Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров


Леле, да знаете само колку му заблазнувам на еден мој стар пријател, угледник, висок интелектуалец, кој секоја наша средба, секој телефонски разговор го завршува со прекрасен поздрав - порака: ,,Со добра мисла!” Ги знае тој пораките на Латините ,,Мислам, значи постојам”, беспрекорно го знае и Ниче и негвото: ,,да се чека, да се биде трпелив, тоа значи да се мисли”; го знае и стихот на Миљковиќ мислата што не умее да мисли често владее со светот… Но, не сакав толку за мојот пријател и за мислата. Ми дојде денеска на ум прашањето за измислиците. Мисла - измислица, има разлика, нели. Ако со мислата и во мислата постоиш, значи ли дека кога измислуваш ( а може да се измислува буквално се’) си правиш бајрам со умот? Има некои слатки измислици, но секогаш кога ќе се спомне зборот измислица, оние кои се бават со оваа курентна де јност (демек!) а се читаат самите себеси, обично. мислат на ситнодушни, пакосни измислици. Во крвта им се - и ситнодушноста, и измислиците. Особено кога ќе си измислат за себеси дека се во фаза кога деба да се направи последниот чекор кон влезот во класиката. Со класици никој, па ни ние не сме скудни. Нека се препелкаат во матните реки творците на измислиците и изопачувањето на мислите. Кога да е ќе се засркнат. А ние? Па, ние си остануваме она што веруваме дека сме, беше бил рекол некој.


Ристо Лазаров

( преобјавувањето на текстот или на делови од текстот не е допуштено без дозвола на авторот)


Како стоите денеска, среде горештиниве, со крвниот притисок? Велат: сонцето го снижува. И други работи велат за притисокот. И не само за крвниот притисок, кој, колку и да пече сонцето, на мнозина им се крева кога ќе се втурнат во секојдневието - од цените на зелените пазари, до вестите на телевизија. Не можат да се набројат сите видовипритисоци, не може ни да се наброи и сето она што е речено за прит исоците. Тој зборник катаден сд надополнува. Ех, да застанало на тоа: притисни копче - излегува готвачка. И поинакви притисоци, и поинаку копчиња има денес. Притисни на гас, па ќе фатиш усвет со автомобилот, не дај боже и до некоја бездна. Кај да се свртиш - притисок. Притисокот сака да делува во сите насоки, подеднакво. Создадено е уверување дека ако не се притисне малку - нема успеси. Дали на притискувачот или на притиснатиот - тоа бара одложен одговор. Отпосле и некои успехоносни притисоци спласнуваат. Чомски вели дека постојаниот притисок сака да им всади на луѓето чувство на беспомошност и дека неговата единствена улогав да ги одобруваат и прифаќаат одлуките. Така Чомски, во зоната на притисоците. А вие? Впрочем, секој си го бере своето гајле, својот притисок.

 Ристо Лазаров
( преобјавувањето на текстот или на делови од текстот не е допуштено без дозвола на авторот)


Животот без устреми е залуден проток на времето. Како што и животот без сеќавања ( еве, на устремите и на резултатите од нив) е една голема празнина. Човекот самиот го памети своето дело, а ако го паметат и другите - уште подобро. Ако не - ветар во магла. Минливоста на животот е исткаена од заборав. Понекогаш, и од неочекувани пресврти во просторите на сеќавањата и заборавноста. На пример, колкумина се сеќаваат кој е предминатогодишниот добитник на Нобеловата награда за книжевност (за физика и математика да не говориме!) Колкумина се сеќаваат на таламбасите кога Јасер Арафат и Исак Рабин ја добија истата таа, Нобелова награда, по долгите преговори за смирување на Израелците и Палестинците? Згора: каде е “овенчаниот” мир на Блискиот Исток? Уште се очекува, како заскитан воз на железничката станица. Што не знач и дека е подобро да се стои во место, да нема устреми, да нема ни возови кои некогаш ќе заскитаат и ќе доцнат, доцнат… Штоако им бил заверен сосе печат од големите мајстори на возните редови?! Таквите возови како да сакаат да не потсетат дека низ времето не фрчеле само брзи возови. Или, просто, како возрасни луѓе да не потсетат дека првин се пролазува, па потоа се протрчува и се прават рани на детските колена од паѓањето при прптрчувањето. Протрчувањето не ми ти било едноставна работа. Кога се трча, не се зјапа лево-десно, се држи насоката. Погледот не се скаменува во некое убаво дрво, од кое не може да се види шумата. Дрвото без шума и не го личи, како дрвјата без гранки на осамените ридови. Освен суварки по ридиштата, во сеќавањата има и темни тунели: сака упорност да се изодат до крај, до светлината отспротива. Каде што на бела виделина се гледа дека многу нешта едноставно биле ( и вчера и пред векови) та не може да се оспори нивната непорекливост, тоа дека биле и дека имаат значење и место во тевтерот на незаборавот.  Таквите нешта, обично, служат за на наук. А нема кој да не знае дека секоја планина си ја знае својата тежина.


Ристо Лазаров
( преобјавувањето на текстот или на делови од текстот не е допуштено без дозвола на авторот)
See Older Posts...