Чехопек

ceh

"ЧЕХОПЕК"
(2006, 2007)


Влтава

ВЛТАВА

1.

изворот
ти е мрестилиште
на бистри песни

твоите далги
ги разладуваат
мераците на нововљубените

во сека клисура
гордо им отпоздравуваш
на иглените уши на историјата

водена панделка си
за обвивка на радостите
на сите божји дарови

течеш
како течно читање
на заветните книги

течеш
и се разлеваш
во сина леснопростливост

кој еднаш те видел
не вкусил веќе
сув залак во грлото.







2.

кој еднаш тe видел
откачил од себе
грутка темнина

кој еднаш те допрел
си ја навртел среќата
низ клучалката на времето

кој запливал во тебе
ја научил наизуст
рамнотежата на сеќавањата

кој се нурнал во тебе
ја открил последната тајна
на истечените векови

кој се испружил врз тебе
направил подлога за тркалање
на трошки светлина

кој замолчал пред тебе
го нашол патот
за враќање во тишината

кој еднаш
те изговорил во себе
си пресудил вечно да олцка.







3.

в мугри си тивка
како ранобудна аргатка
кога излегува од дома

сека обденица
собираш во себе
по една грутка темнина

наутро
си ги триеш очите
со неотсонувани сни

кон пладне
им правиш сенка
на веќе испеаните песни

попладне
им распостилаш починка
на папсаните сплавари низ времето

квечерум
светнуваш низ витражите
на нежно обоената празнина

ноќум
ги заглушуваш љубовниците
со лизгавите акорди на сметaна.







4.

далгите ти
цел оркестар
од подводни лири

негде си
воден каиш
за разлеаните мечти

негде си
водено венче
врз насмевките на невестите

другаде си
набабрена вена
во крвотокот на радоста

напати си
небесна солза радосница
во окото на иднината

и воден часовник си
за отпочин на мајките
кога децата проодуваат

точно кога е време
подводните лири
ги канат вљубените на кафе.







5.


јата галеби
ти ја крепат снагата
на зајдисонце

со клуновите
ја колваат темнината
што ти го отежнува текот

галебите
и прават место
за проток на нежноста на вековите

со белите крилја
и држат сенка на твојата душа
и те вардат од уроци и од болештини

летаат, летаат
како твоите меурчиња
во кои се кријат љубовни воздишки

ги поиш галебите
со капки бистра иднина
а клуновите пак им се празни

во занес се струполуваат
врз твоето сино огледало
без шанса да се пронајдат себе си.




6.

под карловиот мост
ги протнуваш
воздишките на времињата

лаковите молчат
и клекнати го отпоздравуваат
допирот со вечноста

кога доаѓаш мирна
сета си пристан
за отпочин на уморните сни

кога доаѓаш бучаво
сета си песна
на забревтаните љубовници

меѓу два звука
на подводните ти лири
им намигнуваш на гостите

им вртиш образ за галеж
на вишеградските ѕвона
да ти ја разбудат гордоста

и потем како што е ред
на сите им нудиш
чаша пиво и слатко од смокви.







7.

од извора до утока
поило на жедни ѕуници
на сите јазици си

од извора до утока
од старите порази
правиш нови победи

од извора до утока
им даруваш синоока радост
на цевќињата овенати од молчење

од извора до утока
ја совладуваш празнината
меѓу шумолот на две далги

од извора до утока
неуморно ги плакнеш
мугрите на новите дни

од извора до утока
течна гордост си им
на сите што те помилувале

пред утока
од новото интернет кафе
токмиш порака до беждих сметана.

Карловиот мост

КАРЛОВИОТ МОСТ

1.

колку лакови
толку песни
ненатпеани

колку лакови
толку соништа
високо искачени

под секој лак
минатото станува иднина
во течна состојба

лебедите и лаѓите
му креваат паметник
на надбелувањето

рибарите поставуваат
нови мембрани
за пропуштање на љубовта

минувачите
со бастуми
го потпираат летото

му е гајле на карло
оти го фатиле на дело зјапнат
во голите грбови на минувачките.







2.

