Сонот на коалата

sonot-na-koalata

Сонот на коалата
(2009)


1.

Така ми било пишано
И пишано и судено
(а од пишаното не се бегало)
Наместо прв плач
Каков што си имаат сите новороденчиња
Јас да си имам прв сон
И првиот сон да ми биде вековит
Како што е вековито
Моето племе на сонувачи
Во чиишто пештери и колиби
Пред толку и толку илјади години
Е зачнато сонувањето
И за чиишто прапрапрадедовци
Научно е докажано дека биле
Првите сонувачи на долги патеки
Во историјата на чистото сонување
Оти од чисти извори и чисти мисли
Само чисти сонови течеле
Чисти сонови врз чисти постели
Чисти постели од кои се скока
Директно во јавето
Макар што за нас коалите
Велат дека не сме толку темперметни
И некои особени скокачи
И дека нашите скокови биле обратни
Од јавето во сонот
И уште велат
Дека мал и редуциран ни бил мозокот
(Мал мал ама технички дотеран)
А ако сте малку од малку дикатлии
На интернет сами ќе видите
Дека живееме осумнаесет години
Значи петнаесет преспиваме
А останатото време грицкаме еукалиптус
Сигурно сте чуле дека во јазикот на Абориџините
Коалата всушност значи – не пие
И љубезно ве молам не ни приредувајте никакви стресови
Ние навистина сме многу чувствителни
И кога сме под стрес плачеме како деца
А тоа потем се одразува врз квалитетот на нашите соништа.


2.

Кога ви велам
Така ми било пишано
И пишано и судено
(а од пишаното не се утекнува)
Уште во првиот сон
Да го видам доаѓањето на доселениците
Кои сите до последен беа осудени
На активно учество
Во создавањето на новиот свет
Новиот свет и новата нафака
Како што одамна беа рекле
Предците на новодојденците од Македонија
Еден народ троа брлив троа чуден
Таму некаде од некакви балкони или балкани
Којшто уште од древни времиња
Ги слави само поразите
И севезден прераскажува свежи соништа
Свежи самоклеветења и самобербатења
Расклокотени како тазе варено капучино
Со лажичка свеж цимет
Или свежа цанелла
Како што би рекле оние кои сонуваат на латиница
Кој како што доаѓаше од доселениците
Секој својот сон си го теглеше и толкуваше
Секој во својот сон си се олеснуваше
И во туѓи соништа не буричкаше
Отпосле се дозна и се запиша
дека за своите исчашени сонови
Некои страствени сонувачи
Оделе на Голи Оток или на некој Гулаг
По патеката на соништата
Поплочена со петокраки
И кајшто оделе песни пееле
Паѓај сило и неправдо
На нозе презрени од светот
Си мислеле кој пее зло не мисли
Ама не разбрале дека е поважно
Која песна се пее
И не разбрале дека на тие кои мислат
Воопшто не им било до песна
Па си останале такви
Со недопеани песни во грлото
Оти од порано уште чуле
Дека таква била нивната борба
Додека се гине да се пее
И како такви уште и фала и викале на песната
Песна нас је одржала, њојзи хвала
Ами како, ептен и за навек хвала
Песната си е песна и како да свртиш
Таа ич не е виновна што има секакви
И уште повеќе што има никакви пејачи
А никакви пејачи имаше и кога ги снема
Патеките на соништата поплочени со петокраки
Даже ептен никакви пејачи
Кои чкрипеа како недоправени верглови
И ги раскажуваа своите селански соништа
Истопорени на градските плоштади
Кои буричкаа во стари и туѓи соништа
И кои на ангро крадеа туѓи соништа
Крадеа на јаве се што ќе им дојдеше на сон
Крадеа и на сон се што ќе им дојдеше на јаве
Колку што крадеа и малку се џимкаа во сонот
Нивната девиза не беше мирен сон и чиста совест
Колку што не разбираа арно што воопшто сонуваа
Ако за сон може да се есапи
Само уништувањето на старите соништа со петокраки
И ако за сон може да се есапи
Само замолкнувањето на Аванти пополо
И само префарбувањето на бандиера роса
А ваму новите соништа да претежнуваат од популизам
И да не важи веќе поговорката
Дека секое влакно си ја знае својата леснина
Новите лесноумни петпари не даваат
За старите поговорки
Тие секоја гунгула ја нарекуваат креативност
Потем така наречената креативност уште и ја остваруваат
И за секој непочнат сон отвораат нова страничка на интернет
Ѓоа некому му е гајле што сонувале баш тие
Па ќе тарашка по нивните непочнати соништа на интернет
Јок џанам, многу бргу се разоткрија
Распродавачите на селански соништа
На градските плоштади
Кога еден поасолен нов сонувач
Од Чешка ли од Полска ли ќе да беше
Апла им плесна в лице
Дека од старите соништа со петокраки
Полоши се само новите противсоништа
А противсоништата како што се знае
Не се соништа ја биле со петокраки ја со крстови
Сигурно затоа новите асолни сонувачи
Јас сакам да ги честам со сок од еукалиптус
Во кафулето Ленин на пристаништето во Сиднеј
А вие сетики си спомнувате
Дека Ленин беше тој што велеше
Индустријализација плус Електрификација плус Организација
Рамно на голем сон од петокраки
И не туку така се вели дека баш Ленин
Прв на јаве почнал да дава бесплатни часови
По продолжено мижење
А секој што барем малку е при себе
Знае дека се што е бесплатно
Отпосле се плаќа најмалку десетпати над цената.


