткаени едно во друго, синтеза на времето во кое сме сите современици.  Книга за во воз, авион или за на пешачка патека; поезија не задуша, туку за срце, за ум и за душа.

ГОЦЕ СМИСЛЕВСКИ: ОДРЖУВАЊЕ НА СВЕЖИНАТА

 

Дека свежината може да се одржи во поетската реч и во стихозбирката напишана децении по првообјавената, докажува ,,Ситночекорка” на Ристо Лазаров. Оваа најнова поетска збирка на Лазаров е негова дваесет и прва, публикувана четириесет години по првата ,,Ноќна птица во паркот”. Со ,,Ситночекорка” Лазаров ја исцртува својата поетска географија, од Скопје до Прага, од Белград до Терезин, од Истанбул до Берлин, од Андите до Алтај, од Јапонија до дома. И во таа поетска мапа на светот се одвива потрагата по сродните луѓе, познати и непознати, од оние кои намерно или случајно ќе ги сретне, до оние со кои средбата е имагинарна. Омилена песна од ,,Ситночекорка” ми е ,,Дејзи: девојче со гондоли во погледот”, а овде ќе кажам, како препорака до идните читатеи, неколку стиха од една друга песна од книгата - ,,Брехт на почетокот на дваесет и првиот век”: ,,На малите гробишта во Берлин/на почетокот на дваесет и првиот век/стварноста остро мириса/на формалин/истечен од старите тегли на историјата/која не престанува да се повторува. (Граѓански, 5 мај, 2012)

                                        ***


Георги Старделов

 

 

 

ТОЈ ГРОЗЕН КИКОТ ЧОВЕЧКИ

 

 

Додека го пишувам овој текст, речиси катаден, ги читам претходните книги песни на Ристо Лазаров што тој ги објави последниве четири децении. Се движам трагајќи по патот што тој го изврве до последната своја книга. Но, сè дури трае мојов најнов прочит на неговата поезија, незнам зошто и незнам од каде постојано ми се мерка пред очи Ниче, и неговиот портрет исклесен во камен со она болно десно, а толку проѕирливо око и со оние густи и набабрани мустаки од кои не се гледа устата, човекот што е можеби еден од најголемите ноќни страдалници во философијата. Не разбирам што бара тој лик на Ниче кога го читам Лазаров, кога некој како да ми ја шепоти неговата мисла која сега ја цитирам по паметење – дека само човекот толку многу страдал што морал да ја измисли смеата. Го споменувам Ниче, но, веднаш потоа во главата ми навира настанот поврзан со еден од најпознатите кловнови во стариот Рим кој ги засмејувал Римјаните и им ги истушувал чемерите, јанѕите и јадовите од нивните души. Се раскажува дека еден ден овој, истиов кловн, во состојба на длабока тага и бол, отишол на лекар да бара спас за да се ослободи од своите длабоки душевни јанѕи и страдања. Лекарот му посоветувал да оди на претставите на познатиот римски кловн, дека неговата душа ќе ја исцели само неговата смеа. Лекарот се стаписал кога овој му признал: докторе, јас сум тој кај кого што ме праќате.

Навирајќи ми во свеста на овие меланхолични присеќавања на Ниче и на познатиот римски кловн, се решив, на целото ова мое херменевтичко претставување на неговата поезија, да ги ставам како мото следниве стихови на Лазаров од неговата поема „Силјан штркот уште еднаш ја облетува Македонија“:

До што видов со свои очи

Сè беше од бол никнато

Со бол обвиткано

И со бол поклопено…

Па, сепак, не го сторив тоа затоа што овие стихови веќе ги цитирам на почетокот па мислам дека нема потреба да ги повторувам, иако останав доследен на нив во обидот поезијата на овој поет да ја видам од друг агол и на поинаков начин. Јас мислам дека доминантниот тон на хуморот и иронијата во неговата песна доаѓа од неговото внатрешно сознание дека овој свет, во својата основа трагичен, е неизменлив и дека судбина човекова е болот и осамата. Тоа Лазаров како да го крие и токму таа криенка ја раѓа смеата, го раѓа подбивот во неговата песна како обид за дематеријализација на човековата болка и самотија. Тој , како вели во еден стих, сака по цели ноќи да плаче, но денот зазорува и тој го пречекува него, да речам во негов стил, со зезанција, со исмевање на овој и таков свет во стилот на ММЕ кој прв почна, свесен дека конвен­ционал­носта негова може да се урне само на неконвенционален начин, односно со кикот и тоа најчесто со грозен кикот.

 

Првите книги

 

Ристо Лазаров го почна својот поетски пат во совре­мената македонска поезија необично, велејќи дека неговиот поетски воз се движи без рампи. Веќе во првата своја поетска книга, „Ноќна птица во паркот“ (1972) тој настапи со една нова песна, со песната како бунт против постојната стварност која постарите „така безнадежно ја упропастиле“, афирмирајќи еден своевиден циничен, но, како поетика, и многу ризичен, поетски пристап кон неа што на повеќе места ја расклатува песната. Неговата прва книга поезија можеме да ја наречеме поезија на циничниот ум. Во неа тој ги вгради иронијата, мајтапот, подбивот како негов однос кон стварноста и како начин на полемички дијалог со неа. Се разбира бунтот во неговата, како и воопшто во поези­јата, е бунт по себе и за себе, т.е. бунт во метафори, бунт на гневот кон времето кога „дојде нешто поумоболно од сните“. Тој во своите први песни не противставува идеи на идеи, ниту политички програми што се спротивставуваат едни на други. Лазаров се задоволува критичката свест кон нашата социјална и национална стварност да ја изрази во своите стихови со подбив, со некоја блага иронија од која сепак остануваме сите живи и здрави. Неговата поезија уште на почетокот не беше политички мотивирана, ниту пак од политиката инспирирана, туку пред сè таа настојуваше да нè соочи со дневната феноменологија во која политиката ги брцнала длабоко своите прсти. Неговата песна како поезија има двоен поттик. Прво да се оддели од т.н. „небес­на поезија“, од поезијата под ѕвездите небесни која никого и ништо не бранува, која мадро си седи скраја, и, второ, да се сврти и ја заграби поетиката на оспорувањето. Ристо Лаза­ров од становиштето на својата поетика, ја прак­тику­ваше поезијата како спор, како конфликт со поли­тички на­баб­рената реалност. Во првиот случај (како поети­ка на оспо­­ру­вање) таа ја одбиваше пристојноста во својот поет­ски јазик, ја одбиваше метафората како самоцел и како един­ствено средство на поетскиот јазик, туку го приграби колоквијал­ниот говор со бројни бизарни, та дури и триви­јал­ни слики во сликањето и откривањето на урбаната ствар­ност:

Чувару на паркот, де бре да запалиме по една

                                                   филтер Југославија

па да појадуваме реферати во кои пишува

дека ластовиците се виновни за доцната пролет

а одговорноста за доцна расцветаните ружи

                                                                 ќе ја сносат

птиците заборавиле на селидбата…

Поезијата на Ристо Лазаров уште на самиот почеток го гледаше светот од ноќната страна на постоењето и од ноќта и во ноќта („Кај него цела ноќ смртта сее и пее“) и токму од тоа настроение фрла сноп таголика светлина на денот:

Патишта пред себе не гледам

ми исчезнаа од пред нозе

                                          што ќе ми е умот                   

кога не можам да дишам

Затоа неговите профани поетски слики исполнети со црно-светли и светло-темни бои го впиваат во себе јазикот на улиците. Тој се подбива на политичкиот говор од конференциите кој зборува ништо да не рече, а својот поетски јазик го преточи со бројни ирониски двосмислени значења и со бројни ефемеријади. Лазаров даде маса уверливи поетски аргументи дека и од нив, од тие и такви катадневни ефемеријади може да се создаде поезија, приземната во својата надземност. Ставајќи ги под лупа заблудите на времето, тој ни докажа дека има поетска свежина во колоквијалниот говор со кој се демистифицира искривената реалност, реалноста свртена наопаку, изопачената реалност. Лазаров е поет на вџашеноста од она што го гледа и токму таа вџашеност вџашува во неговата поезија.

Се свртувам кон неговата поезија од поранешни книги за да го досегнам поетскиот континуитет на овој поет во својата поетика. Кај него среќаваме поетски теми што се повторуваат, но никогаш не на ист начин. Она што се повторува тоа е неговиот пристап кон песната кој е искри­чав во избликот на стихот, во кој се вкрстуваат отсечки од јазикот на конференциите, од јазикот на улицата, од јазикот на плакатот, од јазикот на ефемеричноста и на ефемери­јадите, кој е колоквијален, неромантичен, строго предметен, но пародичен, испревртен, подбивен, ироничен, помалку бурлескен. Уште во првата своја книга во циклусот „И вечерва без тебе Лидија“ тој ќе оствари еден демистифи­циран, депатосизиран, депатетизиран и депоетизиран пристап кон најпатетичната тема, кон темата на љубовта:

 

Лидија, еве ти шипинки

Залудно чекаш псовка,

Устата ми е венчана со катанец

го препешачив сопственото чело од рамо до рамо

да го пронајдам тоа место кај што крвта се кале

Гледај како сонцето падна на плоштадот

гледај како го затворија

Во излогот со цвеќе

Втората книга на Лазаров „Јана“ е поема на љубовта, поема на еден поетски сон за љубовта, за младоста, за детството, за среќата, за вечната дружба, за сите радости, болки и маки на животот и за неговите неспокои. Низ проследбата на животот на Јана од пред таа да се роди низ секидневноста на поетскиот јазик („Јана“ е огнена ракета земја-сонце, таа е, „ќерка на облаците“, „самовила, со клетва и отров во очите и пламен во бакнежот“. Во таа поема навираат некои далечни асоцијации со македонската народна песна „Откако се Јана родила“. На сличен начин Лазаров многу неконвенционално го открива нејзиниот живот, нејзиниот духовен растеж од детството до нејзината интелектуална зрелост во некое циклично пеење (Јана пред да се роди, па кога првпат се роди, па по вторпат, па кога имаше пет години, па Јана кога е на сајмиште итн.) низ кои, неменувајќи го тонот во поетскиот јазик карактеристичен со колоквијалниот говор („Јана е дибидус секси“), („Ти реков ми рече конференција“ итн.) сè повеќе избива во преден план поетското, не непоетското („милиционерите по деветпати на ден / ме прогласуваат за ѕвездокрадец“; „тогаш се научив да сонувам / ја сфатив болката на ветрот / ги засакав небесните галии“; „Јана тоа лето им подари на езерските бранови / две капки од синилото на своите ангелски очи / … и небото распукнува од среќа / коњите ја галат / мртвите бараат збор“ итн.

Од „Грозен кикот“ (1982) наваму се чувствуваат благи поместувања кај Лазаров во сфаќањето на песната. Вистината изразена во стихот „Песната тоа сум јас“, останува доминанта на неговата поетика на колоквијалниот говор, но тој говор не е само директен во обраќањето, туку и многу повеќе асоцијативен, т.е. метонимиски кажува, и други скриени нешта, на пример, во песните („Комарци“, „Грозен кикот“, „Препознавање“). Во оваа своја книга Лазаров создал неколку навистина антологиски песни, чисти како солза, без толку честата тривијална прозодија толку густо населена во неговата поезија. Меѓу нив ги изделувам „Радика“, „Проклета гитаро“, „Леринка“. Тој на во нив нов начин ја осмислува својата т.н. патриотска лирика која има и провокативен, но и возвишен поетски набој. Кога го остварува токму тоа единство во песната Лазаров најповеќе се открива себеси како автохтон поет, кој сака да рече дека овој свет не треба да се сфати толку сериозно и затоа го приграбува животот како човечка комедија.

Со своите песни од збирката „Лет/о преку океанот“ (1988) разговорниот елемент во поезијата на Лазаров избива во преден план.

Боингот 747 точно во 17 часот / Слета на      меѓународниот

аеродром во Вашингтон

или: кој денес воопшто ги ферма поетите?

 

Сетилните перцепции на стварноста во неговата песна наликуваат на некој вид поетски запис или патепис. На тематски план во оваа збирка тој се соочува со печал­барската судбина на нашите луѓе. Но тоа не го прави ниту патетично, ниту мелодраматично. Носталгијата нема да ја изрази во стихови ламентации по родниот крај. Тој тоа ќе го стори на еден чуден и необичен начин: ќе каснат тавче-гравче со лути пиперки / потоа ќе се напијат па можеби ќе ја навратат / реката Вардар во базенот, за да го рече донкихотскиот стих „навистина сè може да им се случи на Македонците“. Во убавата песна „Експрес-препорачано писмо до Марко Цепенков“, користејќи го својот говорен идиом, Лазаров вели дека научил како Силјан штркот утре ќе лета на редовната линија од минатото до иднината и назад, па на тој лет ќе сврател и до него да го праша за еден свој сон во кој се сонил умрен:

дали сонував дека сум умрел, или умирачката

сонувала дека сум жив

чунки сакав да те опитам

во која дупка се крие границата меѓу сонот и јавето

и колку товари тегобност може да издржи човечката

                                                                                    душа

Во стихови исполнети со парадокси и парадоксалности Лазаров не се стеснува да го деградира поетскиот јазик само да ја сочува разговорната димензија, како во стихот „ноќеска детето ми се посра в раце, со опроштение“. Анатомијата на неговиот јазик ни открива дека тој не се стреми само кон депоетизација, туку и кон една своевидна деградација, вметнувајќи во стихот вулгарности и тривијал­ности. Кај него се мешаат поезијата и рефлексивноста со бруталноста и вулгарноста. На пример стиховите: „Денес нè има, утре нè нема / ќе исчезнеме како пареа“, или: „Вистина, рајот е во нас / ами и пеколот е во нас“ со дистанцирањето и од поезијата и од филозофијата кога го вмешува во песната Платон кој „за среќа нема телевизор и не чека во редици за весници“ и кој уште верува дека „животот може да се уреди безгрешно, додека ваму, еден по еден прегоруваат осигурачите“ („Атлантида“). Во песните „Вавилон“, „Картагина“ или во „Чамец за спасување“ и во „Одвајнадежна“ да нè фрла во очај и да копнееме по ведрината на некогашните свои песни, зашто сега, таму далеку во слободниот свет тој гледа дека

Фаќа пајажина, насекаде,

Пајажина внатре во луѓето… –

Во неговата песна насекаде е присутен некој отров во очите; во неа се играт отровни танци на распаѓањето, отровна себичност во царството на себичноста и блудот; во неа слушаме како диви волци вијат кај што вино пијат и гледаме како скапале овошните плодови, како до конечното истребување се множат нови фантоми / се коват нови пранги / горат мориња и океани, потонуваат галии / се ограбуваат ризниците, додека Икар заборавен од сите бара чамец за спасување. А сета оваа ентрописка и апокалиптична антипација ја завршува со ретката песна „Одвајнадежна“:

Кого ќе видиш,

што ќе видиш:

тиња, скомраз, блувотници.

Се урива светот на генерацијата

што завива очајнички, како

кафеанска пејачка со криви нозе

Ама глава, ама чутура

сè повеќе почесни плотуни на закопи

сè повеќе молитви за спасение

Сè оди во мајчина му:

и ѕвездите, и цвеќињата,

и пеперутките, и гулапчињата

и гитарите, и серенадите.

Имајќи ја предвид неговата книга „Лет/о преку океанот“ сакам тука да истакнам две нешта: (1) поетиката на „Ненадејна“ за која допрва ќе зборуваме со интеграцијата во јадрото на песната на стихови од македонската народна песна („збогум либе, подај рака, јас пак ќе се вратам“ – „Детроит. насмевка“) што значи дека ништо и во последната негова книга не почнува ab ovo, сè си има свој зародиш дури не бликне во цела книга претходното искуство, и (2) дека во оваа своја книга како и во следната „Силјан Штркот уште еднаш ја облетува Македонија“, Лазаров ги испишува своите сугестивни песни за егејската, пиринската и севкупната трагика на поделените и раселените Македонци по светот („Леринка“, „Жежо фурнаџијата во Лерин“, „Во Воден на пазар“, „Во Костур на гости“, или „Старецот Борис Поп Михајлов Ангелаков во старото македонско маало во Горна Џумаја“, „Мајка му на мојот познајник: сто и една година самотија“, и „Седумте суви јавори во Роженскиот манастир“ или „Со Георги Божиков стасавме на четири часа до Вихрен“ итн.).

Поемите на Ристо Лазаров

 

Силјан Штркот уште еднаш ја облетува Македонија

Таа македонска тема, и како тематска и како поетска вредност, ќе дојде до израз во неговата, поетски и поетички мошне кохерентна книга, „Силјан Штркот уште еднаш ја облетува Македонија“. Лазаров во оваа своја книга нè пренесува во она што самиот ќе го нарече штркова ера во Македонија. Тоа е времето кога немало телевизија, вре­мето на едно рурално среќно раздобје во кое живеело „едночудо далдисан народ“ кој „едночудо сништа сонел“, времето кога сите (и куцо и сакато, и ќоро и ќелаво, и штрци и нештрци) учествувале во „Олимпијадата на сонувањето“, кое, инаку од тогаш па сè до ден денешен уште не било разјаснето

Дали воопшто имаше јаве

Како што за денешново не е разјаснето

Дали воопшто сонува

Во таа штркова ера во која тогаш била Македонија, останало нерастајнето што е сон и што е јаве, та дури и Фројд и Јунг, одгатнувачите на сонот биле „ајле шашар­дисани“, па целата работа излегла без почеток и крај, без глава и опашка. Бил немоќен да рече во што е работата дури и битолскиот оџа, кому Прилепчани му правеле темане да каже што е што, но и тој не знаел ништо за сонот и јавето, но затоа советувал во таа работа многу да не се буричка, бидејќи:

Во рисјански сонови

Чунки од еден сон

Две востанија се кревале!

Кога Силјан („јас штрк недоштркосан, што историја научив од грешките, а географија од болката“) уште еднаш ја облетува Македонија „ја на сон, ја на јаве“, како на кадро и како ѕуница му се покажува таа. Тогаш ја видел во бол никната и завиткана; ги видел познатите македонски трагични историски коти: Баница, Банско, Беаз Куле, Бистрица, Брегалница, Брезово, Белчишта, Ваташа, Водоча, Галичник, Грамос, Дабница, Деде Агач, Ѓавато, Еди Куле, Едрење, Ел Тепе, Загоричано, Кадино Село, Карадак, Караорман, Кленоец, Клисура, Кукуш, Куманово, Кресна, Крушево, Охрид, Пелистер, Пирин, Преспа, Прилеп, Разлог, Рожен, Солун, Фуштани, та дури Виена, Милано, Москва, Одеса, Санкт Петербург, Софија, Стамбол и таки натаки и таки натаки… видел

Која е последната мапа

Во македонскиот атлас на болот

И која е последната буква

Во нашата азбука на гневот –

видел, токму со „такви и слични прашања нарамен… баш како во старите трагедии“

Стадо, воденици, свадби, погребенија

Лавови, убиства, обесчестени жени –

и видел едно ждребе, снег бело „како севезден си плаче ли плаче“, а, ноќум се пули во небото и си го бара сонцето, за дури отпосле да дознае дека се викало Букефал.

Треба тука да се рече дека во својата поема Лазаров не го напушта јазикот на својот ингениозен претходник и сè до нејзината 11 глава, а и во неа, се движи во драматуршките контури на Цепенков. Така во 7-та глава ни се открива поаѓањето со Дуовникот на пат до Божигроб, па престојот во Солун да чекаат гемија што ќе ги одведе на аџилак. Притоа Силјан е шашардисан од градот („Да ти види око, ум да ти штукне“):

Галиба ангело ми седи на рамена

А јас гледам ли гледам

До каде втасува Белото Море!

Во кафенето до Беаз-Куле, каде што „мнозина нашинци коски оставиле тука“, испиваат со Дуовникот по две-три солунски ракии, и притоа до две-три маси до нив го гледаат ликот на Григор Прличев, нашиот Омир

Како да ја мереше тагата на сите Македонци

Како да ги слушаше нивните дамари

Како да длабеше до корените дедови прадедови

Како да го одгатнуваше мирисот на новото време –

додека пред да се качат на галијата, минуваат покрај друго кафене во кое навраќале сите наши анархисти, социјалисти, автономисти, федералисти и други исти и лично присуствуваат на вториот атентат на Јане Сандански. Потоа се качуваат на гемијата и Силјан, од стравои и с’клети, броејќи ги ѕвездите, забележува како „гола мома танцува осамена на брановите“ како симбол на познатата луња кога се распаѓа гемијата и кога исчезнува убавата мома што се преобразила во птица. Ја гушка неа Силјан во своите прегратки и така допливува на штрков остров токму кога на Балканот почнуваат војните и поделбата на Македонците, за со крвои до колена да влезе во штрковата ера.

Но, стемни-раздени, времето си врвело и веќе преправен во штрк Силјан решава цела Македонија одново да ја облета со јатото на Аџи кљак-кљак и да ја види од небесата сета македонска транзиција:

Дошла, бре луѓе, при нас

Скапијата и гладијата

Дошла темнината на времето

Пензионери во редици

Скапуваат пред поштите

И чекајќи пензии се допрашуваат:

Колку, навистина,

Може да истрга еден народ?