мост без кула
е жена без пород
и китка без мирис

на врв кула
чурат вековите
како пегли на жар

од највисокиот ѕид
папагали на сите светски јазици
ја надломотуваат иднината

под кулата
товари неизвесност
на коњи со тврди копита

на калдрмата
трубадури со проширени вени
ги засолнуваат серенадите

кози без вимиња
и јарци со валкани бради
ја брстат пролетта

а пролетта
ако раскошно цвета
летото ќе претежне од сета.







3.

овој мост
вековник
строг и прост

овој мост
љубовник
со ѕвезден лост

овој мост
сонувалник
и за неканет гост

овој мост
истрајник
во мрс и во пост

овој мост
веселник
на боговите тост

овој мост
срдбеник
на тост со пцост

овој мост
мостовник
на мостовите мост.







4.

под мостот
дива пајка
ти влегува во песната

на мостот
нежна окарина
ти го олеснува чекорот

крај мостот
корави мајстори
заѕидуваат алги

спроти мостот
рој мравки
удавени во капка мед

од мостот
ислужени љубовници
скокаат во вечноста

над мостот
шашливи птици
во кафези од сонца

а мостот
живо огледало
на исчезнатите царства.







5.

од брег до брег
ја очекорува реката
како камена ѕуница

среде ѕуница
мечиња од платно
играат свадбарско оро

меѓу две слепоочници
издолжено чело е
светнато од нежна музика

среде чело
секој минувач
си ја игра ролjата на животот

меѓу два наши погледа
калдрмата ги покрива
лошотилаците на вековите

меѓу два наши сона
скаменетата зодевност
расцутува во радост

од брег до брег
пуштиле котва
разбранетите сеќавања.







6.

тука застануваат
да се исплакнат
лошите соништа

тука школките
на првата љубовна средба
си ја отвораат душата

тука цицлести денови
непрестајно ја поткреваат
топлината на погледот

тука искубани петлиња
меланхоличо колваат
од остатоците на живеачката

тука зиме
заслон си наоѓа
тишината на снеговите

над мостот
развиорени знамиња
со цутовите од детството

под мостот
разулавена танчарка
на песочното дно.







7.

саатот на кулата
си прави кругчиња
околу лажното време

под кулата
набрекнати желби
со широко раширени раце

на калдрмата
испушени трепети
во згмечени опушоци

галебот високо
им носи вода
на градителите

мостот е мост
ако премостува
човечки души

спроти реката
и мостот
прилега

а крајот на мостот
секогаш
е во нас.

Храдчани

ХРАДЧАНИ

1.

катаден до врвот
се пентари
гордоста

катаден од врвот
се распостилаат
сните

од покрив на покрив
скокаат
бакарни шурки

под стреите
гиздави птици
колваат ронки од човечки души

ветрето
тивко ја грака
болката на глуварките

смолата од дрвјата
им згорчува
на дамарите на тишината

катаден до врвот
сизиф тркала
капка росна солза.







2.

еве капка бистрина
во сматоците
на времето

стутулените столетија
итаат на кригла
полна сончевина

бесмисленоста
наведнува глава
пред древните порти

низ прстените на денот
се провира
оглувнатото време

долу во реката
весело потскокнуваат зборови
како златни рипки

како на празник
окото ја следи патеката
на распавтаниот штрк

а денот свечено опашан
со ѓердан со монистра
од зрна од калинка.







3.

тука е
сончевата страна
на духот

најблиската камбана
им удира звучен печат
на старите тајни

среде ѕидините од зборови
високо стебло
се лулее од птичји пој

старите ветрови
раздаваат остатоци
од извекувана среќа

песната без лук и оцет
нежно ги размрсува
роднокрајните корени

надежта си ги брише брчките
и си ја негува
сопствената сенка

жива вода жив живот:
нови графити ги крепат
старите ѕидови.







4.

лека полека
истекува виденото
и секнува жетварската песна

вековите се мешколат
од чкрипењето
на рѓосаните ветрови

златниот саат
таинствено ја движи
мерката на создавањето

нежнорака
им дарува на витражите
два страка папсана светлина

гневоносачите
на очиглед на сите
збрлавуваат од празни соништа

гол грб на жена
им скорива јадови
на црковните ѕвона

блазеси му на овој град
што си има
ваков храд.