3.

Уште од првото сонување научив
Дека доселениците всушност
Натрапнички им влегуваат во соништата на староседелците
И дека со несечените нокти им ги дупчат на староседелците
Мешините полни со резервни соништа
Па откако ќе ги обесонеа лесно им ја крадеа земјата
И во древната абориџинска црвеница
Садеа цели плантажи со нови соништа
И тогаш јас разбрав дека има и престорени соништа
Престорени и превоспитани соништа
Оти првите доселеници беа дојдени по казна
Како историска претходница на гулазите
Само што нив тука немаше кој да ги тормози
И севезден да ги потсетува дека се престапници
испратени на издржување на казната
Туку баш напротив престапниците почнаа
Да ги тормозат староседелците и да им ги дупчат соништата
Оттогаш коалите со сите расположиви средства
Си ги вардат соништата од натрапници со несечени нокти
И си го бранат вековното право
На дваесетчасовен сон во едно деноноќие
Оттогаш сите ги предупредуваме
Да не остават на раат да си го досонуваме сонот
И на секој еукалиптус закачуваме парола
Кој сонува зло не мисли
А се подразбира дека кој многу сонува
Кога да е ќе го довстаса јавето
И ќе окапе од визити на нервни доктори
Па тогаш ќе си ги мериме соништата
И ќе ја утврдуваме нивната историска тежина или леснина
Тогаш сетики уште ќе има бумеранзи
Оти историјата без вратки не ја бидува
Што се покажа и во соништата од петокраки
Макар што никому се уште не му е јасно
Кој и како ќе им ги врати на Абориџините
Старите продупчени соништа
Оти никој се уште не измислил лепило
За продупчени мешини со резерни соништа
Штоако сега школски авиончиња
Влечат на опашките натписи Sorry
како што се влечат реклами за кока кола или нешто такво
Sorry sorry ама се знае ли што досега се стори
И ако сте љубители на рими знаете ли каков оган гори
Во продупчените соништа на староседелците
На кои денес лефтерно им велат Соррѕ
Како кога некој не сакајќи да им ги згазнал стопалата
Во турканиците пред влезот на Олимпискиот стадион во Сиднеј
Или на пазарот близу пристаништето
Ако се погодите таму на пазарен ден баш во сабота
Како на секој пазар и овде под тезга се продаваат разни нешта
Па можете да си купите разни збирки соништа
Стари и нови соништа староседелски и дојденски соништа
Од такви соништа се учи
Дека ако нижиш бисери ќе плачеш
Колку повеќе бисери во соништата толку повеќе солзи на јаве
Од такви соништа се учи
Дека ако најдеш алтани во твоите чевли
Ќе отпатуваш надалеку дури до новиот и отаде новиот свет
А пак ако таму во новиот ти свет
Се бакнуваш на сон со некого уста со уста
Ќе те фати ревма а богами и потешки болештини
Ако си машко и ако се бакнуваш со машко уста со уста
Баш како што се бакнуваше еден од наследниците на Ленин
Пу пу скраја да е
Џабе ти тогаш и соррѕ и се стори
џабе ти и цела сурија нервни доктори.