И тука го спознав херменевтичкиот клуч на оваа поема. Лазаров од една преубава бајка, мешајќи ги времињата (некогашните и сегашните) всушност во нив ја бара и открива Македонија и Македонците за кои правдина да бараш / Ми ти било / да талкаш (со боринка) од онаа страна на историјата. Заедно со гладијата тој гледа едночудо нови автомобили; гледа пиљари и бизнисмени со златни синџири; вртикапи, подвиопашковци како пијат виски со мраз; гледа браќа што се бербетат да е кабил очите да си ги извадат; гледа по плоштадите на Македонија како Македонците се надвикуваат кој повеќе ја сака Македонија; гледа дека кога „Мачките ги нема – глувците оро играат“; гледа геризи кај што течат, а некаде, ако око не го лаже, таму, на охридските плажи, дури го гледа лично и Данте Алигиери како да го видел неговиот, како наш македонски пекол, додека во „охридскиот залез / севезден си мислев / на залезот на цивилизацијата“.

Поемите на Ристо Лазаров се исполнети со свежи рефлексивни искри во кои кипте едно непретенциозно философско искуство и во кои е скриена една народна мудрост и луцидност, бидејќи никој, како што вели Аџи Кљак-кљак, „никој не е доживотен штрк / и нема ѕид што со глава не се урива“:

Ако немавме сонови ќе немавме и јаве

И ако немавме јаве ќе немавме и сонови.

Несомнено, Ристо Лазаров е поет на гневот, гневен поет, но не и поет на омразата. Тоа најдобро го чувству­ваме во поентата на поемата од Цепенковиот благослов:

Сите нека се благословени

ум и разум да имаат

ангели да им седат на рамена

и од лошо да ги вардат…

Дар во полето

Здравје во стоката

На помош и си светци помошници!

Грешница на душмани

Бог да ни прости крстените души

Благослојте и здрами се!

Кога ги испишувам последните херменевтички комен­тари на поемата „Силјан Штркот уште еднаш ја облетува Македонија“, забележувам дека поетиката на Ристо Лазаров, всушност најсестрано доаѓа до израз во оваа негова поема. Тоа ми ја наметна мислата да се свртам кон основните нејзини начела. Притоа дојдов до уверувањето дека Ристо Лазаров е пред сè поет на поемата, или поточно на поемичноста. Независно колкава е голема, по обем и должина, неговата песна, таа ја вградува во себе како свој најсоодветен жанр, поемата, односно духот на поемата. Треба овде да истакнеме дека прво и најбитно не треба поемата (како што е тоа инаку чест случај во теоријата на литературата од нејзините почетоци до денес) да се одредува според големината и бројот на стиховите, туку според, од една страна, наративниот карактер на певот, конзистентно аплициран во целината на секоја негова песна-поема, потоа во нејзината содржинска структурација, т.е. во нејзиниот фабуларен тек и во ликовите. Во таа структурација во поемите на Ристо Лазаров се проникнуваат и меѓусебно се вградуваат лирскиот и епскиот елемент. Во неговата поетика на поемата содржан е еден прототекст, час на ниво на бајка, час на ниво на мит, а час на ниво на еден откривачки симбол („Силјан штркот уште еднаш ја облетува Македонија“, „Херакле“, „Колумбо“, „Тројца за преферанс“). Неговите поеми, во кои минатото се одвива секогаш во сегашнината, а историјата се случува денес, длабоко се збити и исполнети со ретки поетски асоцијации со што тие два света (минатото и сегашнината) толку органски се поврзани што ние често не можеме да разлачиме кога сме во едниот, а кога во другиот. Нив пак, сите овие поетички елементи на поемата ги обединува нивниот ист поетски јазик.

И тука, на поетскиот јазик на Ристо Лазаров треба да запреме, зашто во него се решава битието на неговата поезија.

Тајната (иако тој сè настојува да десакрализира) на песната на Ристо Лазаров е во неговиот јазик. За него се искажани бројни недомислености, за тоа како во неговиот случај се работи за употребата на некаков арго, или сленг, на некој шатровечки говор, за говор на улицата, за урбан уличен жаргон итн. Кога ова сфаќање на неговиот поетски јазик, толкупати на ист начин се повторува, од книга во книга во освртот на неговите поетски дела, белки од сето тоа има по нешто вистинито, но само како полувистинито. А кај нас, во целината, не само на книжевниот, туку и во целината на социјалниот и политичкиот живот, полувистината стана, или израсна во начин на кој воопшто постои вистината.

За што имено се работи?

Кај Лазаров (во неговото поетско искуство) најголем поетски шарм има дијалектизмот. Тој всушност поаѓа и се потпира на лексичката и фразеолошка, семантична и идиоматска структура на јазикот на Марко Цепенков („чунки сакав да те опитам“; „едночудо далдисан народ“; „ама без фајде: кажи ми да ти кажам“; „му правија темане“, „галиба ангело ми седи на рамења“, „Јас сефте се качив на гемија“; „сполај ти господи што не било да биди“; „Стемни се, раздени се“; „до виљаетот наш и друзи“, „да си го пробам к’сметот“; „да е кабил очите да си ги извадат“; „со стареењево и видениево мое“; „со голем себап, за здравје и добро видение“ итн.). Што зборуваат овие примери? Токму тоа дека во случајот на поетскиот јазик на Ристо Лазаров не се работи за целосно дијалектно пеење низ сета пес­на/поема, како во случајот, на пример кај Санде Стојчевски или кај Ристо Јачев, туку за користење на дијалектни идиоми само како орнамент, како порабување на одделниот стих, или само во стихот, но не во песната/поемата како целост. Кај него всушност станува збор за еден фрагмен­тарен дијалектизам и со уфрлање на свои неологизми и новонастанати зборови како дијалектолошки архаизми што се елемент на книжевниот јазик, а не отклон од него. Во поетскиот јазик на Ристо Лазаров, всушност, станува збор за преднамерни лексички грешки (во нашиов случај турцизми кои звучат како иманенција на книжевниот јазик), потоа за непоетски јазични конструкции за со нив да се постигне хуморен и ироничен ефект. Јас дури одам подалеку и велам дека во случајот на поетскиот јазик на Ристо Лазаров станува збор за свесна контаминација на говорот во стихот, за варваризми кои треба да ја симнат песната на земја, т.е. да ја оземнат, да ја направат тукаприсутна. Тој создава стихови и песни кои сакаат да објават крај на секој повишен романтичен вознес во поезијата, односно да ја депоетизираат, депатосизираат, депатетизираат песната што е инаку органско, иманентно на духот на поезијата, па отаде и честите недоумици во рецепцијата на неговата поезија. Па така кога тој ќе осети или насети дека избива во песната/поемата некој патос, или некоја патетика, тој свесно во својот поетски јазик £ се спротивставува нејзе со стихови не само непоетски, туку и антипоетски што е најпарадигматично во неговата поетика на сфаќањето на поетскиот јазик, што е пак на самата граница на добриот вкус и што нè доведува до прашањето за ризичноста на неговата песна, која нè доведува до дилемата: имаат ли такви стихови воопшто место во песната и пошироко во поезијата? Еве некои примери: „некаква балерина од стои и дваесет кила и тоа со брада“, „уа судија мајката твоја“; „дебело викенд магаре моча под балконот“; „ќе протрча како гологаза комета“; „многу ќе мочаш, а мочањето е изгубено време“; итн.).

 

Херакле

 

Тој јазик, или таа контаминација на поетскиот јазик, распространето доаѓа до израз во поемата „Херакле“ (за која Анте Поповски напиша дека „оваа поема е еден од најмодерните зафати во нашата поезија“). Тоа беше донекаде и разбирливо кога ќе се земе предвид дека прототекстот на овој хипер текст е херојскиот мит за Херакле, кој, доследен на својата поетика на оспорувањето, Лазаров сака да го демитологизира, а со тоа и депатети­зира. Сочувувајќи ги базичните фабуларни пунктови на познатиот мит, овој поет ги сочувал големите херојски чуда на најхрабриот на светот, но притоа ги лоцирал во Америка и во Македонија, т.е. самите тие чуда ги поамериканизирал и помакедончил, исцело лоцирајќи ги во нашата современа стварност. Така, Херакле ќе се роди во авион кој слетува во Њујорк до Статуата на слободата; наместо од Хера ќе биде задоен од стјуардеса итн. Во оваа земја тој ќе ги покаже сите свои херојства и подвизи, но во сосема нови социјални и технолошки околности, во околностите на њујоршката берза; во комарот; во свирењето на саксофони; во своите знаменити борби со лавови, хидри и октоподи; во фаќањето на Керинската срна и еримантскиот вепар; во чистењето на шталите на Авгеј – познатото и невидено ѓубре што се собира во Њујорк итн. Тука во Њојорк, Алкамена („бре, што акачка и акаџика беше Алкамена“) ќе ака („десет цели животи, богами и за фазла“) и во таа нејзина акачка ќе £ дојде акот.

Неговото раѓање се случува со викањето („Аман, мори, Алкамено“) пред Статуата на слободата, бидејќи тука „викањето е најслободно“ за најпосле да £ олесне и да го донесе на бел свет Херакле. Од левата цицка на стјуардесата до устата на Херакле тогаш се создал млечен лик, ѕуница и така Херакле се „исцица за цела година однапред“. Пораснувајќи во њујоршкиот централ-парк каде се собрале секакви фукари, џенабети и туткуни, гомнојадци, коскосерци и балегари, секакви давајгази, педеришта, арпаџици, ете среде таква сурија и „виран дружина“ се нашол Херакле. Во неа тој ќе изучи разни уки – да ги скротува змиите, свирејќи им „тешки македонски ора“, да гаѓа (ја погодуваше секоја паричка со куршум), да гата, алал нека му е на овој Херакле, сè им погодувал на оние што им гатал („сè им потрефи, ама од „а“ до „ш“), но и да ги напрчува убавите женски („една попладне, баш додека ја напрчуваше триесет и третата ќерка на Теспија“). Притоа се запознава со Свети Ѓорѓија, со нашиот храбар светец, се збратимиле дури не се претвориле во едно. Постепено Херакле мислел и си „утувил в глава / да биде бесмртен“ (па од многу мислење пролив го фатило). Тогаш си ги отепува сопствените чеда (каде се чуло и видело) но немало разбирачка со Херакле („ти крсти го, тој прди“). Иако му советуваат на некој странски јазик што од некаде му е познат – „Не дирај лава док спава“, иако дури од Делфи му порачуваат: „доста беше слушај кај шумат буките / сега слушај што пророкот вели“ („ај сиктер оттука бе, мочко низаеден“), но никој не може него да го преплаши. Иако никаде „не виде лавче од државните и партијските барјаци“, тој влезе во борба со арслаништето, бидејќи дојде времето „кој ќе се јунак изнајде, лавот да го пропади“ и со мечот да го усмрти. За тоа Херакле доби чиста десетка, зашто го акна лавот сред среде чело, што овој „ги изброја сите ѕвезди на небо / од македонската песна за Деспина“. Така „во земјата на октоподите“ во која сите живеат од фолирање, ако немаш друга работа сечи им ги главите на октоподите: „Ти една пресечи / тоа три нови никнуваат“, и сè така до илјада и фазла. Тоа Херакле го наречува Уметност на одземање па затоа („колај работа“) навистина имал право Пикасо кога велел: „дека токму одземањето / е мајка на сите уметности“. И се така по ред. На плоштадот Јунион ќе ја зграпчи срната, подоцна со живи раце вепарот, зашто

 

Херакле никогаш

немаше време за губење

како што едно време и Македонија

немаше време за чекање –

па кучиштето, па птиците, зошто и нив да не проба да ги избрка (кога за проба пари не се земаат) па Критскиот бик, чии предци „ја јуреле Европа / и можеби тие ја донеле во Македонија“, „во која наголемо се нагаѓаше / кој прв загина за татковината“; па коњите („Големи зулуми правеле тие коњи“) имале в гас пикнато догорчиња, па чифтиња фрлале, толку биле „ептен аздисани, здивени и сити“.

И така натаму, и така наваму, и така натапан!

Уште пред Херакле да замине на заслужен годишен одмор во Европа, т.е. од Америка да стаса во Македонија, тоа што досега го претставивме и од гледна точка на поетскиот јазик на Лазаров и на бројните дијалектизми и неологизми, остава впечаток дека поемата „Херакле“ како да ја раскажал не некој друг, туку самиот Марко Цепенков. Тоа, во случајот на поемата „Херакле“, е видливо најпрвин од лингвистичка, потем историска и најнакрај од социјална гледна точка. Всушност се работи не само за поамерикан­чување, туку, пред сè, за помакедончување на древниот антички најхеројски мит. Треба, со мал отклон од оваа херменевтичка приказна, да се каже еден битен суд за поезијата на Ристо Лазаров, нешто што е многу каракте­ристично за неа. Имено таа својата оригинална вредност ја добива како целина (како поетика), т.е. како целински опфат. Навистина, има во неа стихови сковани со ретка поетска имагинација, но има повеќе стихови што како отсечка, како детал се тривијални. Но сите тие вградени во песната/поема како целина, ја губат тривијалноста, па така во чинот на депоетизацијата, која доследно се применува во секоја од нив, изнурнуваат (значи, дури во целината и дури со својата целина) во поезија, во поетска структура со оригинални вредности. Се разбира, на тој начин се дове­дуваат под прашање некои од старите формални естетички категории, како односот меѓу целината и деловите, един­ство на множеството, но тоа е случај со сите експе­рименти што се вршеа во поезијата во минатиот и сегаш­ниов век. Проблемот, значи, во случајот на Ристо Лазаров, е во тоа што тој естетски парадокс, токму како таков, ја создава естетската вредност, или естетската валидност на неговата поезија. Но „мегданот е избран“, Херакле е „маж со мадиња“. Тој гледа дека „никој на Бродвеј не ги игра трагедиите на Еврипид“, ама така и му требало на тој Еврипид кој не сфатил на време

дека не е исто да пишуваш трагедии

и да бидеш совест на општеството –

што мошне експлицитно ја определува поетиката и статусот на поезијата што Лазаров ја практикува. При сето досега речено, треба да се додаде дека неговите песни/поеми, особено „Силјан Штркот уште еднаш ја облетува Македонија“, „Херакле“,„Колумбо“ и „Тројца за преферанс“ се напишани во некој летачки стил, Во нив имено се проникнува небесното и земното и се измешани картите земни и небесни свесен дека кога се гледа од високо најсеопфатно се гледа, т.е. Химер Тантала и Тантал Химера. Па нели, додека ја барал срната и талкал по Њујорк, гледајќи ги оргиите во Сохо, ја насликал една од најморничавите слики на Америка и на америчкиот начин на одвивање на современата цивилизација:

Леле мајко, со свои очи што видов

и не ми се верува,

а не пак некој да ми кажуваше

па да верувам!

А бе што да ви расправам

не се знае кој со кого

и кој на кого

машко на женско

женско на женско

и машко на машко

сите со полни мешишта

и со празни мадиња

а бе како кучиња се клецкаа

некои пијани

некои дрогирани

кој од кој порезил

кој од кој побербат

сите за на кадро,

како да беше стасало

лошото претсказание

во срцето на Њојорк.

Во тие пијани оргии Химер „си ја опалува родената сестра“ и потоа кога разбрал што сторил, се фрлил и удавил во Источната Река. Сега ни станува јасно дека сите тие, и древните и модерните приказни, немаат отплетку­вање и дека на небесното фламенго му нема крај. Такво е лудилото на Херакле, но и лудилото на цивилизацијата што ја живееме и со која толку многу се гордееме:

Сите наопаку – тој (таа) терсене,

Сите терсене – тој (таа) наопаку! –

бидејќи, „турли-турли“, се знае дека „придобивките на цивилизацијата и техничките иновации“ го растурија светот и векот, го изопачија човекот и големи зулуми направија, па така во името на привидот на слободата, аздисаните коњи (луѓето) „станаа плен на гладните ѕверови… и раф-тараф“ се сториле и запизмиле

Ја, така било!

Но што било кога Херакле стасал во Македонија и што тој во неа заварил кога така бафтана паднал во неа?

Посакал Херакле Македонците да ги подучува како да ги лекуваат старите рани и како да ги совладуваат големите чудовишта, туку брзо се премислил кога ја видел транзи­цијата која зацарила во сè, кога видел толку арамии колку што никогаш на веков не се накотиле во неа. Во една фуриозна иронична, т.е. двосмислена дикција на пароли од видот на „Да живее транзицијата!“, „Да живеат новите газди!“, „Да живее турбо-фолкот!“, „Да живеат пејачките со големи цицки и рунтави нозе!“, „Да живее гиллетте пената за бричење и бричење на суво!“, Херакле го слуша македонското „Благосојте и здрами си!“, но ги слуша и на далеку познатите македонски кавги и клетви од типот „Ај да би волците го изеле на некоја раскрсница!“, „Ај да се не видит кај да ватит!“, „Чумата да те удри!“, „Ровјата да те ровјаса, да на дно вземи да го втерат!“, „Орили врани да те изедат!“, „Гуски и орли да пасат со тапан!“, „Прав и пепел да се сториш!“ итн. што се некој вид македонски народни пословици, па така ако уште малку поседеше во Македонија, Херакле ќе станеше собирач на народни умотворби. Се стаписува големиот јунак од македонските состојби: „Чудно, ама овде една иста работа / може да биде и бела и црна“, дека во неа се што чини в црна земја било закопано и сега некои се прашуваат:

да не би Македонија да е име

на едно минато?

И можат ли да постојат Македонци

без Македонија…

Но Херакле видел дека, иако на земјава македонска „од сите четири страни / волци £ се беа сјатиле“, сепак во неа на ачил било нејзиното чудо

Македонците пак си пееја и саде си пееја

око не им трепнуваше

велеа дека во песните

тие најмногу се исправени

и најмногу личат на себе… –

Но, иако им се многу тажни песните и во нив опстанува народот македонски, кој се исповеда:

Има народи самоникнати

самопораснати и самопоразени

– таков народ ли се Македонците

– се прашуваше Херакле –

потпевнувајќи си ја песната „Туѓината пуста да остане“.

Сполај работа! Херакле се враќа од Македонија во Америка, прелистувајќи ја „енциклопедијата на менталните трауми на овој милениум“ и сè што чинело на веков „во црна земја е закопано“, а од Америка пак си летнува дома папсан од сознанието дека на крајот на сите краишта преостанал само мракот…

Колумбо

 

Проблемот на мешањето на времињата, на проникнувањето на историјата доминира, дури на еден поусвитен начин, во поемата „Колумбо“. Поетот Ристо Лазаров и во ова свое дело не скршнува од својот поетски идентитет за кој веќе зборувавме. И во „Колумбо“ Лазаров повеќе сака да ја отсликува социјалната, во прв ред политичката стварност на денешнината, отколку да остане на историската реконструкција на епохалниот чин на откривањето на Америка и на откривањето воопшто. Веќе првите неколку стиха од поемата:

А бре Кристофоре, Кристофоре

ем Ристо, ем Форе

две македонски имиња

во твоето што се збрале –

се наметнува ем поетската иронија, ем иронијата на судбината на современа Македонија, ем иронијата на новиот светски поредок. Поемата трга од сознајбата дека на големиот морепловец да му текнало прво да тргне од Македонија и од нејзините песни (на пример да ги чул „Бог да биде кој прв почна / кој прв почна да оди на печалба / на печалба Америка“, или „Пуста останала, мајко земја Америка“, кој знае дали ќе појдеше неа да ја открива? Но, Лазаров и во искуството на Колумбо ќе ја истакне верата како големо мотивационо начело на постоењето, бидејќи доколку „не се верува во ништо / сè трае послабо и покусо“, па, според тоа, само оние кои умеат да сонуваат треба да владеат и дека само нивна е иднината:

Иднината им е единствена утеха

на малите народи

и на самотниците.