5.

расклатени клатна
во улица златна
распнати на платна

од пенџер сал си мавка
напати и настинато афка
цилиндерот на франц кафка

под стреите гнев се лади
од душа глето се вади
нова ноева лаѓа да се гради

раска во окото, мајки и шајки
мина векот на слатки бајки
во вселената деланки наместо лајки

сокак за големи риџи
подвижен излог на џиџи-миџи
издрскани облека на лажни биџи

во погледот нова гатка
во утробата стара матка
под чипката девствена загатка

една милена на калдрмата тапка
ѓоа вади бели зајчиња од кафкината шапка
а си ја мие болката во врела капка.







6.

среде лето
снежен обелиск
ми вишнее

среде зима
зрела јагода
ми падна од рака

среде бел ден
болното око
ја дели месечината на две

среде ноќ
претскажувачите на среќа
се јазат кон сонцето

среде бунар
се токми
виткоста на младите стебла

среде мугра
мечтите под висок напон
итаат пругоре

кој не се искачил
никогаш не ја научил
тајната на слегувањето.







7.

ѕуницата се крева
па се спушта
со далечински управувач

во правјосаниот ковчег
се умножуваат
отрпнатите болки

црковните хорови
ја пеат химната
на потонатите гемии

вжарената слепоочница
наеднаш треснува
во влажната горчина на стеблата

почесните стражари
прават балони
од гуми за џвакање

пред влезната порта
каин си прави
свирче од врба

да си го свирка
на бесилката
маршот на задоцнето покајание.

Вишеград

ВИШЕГРАД


1.

над градот
над небеса
засадено око

на очното дно
времето соѕидало
темели

среде око
спокојно танцуваат
вековите

на врв око
густи бакнежи
со вкус на цреши

на клепките
лизганица
за нови водопади

на веѓите
станица
за небеските кочии

вишнее високо
обелиск
од бистра солза.







2.

црковните ѕвона
на сите јазици
го поздравуваат летото

под истенчената опна
клококат тајните
на прадедовските корени

во тревата
за љубовниците нишалка
од пресоздадени ѕвезди

младоженците
отпосле ќе учат
за стеснувањето на рајот

капки крв
им течат од носовите
на апостолите

камените скулптури
неодмерено им се кикотат
на љубопитните

квечерум
распавтани лилјаци
му прават лузни на хоризонтот.







3.

пласт
под пласт
корени

од корените
надгробни плочи
никнуваат во времето

едни со други
си го пудрат
минатото

едни на други
си ги разгрануваат
лозниците на гордоста

едни на други
си ги крепат
дамарите на зреењето

живи ластери
едни со други
ја довардуваат татковината

секој гроздобер
завршува со пијани ѕвезди
и со полни кошови песни.







4.

скали
од шумолења
до врвот на крепоста

на врвот
раздиплена
резба од звуци

од врвот
се разлеваат
боите на татковината

на сека гранка
по два славеја
се натпејуваат

и камењата
со начучулени уши
севезден се галат

долу во реката
звуците од крепоста
ги движат лотките

жедно сокле на небото
свечено им салутира
на дворжак и сметана.







5.

гледај
нагледај им се
на покривите

слушај
наслушај им се
на камбаните

запеј
изнапеј им се
на молњите

допри
изнадопирај ги
ѕвездите

скокни
изнаскокај се
во вековите

почини
изнапочини ги
соништата

пивни
изнапиј се
од убавината.







6.

вишен
возвишен
ненадвишен

град
граден
недограден

љубов
на се’
со љубов што враќа

запрен поглед
кон длабочините
на човечките души

ако ти се
стари креденците
и сервисите за слатко

ако ти е
изветреана
колонската вода

никој уште не посакал
да избега
од твојата прегратка.







7.

отспротива
папсува
црвеното

соништата
веќе се поткупени
и врзани за синџир

до што е живо
си ги грицка
ноктите

крепоста
е осамена
како невеста без младоженец

севезден мрморат
доилките
на неизвесноста

новороденчињата
и да не пораснат
веќе знаат да тагуваат

и знаат
да свират кадраво
на свирчиња од врба.

