Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
Глобализацијата и јазикот 

Одите и триумфализмот со кои беше најавувана ерата на глобализацијата, полека се заменуваат со посмртни маршеви. Напернатите ултралиберали кои самоуверено и самобендисано се расфрлаа со волшебни стапчиња и спасоносни формули, почнуваат да ги наведнуваат главите пред стварноста која мнозина ја именуваат и како пропаст. Сакале-нејќеле, новите центри на моќта увидуваат дека парите и моќта што тие ја пружаат не се бесконечни. Пазарот, како основно средство на глобализацијата, се разнишува. Се демаскира и фактот дека големиот капитал поседува и пазарни новинари и медиуми, наемни мислители и верни бранители на новиот систем на нееднаквоста. Изминува рокот на траење на зашеќерените приказни. Се гледа дека пропагираната еднаквост на шансите, всушност, значела, во ист кафез да заклучите лав и зајак, па нека уживаат во натпреварот и се разбира нека победи подобриот. Приказната за еднаквоста на шансите не им значи ништо на луѓето кои повеќе од една година упорно протестираат пред парламентот на Македонија. Нив, по 25 години поминати на работа, транзицијата ги исфрлила на улица и не бараат ништо освен работа. На новите господари на светот не им е мило што се поуверливо се покажува дека нивниот волшебен напиток не е за сите луѓе, дека за мнозина тој може да биде и отровен. На новите господари на светот не им е мило што и покрај се што преку масовните медиуми беше направено за масовно покорување на духот, се распламти разногласие и жестоки полемики. Досетливи, какви што ги дал господ, новите господари на светот сега мрморат дека веќе и не е толку важна демократијата, колку што е важна глобализацијата. Новите господари на светот сакаат да се помириме со доминацијата на незнаењето, но, тоа, сепак, ќе врви малку потешко. 

Глобалистичките ветришта не се нов, современ феномен, само што порано тие поинаку се именувале. Виорите на глобализацијата силно удирале и оставале видливи лузни и врз лицето на духот. Јазикот, како живо суштество, исто така е изложен на овие сурови ветришта, а речиси 4000 јазици во светот ја доживеале судбината на малата рипка која завршила во стрвните усти на големата риба. Но, има и пргави и жилави рипки, кои знаат да ја искористат својата поголема подвижност и да и избегаат од пред нос на големата, омлитавена риба. Во тоа катадневно надитрување што се вика и борба за опстанок, се раѓааат и нови вредности. 

Еве, на пример, цели пет века од таканареченото Отоманско историско време во мојот мајчин, македонски јазик – како зрна песок во клепсидра – влегувале туѓи зборови. Како резултат на тој процес, денеска во моите песни, на пример, ќе ги сретнете и овие зборови: ишарет, риџа, мерак... Нашите лингвисти нив ги нарекуваат архаизми, а тие зборови мене ми служат за нагласување на колоритноста на мојот сопствен јазик. Во најкуси црти, ете тоа е влијанието на петвековниот бран на тогашната глобализација врз јазикот на мојот мал, денес уште и уситнет народ. Сакам да речам: бил и поминал тој бран, а јазикот на мојот мал народ си опстана, ами како. 

И денес, во истиот тој мој мајчин јазик – пак како зрна песок во клепсидра – влегуваат туѓи зборови. Во моите песни нив ги нема, ама јазикот на помладите и најмладите не може да се замисли без таргети, дилови, стеџови, бекстеџови и други англизми, за кои, во речниците си постојат и прекрасни македонски зборови. Во некое идно време овие туѓи зборови ќе служат за нагласување на колоритноста на мојот мајчин јазик. 

И така, оттука до вечноста. Како што ќе доаѓаат нови глобализации, секогаш поинаку именувани, ќе се обновува и своевидниот двобој на наслагите што ги оставаат тие во дамарите на јазикот, некако слично на холестеролот и другите масти што се таложат врз крвните садови. Во тој историски процес несомнено се збогатува јазикот, па и мојот мајчин јазик. Само што никогаш не треба да се заборави дека од многу глава боли, па и од многу туѓи зборови во ризницата на еден јазик. Баш како што е неопходен таканаречениот добар холестерол во крвта и баш како што е фатален зголемениот лош холестерол. 

Во рабрануваниот океан на глобализацијата, на малите јазици им е судено да пливаат до изнемоштеност, ако сакаат да опстанат и да ја сочуваат својата самосвојност. Без разноликоста на јазиците, сите бранови би стивнале и сиот живот би станал едно огромно мртво море. Новите глобалисти не поднесуваат ни разноликости, ни полемики, ами безпоговорна еднонасочност. Тие од брегот сеирџиски го гледаат во морето само големиот бран – не знаат или не сакаат да знаат дека има и помали бранови и најмали бранчиња. Кога такви незнајковци во продавница за сувенири ќе купат од оние руски дрвени матушки, воопшто и не помислуваат дека кога ќе ја отвориш најголемата, во неа има и помала, и кога ќе ја отвориш помалата во неа има и уште помала, и се така до најмалата. Новите господари на светот многу би се радувале кога светот би го доживувале само на прв поглед, како нив. Кога би ги гледале само големиот бран и големата дрвена матушка. За среќа постои и она што секогаш и не се гледа на прв поглед. И ќе постои, наспроти дребноста. Така некако е и со јазиците. Та, сите ние знаеме колку големи дела се напишани и на таканаречените мали јазици.
See Older Posts...