Во „Колумбо“ и во „Тројца за преферанс“ многу стихови на Лазаров поседуваат еден позадлабочен метафизички набој што се, инаку, најубавите места во неговите последни поеми. Таа „збрка околу иднината“ трае од времето на Монсерат Кабање, од познатата песна на уште попознатиот српски поет „Санта Марија де ла салуте“ која е органски поврзана со коработ на Колумбо „Санта Марија“ која плови кон новиот свет „со едра од човечка кожа“, со еден хрватски поет, со Дон Кихот, со Охриѓанецот Драган од Лихнида, тој тобџија и прв нишанлија кој секогаш погодувал „во центарот на гневот“. Си отплови „Санта Марија“ со македонскиот светски адет, ем со убави, ем со кобни желби, за на тој пат да го довлечка бродот до новото копно. Во чинот на тоа големо откритие едни ќе го обвинуваат за злодела, за геноцид (Индијанците од Хондурас) за големи кражби, за уништување на предколумбовските култури. Тие заедно со неговите гладни бродари, болно прашуваат: Чуму ни е Новото и Непознатото? Што е тоа напред, а што назад и каде е Едното и Другото? Знаат ли тие тогаш, како ние денес, дека во враќањето нема ништо ново и дека сè на светов е во пустиот грабеж кој незнае за заситка? Знаат ли тие, како ние денес, дека пронаоѓачите на новиот континент и на новиот свет голем зулум сториле, колку имало обесени, заклани, на кол набиени, обесчестени, колку палежи, горежи – во тие т.н. историски први стапки во новиот ти свет? Знаат ли тие, и ние со нив денес, дека тогаш, иако не од тогаш, се кревале бодликави огради на новиот поредок, дека отпосле се видело сето светско лицемерие и обидот новиот светски поредок на целиот свет да му стави јамка околу вратот? Денес по престапниот далечен 29 февруари стана аксиома – ако сакаш да буричкаш во минатото треба да £ веруваш на иднината, како Индијанците во резерватите во кои единствено денес, облечени а ла Франца, единствено таму им е местото па затоа „со историска тага“ гледаат кон небото и бараат историски правдини, слично на Македонците кои, без вина виновни,

плаќаат за сè во историјата

го плаќаат секој плач на

новороденчињата,

го плаќаат секој удар на тапан на свадба

и го плаќаат секое редење на мајките

на гробишта.

Ех кога би можеле усти да отворат морските риби „па да чујат модерните историчари“ како се прераскажува минатото, дека во него потоци и реки човечка крв истекла во морињата, дека „тврдоглавите ја прават историјата, а празноглавите ги бербатат / килимите по кои се гази, кроце-кроце / до новите илузии“. Ти, Кристифоре, испробан ловецу на ѕвезди, „стана масовен зачетник на масовното распространување на илузии“, ти си виновен зашто не предвиде дека, галиба, нема да испаднало на арно изградбата небодерите без балкони и прозорци, дека со тоа всушност „започна ерата без метафори“, ерата на спиралата на плачот, правењето кратери во историјата. И ако не беше Ноам Чомски не ќе се најдеше човек што ќе го гибнеше новиот светски поредок. Тоа чудото на новиот континент израсна во чудовиште и „каде да се направеше нешто асолно / чудовиштето веднаш ќе го проголташе“. Затоа, разбери Колумбо, додека ќе биде живо твоето откритие ќе враќаш борџови, независно од тоа што денес слушаме толку фалби за слободата на печатот и за демократијата во твојата откриена Америка која „прима инфузија од сите крвни групи / а крв дарува само на истородните“:

Сепак ништо не се заборава

адмирале,

ни Хирошима, ни Нагасаки

ни Чиле, ни Гренада. –

ни Русите, ни другите нежни души словенски „кои со децении веќе се даваат / во морето од солзи“ во песните на Бродски; ни запустените цркви и знаменитите камбани во Македонија за која

речиси сите мислат

дека Македонија е името

на најголемиот бегалски камп

на Албанците

од последната Балканска војна; –

ни оние „што сите знаат зошто умираат / а никој не им кажува зошто всушност живеат“. Дотеравме дотаму, адмирале, на Си-ен-ен, на „Слободна Европа“, и на „Гласот на Америка“ да слушаме за големите промени и да гледаме „како Киклопот ги голта непослушните џуџиња“ и како „телевизиските сателити / го смируваат меѓународниот бес / и дека интелектуални кретени / се на чело на новиот светски поредок“.

Ете за тоа и за многу повеќе од сето тоа пее и мисли поемата „Колумбо“. Таа ни потврдува дека поезијата на Ристо Лазаров во својата заднина има еден философски, политички или идеолошки став, дека таа е критички дијалог со разни политики, дека таа зазема храбар став за јазолните прашања на современиот свет, дека е таа во отворен дијалог со сите странпатици на ХХ-от век. Таа во многу нешта е блиску поврзана со крупните и отворените дилеми на светската, но во преден план, пред сè македонска политичка и национална овавременост. Тој е жесток критичар на современата десница и особено на т.н. нов светски поредок, кој, во парадигмата на Америка, е подложен на разурнувачка критика. Се разбира тоа што тој го создава е поезија, не политика. Тој се подбива, неговиот стих е наративен, гол, директен, но и поетски говор со многукратни поетски асоцијации, што во неговите поеми се во преден план и токму тие поетски асоцијативни ракатки се најубавото и најинтересното во нив. Неговите поеми не настануваат случајно, тие се создадени така што, како би рекол Хамлет, има во тоа лудило некој систем. И токму тоа е она што го разликува него од многумина други поети во современата македонска поезија. Неговиот поетски идентитет е во разликата од другите. Таа е нешто посебно, или нешто различно од поезијата на други македонски поети.

 

Тројца за преферанс

Со последната своја поема „Тројца за преферанс“ (2001) се заокружува цела една, можеби најзначајна фаза во поезијата на Лазаров со која тој стана познат и распознатлив поет во македонската поезија.

Што е предмет на оваа последна негова поема?

Тоа се тројцата најголеми и најпознати еретици во светската историја на идеите и на откритијата: Никола Коперник, Џордано Бруно и Галилео Галилеј. Сите тие завршија на клада од прохибицијата на Светата столица, на познатата инквизиција, иако не сите тројца на ист начин. Кај сите нив и за сите нив е карактеристично она што Лазаров го наречува трансцендентално и трансвековно зјапање во ѕвездите, или нивно наслушнување и шепотење. Тие Тројцата со „фазла фантазија и храброст со фазла бистри­на во погледот“ и, се разбира со фазла тврдоглавост, по пат и низ чинот на една травестација се замислени и префрлени во Охрид и тукам пред хотелот „Парк“, со векови играат „трансцендентален и трансвековен префе­ранс“, како „сета живеачка / да е собрана во шпил карти“. Преферансот се играл дење под лозница, зашто ноќе сите тројца „зјапале во ѕвездите“ и особено на св. Никола, денот на охридските рибари. Тогаш кога на еден од Тројцата му бил именден, тогаш кога над небото на Охрид се распостилале светкавици, а рибите од езерото „го играле својот весел танц / и скокаа до ѕвездите… / па рибарите и денес прикажуваат / дека пегите на сонцето се настанати / од крлушките на охридските пастрмки“. Со овој вовед во кој се применуваат, од една страна, принципот на асоција­тивното поврзување и мешање на времињата и местата, а од друга начелата на травестијата, пародијата и бурлеската се влегува во поемата. Веќе нејзиниот втор дел е посветен на Никола Коперник по наше Кољо-Никољо. Секој еден од големите откривачи и еретици има свој солилоквиј во кој ја раскажува во еден пародичен вид својата животна судбина.

Никола Коперник кога бил дете голомеше Турците веќе ги преправале македонските цркви во џамии. Тоа го разбрал кога видел дека едно минаре му го попречувал погледот кон сонцето и тоа на ден пладнина. Уште еднаш, или уште кој знае кој пат, низ песните што ги пееле Македонците, иако кога тие пеат не се знае колку пеат колку плачат, но сигурно е дека оној што нив ќе ги чуе ќе стане ѕвездочатец. Дури разбрал дека во една се спомнувало и неговото име („Абре Кољо мамин Кољо“). Тие го раскажуваат својот животен пат со една добро одмерена фактографија во која, меѓутоа, има многу пародија, парабола, (гледајќи го неспокојот на ѕвездите некои од нив се мразат и кога ќе се спречкаат доаѓа до вселенски каранбол); со многу иронија, а на некои места тие раскажуваат во духот на народната поезија („каде одам мале, без ум одам / каде терам мале, пеш одам / и ги одгатнувам мале / тајните на старите мапи“). Тројцата раскажуваат со богат асоцијативен говор, со многу алузии („Оставете ги ѕвездите / надвор од политиката / а ѕвездите многу љубат да бидат аполитични“, или „сепак се врти / Сонцето бре луѓе / ем се врти, ем го врти светот / од сонцето ко месечина / им се врти главата“, „сонцето го ора сиот свет“ и тие што во Македонија крај охридскиот брег го играат трансценденталниот и трансвековниот преферанс имаат разбирачка за сончевите вртежи. Така Коперник вели дека потполно сфаќа зошто првоизговорениот збор на сцената на МНТ бил: „Колку е блиско сонцето“ и зошто Македонците од Александар наваму си го носат сонцето на своите знамиња. Ми се чини во сите нивни солилоквии има најповеќе травестација и травестирање (буквално пресвле­кување и преоблекување) со внесување во пеењето на шегобијни и на непристојни зборови што несоодветствуваат на поетското писмо („знаев убаво што е маде голо“, „врз мојот споменик севезден какаат гулаби и галеби“ итн.). Но сето тоа, сета таа аристофановска пародија во подбива­њето со оваа историска јалан дуња, на пример со денешна Европа – таа „блудница вавилонска“ тој со голема жестина се подбива преку зборовите на Џордано Бруно кој раскажува („Европа е таква / проклета и грижи раѓа / на глед убава манџа / што бргу скиснува… / на далеку смрди… / од која се добива дрскосерица… / да престанете да сркате / од европските казани / и да се вратите на домашна храна“). Во таа смисла многу интересна е прошетката на Џордано по големите европски градови. Во Женева ја среќава Милена Јасенска која квечерум го води за рака Франц Кафка. Во кафеаните го среќава Владимир Илич Ленин кој сега не е за фалба. Во една лично го видел Хорхе Борхес кој зјапал по аргентинските планини итн. за да констатира дека во Женева денес нема ни поети ни револуционери. За Париз и Лондон и да не се отвора уста, во нив одамна не се врткаат Маркс и Енгелс. Тогаш кога скитал Џордано по Европа, во Прага и абер се немаше дека Вацлав Хавел ќе израснел во голем љубител на демократијата и на убави актерки. Насекаде Џордано ја подготвува својата клада со сознајбата дека „Бог не е издвоено битие, дека Бог постои во сите нешта / што го сочинуваат Универзумот / а универзумот е бескраен“. За тоа и за сите други нешта ќе падне во осумгодишна зандана и високите обвинители на Светата инквизиција ќе го наговараат да се покае, да ги повлече думите, но до пазар меѓу нив нема да дојде, па на плоштадот Кампо Дел Фиори во Рим ќе гори на кладата и така во тоа тлеење на огнот ќе ја чуе македонската народна песна „Црно му било пишано“, како што кога го затвориле ја дослушнал песната што народот во Македонија ја пеел: „Ми го затвориле Младиот Јорданчо во темни зандани“. Но подоцна на истиот плоштад ќе се види како Величествен споменик на слободното мислење и ќе стане туристичка мета.

Галилео Галилеј, колку за здраво-живо, ќе рече дека сè се движи, и ние луѓето и ѕвездите и сонцето и земјата сосе нас. Тој најмладиот од Тројцата е најдолговечен, но во услови на Светата Инквизиција и Темната Транзиција во Македонија најубаво човек да му ја дувне некаде како што Македонија здувнуваше во некоја џенемија само да не го трга она што го трга и да не биде за навек

Тргната земја

со тргнат народ

искривена кула во Пиза.

А кога ќе се исправи таа

баш и не се знае

кога ќе се исправат

и други искривеници

во светската историја.

Што се однесува до луѓето, секое скокање во височина завршува со паѓање, а нив, како што фрлав камења од кривата кула во Пиза, така и нив откога постојат ги фрлат како камења, а целата своја живеачка ја истуркаат на оптегната жица – колку пооптегната жицата, толку пооптегната живеачката. Тоа е негово искуство од Тоскана и од татко му што оптегнувал жици, од, вели, мојата Тоскана над која небото е многу високо и сиво и со многу ѕвезди кои шепотат и за кои секој ќе посака да им се доближи ним и троа да ги бакне за да ги поништи далечините. Но за тоа треба да измислиш телескоп и со него да се насладуваш во веселата вртелешка во која земјата се вртеше околу сонцето, а сосе земјата сè живо и диво се вртеше „до што е говедар / на американските ранчови / до што е куртизана во борделите на Тоскана / до што е оџа во Каиро…“ па сè „до што е запален митингувач на македонските плоштади“. Но за сето тоа ќе чуе Светата Столица и ќе го испрати преку Светата Инквизиција. Таа ќе стокми уште една клада, но, за голем резил, Галилеј ќе го отповика своето учење и сиот живот до неговиот крај ќе се јаде и гризе, бидејќи знае дека има резили што не се перат и кои вечно ќе траат и никогаш нема да ја смират совеста.

Интересно е стокмена оваа една од најдобрите поеми на Ристо Лазаров „Тројца за преферанс“. По секоја глава посветена на по еден од тројцата големци доаѓа глава посветена на жална Македонија во која „Македонците редовно се сплеткуваа / и ќе преесапеја нешто на своја штета / без да ги забележат / грешките во есапите / стекнувајќи со тоа / глас на народ што пропушта / многу историски шанси / за сите топтан / да се запињат во календарот / на вечната осаменост“. Дури и понатаму Тројцата, покрај брегот на хотел „Парк“ го играат својот трансцендентален и трансвековен преферанс, во жална Македонија фатила опака болештина која се вика јазична англоманија, па „снема во неа / договори, а заима дилови / снема чувство а заима филинзи / снема губитници а заима лузери“ итн. па така шашардисани од новоговорот, пред хотелот „Парк“, дури Тројцата ја доигруваат трансвековната и трансценденталната партија преферанс, многу сеирџии расправаат за светската политика. Така на крајот дури полека им истекнува резервацијата на Тројцата во хотел „Парк“, Ристо Лазаров ги испишува со голема поетска оригиналност, повторно во духот на народна песна стиховите:

Ако девет месеци жена носи

ако осум моми се на орото

ако шест месеци се пол година

белким и пет века се стига

да се преврши партијата

Трансендентален и трансвековен преферанс

и да престане веќе еднаш

зјапањето во ѕвезди.

Тројцата во убавата ноќ крај охридскиот брег зјапаа во ѕвездите и чекаа да видат која од нив ќе му донесе поткапа, оти само таа го има крајот на играта, додека оние „кои соблекувајќи поткошула / ги имаат почетоците / од некои други игри“. Тројцата ја завршуваат играта, а последниот шпил карти му го завештуваат на „охридскиот музеј / на ѕвезданите блесоци / и на вековното зјапање во ѕвездите“.

Тоа е крајот на поемата. Таа пее за човековата храброст, за човековото искачување кон ѕвездите, но и за човековиот резил да се жртвува вистината на живеачката. Во неа е истиот поет, поет кој сака големите вистини за светот и човекот да ги каже на единствен едноставен, народски јазик, исполнет и со многу подбив за овој свет и за нас самите во него, за познатите македонски кавги и за трагичните македонски искривеници. Примерот на Галилеј е и трагична поука за секој еден народ да не ја отповикува својата историја. „Тројца за преферанс“ остана во нашата постојна литературна стварност речиси незабележана. Во неа овој оригинален поет и поет на оригиналноста што значи поет на изворноста. Кај него присутноста на грубоста во поезијата се преобразила во поезија на грубоста. Така, сепак, највисок дострел и на оваа поема на Ристо Лазаров, за која повеќе ќе се зборува во иднината отколку во сегашноста – е токму во поезијата, во оние вехементни поетски стихови што се леат барабар со делови од македонската народна поезија. Во нив проникнати се во една единствена целост политиката, метафизиката и песната во говорот на секојдневниот наш човек: рибарите стари абдали „ја разбираа метафизичката смисла / на солзата на охридската пастрмка“.

Оваа поема има фуриозен крај набиен со силен поетски флуид. Тој не може толку да се изрече колку што може и треба да се чуе, да се чуе „на далеку преку Вардар“ и до „нашта нива преку двата рида“ зашто во неа се пее, но и се мисли и смислува овој жален и тлеен свет, оваа јалан дуња на која длабока и трајна смисла му дале големите Тројца што во Охрид крај Езерото ја играле трансценденталната и трансвековната партија преферанс во три различни бои: две во црвена херц, една во црна пик. За доказ дека неговата поезија е испеана не само од поет со редок дух и духовитост, но и со ретка поетска доживелица на светот ќе го приложам нејзиниот крај:

Баш тогаш

затрепереа струните

на кемането на Садило

и се разлеа низ езерската шир

песната за Деспина.

Тогаш охридските пастрмки

ги почнаа своите

величествени скокови

до небото,

тогаш Тројцата

братски си ги стегнаа рацете

и на дното на езерото

на најдлабокото место

фрлија шише

а во шишето аманет

- да се памети

и севезден да се повторува:

тврдоглавите ја крепат

светската историја.

Херменевтички коментари за најновата книга

песни „Ненадејна“

 

Ненадејно стаса „Ненадејна“, последната книга песни на Ристо Лазаров, кого што сосема очекувано го дочекавме во едно старо-ново руво и тоа на два плана: на композициски и содржински. На композициски збирката „Ненадејна“ е концепциски мошне стројно и конзистентно обмислена. Таа како целина е архитектонски симетрично градена. Има седум циклуси секој од по седум песни. Сите 49 песни од седумте циклуси, заедно со проложната песна „Срцето на Емили Дикенсон“ со која е силно нагласена таа доминантна и автохтона интимна развојна линија во неговата поезија, се во иста метричка форма, во познатите Дантеови терцини.

Но во „Ненадејна“ клучен пресврт се случил токму во содржинскиот внатрешен пласт на неговата песна.

Имено, Ристо Лазаров ја засновува песната врз наче­лата на својата поетика за сфаќањето на поезијата како човечки длабоко меродавна дејност. Според него, поетите се меродавни творци, односно творци што на своето време настојуваат да му дадат човечка мера, т.е. му ја кројат мерата на неговото постоење, под услов, се разбира, секој свој егзистенцијален миг од својот живот да е поетски и длабоко човечки фундиран чин. Во „Ненадејна“ на поетичко ниво е мошне успешно реализиран еден ориги­нален поет­ски проект, кој тој фрагментарно го реализира особено во своите поеми.

Имајќи ги предвид бројните наслови на неговите песни во оваа негова најнова книга, кои се фрагменти, или навеви на стихови од македонската народна поезија, тој, како нивни далечен одглас, низ нив го доживува современиот актуелен политички и социјален свет. Неговата песна не е повеќе онаа позната од досегашните негови книги – само отворен и непосреден дијалог со современоста, туку таа е остварена како некое присеќавање на минатото, што сега изворно блика од песната, како присеќавање на нешто одамна протатнато. Со тој чин неговиот поетски јазик, далечно асоцирајќи на јазикот на народната песна, делува мошне свежо, ново, неистрошено. Тие негови неологизми и старонови зборови создаваат еден нов поетски поредок во неговата поетска перцепција на стварноста во песната. Така, нешто што одамна се изгубило во нашето сеќавање, сега ни се враќа, но овојпат не како нешто древно, туку како нешто ново: ем како некогашно, ем како блиско, а толку далечно, односно, како далечно, а толку блиско. На тој начин, ние чувствуваме дека неговата песна, доаѓајќи од минатото и сегашнината се вмешала во сегашнината и кон иднината ита. Така далечното, исконското, сега повеќе невидливо, ни се враќа како сегашно, како тукаприсутно (дасеин), како наша денешна нова реалност. Неговата поетска стратегија во најновата книга е сета свртена кон откривањето на човечките интимни доживелици, кон човековата осама, кон љубовта, кон бездните на душата, кон големите нејзини мераци, кон нејзините исконски при-сеќавања. Таа, во повеќето случаи, претставува бегство од катадневицата, некој вид свртување грб на актуелно политичко време, а му приоѓа на трансисториското, на дамнобилото, на архетипското. Песната, овојпат, е свртена кон убавината, која Ниче со право ја споредуваше со девојка што има причини да се сокрива. Неговата поезија како вообичајно во неговите песни, повеќе не нурка во хоризонтот на тековното и актуелно социјално, морално и политичко време. Освен тоа во „Ненадејна“ се случува аполониското за сметка на дионизиското начело. Таа не е повеќе восфала на радоста, на сетилноста, на опијанетоста и баханалното, туку восфала на љубовта и убавината, на интелектуалната осама. Лирскиот јунак не е опијанет, туку истрезнет и длабоко загледан во убавината на животот, во пустите, вечни и непресушни човекови мераци. Неговата песна има поголема и подлабока метафизичка тежина.

Поет што беше толку долго опседнат од раскрвавеното лице на стварноста и историјата и кој во своите песни беше најнепосредно и најдиректно соочен со силите на злото, што хара(ше) по балканските и европските сокаци, планини и села, по балканските и европските историски крстопати, со еден збор, кон замрачувачкиот принцип на животот, сега ни открива дека не само што не е неможно сè она што е напуштено, туку дека и не е вистинито сè она што се случува и трае денес. Тоа е едно конзистентно начело на неговата поезија. Лазаров во „Ненадејна“, според тоа, не го напушта базичниот принцип на својата поетика поетот да не смее да помине низ овој свет, а притоа да не нурне во него. За него тоа е исто како и да не сме минале, или дури да не сме биле во него. Од неговото, претходно поетско искуство сега откриваме нешто како нова порака на неговата поетика. Таа порака денес гласи: треба да сме, сепак, на извесна дистанца спрема тековното за да можеме него да го разбереме, за да го направиме нам поблиско. Лазаров во „Ненадејна“ овојпат го бара својот исток на својот запад, т.е. својот изгрев во својот залез. Тој сфаќа дека изгревот, истокот е секогаш крајно неизвесен, додека пак заоѓањето, западот ни дава некоја извесност по која сме трагале и настојувале да ја откриеме и осмислиме, но не сме успеале во тоа. Таа трагична мака во неговото поетско творештво трае кај него паралелно по недостижноста на бараното што е тешко досегливо, бидејќи секој поет, како и секој трагач, мора да помине низ огнот на постоењето, со што, како да го повторува Борхес: Нека постои небото па макар мене да ми е местото во пеколот.