Места

МЕСТА

1.

пак сме на старото место
и го бараме пладнето
во птичјите гнезда

пак се тркалаат прудолу
птичји јајца
со жолчки од надеж

пак подквасено време
се чатали во свадбени кочии
на старото место

пак е начичкана
со скроени воздишки
убавината на пладнето

пак најблиските камбанарии
ги рзнежуваат
чекорите на минувачите

пак е згрутчено летото
на плочникот
со насмеани гранитни плочки

пак старото не е место
за садење нови дрвореди
од стари прашалници.







2.

ново место
а стари здивови
на покривите и кубињата

на ново место
новото сонце
сака да си го смени името

нова кружна обиколница
на летачките патеки
на кристалните птици

се раздиплуваат
нови черги
на нови неспокои

некакви нови дивокози
здодевно мекаат
и брстат свежа иднина

во новата епоха
на рози без трње
се сркаат резниња сни

новото утро
се раѓа како нов сомнеж
со двајца сведоци.







3.

на вацлавак
окото се скаменува
од долго зјапање

згора
камче во левиот левел
ви ги глоѓа недојдените соништа

од вацлавак
сончевите балони
ја креваат угоре радоста

липов цвет го бои денот
додека метачките ги собираат
шупливите зборови

тука ветрот
под сите фустани
носи убави желби

тука секоја вечер
токму на полноќ
здивнуваат годишните времиња

тука вечната птица
севезден облетува
и му салутира на јан палах.







4.

од векутума века
на стрелките на саатот
висат пророци и спасители

од векутума века
под саатот се сликаат
луѓе со птици во срцата

секој час
саатот одѕвонува
како крик на осаменик

меѓу два одѕвона
празнина во времето
и нова мечта за цврст сон

стрелките
длабат во сенките
на минливоста

стравот
со стрелките
се помрднува

од векутума века
проклетството
се врти во круг.







5.

се одмоткуваат
шарени клопчиња
од водена волница

се плетат
потоци од мечти
во сите бои

се ткаат
снопови
утринска светлина

од вода се ѕидаат
куќи со два оџака
и со одаи за дремки на сните

водата кога скока
вели дека и за паѓање
треба да си создаден

кој ќе фрли паричка
занавек ќе има
галено сонови

поразената едноличност
грицка сончогледови семки
на влезот на крижиковата фонтана.







6.

има скришни места
со скришен квасец
за љубовни теста

има такви места
строго наменети
за троа молчење

има и такви места
најстрого наменети
за заклон на малодушните

има места
каде што вишокот солзи
се трампа за шака ѕвезди

има места
од кои птем си заминувате
со полни џебови насмевки

има тадури и места
каде што нежна пеперутка
ви ги брише златните капки од челото

има, има и места што прават
круг околу сите места
и под нив крцкаат вековите.







7.


секое изгрејсонце
полни очи
блесоци од куполи

секое зајдисонце
полна душа
тишина од капели

во меѓувреме
ситната роса и шепоти
нешто на кревката јаглика

ненадејната ѕуница
ги омекнува празнините
во испотениот сон

некакви лихвари и кодоши
цел ден мрморат
за силата на дождовницата


полжавите отпосле
си ги сушат куќичките
на брегот на реката

а небото бистро
како последната солза
на Александар Македонски.

Глетки

ГЛЕТКИ

ЧЕШКИ КРУМЛОВ

некој крум
кога бил на лов
опашал воден каиш

оттогаш водата
тука ги набабрува
вените на вековите

а на ридот среде вода
гиздаво се топори
надмоќта на илузиите

шарените слики не се абат
и весели се превесели
оти не се врамени во водата

на дното на реката
зрно по зрно песок
расте кулата на вечноста

на водената згорнина
минатото трепери
како нежна музика

децата радосно си прават
лотки од хартија
и го пуштаат низводно заборавот.