4.

Сетики знаете дека има разни коали
Има коали чауши и обични мали гладни коали
Има коали со здрвени вратови
Од сонување саде во една иста положба
Има коали кои не гледаат ни централни ни споредни вести
И ич бутур не им е заради тоа
Коалата не е коала ако не грицка лисје од еукалиптус
Ама само најнадарените меѓу нив ем си грицкаат ем си пеат
Вино пијам ем ракија коња јавам аџамија
Пеат и за Марко пијаницата и други дојденски песни пеат
Па откако ќе си ги стивнат дертовите
Држат говори и делат бесплатни совети
За тоа како се убива здодевноста
Патем и за тоа како се убиваат лилјаци или кукубари
Ако непоканети ви влетаат во сонот
Кога ќе си ги стивнат дертовите
Некои коали лежерно и онака мангупски
Им намигнуваат на какадуите
Наредени на сува гранка на едно суво дрво
Кој им е виновен на белите какадуи
Што севезден испуштаат само темни вокали
И како такви не се за прибирање
На живите гранки на живите еукалиптуси
А и не е баш прецизно утврдена дозата на страв од височина
Што му е вродена на секој бел папагал
А не се вели кој ниско лета високо сонува
Како што и од темните вокали не излегуваат бели соништа
Од друга страна во обоените соништа на коалите
Често знае да заскита и некој шарен папагал
Колку пошарен толку пошарени лаги кажува
Сам си се лаже сам си верува
А верува на пример дека ги знае наизуст
Сите сонови на сите кардинали попови и професори
Згора и на сите дипломати старлети и куртизани
И уште позгора на сите будалетинки, гологази и давајгази
Ни срам ни перде нема шарениот папагал
Баш мене на коалата папсана од сонување
Да ми ги расправа соништата баш на тие
Кои ниту знаат ниту сонуваат ниту некогаш ќе сонуваат
А кардиналите и поповите се такви
И дипломатите и куртизаните се такви
За нив сонувањето отсекогаш било изгубено време
Колку повеќе сонуваш толку помалку проповедаш
Колку повеќе сонуваш толку помалку се тртиш
А современиот живот не може да се замисли
Без обилни проповеди и обилни тртења
Од некои тртења се добиваат хемороиди
Но тоа не значи автоматски дека педеризмот зема замав
Во царството на нашите соништа
А секој пред да почне да се трти
Треба да си знае дека од тртење
Не се добива насмевката на Јуриј Гагарин
По првото облетување на земјината топка
Ами од тртење се стенка и се стенка
Се стенка до последното нежно офнување.


5.