Во сите (да повторам) 49 песни од седумте циклуси (7 х 7) на „Ненадејна“, сите испејани, открајдокрај, во познатите Дантеови терцини, Лазаров, како и порано, го слуша историскиот ритам на човековото постоење. Во него трага по духовниот и поетскиот идентитет на човековиот опстој, отворајќи ги во своите песни темните завеси за да ѕирне во наборите на неговата тајна. Сите тие седум циклуси од по седум песни во длабоко осмислена целина, ги доживуваме како своевидна поетска изумителност, толку тие поседуваат свое сопствено поетско битие, свој автономен извор на тајната и смислата на песната, што блика од неа.

Ристо Лазаров во својата најнова книга, чудно и чудесно насловена „Ненадејна“, се враќа на орфичкиот симбол на постоењето. Веќе самиот наслов на неговата нова книга упатува на тоа. Има во тој наслов како белег на сета негова поетска фуга некоја метафизичка јанѕа што е базично начело на неговата поетика, бидејќи секогаш е така: она што е ненадејно секогаш е искупително, прови­денцијално, нешто што нè замајува, привлекува, маѓепсува, очуднува, слично на радоста што во животот ни ја носи ненадејната средба, ненадејната љубов, ненадејната песна, ненадејната порака или вест. Лазаров, имено во сета своја поезија ни открива колку ненадејното има поетска привлечна моќ, колку тоа го издигнува мигновеното во трајно, а трајното во мигновено. Во неговите песни тие, токму тие ненадејни мигови, носат ретка возбуда и духовно откровение и прозрение. Тие се како трепетлика трепетнала. Оригиналното во поетскиот јазик на Лазаров, е имено во тоа што трепетот и трепетликата на своите и во своите поетски доживелици на јазикот ги преобразува во песна која, како ќе рече, нови ѕвездарници ѕида, сфаќајќи ја, притоа, оваа јалан дуња како човечки опстој што секогаш завршува со слом. Во неа е сè тлејно и трошно:

во темната одаја

ти се испушти грнето

од треперливите раце

се скрши грнето

се истури гравот

се стори дармадан

така било од века:

грниња да правиш

грнињата да не ти траат.

Таа метафора, тој симбол, тој зауман и задуман збор дармадан е нова негова метафора, инаку средишна за метафизичката концепција на неговата поезија. Ние, се разбира, точно тој збор не го разбираме, не знаеме што буквално значи. Ние повеќе го преднасетуваме значењето на тој збор/симбол. Се разбира, сфаќаме дека како лексема тоа значи крш, лом, дармар, хаос итн. Но, работата е во тоа што како симбол дармадан е сето тоа вкупом и уште којзнае колку други нешта од сето тоа повеќе. На тоа имено се должи фактот што многуте нејзе слични симболи во неговите песни ни делуваат неизвесно, заумно, очудувачки.

Тука сега е ред да спомнеме еден базичен принцип на неговата поетика. Тоа е сугестијата која има голема поетска моќ во песните на Лазаров. Затоа и велам дека е ретка сугестијата, односно сугестивноста во овие песни-терцини на овој поет. Таа во нив избива во преден план.

Како и на кој начин?

Пред нас, ние чувствуваме, тече еден современ поетски рек и рекам, додека од него и по него, како оддалеку, да допира исконот, да пристигнува некој далечен ек што звучи во нашата душа како некоја нашинска стара народна песна што се врежала во нашата свест и така преобразена повторно се населила во нас:

Дикат недикат

елечето ти е

раскопчано

кој ти го скрои

убаво ти стои

раскопчано

на елече

петлици скинати

уроци заковани

под елече

бели гради

црни стапици

две срмени топки

го осветлуваат

јатото мераци

низ иглени уши

младо преметарче

крпи соништа

не продавај го елечето:

од тебе во тебе се враќам

златна трепетушко.

Во песните на Лазаров од „Ненадејна“ сугестијата навестува некое скриено, некое додатно значење на зборот во стихот, или на стихот во песната што ја менува смислата. Затоа кај овој поет сугестијата го зголемува емоционалното и мисловното значење на поетскиот јазик, кој пак со двосмисленоста, или дури со спротивната смисла, се изедначува со поетската иронија, со травести­јата и пародијата воопшто тие битни и конститутивни елементи на неговиот поетски говор.

Што се однесува до внатрешните содржински пластови во новата книга песни на Лазаров, доминантна е темата на љубовта, т.е. на она што тој самиот ќе го нарече големите човекови мераци. Но, во своите песни од „Ненадејна“ овој поет ни открива една сосема нова семантика на љубовта, блиска, или наполно слична со познатата негова поема „Јана“. Во песната, на пример, „Варосано кердосано“, ги среќаваме стиховите:

одајчето ми е мало

малку зело, многу дало

скривалиште на нови сни

одајчето без тајна

е како река без вода

како небо без ѕвезди

Има во таа нова семантика на љубовта нешто од сугестијата и сугестивноста на старите/старински зборови и поетски синтагми за неа како, на пример, елечето; џамаданчето; златното чекмеџе; фурна на времето; сокол пиле; ждребицата си го чека јавачот; танцува со вилинско коњче; зелена зеленика; ни треба отворена порта / од сон во сон / да влегуваме; песната карасевда; со гердани од живи ѕвезди; градинчето од мераци; чалгаџиите ќе ни пејат / голема риџа си сака; водата насолзена самовила; сношти поминав заминав низ клисурата на празнината; црните карванџии; сербезлија; срце што чука како дајре; шербетлии ѕвезди; душата за синџир врзана; извор вода; катинара на тајните; се запали одајчето оф аман аман итн. Достатно е притоа да ги споменеме насловите на песните од „Ненадејна“, како, на пример, „Од три страни сонце грее“, „Покрај вази“, „На мека постела“, „Елечето џамаданчето“, „Коња јавам“, „Варосано кердосано“, „Сокол пие“, „Запеј ми“, „Голема риџа“, „Ајде сонце зајде“, „Поминав заминав“, „Срдиш не доаѓаш“, „Од четврта месечина“, „Се запали одајчето“, „Болна легнала“, „Оф аман аман“ итн. па да откриеме колку она што тој ќе го нарече, плурализам на љубовта, е длабоко поврзан со бројните народни песни како поттик, како фон, како срце и ум; како мерак. Лазаров го поврзува денешното со исконското и во тоа е постмодерен поет. Но, притоа, во неговите песни тој не го вградува оној познат фолклорен цитат, или орнамент што во некои негови песни и поеми ќе го сретнеме и што некогаш беше доминантен во нашата поезија. Фолклорниот орнамент, сега е пресоздаден, пре­обра­зен во современ говор, во модерна поетска семан­тичка структура што ја има и содржи во себе сугестијата. Овој поетски проект на Лазаров во зрелата, во есенната фаза на животот на неговата поезија, мора да му се признае како мошне успешна поетска иновација, во која доаѓа до симбиоза на народната и на модерната песна. Ристо Лазаров, создавајќи ги своите нови песни, како да ја носи во глава сета македонска народна лирика, сите нејзини зборови, метафори, ритми, на кои им дава свое современо значење.

Во поезијата на Ристо Лазаров од „Ненадејна“ хуморната инспирација е и понатаму битен елемент. Во неговите претходни книги песни хуморот беше вграден во поезијата како нејзина иманентна и мошне битна автентична поетска одредница. Така е и сега. Него во одделни стихови и во „Ненадејна“ ќе го сретнеме, иако овојпат во мошне имплицитна форма:

сенка врз сенка

крива магарица

дури до небото – итн.

Во „Ненадејна“, хуморот е ненадеен и неочекуван, бидејќи му отстапува место на трагичното чувствување на светот. Ристо Лазаров сега сè повеќе се всредсредува кон внатрешната страна на зборот. Неговата песна минува низ клисурата на човечката празнина и плива во езерото на осаменоста. Таа, прелетувајќи го очајот, сè повеќе се свртува кон тажните приказни на потонатите гемии и јури во галопот на судбината. Во неговите песни низ маалата на градот на клади / горат снопови време, / душата е врзана за синџири, додека овчарче младо чобанче / од лепешка ѕида / музеј на очајничкото блеење. Сега разделбите болат и нови болки лазат; сега болката од солзите прави отров; сега изневерата е како гламна поцрната, додека сврдлото длаби нови сомнежи. Тоа трагично чувствување сè повеќе се раширува во просторот на неговата песна. Поетот се чувствува како столчен во аван, како пресушена река, како ангел со ѓаволски намери / што не му дозволуваат да се гушка со смртта; тој се чувствува себеси како фатен во орото на гревот, како срце црвјосано и алосано. Во песната „Трепетлика трепетнала“, она познато трагично македонско чувство што постои во сите нас денес, чувство што ги распалавува нашите егзистенцијални трагични национални трауми и  дилеми сè повеќе станува доминантно:

ту постои, ту не постои надеж

ни спотнала татковината

пред очи ни испаруваат мечтите.

Сега надошло време кога студи, кога сме опседнати од последната алка / на синџирот на болот; кога насекаде среќаваме чело врело од очај и бакнежи со изминат рок; кога мразулци ја преместуваат / реката на кошмари; кога пресушиле сите букети, кога едночудо горчина истечува од нас, кога на сите коктели се слушаат ветви воздушки и кога некоја музика нè враќа на праизворот на солзите; кога бесрамни силуети / бараат нова педа место / за танцот на дамарите.

Поезијата од „Ненадејна“ е свртена по големите мераци на љубовта и убавината, по загатките на смислата на овие базични нешта во човечкиот живот што секогаш одат заедно. Во нив Лазаров трага во загатките на постоењето воопшто. Треба, притоа, да се истакне дека неговата песна има сè понагласен гномски вид. Во тој однос таа е налик на пословицата, на поговорката чија смисла ја доосмислуваме ние самите, зашто таа ни остава ние да ја дорастајниме. Неговата песна ја карактеризира едно живо и животворно паметење. Во неа се возобновуваат големите енигми на духот заклучени во народната песна. Во нив се препознаваат големите човечки копнежи и болки од кои раснел народниот пев. На тој начин паметењето израснува во единство на сеќавањето и човечката судбина. Има во неговите песни некоја дијалектичка, хераклитовска тензија која ни открива дека секоја вистина има и своја спротивност, дека низ страдањето расте надежта, дека сè на светов и веков е како познатата Борхесова книга од песок и дека во таа смисла кај Лазаров нема песна која на свој начин да не е истовремено и една криптоетика. Имајќи го предвид криптоизбликот на неговата песна од народната, и особено од нејзината ритмичка структура, ретко кога сум бил толку длабоко уверен во вистината дека неповтор­ливото е повторливо, а да не делува како повторување и дека само во поетската креација која е секогаш изворна и автентична рекреација, тоа е можно. Има во неговата песна (токму поради фактот што на својот фон ја има лирската народна песна, секогаш на сличен начин како во неа) некоја приказна што се прикажува; некои емоционални собитија што се орабени со поетски шарм, како во песната „Севдалино Севдо“:

на рудина

на пладнина

налегната севдалина

во неа

лудо танцува

богот на создавањето

грмат

востанички пушки

под нејзината музејска носија

врз неа

галопираат бакнежи

и ги обновуваат молњите

градите

£ ја пишуваат историјата

на светските земјотреси

низ очите

и излегуваат

сите езерски извори.

Треба да се рече дека иако неговите песни се опседнати од трагичното чувствување на љубовта како во народната лирика, поезијата на Ристо Лазаров, сепак, никогаш не ја прифаќа сентименталната песна, песната самодоволна на самата себеси. Тој сака и неа да ја впрегне во колата на животот за таа да се вмеша во него и да даде свој влог во неговата промена, како, на пример, во песната „Покрај вази“. Во таа смисла, неговата поетика од првата до последната книга и во речиси секој свој стих, како постојано да ја повторува мислата на Рајнер Марија Ремарк, дека би било сето што досега е напишано лажно и безначајно ако „културата на илјадолетијата не била во состојба да го спречи пролевањето на пороите човечка крв“. Затоа неговата песна е фанатички доследна и верна на вистината и слободата. Тој е уверен дека секој поет, особено поетот на овие ужасно нечовечни дни на т.н. транзиција, може да биде верен на самиот себе (а тоа значи и да биде автентичен поет) само ако својата песна длабоко ја ситуира во своето време како фактор на времето, слично на неговите претходни книги. Во нив тој го формулира своето уверување дека сè може да му биде простено на поетот, само не и премолчувањето на своето време, особено на она што толку многу крвавеше, на пример, во 2001 г. и по неа. Или, како што пишуваше Борхес: „Човекот на сон и на јаве ги анализира одговорите на своите привиденија и не се давал да биде заведен од измамници и во своите колебања ја преднасетувал сета своја интелигенција. Ја барал душата која го дозволувала неговото содејство и соучество со светот“. Во таа мисла се кристализира сето поетско искуство на Ристо Лазаров, или во неа е целиот Ристо Лазаров. Во сиот свој поетски развиток овој поет беше поет на опасната песна. Низ целото негово поетско творештво се провлекуваше, ин цонтинуо, токму таквата песна. Затоа и ја нареков неа „ризична песна“. Се разбира, таквото пеење, имаше свои странпатици кои Лазаров на повеќе места успешно ги избегнува благодарејќи на свеста дека него постојано, иако не секогаш, со ист интензитет, го следеше поетската инвенција, и голема и особена духовитост со кои пригодното и пежоративното се крева на ниво на поетско, сфаќајќи дека „облиците на земјата одговараат и соодветствуваат на облиците на небото“. А тогаш надоаѓа времето кога  мора да се случи луња, да заврне силен дожд што ќе ги исчисти сите човечки валканици и гнасотии на земјата. Така е тоа во најзначајните книги на Ристо Лазаров, така е тоа и со неговата последна книга „Ненадејна“. И во неа среќаваме песни што длабоко се однесуваат на нас самите во нашето загадочно време, кои како духовно да бдеат над нас, над нашиот свет и над нашите соништа.

Песните од „Ненадејна“ тешко можеме точно да ги определиме: дали се тие песни што поттикнати од новото го бараат него опседнати од прастарото, или пак, обратно – отвореноста кон прастарото, кон исконското го бара во песната новото? Во таа дилема се крие еден битен философски став што го наметнува неговата последна книга: она што е прво е она што било последно, односно она што било некогаш последно, станало прво. Во тоа е драмата и драматиката на овој свет, во тоа е драмата и драматиката на поезијата на тој свет. Така отсекогаш било и отсекогаш така ќе биде: во светот во кој меѓу луѓето не царува убавината, во таквикот свет на неговиот раб постојано се заканува војна. Во тоа е срцевината на неговата поетика. Ристо Лазаров имено не сака ништо да одмолчи. Го одмолчува само она што е сезонско, додека во неговата песна главните текови на времето не го премолчуваат него, т.е. времето не го сокрива времето. Особено не денес во времето на ова политичко лудило и кај нас и во светот што се граничи со безизлез. Затоа и ни се чини дека неговата поезија остана отворена спрема љубовта и смртта; спрема човечките сомнежи и човечките восторзи; остана бунтовна, очајничка и копнежлива; опседната од маката, но и од радоста; од среќата и од несреќата; истовремено сетилна и умна; дионизиска и аполониска. Затоа ли нејзиниот творец, поетот Ристо Лазаров секогаш го доживував како ранет поет кој, овојпат, ги распламтува, но и смирува и хармонизира човечките страсти и доживелици обединувајќи го во човечкото битие она поделено и разделено во него: телото и духот.

Микрочитањето, битен елемент на херменевтичката анализа

 

Сега ќе пристапиме на лапидарни, на некој вид кратки херменевтички проследби на повеќето негови одделни песни.

Како своевиден прелудиум на почетокот на книгата „Ненадејна“, поместена е песна вон циклусите, песната „Срцето на Емили Дикинсон“ јазолна поетска вертикала на книгата.Во неа се промовира нејзината единствена поетичка идеја како бастион што бдее над неа и која блика од срцето, кое скока во орото на гревот. Тоа срце е жедно за нови соништа и глуво за таламбасите на слободата. Тоа не е само срцосано, туку и крвјосано и ѕвездосано. Тоа го губи тлото под нозе и се крева во височините, откачено од вселенската рамнотежа:

Срце заспано на лулашка од ѕвезди

си го учи епитафот наизуст:

срцето горе, срце!

Кога ќе ја прочитаме оваа песна во неа ќе ја доживееме не само основната лирска интонација на целата книга, во која се резимирани оние интелектуални метафизички јадра мошне симптоматични за нашето време.

По прочитот на првиот циклус, насловен „Трепетлика трепетнала“, веднаш се потврдува доминантната поетска идеја на оваа негова книга – нејзината лирска и елегично-баладична интонација.

Првата песна е наречена „На стол седи кафе пие“ и делува како гатанка (чијшто одговор би можел да гласи на пример, Животот).

А приказната во неа е крајно едноставна. Човечката, изнемоштената човечка рака трепери и се тресе дури го става филџанот на маса. Кафето е, инаку, многу благо, бидејќи во него трепери насмеано срце. Но, на дното на филџанот и додека се пие кафето, т.е. додека се живее животот, се готват нови загатки, а дотогаш некоја розова иднина ја чува среќата смрзната (во фрижидер за длабоко смрзнување). Тоа треперливо кафе како треперливиот живот многу жежи, го попарува јазикот кој може единствено со бакнежи да се лекува.

Во втората песна која го носи насловот на целиот циклус (во првиот како и во останатите) „Трепетлика трепетнала“, темата на љубовта навлегува, речиси демонстративно, на главни порти. Во неа веќе во првата терцина се соочуваме со основната нејзина тајна:

сами сме, посами не може да биде

во студеникавата кафеана

со поглед кон горделивата река.

Носат чај. Сркаат: Тој па Таа, сркаат со некоја таинствена страст. Потоа таа, како вцрвенета трепетлика, влегува во неговото лажиче и продолжува да трепери како мајчина душичка. Така сркнува Таа, па Тој од тие неколку голтки чај со рум. Тоа е скриената љубов, содржана во внатрешните пластови на песната.

Во песната „Се сретиле“, животот ни е откриен како карамбол. Така, на зелената чоја две црвени топки фаќаат пусија „со глава на глава / секој карамбол / е испит на совеста“, па така во карамболот, бол, бол, двете топки во него оддалечени една од друга, наликуваат на љубовници без љубов.

Во песната „Од три страни сонце“ силно пробива во „Ненадејна“ основната нејзина идеја, песната да се гради на фон на друга песна, како некој вид остатоци во свеста, во срцето и умот од народната „Од три страни сонце грее, од четврта месечина“. Таа се трансформира во љубовна, дури во сензуална песна. Некој од вљубените молчи. Молчејќи горчливо насмеана, љубената преоѓа на онаа работа, тогаш еден бакнеж го запира времето, а тој молчи како недовршен споменик, додека од

молкот

нови ѕвездарници ѕидаме

сонцето да нè варди од уроци

Таа базична поетска идеја на Лазаров, од асоцијациите врзани за некоја позната народна песна, т.е. од една протопесна да создава своја нова песна, ја среќаваме и во следната „Покрај вази“. Во неа силно одѕвонуваат фрагментите од народната

сечи моме

руси сништа

прави скали од сенки –

зашто вистина било: секој љубовник секогаш е губитник, па така на песната не £ останува ништо друго, туку во последните две терцини да се распее во чудни рими

Кажи, кажи

нели е лично венчето

на челото на вистината

важи, важи

ќе береме зеленика

за постела на ѕвездите

Колку љубовната и со неа трагичната димензија е карактеристична за поезијата на Лазаров од оваа последна негова книга можеме да се увериме од песната „На мека постела“. Во неа сè кипти од страсна сензуалност, која, меѓутоа наоѓа поетска мера и делува со ретка сугестивност, како целата драма на љубовта да е откриена во стиховите:

свиткано си во клупче

како летна јаребица

пред настрвен птичар

те допирам нежно

како најубавиот грозд

во рајска постела

Освоена е љубената (галеж по галеж) како средно­вековна тврдина. Потоа на перницата / зад пламенот на свеќата / тие се слеваат едно во друго, а потем навираат тврдите несоници и привиденија

на мека постела

трепетлика си тенка

адамова вечна сенка

Како навлегуваме во следните поетски циклуси идејата на Ристо Лазаров да ја гради својата песна врз фонот на народната, сè повеќе доаѓа до израз.

Вториот циклус „Се стори Дармадан“, почнува со песната „Дотекла вода“ (студена). И во неа, иако на имплицитен начин, доминира кошмарот на љубовта. Во целата песна и во сите нејзини седум строфи се чувствува атмосферата на студенина. Тоа е студот на дотечената вода што до последната алка на синџирот го врзала болот во душата:

китка мирисаш, мене ме мислиш

мразулци ја премостуваат

реката на моите кошмари.