КОНОПИШТЕ


наоколу
елени ја создаваат
маѓијата на ноќта

во замокот
се туткаат натални карти
на дузини херои и предавници

една пукната бешика
уште сведочи дека од софра
не се станува пред кралот

кога се пука
од сите страни
секогаш страда вистината

од хорните на новите свирачи
капат последните резерви
историја и иронија

свети ѓорѓија
станал туристички водич
и севезден објаснува

како завршува
секој лов што почнува
од ситост и збеснатост.







КАРЛОВИ ВАРИ


тука се’ е намачкано
со свежи помади
од горделива тишина

гатачите
молкум ви објаснуваат
дека воздржувањето не било попусто

питачите
ви измолуваат некоја тајна
за да ја пренесат на поколенијата

манијаците
во секое џепче на спомените
имаат и по едно чешне лук

тукушто не почнал
свечениот утрински строј
на вечните капки на духот

бившиот воен оркестар
свири џез и чарлстон
на променадата на лудите и збунетите

танцот го продолжуваат само оние
кои нема да си изгорат прстите
од врелиот гејзер на времето.







МЕЛНИК

две води
во една утока
во една азбука на радоста

две ноќи
во еден кораб
ја бараат јатката на светлината

два ластера
во една лозница
се извишуваат до боговите

две мисли
во еден збор
во лозјето на надежта

два цвета
на една гранка
во крошната на времето

две птици
во еден лет
пекаат по едно гнездо

две очи
во еден поглед







    ЅУНИЦА

    оптегнала лак
    како ококорено око
    на небото на вечноста

    сите пораки
    во сите бои стокмени
    во небесен краснопис

    боите на татковината
    си нашле нишалка
    среде збрлавени зраци

    звуците се извишуваат
    а на врвот на страстите
    дождот станува чист кристал

    сите под лакот
    лижат мед од прстите
    а само еден буф чека зајдисонце

    ѕуницата може да е
    шарен патоказ кон бескрајноста
    на пустите очекувања

    ама ако не поминеш под неа
    ќе набасаш на збор
    кој ќе те врати во ноќта.







    ЛУЦЕРНА

    ангелите
    пак се собираат
    на филџан утринско кафе

    кога надвор врне
    љубовниците прогласуваат
    тридневна ненаситка

    па си играат играчки
    со запечатената празнина
    во шише без брод

    од рака во рака
    коцка мраз
    со здив на вљубен ирвас

    луди танчарки
    со хулахопи
    од тракторски гуми

    сите ја чекаат светлината
    која неизоставно доаѓа
    во износени чевли

    само еден буф
    со препариран поглед
    упорно го чека залезот.







    ФЛЕКА

    кригла по кригла
    директно
    до дното на сонот

    пред ноќта на поразените
    песната се готви
    за трета смена

    гозбата почнува
    со мувлосани ноти
    и скиселени виолински клучови

    отспротива
    еден со очила за подводен риболов
    на глас ја чита библијата

    еден друг
    збрлавено бара заклон
    во бездната на зборот

    допираат и крици
    од планината издупчена
    со тунели до светлата иднина

    ветерничаво влетувам во себе
    а во книгата за впечатоци
    ми паѓаат белите влакна.

    Луѓе

    МОЦАРТ

    дете им се чуди на рибарите
    кои од брегот фрлаат јадици
    кон сопствените сенки

    му се чуди и на шахистот во паркот
    кој прави голема рокада
    а потем ги урива фигурите

    една сурија со монокли
    и со бојадисани разретчени коси
    севезден дуваат во меури од сапуница

    бостанските плашила
    зад аголот му ја разбиваат дремката
    додека го чека волшебниот звук

    пред да се засркне од стварноста
    пчела му слета на детето
    во сладоледот од јагоди

    редно е
    да ја истресе правта
    од петолинието на времето

    и веќе изедената иднина
    и обезличената сончевина
    да ги дарува со мала ноќна музика.







    ШВЕЈК

    воините маршираат
    а тој лови пеперутки
    и тоа со нежни мрежи

    во берберниците
    прави расадник од насмевки
    и ги насапунува со обична добрина

    лека полека стана
    чисторак собирач на роса
    и чувар на ведрината на сните

    понекогаш е јунаштво
    да јадеш дренки и семки
    и да знаеш дека животот е убав

    понекогаш е јунаштво
    да имаш ѓоа запек
    и да си скраја од крвавите пирови

    не е мало јунаштво
    да те препознаваат ѕвездите
    и со ишарет да ти ја кажуваат лозинката

    воопшто не е мало јунаштво
    цел век да си насмеана затка од плута
    за некое недопиено шише вино.