Што правам кога не сонувам?
Па гледам што ми се случува
А здогледувам богами и вам што ви се случува
Колку ве гледам толку ви се чудам на умот
И уште повеќе не ми се верува што се‘ очите ми гледаат
И со секоја нова глетка на берзата на сонот и јавето
Незапирливо расте вредноста на долгото сонување
И секогаш одново се допрашувам
Кој ѓавол ме тераше да отворам очи и да го гледам
Само она што не сакам да го гледам
Да гледам и да слушам на пример говори
На некои ептен малоумни лидери на големи нации
Како убивањето луѓе го продаваат за возвишен чин
Или пак како безумните диктаторчиња на малите нации
Си ја негуваат сопствената примитивност
И на подредените преку телевизија им јавуваат
Дека веќе им летнале главите
А подредените си се тешат така што си мислат
Дека со летнати глави веќе не мораат да бидат толку понизни
Воопшто нема трте-мрте со безумните диктаторчиња
Кај нив се‘ мора да биде според правилото на службата
И според распоредот за попладневни занимации
Па затоа збеснуваат кога дождот ќе прекине
Некој меч на тенискиот турнир во Вимблдон
Има да го види Господ тој Господ кој би пуштил дожд
Кога вимблдонскиот турнир би се играл во нивните локални царства
Божемипрости дури прднат диктаторчињата
Лично Господ ќе мора да го пренасочи дождот
Што им го прекинува ќеифот а големите љубители на тенисот
Распашани на самите врвови среде малите нации
Меѓу два сона како меѓу два тениски сета
Јас понекогаш и ќе зјапнам онака отсустно во небото
И бргу-бргу сама строго ќе се прекорам
За тоа ли отворав очи за да зјапам во кукубарите
А нема кукубара којашто нема да ти украде ќебапче
Од распламтената скара во дворот
Како што нема чавка која нема да ти се посере на ќелавицата
И уште да те мавтосува дека тоа ќе ти донело среќа
Мижи Асан да ти бајам велат за тоа новодојденците од Македонија
А јас самата си велам мижи си колку што можеш повеќе
За да пропуштиш барем нешто
Од она што ти се случува кога ќе отвориш очи
Да ги пропуштиш ако се може уроците по глобализација
Според кои големиот брат ќе заповеда а малото братче ќе извршува
Па потем малото братче ќе извршува а големиот ќе заповеда
Божем не се рекло и пред раѓањето на големиот брат
Дека големата риба ја јаде поситната
Та сега покорувањето на староседелците
Да мора да се новоименува како глобализација
Како што денес се именува секое покорување на малите народи
Како што денес се именува и исчезнувањето на малите јазици
Ако погледам уште малку ќе ги видам и првите фиданки
На таканарелената ботаничка глобализација
Која најстрого пропишува краставиците да бидат прави
И да не бидат подебели од осум сантиметри
Ако сакаат да бидат пропуштени до трпезите на Европската унија
Истата мака си ја имаат и доматите, празот и компирите
На кои уште незасеани им се дава до знаење
Дека во Европската унија сакаат само прави и мазни
И кој им е виновен на кривите краставици
Кога во глобалистичката агенда не е предвидено
Формирање на невладини организации
Кои сесрдно ќе се борат за неотуѓивите права на кривите краставици
И од нив да се прави салата на европските трпези
Како што на пример на почетокот на дваесет и првиот век
Имаше портокалови и други невладини организации
Кои со каранфили и рози им го поплочуваа патот
На оние кои мораа да си заминат од видното поле на големиот брат
Туку ај да се привардиме заеднички
Да не зацапаме ептен во батаците на глобализацијата
Има и повесели работи да се видат штом ќе се отворат очите
Животот е едно бескрајно глобално море
Во кое има место за давење на веселници од сите земји
Кои во сите книги на исчезнатите ќе се водат како веселници
Само ако претходно себично си приредувале
Љубовно-еротски наслади и петпари не давале
Што пишува за нив и за љубовта на лезбејките
На белосветските ѕидови за графити
Зашто градските варосувачи никогаш не доцнат.


6.