Во следната песна повторно сме во темните предели на душата. Таа се топи како коцките мраз. На ѕвездената тераса се слушаат симфонии од блажени стенкања. Тогаш го фаќаш грнето под грло и од него испаруваш како стар шлагер. Но, доаѓа темната одаја. Од треперливите раце паѓа грнето и сè се сторува дармадан. Во таа метафора на грнето е симболизирана трагичната сушност на нашата живеачка. Така било од века: цел живот со грижиш да направиш нешто тлејно и трошно, нешто што не трае, нешто што само човечката душа го знае – дека сè на веков е чад и сон, сон и чад, бидејќи секогаш доаѓа неумоливо часот на смртта и трагедијата, кога сè во животот се сторува дармадан.

Песната „Срна ли си или кошута“ ни нуди множество докази дека со песните од „Ненадејна“, Ристо Лазаров создава во македонската поезија еден нов модел интимна лирика. Оној стариот, боемскиот, веќе е надминат и тој не го возобновува него. Се разбира, некој придушен бол лебди и во неговите песни, но тој не е средишна инспирација на песната. Неговата автохтона интимна лирика има социјален ангажман. Тој не сака да ја потроши својата песна во празно. Навистина, интимната интонација е насекаде присутна, но, одеднаш и наеднаш пресврт – лирскиот субјект се истрезнува во некои апсолутно непоетски метафори: пресушиле дури и марамчињата / за исекнување на влажното минато. Едночудо горчина се истура од превртените џебови и надоаѓа виор: изгаснале уличните светилки и не се распознава срна била, ил кошута?

Едно чувство измешано со восторг и бол, со радост и мака, какво што е љубовното, наеднаш во песната „Дали си се наспало“ добива целосно црна трагична гама.

црна мачка во сонот

лавежи на пес скитник

црна крв во црн бунар –

што нè пренесува во пределите на сонот кој има две острици и две расекотинки од бронзена секира. Во него црна месечарка, танчарка на црно јаже / бере суви гроздови, а прудолу од сонот твоите години излегле од една песна на ацо шопов. Но да не остане сè во една црнотмурна атмосфера што, инаку, не е карактеристична за неговото поетско искуство, во последните две терцини Лазаров постапно внесува хуморна рамнотежа во песната. Најпрвин пред нас е една трпеза од здробени школки од дојранското езеро, со некои коктели од ветви воздишки кои нè соочуваат со Зеновите апории, со што за на крајот во поентата на песната, хуморот да кулминира

три вечери во сонот

една желка си ги пие солзите

и парадно му одмавнува на зенон.

На песната „Елечето џамаданчето“ веќе се осврнавме. Темата на трагизмот на љубовта како лирика суи генерис, тече во паралелен, речиси синхрониски тек со истата тема во народната лирика. До нас нè допираат само зборовите, туку и мелодијата. Тоа е едно ретко чувство: доживелицата на песната, зборот и мелодијата да се стопат во едно кохерентно единство. И сега треба да забележиме еден битен елемент на неговата песна. Неа не само што ја гледаме, туку како да ја слушаме. Тоа чувство нè исполнува и од песните „Верно да љубиш“ и „Коња јавам“. Ќе предложам тука само една препорака: Читајте ја песната и во своето внатрешно уво слушајте ја неа:

коњче, ујлија, шутлија

по конаци, по пармаци

ме доведе до твоите одаи

чув и видов:

овековечена убавина

со музика во вените

со музика

ја осветлуваш патеката

до праизворот на солзите

кај што заспала надежта

осамнуваат бакнежи

полетуваат јата чучулиги

од бела снегулка

мигум стануваш солза

во мојата врела дланка.

Таа опијанетост од и во љубовта се отрезнува со стиховите без поетски преттекст („мозолчето ти излегло / на незгодно место / а и колковите бараат мала пауза“). На тој начин поетското и плотното е, речено со негов јазик, сопнато во поентата на песната. Така Лазаров не £ дава на песната да скршне и сета да се засолни под сентимента­листичко и кантиленско засолниште. Во песните од третиот циклус, наречен „Криво крувче“, темата на љубовта е затворена во одаја („Варосано ќердосано“). Во „Севдалино севдо“, само што ќе го прочитаме насловот на песната во свеста ни се преселува познатата народна песна и нејзината мелодија. Читајќи ја песната ја слушаме неа, слушајќи ја, пак, неа ја читаме песната. Кај Ристо Лазаров на тој начин песната израснува во мелодија, а мелодијата во песна. Неа ја доживуваме и со сетилото за вид и со сетолото за слух:

на рудина

на пладнина

налегната севдалина –

во неа лудо танцува, богот на создавањето. Бакнежите ги обновуваат молњите, градите ја пишуваат историјата на светските земјотреси. А кога низ очите излегуваат сите езерски води, тогаш меракот пее и галопираат бакнежите.

Така новите песни на Лазаров се случуваат половина на сон, половина на јаве („Сон сонило“). Нив на јаве ги сонуваме, а на соне ни се јавуваат. Тие живеат во некоја имагинативна зона меѓу привидението и вистината, меѓу стварното и фантазиското, меѓу илузијата и стварноста. Притоа, иако стиховите не се римувани тие звучат. Имаат, како во народната песна, свој рефрен кој е битен елемент во неговата версификација. Со повторувањето најчесто само на еден збор, обично на почетокот на секоја строфа, изделен и повеќепати акцентиран, песната ја засилува својата емоционална длабочина. Најилустративен пример е „Трипати петли пееја“:

три пати

го даруваме изгрејсонцето

со пролетни одежди

трипати одгатнувавме

колку тежина

од минатото содржи секој нов ден

трипати

окото што ќе видеше

раката ќе фатеше

трипати петли пееја

со свои очи додека видовме

дека сегашноста поминала

Љубовта е поетска опсесија на „Ненадејна“. Неа најсилно ја чувствуваме во песната „Сокол пие“. Во неа, преку небесната судбина на соколот се открива небесната судбина на љубовта.

Песната „Криво крувче“ разбуди во мене асоцијации на Шопенхауер: човекот е накриво создаден и него тешко ќе го исправите. Тој е осуден да биде таков каков што Ã, без можност во себе да ја трансцендира несреќата и болката. Во оваа песна токму тој метафизички модел на љубовта е допрен. Според неа кривото крувче (како и човекот) право насадено, накриво изникнато, натежнало од соништа. Неговата судбина (крошната) е складиште на стари сонца. Затоа е тоа криво изникнато / гордо исправено / знаме на љубовта.

Во „Зелена зеленика“, рефренот е искористен со ретка поетска сугестивност. Првиот стих, овојпат во сите седум строфи, почнува со „зелен ти е“, еднаш коренот и новата надеж; другпат гранката што самата ја потсекуваш; третпат муграта што се јази кон ѕвездите, а на крајот папокот, вкотвен на дното на небото.

Кога трагичното чувство на љубовта во песните на Лазаров не е во преден план, тогаш е тоа трагичната драма на човечката живеачка. Во песната „До сенка сенка“, човекот е виден како сенка. Таа ни е потребна за со неа низ отворена порта, од сон во сон да влегуваме, мигум да ги претрчаме / полињата на смртта. Во поентата на песната сфаќаме дека сиот човечки живот е само сенка, дека тој и не е ништо друго туку сенка врз сенка, дека во овој живот сме на помин и отаде со сенката севезден истекуваме / како истопени снегови.

Таа драма на живеачката како драма на човековата истрајба, се случува во миговите, во соништата, во привиденијата и провиденијата, во миговите на големите непресушни човекови мераци. Токму таа и таква драма се одигрува во песната „Голема риџа“. Прочитајте ја песната и речете си како што си реков јас: Ајде сега доживејте ја ако можете таа убава, таа прекрасна песна без Охридските трубадури, без чалгаџиите, без кемането на Садило, без езерските далги, без раскошната ноќ и широкиот сон, без големата риџа (што ако тој збор го преведете на модерен литературен јазик, т.е. ако речете молба, сета песна пресушува и овенуваат поетските асоцијации). Тоа е така бидејќи тој збор, делува како битен симбол на песната. Тој е нејзин столб. Од тој збор истекуваат и се влеваат во нас водите на народната песна што ја слушаме и гледаме како тече, како се прелива и слива во нас, во некој вечен недотек и уште повечен недорек. Убавината на песната Лазаров ја создал пеејќи ја неа како народна, но притоа не на ист нејзин глас (од едно грло два гласа, две песни) туку на свој глас. Во неговата песна, навистина се случува народната, но таа е протолкувана на свој и оригинален начин, како во песната „Ајде сонце зајде“. Во овој случај неговата песна е посестрана и подлабоко нурната во темните егзистенцијални пластови напластени во неа:

вртат однатре

две болештини, два очаја

два огна за печење

старо родно небо

одродени рапсоди

и нови пранги

праведници и покајници

подгрбавени инкасатори

на застарени љубовни сметки

ем се љуби, ем се губи

ем се пише, ем се брише

ем се крие, ем севда врие

една ни е планината

едно ни е сонцето

едно сме двајцата.

Во петтиот циклус, „Магли правои“ доминира трагич­ниот елегиски тон. Во песната „Мој галебе“, галебот, како порано соколот, е трагична метафора за човекот, слична на оваа бистроока птица, која никогаш недолетува до гнездото, па затоа човекот прилега на галебот –

очи ти насмеани

а од клунот

очај ти капе –

додека во песната „Од малечко до големо“ се случуваат две реки во еден и ист час. Во првиот сеирџии и месечари ја вртат реката да тече наназад. Во вториот, реката не се свртува кон нив: таа си тече, од извора до утока, како момето од малечко до големо.

Во поентата на песната двете реки, онаа што ја вртат наназад да тече и онаа што тече нанапред во еден глас ни велат: рожбата никогаш не проплачува / во утробата на мајката. Дури од раѓањето наваму почнува плачот (како во песната „Поминав заминав“) кога влегуваме во клисурата на празнината, во езерото на осаменоста, во очајот на испразнетата надеж.

За тоа како надоаѓаат љубената и љубовта ни зборува песната „Со жолти узди“. Таа надоаѓа како нескротлив брзак, надоаѓа поројно. Таа дурли за силно да ги однесе жедните и сушните години. Таа тече и ги навртува сите рипки да му танцуваат на љубениот во сонот. Таа е како чифт жолти узди кои го запираат галопот на судбината.

Во „Платно белеше“ доминира рефренот бел, бела. На почетокот на секој стих атрибутот има истовремено функција на алитерација и на контрапункт. Алитерацијата, во оваа и во повеќето песни од „Ненадејна“, е кај Лазаров базичен елемент во ритмичката организација на стихот. Со неа се зголемува еуфоничката експресивност на неговиот стих. Со контрапунктот пак се поврзуваат спротивставените епитети и поетски идеи. Тука треба да се истакне полифоничноста на неговите песни:

бела облога

за врелите глави

на црните караванџи

или:

бела понадица

за идна свекрвица

црна покосница

или:

бел килим

за зборовите

шашардисани од беспаќа

или – на крајот:

бела песна

за правјосаните

црноризи времиња.

Во „Срдиш недоаѓаш“ како одглас на истоимената народна песна, љубената е сербезлија како јаричката од народната песна. Таа натрупува во заедничката подводна пештера / скаменета тага. Таа прашува: што сакаш? Дали да сум како риба безумно залетена по вештачки црв на јадицата, или да сум превртена и на грб папсана риба од голем мерак по сонцето? Нема одговор. Разбираме дека кога таа се срди нејзината душа тогаш убаво танцува среде езерската шир.

Интересно е тука да се спомене кога стоиме пред песната „Магли правои“, дека и ритмичката структура на секоја песна на Лазаров од „Ненадејна“ е сообразена со ритмичката структура на народниот мелос:

пак ми одиш

ситно, ситно

пред мене

пак ми кимкаш

на јасното сонце

скориваш јадови.

Таа аналогија на ритмичката структура на неговата со мелодијата од народната песна е поетички принцип доследно спроведен во сите овие песни. Но таа не се однесува само на метричката организација на песната, туку и на содржината и идејата на првата (неговата) и на втората (народната) песна. Најилустративен пример за тоа е песната „Се запали одајчето“:

глас во тебе

глас во мене

потпора од песни

река во тебе

река во мене

устие од мераци

сама ти

сам јас

спотната постела

бараш ти

барам јас

катинра на тајните

доцна е за тебе

доцна е за мене

се запали одајчето.

Во песната „Од четврта месечина“, во ноќта, во маалата на градот, на клади ќе горат / снопови време, ќе летаат пијани килими, ќе летаат кон ѕвездената отворена порта. Во „Каранфил невесто“, по возобновата на спо­мените што ечат во времето, од една страна се далечните приказни и митови, од друга, суровоста и жестокоста на стварноста. Тоа е песна која го демитологизира, дезилузио­ни­ра митот, како водата во текот на историјата. Таа тече, дотекува, а по неа пловат книжните лотки за да се исплакнат сите лаги со опашки / за одисеј и пенелопа, бидејќи на итака никој не стасал / без да го преведат жеден / преку девет мориња.

Тој елемент на водата, е аргумент дека сè се менува и преобликува. Што сè не прави водата? На очите патокази, на усните наситка, на сркачите срма, а на оние што не прогледале им го изострува видот и им раздава гордост на уморените од светлина.

Водата пак во песната „Извор вода“ е видена на космолошко рамниште како праелемент што беспомошно лебди / привремено откачена од вселенскиот систем, така што и кога се враќаш без стомни / изворот е полн.

И во најновите песни на Лазаров од „Ненадејна“, присутен е оној базичен елемент на целокупното негово поетско искуство што како лајтмотив се провнува во сите негови книги. Тој елемент е поетската иронија која ја следи секогаш една каденца, т.е. една смирена и спокојна интонација. Бидејќи станува збор за поезија, поетската иронија добива во неговата песна значење на тропа и алегорија која ни овозможува нешто да сфатиме што е спротивно од реченото, а смислата спротивна од поетскиот исказ. Иронијата како тропа и алегорија нè приведува на изворот на една егзистенцијална контрадикција, која, во светлината на реченото ќе ја протолкуваме низ песната „Половина облизниле“.

Тоа е песна за младото чобанче што од лепешки ѕида / музеј на очајничко блеење. Дошле на светот, јагнињата го играат танцот на надежта, додека волкот зад трлото нервозно ја прелистува енциклопедијата на цревните болести. Песната завршува со една философска премиса – ако сегашноста е меѓусебен глодеж, ако неможното се облизнува како можно – дали лагите се вистина и дали иднината е гладување. Тоа го измачува младото чобанче кое од стварноста прави мерник на тагата и немоќта:

кроток волк цело стадо кркнува

додека овчарчето аџамија го нишаат

на нишалката на светските правдини.

Силен впечаток од претпоследниот циклус остава последната песна во него „Се запали одајчето“. Во неа доаѓа до израз ем лирската ем метафизичката база на неговата поезија како експресија на возбудливи духовни состојби и на длабоки и разбранети душевни јанѕи. Во оваа песна, инвокацијата како обраќање на љубените еден кон друг, добива примарно значење во организацијата на песната. Во неа, како и во повеќето песни на Ристо Лаза­ров, се води еден на свој начин имплициран, истовремено лирски и рефлексивно натопен дијалог. Љубовта е соли­локвиј, внатрешен порив на допир на двајца кои ги поседуваат во себе истите душевни атрибути. Ти си сама, сам сум и јас и сме во спотната постела. Ти ме бараш, јас те барам да ја отклучиме катинарата на тајната. Само што кога ќе ги затвориме кепенците, влегуваме во темнина. Тогаш:

доцна е за тебе

доцна е за мене

се запали одајчето.

Таа вистина е праелемент на сè и на сите нешта. Силата нејзина е во преднасетот кој обликува една своевидно мистична целина што делува како флуид, како занес, како привидение. На тој начин кај Лазаров песната се збиднува, одвива и тече како рационализација на ира­ционал­ното и емоционалното. Над сето тоа, потсетувајќи на соодветната народна песна „Се запали, пиле Трено одајчето“, оваа нејзе блиска метрика и ритмика, реализи­рана во песната, е многу блиска во синтаксичната, но и во интонициската нарација на песната на која, меѓутоа, воопшто не £ пречи, бидејќи кај Лазаров прозодијата звучи, има своја внатрешна сугестивна поетска еуфонија што се огледа во фоничкиот и сонорниот состав на стихот и строфата. Песната нема рима, но поседува асонанца, силен мелодиски ек т.е. силно звучно одѕвонување во стихот со што се засилува неговата сонорна компонента особено со т.н. акцентирани вокали.

Во последниот циклус, „Лушпе ореово“, болката лази во пределите на душата. Разделбите болат и сè догорува и онемува и само покрај тебе се умира од среќа.

Во целиот циклус, како што и во целата книга, љубовта и болот, сонот и јавето, љубовта и смртта, чекорат заедно, откривајќи и спознавајќи дека тој што сонува, тој болува. Така во песната „Оф аман аман“ која е сета испеана во рими и сета блеска во опализација, т.е. во некои скапоцени камења (опали) и двајцата (љубената и љубениот) се веќе душевно скршени и столчени како во аван. Тие се како пресушена река, како разрок сокол, како земја нема, како празна чаша. Де едниот е едното, де другиот е другото, а третиот пак е лелекот: оф аман аман, како воздишка која конкретна смисла нема, а осмислува сè. Затоа веќе во следната „Запри не бегај“, влегуваме во внатрешните страни на времето и се надеваме болно и таговно, дека сепак, ќе го фатиме последниот балон и ќе ја прелетаме бездната.

Истата атмосфера лебди и во песната „Врни се врни“. Лирскиот јунак знае дека враќањето почнува уште пред заминувањето, знае дека секој лист на своја гранка го личи, но и дека

има ангели со ѓаволски намери

и тие не му дозволуваат секому

да се гушка со смртта –

а животот е смачкан и горе и долу: горе исчадени ѕвезди / долу смачкано време – само долг молк се распослал пред нив и јарболи од ветви надежи.

Но на крајот љубовта се пренесува на татковината како доказ дека љубовта е иста и исто значење има за човекот и кога се однесува на либето и кога е за татковината. Во последната песна „Што се сака не се зема“, токму тоа доаѓа до израз. Во неа се засилуваат патриотските метафори, изгрева новото утро, се свират револуционерни маршеви, под површината на секоја нежност, се креваат сните на востание, но на ист начин како и љубената се освојува и тврдината на татковината: бакнеж по бакнеж. И независно од тоа што талкаме до уште еден бескрај во мусандрата на нашето време, едно е, и покрај сè, јасно: многу трепетлики има во еден допир, во еден нем допир без тајна:

пиштат пилците во седалото

татковината се крепи со песна:

што се сака не се зема.

 

*         *         *

И што треба да речам на крајот на овој мој долг пат на неговата песна?

Несомнено, Ристо Лазаров ја градел својата најнова книга обмислено и осмислено. Така и можел да создаде една оригинална книга песни на рамништата на две поетики обединети во една, т.е. како песна испеана од едно грло на два гласа. Затоа таа го заслужува нашиот респект. Од друга страна, на композициско рамниште „Ненадејна“ е структурирана во 7 циклуси. Секој од нив е изграден од 7 песни, а секоја песна пак од по 7 строфи. Отаде математички израз на неговата версификаторска формула може да се прикаже како 7х7х7+1/3. Тоа значи дека „Ненадејна“ е тектонски оформена книга. Таа има 49, плус една, како прелудиум, или значи вкупно 50 строфи, односно 1500 стихови. Тие се распоредени во една единствена метрика, аритектонски стројна, а тоа е терцината, односно строфата од три стиха. Општо земено, кога зборуваме за нејзината композициска форма таа е замислена и оства­рена книга песни во која тектониката има примарно место. Тоа на „Ненадејна“ £ дава оригинална естетска вредност и од гледна точка на формалните нејзини вредности, и од гледна точка на нејзините метафизички квалитети. Тука мислам на нејзината симетричност, хармо­ничност, врамно­теженост и тематска и поетичка кохе­рентност.

Од гледна точка на второто, во естетиката и поетиката за мене најбитно рамниште, можеме да речеме дека Лазаров нурнал во столетното, во исконското, архетипското егзистенцијално искуство на македонската народна песна и него на еден модерен, односно постмодерен начин, го изразил во неговата сегашна песна. Притоа, тој не создал таква една и иста. Напротив, и двете песни – старинската, народната, од една, и денешната, неговата, од друга страна, упатуваат една на друга, се вливаат една во друга без да се изедначат и без да станат нешто исто и нешто еднакво.

Затоа ако на крајот ја парафразирам познатата наша народна песна, можам да речам, дека песната на Ристо Лазаров од „Ненадејна“, во оваа негова оригинално концепирана и остварена книга, е, како веќе реков, испеана од едно грло на два гласа. Неговата песна и неговата книга во целост речиси на незабележлив, а не на натрапничав начин, претставува ем длабока евокација, далек ек и далечно ехо од минатото, ем како длабока нејзина локација во трагичниот свет на сегашнината.