    КАФКА

    еден шешир
    одвај се држи на нозе
    во вревата на златната уличка

    до замокот во старата шума
    се копа нов бунар
    за ладење на осаменоста

    пред порти
    севезден лае пес
    и ги разбркува мршојадите

    над оџакот
    штрк севезден павта:
    кој се плаши не смее в шума

    секој на друг начин
    се справува со стравот
    заглавен во лифтот на вековите

    крадешкум
    парче месечина
    потскокнува под шеширот

    на секоја гранка во шумата
    мистично се ниша
    насмевката на милена јасенска.







    ДВОРЖАК

    ново ветре
    нови воздишки
    во водените гоблени

    во градините
    запустени од поплави
    нови насади од словенски рапсодии

    виорот на пресоздавањето
    вешто се тетерави
    на оптегната жица од виолина

    во старите календари
    минувачите препознаваат
    нови валцери и карневали

    сиот живот им е песна и свирка
    на циганите со грла без звучници
    и со жешки хуморески во џебовите

    сите веќе знаат
    дека музиката најдобро го крепи
    крвотокот на сите мераци

    и дека тајните на љубовта
    најдобро се заклучуваат
    со виолински клуч.







    СМЕТАНА

    мора да е многу убаво
    кога сонот ти е исполнет
    саде со акорди

    и кога
    севезден те галат
    музикални ветриња

    мора да им е многу убаво
    на далгите што гордо течат
    во бескрајот на твојата музика

    и на птиците кои павтаат
    и играат нови танци
    со лотосите на водената површина

    едночудо штурци
    и прават скали на месечината
    да слезе на свечениот бал

    секое утро
    татковината се дотерува
    пред звучните голедала

    можеби виолината
    не знае да зборува
    ама знае да плаче и да се радува.







    КУНДЕРА

    шурки минато
    навираат во новите реченици
    и во џебовите на новиот костум

    кочиите од детството
    оставаат длабнатини
    врз роднокрајните зборови

    стара потковица
    светка во маглата:
    без небо нема ни молскавици

    тромавиот воденички камен
    непоколебливо заповеда:
    назад во пределите на сонот!

    далечни камбани
    ги разбудуваат ветувањата
    во куси пантолони

    море, сомнително е
    што сите преповторуваат
    дека животот е некаде другаде

    а во ливадата крај реката
    две празни чаши за секој случај
    чекаат нов гроздобер.







    ЈАН ПАЛАХ

    под музејот
    коњор фрла чифтиња
    и си ја тресе правта од гривата

    отспротива
    спроти ресторанот мекдоналдс
    се тетерави сонцето

    сок од пластични патлиџани
    им капе по брадите
    од кои потем се брише и љубовта

    стопени се мразулците
    што ги затнуваа дупките
    на сите кавали

    различни соништа
    на различни начини
    се престоруваат во ѕвезди

    секој има кибритче
    да осветли парче
    од долгата ноќ

    ама само еден факел
    ќе им ги осветлува дисплеите
    на новите мобилни телефони.


    "ЧЕХОПЕК" (2006, 2007)
    Поетска книга инспирирана и создадена во Прага, градот за кој Веле Смилевски во поговорот на книгата вели дека е ,,тајна пред која едноставно се молчи и – се создава. Град во кој нашиот поет една од инспиративните нишки наоѓа во ,,последната тајна на истенчените векови”. А Петре Бакевски ќе додаде: ,,Чехопек” е одлична книга поезија. Силно доживеана, длабоко обмислена и проникливо поетски осмислена. ЧЕХОПЕК ја доби наградата ,,Ацо Шопов” на Друштвото на писателите на Македонија за најдобра поетска книга во 2007 година. Книгата ја објави ,,Дијалог” од Скопје во 2006 година, во 2007 доживеа второ издание, а беше објавена и во Чешка во препев на Иван Доровски.