Катица ЌУЛАВКОВА

 

 

ПОФАЛНО СЛОВО ЗА РИСТО ЛАЗАРОВ

 

 

 

Денес, во македонската згусната Состојба до точка на вриење, во време на иронично наопачко превртување на сите вредности и на целосна ентропија на системите на колективните, медиумските и на институционалните параметри за добро, праведно, перспективно, хумано, да се фокусираш на еден поетски опус создава чувство на културна и цивилизациска нелагодност. Се мислам дека е време за нов ангажман на писателот и на уметникот и дека да се затвори интелектуалецот во своето стаклено ѕвоно е еднакво на предавство на личните и на европските норми за етичност. Во таква состојба на одење по рабовите на умот, таму кајшто се слуша одекот на вечниот етос, и посебно ехото на македонскиот етос, поезијата на Ристо Лазаров ми се стори токму како парадигматична за да искажам некои ставови за книжевноста. Ќе почнам со ред, колку и да се чини дека сум го игнорирала редот на нештата на славеничката реторика.

 

Прво, Р. Лазаров е поет на мојата генерација, онаа која имаше привилегија и мака да биде најдолго млада. Ете не’, повеќето навршија 60 години живот и најмалку 40 години творештво, богато творештво, а сеуште не’ есапат за млада генерација. Тоа има и свои објаснувања, има и некои оправдувања. Како и да е, токму поводот да почне да се претставува низ сериозни избори по повод 40-годишното творештво, и’ ја легитимира, официјално и гласно, на оваа генерација, возрасната граница и ја нагласува потребата од препрочитување и превреднување на нејзиното творештво.

 

Трите томови поезија на Р. Лазаров, објавени неодамна, во едно едноставно и убаво издание на „Дијалог“ (2009), беа повод за интегрално, обновено и критичко препрочитување на неговата поезија.

 

Ете, поетот од мојата поетска генерација, кој долго време важеше за невостоличен во потесниот круг на поетски вредности од и во македонската критика, поетот кој одеше по маргините на водечките текови, поетот на бунтовничката и по малку интимизирана лирика, тој поет што го одминаа на времето и некои заслужени награди, стигна до она место на коешто стигнуваат признанијата, а со нив и некоја морална правда, со тоа и некоја професионална поетска сатисфакција.

 

Кои се аргументите што ги нудам во прилог на согледбата дека поезијата на Р. Лазаров во македонски рамки е неодминлива кога би се правела поцелосна нејзина слика и прилика?

 

Прво, поезијата на Р. Лазаров остава впечаток дека е читлива, сценски изводлива, референцијална, колоквијална, комуникативна. Таа е еден од убавите примери со коишто се илустрира фактот дека поезијата не мора да биде строго херметична, радикално двосмислена и тешко пристапна, како што понекогаш се мисли. Токму принципот на лежерната наративност, комбиниран со принципот на внатрешниот поетски ритам, слободата во играњето со зборовите, мајтапењето со скаменетите идиоми и клишеа, поетиката на дрско поентирање, реториката на некое навидум инфантилно обраќање, тензијата меѓу читателот и песната и конвенционалните претстави за лирските обрасци, им го дава на повеќето песни на Р. Лазаров неопходниот поетски шарм. Тоа се случува и во песните како такви, и во поемите кои се некоја поинаква, епизирана поетска варијанта, ама сепак се поетска, а не прозна варијанта.

 

Една од константите во поезијата на Р. Лазаров е практиката да се употребуваат во поетскиот простор некои јазично-сценски елементи позајмени од колоквијалниот и од фамилијарниот говор, некои елементи на клишетиран урбан поглед на свет, што поетот настојува да ги актуелизира и да ги стилизира на свој начин. Тој на клишеата успева не ретко да им даде нова семантичка и стилска димензија. Во стилистиката и оваа постапка се смета за легитимна во постигнувањето поетски ефекти. Оваа постапка е ефикасна од стилска гледна точка, а во комуникацијата со читателите и по однос на нејзиниот значењски багаж, внесува чувство на еден лудизам неопходен за преку тешките теми да се премине со леснотија. Тоа пак е основата на штимунгот на забавност и луцидност на поетското кажување на Р. Лазаров. Тоа ја карневализира поезијата на Лазаров и ја прави да биде една од најтипичните или најспецифичните во однос на современите облици на карневализиран дискурс. Бахтиновски кажано, карневализираната поезија на преден план ги поместува долните, ниските, ежедневните, егзистенцијалните и ласцивните лица на стварноста.

 

Интересот на Лазаров за социјалните аспекти на живеачката, за политичките димензии на човечкиот век, за македонската дијаспора, за живеачката на ниските и специфичните социјални слоеви (рибари, фурнаџии, но и гајдаџии, револуционери, историчари, боеми и поети) за питорескноста на народните слоеви воопшто, за јазикот на пцостите, за кафеански тип на реплицирање на сериозни теми, десакрализацијата на љубовните теми и сл., се добри показатели за карневализмот на еден добар дел од неговата поезија. Оној друг дел почесто запаѓа во некој фолклоризиран сентиш, на мигови прозвучува како некоја варијанта на популарна новокомпонирана музика, во него почесто се бега од стварноста и тоа е една друга матрица на Лазаров, за којашто јас не би зборувала многу.

 

Но поезијата во којашто доминира моделот на свет кој на сценскиот простор на песната ја поставува средишно тривијалната и пародизирана стварност, заслужува внимание за толкување и вреднување. Во негов стил кажано и со негови зборови, еден добар дел од поезијата на Лазаров, и тоа најдобриот, ја опева нашата, македноска, и особено пост-југословенската „бричена стварност“. Со јад, со горчина, со носталгија, со лутина и со висока доза на емоции поетот ги опишува местата кајшто испукаа шавовите на некогашната југословенска социо-културна стварност, примерот за тоа како се распаѓаат и добрите творби врз неколку проверени манипулации со етничките и верските идентитети и колективни мемории. Неговата збирка „Одмолчена“ е добар пример за тоа како се пишува една поезија исполнета со стварност, а сепак сеуште и првенствено поетска.

 

Р. Лазаров успева во својот поетски опус од  десетина оригинални поетски книги и неколку книги – поеми, да профилира неколку поетски обрасци: (1) карневализираниот тип на поезија, за којшто пред малку зборував, и кој ми се чини дека на места го доближува до поетската матрица по којашто се препознава и еден Гане Тодоровски, се разбира со темелни генерациски и реторички разлики; (2) мемоарскиот тип на поезија комбиниран со некои епистоларни, дневнички, автобиографски и конфесионални елементи, образец кој може да се смета и за подваријанта на карневализираниот поетски дискурс; (3) боемско-интимистичкиот образец на синергија меѓу традиционалната усна и модерната поп матрица и кој, во крајна линија, покажува дека боемштината е одлика на едно екс-југословенско минато, уште повеќе дека за боемштината е нужен неопходен општествен комодитет во смисла на релаксирана социо-политичка констелација и интеркултурна комуникација и меѓучовечко дружење отаде границите на етничкото и верското (впрочем, нема боемштина кајшто сите разговори започнуваат и завршуваат со смртното прашање дали ќе опстанеме и до кога ќе опстанеме!) и (4) неговиот почетен модел на младешки лудизам, на една неоромантична варијанта на љубовна поезија испишана врз фонот на младешкиот бунт, младешките жаргонизми и патриотизми, единствените кои во поезијата на Р. Лазаров звучат оптимистично и ведро дури и кога тоа не се.

 

Има меланхолија и меланхолија. Најмеланхоличните песни на Р. Лазаров се и најтрогателни и најискрени и можеби најефектни. Меланхоличните песни на Р. Лазаров се од една страна македонизирани, а од друга – универзализирани. Меланхолојата и носталгијата по загубениот свет одат рака под рака. Меланхоличните песни на Р. Лазаров се оние песни, главно од книгите пишувани деведесетите години наваму, значи од распадот на екс Југославија, во коишто на еден или друг начин се опеваат македонските дијаспорични суштини и ништавила, на една страна, и југословенските распаѓања, постјугословенските зли и волнени времиња во коишто од темел беа разрушени некогаш силните меѓучовечки, интеретнички, интеррелигиозни, интерлитерарни и интеркултурни врски. Тука се насетува свеста на авторот за создавање на една паралелна Македонија на Македонците – онаа Македонија која поетои силно во дијаспората и разградувањето на домицилната Македонија, чијшто идентитет и лик денес едвај го препознаваме во мракот на софистицираните конфликти и конструкти.

 

Во поезијата на Лазаров има неколку интертекстуални одеци што би сакала да ги спомнам, за да ја ситуирам во контекст на македонската современа поезија. Тоа се одеците од поетиката и интонацијата на опусите на еден Ацо Шопов, на пример, особено во циклусот за боледувањата, тоа е одекот од поезијата на Петре М. Андреевски во амбиенталниот времепростор на циклизираните песни од првата збирка Ноќна птица во паркот и втората Јана, тоа е благиот одек од некои песни на извонредниот Јован Котески, тоа е ехото од патриотско-урбанизираната поезија на Гане Тодоровски...

 

Кон оваа група поети, на свој специфичен панаѓурски/карневалски, шеретски, боемски, мангупско-бунтовџиски начин, кој не ретко е надкомпензација за личната несигурност но и за егзистенцијалната немоќ пред крупните несреќи на македонскиот човек, а не само народ, се вбројува и Ристо Лазаров. Бидејќи ова е пригодна, пофална реч, би сакала на крај да ги наведам насловите на неколкуте песни што мене лично посебно ми оставија впечаток при најновото, за некои книги и прво, читање на неговата поезија: Му студи на татко ми на свадбата на најмалиот брат, Ветрови, Двајца генерали, На Кајмакчалан, Ако некогаш пак наминеш во Скопје, Од колено на колено, Писмо до школските другариво родниот крај, Писмо до другар ми во туѓина, Писмо до син ми во туѓина, Писмо до брат ми во туѓина, Хотел Москва, Мостовите на Нови Сад, Отворена врата, Крајот на дваесеттиот век, Црна точка...

 

Скопје, 4.11.2009


Јелена ЛУЖИНА

 

СИТЕ ПЕСНИ НА РИСТО ЛАЗАРОВ

 

Неодамна, одненадеж, безмалку како во некоја нежна пролетна песна (а не во оваа наша тескобна транзициска стварност), скопскиот издавач Дијалог ги испечати избраните дела на Ристо Лазаров. И ги претстави, јавно, пред изнасобраните добронамерници,  пријатели и другари на авторот. Точно на денот на неговиот шеесетти роденден.

Додека, тој ден напладне, седевме изнасобрани во Друштвото на писателите на Македонија, бев сосема сигурна дека не сум единствената што забележува оти таа старовремска, темничка, студеникава, малку комеморативна и дискретно излитена сала одамна не била исполнета со толкава спонтаност, срдечност и убавина. На одење, наместо ние да го даруваме него, Ристо Лазаров на сите ни ги подари своите четири најнови книги – избрани дела спакувани во четири тома – составени од безмалку илјада страници стихови и нешто повеќе од 350 страници коментари и/или интерператции, што критичарите, не само македонски, за и заради истите тие стихови ги испишувале во текот на изминативе 37 долги години. Интересно е, чинам, што во текот на пустите години Лазаров како воопшто да не стареел. Не мислам на стареењето на неговиот полничок и навидум сосема „непоетичен“ физикус, туку на љубопитноста и заиграноста на духот. И денес, на прагот на шеесет и првата година од својот забревтан живот, Лазаров пее младешки радосно, со оној ист жизнерадосен интензитет што го искажал и испрактикувал уште во својата прва книга, сигнирана со чудовитиот наслов Ноќна птица во паркот.

Дека Лазаров навистина пее младешки, би рекла:  идеалистички силно, и дека никој ништо не му може (бидејќи неговата лирска палавост е поитра и од годините, и од болештините, и од интригите, и од разочарувањата и слични петљанции...) – толку е очебијно што, просто, станува заразно. И автоматски го восхитува секој негов читател. Дека вербата во поезијата како заштитен чадор, небаре панцир, кој има моќ успешно да не брани и одбрани од сите сериозни нешта (од тривијалните егзистенцијални дубиози, од политиката, од оние мали/секојдневни битки кои не можат а да не бидат валкани и, главно, залудни...) кај Лазаров била и останала непоколеблива за савек – е, тоа навистина можете да гп проверите на наједноставен можен начин. Истиот што и јас го применив штом кутијата со неговите собрани песни ја донесов дома.  Та седнав и почнав да ги читам, една по една, се со ред.

Не паметам кога, последен пат, одеднаш сум испрочитала  толкаво количество стихови. Не го правев тоа ниту додека, млада и наивна, штреберски ја студирав компаративната книжевност. Надвор се влечкаа првите зимски магли, рецесијата и гриповите се закануваа од сите агли (особено од медиумите),  носот дискретно ми течеше... ама ништо, навистина ништо не можеше да го деконцентрира моево трпеливо читање на поезијата на Лазаров. И да го загрози, притоа,  она еуфорично чувство што добриот стар Ролан Барт го именува  како задоволство во текстот.

Книежевните колумнисти, знаете и сами, за поезијата  главно – не пишуваат. Бидејќи ја сметаат за премногу езотерична и премногу лична/интимна работа која поетот треба да ја сподели/размени само со својот читател. И со по некој луциден критичар, кој интимизмиот на нејзините метафори ќе возумее соодветно да го „протолкува“.

Ама, на поезијата на Ристо Лазаров како да не и требаат  „толкувачи“, особено не „толкувачи по професија“. Едноставна и навидум еднозначна, секогаш актуелна, блиска, испилена од духот на времето што го живееме и меѓусебно го споделуваме, тоа е поезија која не може а на јуриш да не го освои, но и да не го облагороди секој свој читател. Притоа таканареченото естетско доживување, кое што песните треба да  го „произведуваат“, не треба да го барате/бркате низ шифрираните метафори, бидејќи го гледате и го чувствувате експлицитно и директно. И да сакате, не би можеле да го одбегнете. Едноставноста на поетскиот израз на Лазаров е апсолутно „реалистиична“/„неромантична“, ама и толку импрегнирана со автентичната чувствителност (расчувствуваност?), што не можете да му одолеете на впечатокот оти со толку романтика (изнасобрана на едно место) се  немате соочено – со години.

Во стиховите на Ристо Лазаров работите се опевуваат едноставно, искрено, хуморно и хуманистички ангажирано – како во оние планетарно славни француски шансони што, на времето, ги пееле Едит Пјаф, Ив Монтан, Жак Брел, Жилиет Греко... Или во песните што, пак на времето, маестрално ги пишувале поетите од калибар на Евгениј Јевтушенко, Жак Превер, Изет Сарајлиќ... Тоа се оние вистински „народни песни“ со кои лесно се идентификуваат и најрафинираните љубители на поезијата и „најобичните“ минувачи, спремни да го бранат своето автентично право на трошка обична човечка среќа која систематски ни ја загрозуваат малограѓаните, клерикалците, милитаристите, политичарите... Сите што си го присвојуваат правото да одлучуваат за нашите мали животи.

Македонската книжевност со ваквиот поетски израз нема премногу опит. Младешкиот глас на Ристо Лазаров е – дотолку подрагоцен!

 

 

 

Форум, бр. 216-4.12.2009-стр.61

 

 


Предговор на Лидија Димковска кон изборот ЖИВА РАНА објавен во рамките на едицијата “Македонската книжевност во 130 томови”.

Лидија Димковска

ПОЕЗИЈАТА БОЛИ И ЛЕКУВА

Поезијата на Ристо Лазаров ја открив доцна, дури пред десет години, кога во книжарницата на „Детска радост“ во Скопје пребарував низ тукушто објавените џебни антологиски избори од современи македонски автори. Изборот од поезијата на Ристо Лазаров со наслов „Јаве“ се отвори пред мене како неочекуван поетски свет. Ги вртев страниците и ги голтав неговите песни, се преместував од нога на нога и срцето ми биеше како споулавено. Со часови стоев таму, во книжарницата на „Детска радост“, сè дури не се сетив дека малото, чудесно големо книжуле од Ристо Лазаров може да биде мое, и тоа засекогаш. „Јаве“ и возбудата од моето чудесно откровение ги однесов со мене во затрупаниот со снег Букурешт и во последниот ден од 1998 год., додека наоколу се ширеа предновогодишни мириси и звуци, напишав поголем текст за поезијата на мојот новооткриен поет. И се прашував, како беше можно да не дознаам порано за оваа моќна поезија, како беше можно да не го спомне никој името на Лазаров, на пример, во литературниот клуб „Ко-Ра“, кај што одев како средношколка за да можам да читам поезија од „постари“ поети, или во литературниот клуб „Малиот принц“, кај што секоја сабота навечер се преиспитуваше раната фаза на мојата поетска генерација, или потоа, на некој од предметите по Општа и компаративна книжевност. Не, поезијата на Ристо Лазаров беше премногу „метонимична“ за да биде обожувана во нашиот генерациски круг кој наизуст ги учеше песните на „принцот на метафората“ Радован Павловски, беше премногу „неакадемска“ за студиите по Општа и компаративна книжевност, беше премногу „урбана“ за да биде цитирана во замаглените поетски вечери со свеќи, вино и во „друштво на мртвите поети“. Судбината посака поезијата на Ристо Лазаров да ја запознаам сама, да се сретнам со неа очи в очи, да ја прифатам и засакам таква каква што е, да ја читам во слатката самотија на поетското јас, подалеку од колективната генерациска врева. За една таква средба никогаш не е доцна. Од 1998 год. па наваму поезијата на Ристо Лазаров за мене е една од најдобрите поетски целини што и се случиле на современата македонска литература. Ристо Лазаров има и песни што не ми се допаѓаат затоа што отстапуваат од неговата поетика, песни во кои посегнува по рецидивите на лиризмот на традицијата од која одамна се дистанцирал преку својата поетска иновација, но тие негови поетски „застранувања“ се ретки, попатни и простливи. Јадрото на неговата поезија е неменливо и токму затоа насушно значајно и вечно: имено, Ристо Лазаров уште од првата поетска книга „Ноќна прица во паркот“ (1972), па сè до последната „Среде“ (2008) пее и говори за животот, за мојот, за твојот живот, за времето во кое живееме, за нашето внатрешно и надворешно време. Ристо Лазаров со својата поезија ги напиша најавтентичните поетски биографски белешки на човештвото, на светот и на тажно-смешното место на македонскиот човек во него.

Во процесот на создавање кај поетот Ристо Лазаров се случуваат две тежнеења и се реализираат два метода: класицистички и реалистички. Еве како тоа го објаснува Чеслав Милош во своите „Сведоштва за поезијата“: „Ако поетот го прецрта зборот и го замени со друг за да може стихот да биде што поцеловит, тогаш поетот чекори по стапките на класиците. Ако зборот го прецртува зашто не одразува некој видлив детаљ, тогаш тежнее кон реализмот“. Кога Лазаров пишува „лирски“, неговата поезија е поблиску до „класичната“ поезија, до класичниот македонски стих кој тежнее кон поапстрактни, метафизички, метафорички одлики: кулминација на неговото „класично“ поетско творештво е трилогијата „Ненадејна“ – „Чехопек“ – „Среде“, во која неговиот стих, вплотен и стегнат со стихот на традиционалната македонска поезија и на народната песна која е суи генериц класична (и, според тоа, и вечна) е поетолошки предизвик за академската критика, а академската критика отсекогаш го претпочитала аполониското за сметка на диозиниското начело. Тежнеењето на Лазаров кон реализмот, најочигледно во неговите први поетски книги, како и во подоцнежните поеми, не е тежнеење кон фотографирање на стварноста, туку кон длабок, поетски мимезис во кој стварноста од песната ја надминува стварноста од реалноста. Затоа неговите „епски“ песни се полни со имагинарни претстави и слики, а сепак толку познати и блиски, како да се видени среде бел ден на некоја од македонските, европските или американските улици. Како што вели Кундера, „комичното е посурово од трагичното кое ни донесува утеха: комичното брутално ни ја открива безначајноста на сè што постои“. Светот во поезијата на Лазаров постојано е во движење, во релативизирање на статичното, на „од Бога даденото“ трагично. Епската и лирската димензија на неговата поезија се одразуваат на три рамништа: како епска, пред сè во неговите поеми, во кои преку гласот на епскиот јунак (Силјан Штркот, Коломбо, Херакле...) се навлегува во суштината на светот и на неговото устројство; кон нив треба да се додадат и „Живи рани“ и „Посветите“, во кои микроепот се разгранува околу најважните премрежија на една човечка судбина; како лирска во неговите тристишија, пред сè од „Ненадејна“, „Чехопек“ и „Среде“, во кои лирскиот јунак е индивидуален самотник среде човештвото; и како лирско-епска во неговите поетски книги „Ноќна птица во паркот“, „Јана“, „Историја на болеста“, „Јавни песни“... во кои лирскиот јунак и епското време во кое живее (т.е. човекот и историјата) се во постојана двонасочна пресметка, како духовна така и емотивна.

Како и во понатамошните поетски книги на Ристо Лазаров, и во неговата прва, „Ноќна птица во паркот“ (1972), поетската порака се сместува во објективноста на светот кој ја опкружува и ја детерминира љубовната врска помеѓу поетот и Лидија, а не во субјективноста на таа емотивна врска. Интересно е што оваа емотивна врска помеѓу „јас“ и „ти“ е причина за објективноста на надворешниот свет, отсуството на Лидија е детерминатор на сите опсервации и размислувања кои во нејзино присуство би биле излишни. Реалноста од првите поетски текстови на Лазаров е производ на говорот и со своите загатки и кодови ја надминува објективната реалност вон текстот. Она, пак, што се случува во таа поетска „реалност“ има извесна стапка на алузивност, на ироничност, на пародичност и, во ранопостмодернистички стил, на интертекстуалност со мноштвото најразлични текстови од поширокиот општествен, медиумски и културен простор: „песната на оџата (...) потсетува на најновиот хит на том џонс“, „жолти лисја од сите земји, обединете се“, „поздрави и честитки на нашите слушатели“ и др.). Паркот е светот во мало во кој неговиот чувар е фантазиски опишувач на неговиот простор и време. Социјално-политичките и идеолошките кодови се оние кои ја поврзуваат стварноста како хронотоп (Скопје, Македонија во социјализмот) со уметнички обликуваната реалност во поетски рамки:

„црвената вратоврска запалува цигара

и чита во весниците марксови мисли

објавени во продолженија“.

Идеолошките алузии се духовити и, погледнати од денешен аспект, божем неоптоварени од стравот и стегите на времето во кое се пишувани. Поетот со иста слобода пишува за „презервативите што никнуваат со цвеќињата во паркот“ (сексуалната револуција остави длабоки и убави последици во општеството) како и за „синдикалната конференција“, на која

„летаат печени прасиња

еден спрема нула за синдикатот на келнерите

ќе плати господ бог со печат од комитетот

за прасињата никој не води сметка

маркс како да рекол дека треба да се наполни мешиштето

па да се конферира“.

Лазаров сака да демистифицира и тоа му оди од рака како на ретко кој друг поет во современата македонска поезија. Тоа е очигледно во сите негови поетски книги, од првата до последната. Во песната „Има многу комарци“ го демистифицира злото до степен на гротескност, ги разобличува луѓето од високите структури што им ја „цицаат“ крвта на другите без никаква обѕирност:

„брмчат бескрајно

и умно и високоумно

брмчат рефератски

инфлаторски

брмчат биртијашки

шеп-шеп озборувачки

брмчат семејно-клановски

брмчат идолопоклонички“.

„Ноќна птица во паркот“, вели Анте Поповски, е „побуна против постоечкиот и скаменет ред, негација на стереотипот според чиј модел се обликува животот околу нас и во нас, револт против малограѓанското сивило и минливост“. Љубовта се претвора во беснило кога саканата не се појавува на одреденото место. И саканата жена како и песната се најмоќни во отсуство, кога човекот што љуби и поетот со резигнираност самеат во својата „слобода“ или, како што вели поетот во песната „Вивалди остана осамен на свечениот концерт“:

„историјата е толку голема

и понекогаш толку сама“.

Во „Ноќна птица во паркот“ се појавува првата арс поетика на Лазаров:

„знам дека ме сака песната

но кога ќе и пријдам се прави мрдната

а маслинестиот лист мисли оти го мразам

се прави духовит“.

Врската помеѓу песната и поетот е слична на љубовната врска помеѓу маж и жена: заведување, преправање, шеговито надитрување, сè дури не се совладаат во меѓусебна победа, а не пораз, во сплотеност, во единство.

„Јана“, една од најубавите љубовни поетски приказни во македонската лирика, се појави осум години по „Ноќна птица во паркот“: и двете книги наидоа на огромен восхит и кај читателите и кај критиката добивајќи ги речиси сите постоечки награди за поезија. Со „Јана“ Ристо Лазаров уште на 29-годишна возраст ја допре највисоката поетска зрелост. Како и „Дениција“ на Петре М. Андреевски, и „Јана“ може да се чита во секој век и на најразлични начини: Јана е девојка, Јана е песна, Јана е Македонија, Јана е надежта. Како „рамнотежа помеѓу јавето и сонот“ (Анте Поповски), „Јана“ ги обединува егзистенцијалните моменти од човековиот живот: раѓањето, првата љубов, свеста за себе и за другите. Песната „Јана пред да се роди“ го поетизира библискиот код на создавањето, а реброто како симбол на создавањето на жената ја митологизира Јана „уште пред да се роди“:

„Цела ноќ плачев, плачев, плачев.

Не знам како, но утредента се разбудив без едно ребро (...)

Тоа утро бев многу радосен, ќе умрев од среќа (...)

тоа утро првпат ја видов Јана, пред да се роди“.

Моќните чувства кои преовладуваат во песната (болка, плач, радост што кулминира во „ќе умрев од среќа“) ја прават атмосферата драматична и експресивна. Детскиот тон кој се провлекува низ повеќето песни од стихозбирката „Јана“ уште повеќе го нагласува емотивниот тон кон лирскиот субјект. Во „Јана кога се роди“ поетот извикува:

„Луѓе, беше тоа песна над песните:

тој ден кога имав четири години два месеца и пет дена

тоа навистина не се заборава

тој ден Јана кога се роди

некаде далеку, точно 315 километри од Штип“.

Овој космолошки настан во животот на поетот го одредува целиот календарски хронос на едно детство во кое мигот на очудување се врти околу раѓањето на Јана:

„Некаде далеку, точно 315 километри од Штип

тој ден без престан се радуваше камбаната“.

Во сите песни од стихозбирката „Јана“ љубовта е поставена во реалистички локален општествен и социјален контекс:

„Јана е дибидус секси

(манекенките на „Астибо“ трчаат околу неа

како на пролетен крос,

како болните од срце

околу бараките на Тафталиџе)“,

но овој контекст го шири поетскиот текст со автентични човечки искуства, чувства и случки, па затоа поетската порака станува универзална како кај секој добар поет: песните од „Јана“ се истовремено и длабоко македонски и длабоко универзални. Песните се натопени со алузии од најразлични кодови на социјалистичкото уредување кои и тогаш и сега звучат подеднакво духовито, зашто се изречени од детска перспектива која не трпи морализирање и правила:

„Како второодделенец, на првомајската парада

наместо парола на транспарент ја носев Јана

(целиот град ми се смееше, но јас знаев дека

мојата Јана е поголема и поубава од тракторот што

на челото на парадата говореше за напредокот на

земјоделското производство во социјалистичкиот сектор.)“

или

„Јана кога е во мене

ми се чини

летаме во комунизмот!“

Песната „Јана вторпат кога ќе се роди“, пак, навлегува во сферата на фантастичното, па дури и позајмува битна одлика од кодот на христијанството: Христос повторно ќе дојде на земјата, Јана вторпат ќе се роди. Второто раѓање на Јана е оптимистичка најава на вечноста, на времето кое нема крај и во кое можностите за настани се неисцрпливи, па и надежта за остварената љубов е отворена за нови перспективи. Со второто раѓање на Јана поетот и ќе престане да пишува, отелотворувајќи се во својата „човечка“ природа во која ќе може да ја сака Јана, и таа него онаков каков што е:

„Јана вторпат кога ќе се роди

мојата машина за пишување ќе ’рѓоса од мрза“.

Индивидуалното „јас“ од песните во поетската книга „Јана“ станува колективно поистоветување на секој сонувач, метафизичар, пророкувач, вљубеник, поет. Идентификацијата на „Јана“ со која било жена, и не само тоа, е постигнато преку повеќе функции: емотивната, експресивната, референцијалната. „Јана“ станува култна личност која, како и „Дениција“, се врежува во колективното сеќавање како цврсто изграден лик кој не останува само меѓу кориците на книгата, туку зачекорува и во поширокиот живот, во нашиот свет како жив лик што ги надминал книжевните граници и ограничувања.

Циклусот „Шекспир во забавниот парк“ од поетската книга „Капки кисела вистина“ (1985) во прв план ја става интертекстуалната врска со повеќе историски и книжевни личности, а тоа ќе биде својствено за поетиката на Лазаров и од неговите подоцнежни поетски книги. Алузиите на ликовите од драмите на Шекспир во песната „Шекспир во забавниот парк“ се пародиски и надреалистички:

„Хамлет како машиновозач

заглавил со вовчето во тунелот;

Јулие Цезар плукаше пламени рафали

од вселенскиот брод;

Офелија и Дездемона везат

заедничка ракотворба“,

а песната завршува со драматично спознание и реторичкото прашање:

„А утре вие ќе ме прашувате

зошто пишувам политички драми

и зошто кога бев малечок

се мочав во гаќите?“

Тоа е, всушност, одговор на злото со кое е опкружен и секојдневно бомбардиран како со топ-вест современиот човек. Хуморот кој е присутен во целокупното поетско творештво на Лазаров е „смеа-плач“ или, подобро, „играчка-плачка“. Неговиот хумор боли и лекува, го стега срцето и го опушта срцевиот мускул, отвора очи, го бистри умот и го штипнува, но и го плеснува човештвото по образот за да се освести пред сопствените гревови и небулозни решенија. За книгата „Капки кисела вистина“ Анте Поповски, еден од најдобрите исчитувачи на поетското писмо на Ристо Лазаров, ќе рече: „Реалноста е инкарнирана во гротеска, иронијата во горчина“. Чеслав Милош вели дека секоја добра литература е и „поучна“, и тоа не во идеолошката варијанта во која сакаше да ја наметне како книжевен кодекс соцреализмот, туку во својата автентична природа: имено, од секоја добра книга може многу да се научи. Песните на Ристо Лазаров се во таа смисла длабоко „поучни“. Една од нив е и „Син ми пред паметникот во градскиот парк во Скопје“, посветена „на професорот Полјански“. Посветата во основа ја повлекува вокативната ти-форма на пеење, а во оваа песна акцентот паѓа на внатрешниот разговор помеѓу двајца кои за малку можеле да бидат современици, помеѓу детето (= ученикот) и „професорот“ кој, иако молчи и се наоѓа „отаде“ овој свет, се чини дека е вслушан во зборовите на детето и дека постојано кима со главата во знак на согласност со кажаното. Молчењето со мртвите е учење на историјата и во оваа песна пленува тоа што таа, како песна-посвета не патетизира, не преувеличува, не морализира, не запаѓа во идеолошкиот култ на личноста, туку на мошне едноставен начин, леко, духовито и примордијално, зборува за малите нешта во животот што го прават голем и единствен:

„Ајде да се чукнеме, на здравје!

(да не се стопли чашата пиво).

Кога ќе пораснам

сигурно ќе се вљубам

во некоја многу лична мома

и ќе возам голем велосипед

на две тркала“.

Детството и староста, животот и смртта се среќаваат и се помируваат со посредство на „таткото“, на поетот кој ја овозможил средбата помеѓу синот и „професорот“. Почитта се пренесува генерациски, и токму во тоа се крие градењето на традицијата, а традиција немаат само умот, знаењето и свеста, туку и душата и потсвеста.

Разговорот како дијалог меѓу два сродни света е присутен и во песната „Скршена количка за пеперуги“, посветена на романскиот поет Никита Станеску и на веста за неговата смрт. Во една друга песна, пак, Лазаров го демистифицира поетот како човечко битие со сите свои мани и доблести: поетот кој се опијанил на Струшките вечери на поезијата „потоа на месечина/повраќаше во езерото“. „Јавна песна“, на пример, е постмодернистичка демистификација на раѓањето на песната:

„Ќе наредиш во песната

јавни жени

јавни куќи

јавни бањи

јавни плажи

јавни трибини...“

Последните стихови од песната се арс поетичко реторичко прашање:

„И каква корист од тоа

што твојата мака

станала јавна мака?“

Поетот како човечко битие е постојано изложен пред очите на јавноста, разголувањето на поетот во песната е соочување со светот од највисок ранг. Ристо Лазаров, вусшност, демистифицира сè и сешто – тоа е неговиот бунт кон градењето култови на светот. Во поезијата на Лазаров Сократ ги пцуе високите камати на банките со кои денес е преплавена Атина. Времињата во поезијата на Лазаров се меѓу себе испреплетени, вкрстени, паралелни, но никогаш оддалечени едни од други. Минатото, сегашноста и иднината во поезијата на Лазаров играат преферанс, а победник е историјата која безмилосно ги складира и конзервира настаните (кои, на овој или на оној начин, се повторуваат). Лазаров е поет кој е свесен за улогата на историјата и во животот на поединецот и во постоењето на одредена нација и на светот како целина.

Во таа смисла, циклусот „Чамец за спасување“ е демистификација на историјата што денес ја изучуваме како митологија, а митологијата не е ништо друго туку романтизирана историја. Античките ликови дефилираат во песните на Лазаров како на воена парада, но заради нивните обични човечки желби, ниски страсти и релативизирани вредности, таа парада повеќе личи на циркуска точка или на аматерска модна ревија:

„Којзнае што би му рекол

Посејдон на Платон

ако утре случајно се сретнат

на плажа или, не дај боже,

среде њујоршката врвулица?“

Навистина, што би му рекол Посејдон на Платон? Што би му рекол денешниот Вавилон на тогашниот Јехова? Ристо Лазаров го измачуваат сериозни, егзистенцијални, онтолошки прашања кои во неговата поезија попримаат сатиричен, навидум весел тон, а под слојот хумор неибежно се крие трагичноста на човекот „сега и овде“ – и длабоко временски и просторни, и непрегледно безвременски и беспросторни. „Секој човек си има свој тиранин“, вели Лазаров во „Картагина“, а во „Чамец за спасување“: „Само човек/може да победи човека“. „Животецот“ на обичниот човек фатен во неговиот делнички ритам во поезијата на Лазаров е имаголошки опишан и испеан: неговите песни се, пред сè, „визуелни“, дури и тогаш кога на прв поглед се „аудитивни“. Поетската нарација се остварува преку слики што се нижат како на филмско платно, но неретко и како на сликарски циклус на платно или како на иконостас кој прикажува нечие житие, слики што се движат како на телевизиски екран или на уметнички фотографии. Иако поетската матрица на Лазаров често е надреалистичка, неговиот пост-надреализам е, всушност, надградба на реалноста, нејзино дополнување, однеобичување, нејзина поетизација. Има во песните на Лазаров еден документарен момент кој е незаобиколив и кој најчесто ја одредува структурата и пораката на поетскиот исказ. Токму поради тој факт неговите песни звучат веродостојно, опипливо и блиско. Тоа особено доаѓа до израз во поетската книга „Одвајнадежна“ (1993), „поетски ракопис кој со својот прецизен наслов во суштина ги одрази тие историски ремаркации на нашето време и на нашата судбина во еден од најделикатните и најдраматични мигови на македонската национална историја“ (Анте Поповски).

Во песната „На последната станица“ поетот фарсично, а луцидно констатира:

„На последната станица

на автобусот број 59 во Скопје

(ама баш исто како и на Арлингтон

или во ѕидините на Кремљ)

секој ден, секој час, секој миг

– се распаѓа материјата“.

Заклучокот дека „Животот некому му е сон,/ некому само горко јаве“ (од песната „Убивање на вистината“) или „Не се врвел лесно / патот до длабоката старост“ се само две од поетските поенти со кои изобилува поезијата на Ристо Лазаров.

Поетот, изморен од постојаните надитрувања и борби помеѓу телото и душата, помеѓу животот и смртта, помеѓу вистината и лагата, преку „Грозен кикот“ катарзично ја соголува стварноста:

„Густа крв во телевизиските базени

(директен пренос од боиштето)“.

Тој грозен кикот во поезијата на Лазаров е присутен во сите негови поетски книги, некаде повеќе некаде помалку. Како синоним на црниот хумор, грозниот кикот им е познат на сите поети-опејувачи на човечките илијади и одисеи:

„Сал Омир под чадорот од сонце

грозно се кикоти“.

Поетот, свесен за песимистичкиот тон на модерната (а не помалку и на посмодерната) поезија, носталгично се прашува:

„Каде е ведрината

од нашите први песни?“

Дваесет и првиот век дефинитивно ја загуби невиноста и наивноста на поетскиот глас кој повеќе не е зачуден пред убавините и доброто на светот, туку пред ужасите и злото што секојдневно му се случуваат. Излезот од пост-единаесетти септември две илјади и прва – синдром кој во геополитичка смисла не е само реалистичко туку и симболичко отелотворение на злото, а во библиска смисла и мини-апокалипса на човештвото, одвај да може да се напипа, а умот на современиот човек е сè помрачен, па затоа излезот не може и навистина да се најде. Во циклусот од пет песни „Апокалипса, сега“ од „Одвајнадежна“, Лазаров заклучува:

„Сиот свет е станат

Музеј на искиснати фигури.

Влезот е бесплатен, излез нема“

и резигнирано заклучува:

„Доцна е сега да се прелистува Библијата“.

Напредокот на светот, всушност, е напредок на неговата пропаст, светот си ги јаде сопствените деца, промените парадоксално водат кон полошо, вредностите се релативизираат до нивно целосно губење:

„Во овој безимен татнеж

секавично пропаѓаат

општествените класи,

се урнисуваат старите обичаи,

расте пакоста и злобата“,

а природата го враќа ударот:

„се изопачија

и годишните времиња:

летото наеднаш е зима,

пролетта се стори есен“.

Вистинското прибежиште за човекот, за поетот е, најнакрај, неговото семејство. Во одредени песни Лазаров се свртува кон тематизирање на семејните приказни кои пленуваат со својата едноставност и топлина. Една од најубавите песни од циклусот „Чевли за татко ми“ е истоимената лирска приказна, лирска новела за тоа како двајца браќа купуваат чевли за својот татко кој е на смртна постела. Кога биле деца, таткото им купувал ним чевли:

„пред почетокот

на секоја учебна година,

татко ни тогаш гледаше

чевлите да бидат

првин удобни па убави

и да бидат еден број поголеми

за да можат да се износат,

чевлите треба да се израснат,

велеше татко ни“,

а потоа настапува обратната перспектива на купувањето чевли, кога синовите треба да најдат чевли погодни за татковите нозе. Крајот на песната е гротескен и трагикомичен:

„овие чевли на татко ни

мора да бидат шпицести

и со тврд ѓон

за да може тој

да му опне мераклиски

некоја клоца

на преправениот ангел чувар

кога ќе почне да му балега

за бесмртноста

на добрината и на праведноста“.

Лазаров тагата не ја заобиколува, не ја минимализира, но исто така не ја опева на традиционален начин како тажачка, туку ја прочистува со солзите на рефлексијата, а уште повеќе на авторефлексијата. Секое искуство, па и искуството на тагата, е ново спознание за положбата на човекот во светот што го опкружува, и како микрокосмос и како макрокосмос. Меѓучовечките односи кои се најсилни и највидливи токму во семејството, за Лазаров се предизвик и за „родителски“ и за љубовни песни. „Синот во туѓина“ е тема што се провлекува низ повеќе песни на Лазаров, а љубовната поезија кулминира во поетската збирка „Ненадејна“ (2005). Во „Ненадејна“ песната на Лазаров е „длабоко субјективизирана, пред сè, свртена на внатрешниот пласт“ (Георги Старделов). Во строго почитувани седумстрофични тристишија, песните од „Ненадејна“ воспоставуваат интертекстуален однос со македонската народна песна и, за сметка на вообичаената метонимија, ги претпочитаат метафората, симболот и субјективизираниот лиризам. Во поетолошка смисла, станува збор за поезија која отстапува од препознатливата поетика на Лазаров. Самиот наслов „Ненадејна“ зборува за тоа дека оваа книга се случила ненадејно, изненадно и неочекувано дури и за самиот поет. Насловите на песните се позајмени од македонската народна лирика („Дали си се наспало“, „Врни се врни“, „Ајде сонце зајде“, „Верно да љубиш“, „Елечето џамаданчето“ и др.) Во современата македонска поезија постојат навраќања кон македонскиот изворен мелос, но не на начин како што тоа го прави Лазаров. Старделов забележува дека „фолклорниот орнамент сега е пресоздаден, преобразен во модерен говор“, ритамот на народната песна проникнува во неговата, ехото на темите пренесува поинакво време од она што е испеано во народните песни, но пораките, страдањата, трагизмот и хумористичната страна на жвотот се непроменливи. Мудроста од народните песни Лазаров ја преобликува во мудрост на современието. Љубовта во овие песни ја добива најубавата дефиниција:

„верно да љубиш

е севезден да откопуваш

древни воздишки“.

Доживувањето на љубовта се крие во едноставноста, во чистата мисла и искреното чувство:

„сркнуваш ти, сркнувам јас:

неколку голтки чај со рум,

ете, тоа да ми ти била скриената љубов.

велат: со каква сласт сркате чај

со таква сласт ќе ве следи љубовта.

жеже, ама е многу сладок овој чај со рум“.

Мелодијата во песните од „Ненадејна“ е народна, интимно македонска, а темите универзални и, иако навидум руални и пасторални, тие откриваат, всушност, детали од урбаното секојдневие на еден човек и една жена. Во овие песни владее убава „рамнотежа на сеќавањата“, која ќе биде карактеристична и за неговата наредна поетска збирка „Чехопек“. Не би рекла дека Ристо Лазаров со поетската книга „Ненадејна“ прави поетски експеримент кој би се состоел од доза ритам од народната песна и доза алузии на одминати нешта кои се рефлектираат врз сегашноста. Ристо Лазаров не е поет на експериментот затоа што него го интересира суштината, внатрешниот устрој на нештата, причината поради која светот го вознемирува, возбудува и инспирира и го принудува да пишува за неговите смешни и тажни страни. Ристо Лазаров не би можел да пишува поезија кога би имал само облик и ритам, нему му е пред сè важно значењето, мислата, рефлексијата, сликата, а не звукот. Дури и во играта со зборови Лазаров неодминливо ја проткајува нитката на секојдневието, на она што му е важно на „малиот“ човек во големиот свет. Мислам дека „Ненадејна“ се роди како природен лирски изблик на поетот кој не поседува само епско наративно мајсторство, туку и лирско.

Охрабрен од сопствениот лирски изблик во „Ненадејна“, Лазаров во сличен тон продолжи и во вториот дел од својата „лирска трилогија“, во поетската книга „Чехопек“ (2006), наградена со престижната награда „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија и препеана на чешки јазик. Во „Чехопек“, истакнува Веле Смилевски, „чудно единство градат дескриптивното, емотивното, мисловното и имагинарното“. Носечката поема во седум пеења „В’лтава“, застапена во овој избор, е лирска ода на реката што ја дели Прага на два дела, река што е како „течно читање / на заветните книги“ и средиште на човештвото:

„од извора до утока

поило на жедни ѕуници

на сите јазици си“.

Интимната ти-форма, обраќањето на поетот кон реката што ја возљубил и на која и се додворува, и се исповеда, ги дели со неа своите тајни, ги открива нејзините, е откровение на заборавените невиности и наивности што се кријат околу нас, најчесто во природата, и што повеќе не ги забележуваме зашто ни се премногу познати и блиски или зашто нашите очи се уморни од светот воопшто. Туѓите очи подобро гледаат, во тоа се содржи, всушност, целата филозофија на туризмот, а очите на поетот кој посматра „туѓа“ река се најблагодарниот орган на човекот: погледот раѓа чувства, вљубеноста е безусловна, тивкиот дијалог меѓу човекот и реката се претвора во чиста поезија, туристот станува вечен жител на нејзините тајни пространства. Дијалогот станува и нешто повеќе: дијалог со сите оние кои и сами ја виделе реката В’лтава, а такви истријата на уметноста, книжевноста памети уште од најстарите времиња. Во филозофски немерливото време В’лтава станува посредник помеѓу поетот и неговите претходници и современици, но исто така и следбеници.

Циклусите „Прогледување“ и „Мостови“ се поетска дигресија помеѓу лирската димензија од „Ненадејна“ и „Чехопек“, од една страна, и последната поетска збирка „Среде“, од друга страна. Во овие два циклуса Ристо Лазаров, со својата препознатлива опсервација на светот и луѓето во него, но овојпат и на самиот себеси, создава поетска нарација чиј центар станува телото: сопственото, телата на познатите, телото на саканата, телото на омилените поети. Разговорот со мртвите (Изет Сарајлиќ, Пабло Неруда) и со живите (татковината, синот единец) се остварува преку детализирање на телесните елементи кои и се потребни на душата за да ги изрази своите чувства:

„Леле колку би сакал да потонам во твојата топла прегратка

во која кога студи во Москва каде-каде подобро ја разбирам

тагата на Константин Миладинов

и збрлавените сонца во неговата глава“ (во „Пак студи во Москва“).

Телесната течност – крвта „се меша со зеленото мастило“ и само на тој начин можеле да се родат бесмртните песни на Пабло Неруда, а во мигови кога е зарозен животот односно човечкото тело, најсуштинско од сè е да се зачува токму интегритетот на телото за да може преку него и душата да ја преброди егзистенцијалната криза. Трогателно звучат стиховите од песната посветена на Изет Сарајлиќ, „Компир“:

„Оној ветерничав април

кога спука во Сараево

ми рече по телефон

дека сепак не можам да ти го испратам

она што најмногу би ти се нашло

– една вреќичка компири“.

Ристо Лазаров речиси никогаш не мистифицира, не прави култ ни на она што е на земјата ни на она што е на небото, во неговата поезија нештата се јасни, директни, беспоштедни. Со длабока автоиронија, поетот ни соопштува:

„Кога ми го извадија пердето

од левото око

мигум сфатив дека и ласерски се менувал

погледот на светот“ (во „Прогледување“).

Светот е онаков каков што го гледаме, цинизмот на погледот е насочен кон неговата ограниченост, можеби секој треба да направи ласерска операција на видот за да го види светот поинаков одошто го гледал дотогаш, можеби на тој начин и внатрешните очи ќе прогледаат поинаку, ќе допрат до нашата свест и потсвест и ќе го променат светот кон подобро. Тоа е само една од поетските досетки со кои изобилува луцидната поезија на Ристо Лазаров. Преку нив Лазаров го штити своето човечко и поетско јадро – кога ранливоста преминува во филозофска и математички јасна констатација се чини дека и тагата, „иако нема рок на траење“, е сепак човечки поподнослива. Циклусот „Мостови“ поседува највисок праг на естетски ризик пред емотивните слоеви на разделбата со синот единец, но и овде Лазаров успева да ги хармонизира и да ги смири својата родителска, човечка природа со поетската. Карактеристична е носечката песна од циклусот „Мостови“:

„Секогаш

пред да се вратам од Прага за Скопје

по цел ден зјапам во Карловиот мост на В’лтава.

Секогаш

пред да се врати од Скопје во Прага

син ми по цел ден зјапа во Камениот мост на Вардар.

И само ние двајцата си знаеме

какви брзаци ни течат низ душите

додека пред разделба по цел ден зјапаме во

мостовите“.

Таа истовременост на мислите и чувствата, таа суштинска вкрстеност во времето ја ништи разделбата и ја претвора во духовна средба. Прекрасниот стих „знаеме дека секој од нас го сака секого“ од „Спроти Бадник“ е најчиста апотеоза на семејството и на љубовта што Лазаров ја вади на видело најприродно и искрено; затоа ова длабоко лично признание и спознание пленува со својата едноставност и вистинитост.

Поетската книга која оваа (2008) год. ја понесе престижната награда „Браќа Миладиновци“ е токму последната поетска книга на Ристо Лазаров „Среде“ – последна збирка од поетската трилогија на Лазаров што ја сочинуваат и „Ненадејна“ и „Чехопек“. Жирито за наградата „Браќа Миладиновци“ истакнува дека со оваа книга „Лазаров го достигнува својот творечки зенит, збогатувајќи ја современата македонска литература со специфично и сложено лирско дело“. Како и претходните две поетски книги „Ненадејна“ и „Чехопек“, и „Среде“ е изградена врз строга поетска форма – седум строфи со по три стиха во секоја. Поетот во средиштето и на оваа поетска книга го поставува Зборот како гласник на човековата душа, како посредник помеѓу поетовата мисла и светските премрежја, како извор на неисцрпни слики и одблесоци. Ехото на класичната модерна поезија како хармонија од форма, метрика и звук е присутно и во последната поетска книга од трилогијата на Лазаров, но и овде поетот формата што ја избрал за поетски израз ја проникнува со хармонија помеѓу звукот и мислата, помеѓу звукот и значењето. „Среде“ изобилува со теми: љубовта, надежта, страдањето, природата, сеќавањето, сонот, јавето, дијалогот со современиците (Георги Старделов, Гоце Смилевски, Ибраим Ферер и др.), географските простори на Буенос Аирес преполни со духовни ќошиња и историските ликови кои одамна ја надминале историјата и станале икони на нашето време (Че Гевара, Борхес, Евита, Сабато) – Ристо Лазаров го интересира сè, неуморно го истражува и поетизира секое делче од личниот и од колективниот живот. Најнежен, но не и патетичен е во песните од циклусот „Жедник“, во кој носечката песна „Среде“, според која е и наречена поетската книга, ја започнува вака:

„како оној несреќен сизиф

те носам во себе

угоре кон ритката“,

а ја завршува на нему својствен начин:

„среде осојот несреќниот сизиф

бере планински чај и многу сака

очите да му истечат во раскопчаното ти елече“.

Во навалица од зборови со кои се пребогати македонските народни песни, Лазаров ја опева љубовта и страста, кои во неговата поезија секогаш одат заедно отелотворувајќи идеална љубовна врска помеѓу срцето, плотта и умот. Како што „секое дрво пека / по сласта на триењето“, така и човекот копнее по соединувањето со саканата, по единството во кое ништо не се губи, туку само се добива.

Антрополошкото искуство на љубовта добро знае:

„во сите љубовни соништа

најмногу страда љубовта“.

Токму затоа љубовта е она што заслужува да се зачува најмногу од сè, љубовта е таа што може да го спаси светот. Лазаров ретко прибегнува кон Бога како кон „спасител“ на човекот и на светот, напротив, го „приземјува“ и го тематизира како рамен со човекот. Во поезијата на Лазаров Бог и не е тема која го инспирира, поинтересни му се ангелите во чија апсолутна безгрешност едноставно не верува, со нему својствената смисла за иронија и демистификација. Во песната „Грешник“ од циклусот „Жедник“, токму ангелот е грешникот кој

„малку талка

малку шмука зрели сливи

а од уста му капат многу гревови“.

Поезијата на Ристо Лазаров е бунт и против земјата и нејзините „душевадци“ и против небото и неговите „душегрижници“. Комуникативноста што е одлика на поезијата на Лазаров во целокупното негово поетско творештво, присутна е и во последната трилогија, иако навидум формата ја впива во себе и се чини како да ја затскрива. И тогаш кога поетот заграбува од семантичката метафорика на имагинацијата и од лексичките можности на јазикот создавајќи поетски кованици, игри на зборови и апстрактни слики, сепак, не се одалечува од врските со стварноста или, уште подобро речено – стварноста ниту ја миметизира паразитски ниту ја очудува ларпурлартистички, туку создава една нова реалност која може да се провери само и пред сè во кодот на уметноста, на поезијата.

Посебно внимание треба да им се посвети на поемите со кои Ристо Лазаров воспостави нови димензии во македонската поетска традиција на поемата како жанр кој се развива сè повеќе и кој отвора простори и за епски и за лирски нарации. Може да се рече дека поемите на Ристо Лазаров се врв на македонското современо творештво на поемата. Поразлични од сè што е напишано во македонската ризница на поемата, поемите на Ристо Лазаров се урбана побуна против злото и против неговите играчи. Нивната актуелност останува непроменета, можат да се читаат и како приказни и како пеења, сите поеми се трагикомични поетски записи за судбината на македонскиот народ, за неговиот идентитет, за местото на Македонија во светските збиднувања кои директно влијаат врз нејзината сегашност и иднина, за местото на човекот во историско-географската структура на светот. Поемите за лирски субјект си имаат избрано митолошки и историски личности, пресудни во личната и колективната историја на човештвото. Поемите на Лазаров се автентични и извонредни затоа што „националното“, но и „меѓународното“ прашање го обработуваат без патосот и нагласената етничка посветеност на т.н. патриотски поети – напротив, темите што Лазаров ги обработува во своите поеми се естетски совршени, во нивната поетска порака локалното станува универзално, а универзалното локално, семантичките вредности на поемите се отворени за нови толкувања и книжевни рецепции.

Старото медиумско прашање „Што сонувам, а што ми се случува“ во поемата „Силјан Штркот уште еднаш ја облетува Македонија“ на Лазаров е нов обид за „трескање“ не само на стварноста, на јавето, туку и на имагинарноста, на сонот „од земја“. Сонот и јавето никогаш не биле толку испреплетени како денес. Во време кога медиумите го исполнуваат секое делче од нашиот живот со информации кои многу често ја надминуваат сликата што можеме да ја поднесеме, кога ни се чини дека научната фантастика е, всушност, копија на реалноста, Лазаров тоа вака го преточува во стихови:

„До ден-денешен не е разјаснето

дали воопшто имаше јаве

како што за денешново не е разјаснето

дали воопшто се сонува“.

„Црната дупка“ на Горан Стефановски која исто така ја интертекстуализира легендата за Силјан Штркот, во поемата на Ристо Лазаров се здобива со видни политички конотации:

„Која е последната мапа

во македонскиот атлас на болот

и која е последната болка

во нашата азбука на гневот?“

„Силјан Штркот“ на Лазаров е „штрк недоштркосан“ и во оваа луцидна метафора се крие горчливото прашање за македонскиот идентитет. Поради сите историски и географски грешки и болки, поради непризнавањата на јазикот, името, нацијата, црквата, Македонецот остана „недомакедоносан“, ако ја злоупотребиме метафората на Лазаров, односно недопризнат од останатите, а со тоа и без цврст надворешен идентитет со кој располагаат како нешто разбирливо само по себе останатите народи во светот. На политичката карта на светот, за жал, внатрешниот идентитет изгледа не е доволен за да се Биде, за да се постои рамноправно со останатите, небаре е Другост постојано се бори за сопственото признавање. Лазаров е свесен за оваа историска неправда и затоа и приоѓа на автентичен начин: со многу хумор и иронија успева да ја релативизира колективната немоќ во детерминираната судбина.

Во предговорот кон словенечкото издание на поемата „Херакле“, поетот Алеш Мустар ќе запише: „Иако се потпира на античкиот мит за Херакле, Лазаров го испева современиот апсурден свет на потрошувачкото општество, моралната пропаст на човештвото и релативизирањето на вредностите на нашето време“. Времето на Херакле и нашето време имаат мошне силна допирна точка: човекот ни тогаш ни сега не бил „божје милениче“: за да се заслужи тој статус треба, пред сè, да се стане Човек. Или можеби не? Од историјата на човештвото ни е познато дека не постоела сегашност која не била профана, дури и тогаш кога во неа живееле и богови или барем свети луѓе. Современикот е а приори морално деструктуиран лик, затоа Херакле на Лазаров е кој било наш современик, кој било од нас. Трагикомичноста на Херакле е асоцијативна и, би рекле, поучна. Лазаров антрополошки заклучува:

„кога народот е збунет

им се враќа на поговорките

и на паролите“

и

„Слушаше, гледаше и бележеше Херакле:

Да живее Транзицијата!

Да живее вишокот на вредности!

Да живеат новите газди!

.......................................

Да живее турбо-фолкот!“

Навидум смешни, овие пароли – парадигми на „турбо-фолк“ времето во кое ќе се најде и постмодерниот Херакле на Лазаров се горчливи сознанија за резигнацијата на македонскиот народ која во поезијата на Лазаров се здобива со драматични заклучоци: колку е посмешно, толку повеќе боли.

На националното прашање Лазаров му приоѓа од најразлични перспективи: историски, географски, социјални, политички. Како кај ретко кој друг македонски поет кој во својот фокус го ставил и „македонското прашање“, кај Лазаров нема хистеризирање на историјата, нема конкретни осуди или предлози за „будење на националната свест“. Не, Ристо Лазаров смирено, па дури и духовито ги соопштува премрежињата на националното прашање, како фотограф кој нема потреба од коментар на она што е очигледно за секого. Дури и девет години по објавувањето на „Херакле“ се актуелни, сега дури и како никогаш порано, политичките стихови на Лазаров:

„Други се прашуваа

можат ли да постојат Македонци

без Македонија“.

„Херакле“ со својата сложена семантичка структура е бездруго една од најмодерните зафати во нашата поезија, како што истакна и Анте Поповски.

„Кристофор Колумбо го открива новиот светски поредок“ повторно ги соочува малата, напатена Македонија и големата, надмоќна Америка, стварноста и нејзината сенка. Како еден вид анти-ода на светскиот поредок, поетот му предочува на Колумбо што, всушност, открил:

„...Америка што прима инфузии

од сите крвни групи

а крв дарува само на истородните“.

Во оваа поема Ристо Лазаров поставува важно егзистенцијалистичко прашање:

„и не е чудно

што сите знаат зошто умираат

а никој не им кажува зошто, всушност, живеат?“

Се чини дека современиот човек кој во ерата на комуникациите и технологијата „знае сè“, всушност, знае само зошто ќе умре: современото општество изворите на смртта ги проучува како најважна цел на животот и – парадоксално – со својот начин на живот се стреми кон нив, а животот сам по себе останува неразгатнат, божем е уште една транзиција, но многу посуштинска: од небитие во небитие.

Во „Колумбо“, нагласува Иван Џепаровски, постои „вжештување“ на јазикот до точка на усвитеност во неговиот допир со стварноста, но едновремено и „ладење“ на самиот јазик како ирониско-саркастичен коректив на сопственото видување на тој и таков поет“. Според тоа, секој поет е Кристофор Колумбо, како и секој човек кој открил нешто за што другите сè уште или безрезервно му веруваат или воопшто не му веруваат.

„Тројца за преферанс“ е македонска приказна во стихови во која се чини дека сиот македонски живот

„е собран во шпил карти,

и тоа не за штогоде игри,

ами за преферанс“,

преферансот како игра со карти меѓу тројца врвни играчи во која двајца секогаш играат против третиот, посилниот. Македонската историја е преферанс пар еџцелланце кој во поемата на Лазаров е иронизиран до врвно лирско мајсторство:

„галиба уште во најстари времиња

ѕвездите и прорекоа на Македонија

да биде центар на светскиот непокор

оти кај што има многу непокор

има и многу историски експерименти“.

Како и секогаш Ристо Лазаров е директен, бескомпромисен и како ретко кој друг современ македонски поет – „без влакно на јазикот“. Чинам дека историјата на светската поезија отсекогаш ги паметела токму таквите поети и дека Ристо Лазаров, ако не денес, тогаш сигурно утре, ќе биде незаобиколива македонска референца на картата на светската поезија. Песните на Ристо Лазаров, всушност, отсекогаш ме потсетувале на извиците во сабота претпладне или во недела после ручек, на поправачите на чадори или на „Старо купувам“: нивните прозаични реченици, преповторувани и со специфичен ритам, до третиот кат на зградата доаѓаат како мистична инкантација на секојдневието во кое старото железо, старите чадори, старите предмети изобилуваат со мноштво нови својства и пораки. Човек се вслушува во нив одново и одново, а тие толку едноставни реченици како да отвораат нови значења на целиот тој социјално-поетски контекст во кој е ставен оној кој ги извикува. Песните на Лазаров се едноставни, а одекнуваат како ехо на совеста уште долго во нашата свест; пораката што ја содржат е јасна и заокружена, а сепак во неа останува простор и за многу нови толкувања. Анте Поповски за поезијата на Ристо Лазаров запиша дека тоа „е поезија која уште од своите зачетоци е осмислена да биде негација на стереотипот; да ја одгатнува суровата, болна и жалосна страна на животот, урбана и неконвенционална поезија која се објавува против хипокризијата на денот и на неговата ефемерност“, а Старделов истакна дека Ристо Лазаров „го поврзува модерното со исконското и во тоа е постмодерен поет“. Милан Ѓурчинов, во својата антологија на македонската поезија од 1989 год., навраќајќи се на првата поетска збирка на Лазаров „Ноќна птица во паркот“ вели: „Беше евидентно дека мошне надарениот поет ја претставува новата, урбана генерација, исполнета со протест кон сите конвенции и заковставени традиции“. Ристо Лазаров остана таков поет до ден-денес. Иако е претставник на генерацијата поети родени во педесеттите, неговиот поетски извор е исто толку млад и свеж како и на поетите родени во осумдесеттите.

Во 1983 год. Чеслав Милош се запраша: „Каква е поезијата во 20-тиот век?“ и како прототип ја предложи полската поезија во која „доаѓа до необична средба помеѓу индивидуалното и историското, односно поетот ги доживува настаните што се надвиснуваат над сета заедница како настани што лично најмногу го засегаат“. Поезијата во 20-тиот, а уште повеќе во 21-иот век, не само во Полска туку во цела Европа, па и пошироко, е токму таква средба помеѓу индивидуалното и историското. Во македонската поезија сведоштвото за оваа средба се отсликува во линијата на македонската поезија која „витменски“ ја испева стварноста – еден од централните носители на поетската средба помеѓу личното и колективното, помеѓу поетовото јас и историското ние е токму поезијата на Ристо Лазаров. Кај Лазаров естетската и етичката положба на лирско-епскиот субјект сега и овде, во мојот и во нашиот свет е прекршено огледало на пошироката заедница во која се остварува себството. Поезијата на Ристо Лазаров никогаш не заостана зад развојот на светската поетска мисла. Лазаров е и модерен и постмодерен поет, а денес би рекле дека е пред сè урбан поет кој го бара „изгубениот“ човек среде урбаната џунгла, и симболички и буквално, среде празнината полна со парадокси, отуѓеност, велесили и мали народи, суштински настани и несуштински дневни политики кои го кројат животот на обичниот човек до граници на очајот и „грозниот кикот“.

Поезијата на Ристо Лазаров е поезија за нас и нашето време, сега, отсекогаш и засекогаш.