Многу е важно навреме да се научи
И напорно да се работи на тоа
Да се сонува на поинаков начин
Зашто само така соништата не зачмајуваат
А општо е познато дека ако соништата се поболат од зачмаеност
Вируси ја напаѓаат сета историја на соништата
Сета историја сосе светлата иднина
Која севезден им се ветува на сонувачите од сите земји
Со зачмаеност не е како со старите македонски сонови
Па ако се видиш оти си зачмаен многу пргав ќе си бил
Или ако се ожениш нема да се жениш за многу време
Нема куртул од зачмаеноста
Како што нема куртул и од женачката
Зачмаеноста ти останува во сонот
Како што болеста ти останува ако жена ти остане дома
Како што болеста ти останува за навек
Ако некоја жена ти заседне и чорапи ти плете
Скраја да е таква да ти дојде во постела
Оти лоши болештини носела
Сонувај сонувај и само сонувај
Сонувај поинаку сонувај храбро
Иако оние кои има наоѓаат маани на соништата
Најнакрај сепак нема да ја пропуштат приликата
Онака ѓоа добродушно да ти кажат
Дека што и да сонуваш не требало баш тоа
И не требало баш така
Просто да не ти се верува колку се перчат
Оние кои им наоѓаат маани на соништата
И воопшто не се свесни дека се едни никакви
Сосема пропаднати и бивши сонувачи
Саде на зачмаени соништа
Таквите ќе пукнат од мака кога ќе видат
Дека оние кои сонуваат поинаку ги даруваат
Со макети на Операта во Сиднеј направени од сапун
И баш затоа сите без исклучок по првиот поинаков сон
Поубаво и некако поуметнички пеат додека се тушираат
Поинаквите сонувачи поинаку ја учат
Тајната на водата во Сиднејскиот залив
Поинаку влегуваат во сказните меѓу морските карпи
И нив поинаку ги допираат бранувањата на мудроста
Којшто еднаш сонувал поинаку
Знае дека за тоа сака и дарба и мака
Дека не се сонува поинаку по секоја цена
Дека не бива поинаку набрзина и особено не со сила
И дека сака трипати море десетпати
Да сонуваш како што си сонуваш
Пред да решиш еднаш да сониш поинаку
Единаесетиот пат ќе сфатиш дека
Да сонуваш поинаку не значи да сонуваш исчашено
И да се занесуваш дека во Европа се одело
По источните патишта тадури и преку Бугарија
Ја ќе сфатиш ја никогаш нема да сфатиш
Оти покрај зачмаените има и диригирани соништа
И на диригираните сонувачи не им е дадено
Да сфаќаат ами да сонуваат така како што ќе им се каже и точка
Диригираните соништа никој жив не ги есапи за поинакви
Тадури и за зачмаени не се есапат диригираните соништа
Толку што биле чурук и толку што биле безлични
За нив нема место во науката за соништата
Макар што има прилично познати примери
Многу луѓе а богами и народи се зашеметуваат
Од диригирани соништа и како такви
Остануваат во музеите на жртвите на диригираните соништа
Значи сака убаво да се испоти перницата
Па низ практично сонување да се совлада науката за сонувањето
Систематично да се совлада како и секоја наука
Сон по сон реди сон по сон дипли
Во глави жешки усвитени
Реди си саде сонови саде поинакви сонови
Дури откако ќе се совлада науката за поинакво сонување
Убаво ќе се разбере дека има и сонови со корени
И тогаш сетики ќе се разјасни
Зошто дедо Фројд искачен на врвот на сонот
Малку му се подналутува на Гоцета наш Смилевски
Кој толку неосетно му ги симна еполетите.


7.

Реков ли сон со корени?
Ја сретнав ли на сон египетската сонувалка?
Има ли корен што расцутува во невиност
Или невиноста ја има само во записите
На државните хроничари и режимски писатели?
Што сонуваат писателите без режим?
Колкав им е крвниот притисок и шеќерот
На белосветските хуманитарци
Кои на зајакот му велат да бега на ловџијата да пука
И кои за своите самозададени мисии
Папагалски повторуваат дека се мостови меѓу Исток и Запад?
При толку висечки мостови меѓу Исток и Запад
Како да се одбегнат смрдежите во јазовите меѓу Север и Југ?
Кога веќе ме фати распрашувачки занес
Да допрашам дали само непријателите секогаш смрдат
И дали народ кој нема непријатели е осамен народ
Па попусто му доаѓа што се конти пред огледало и мириса на ливанто?
Дали ако во првиот сон заскитате во стварниот живот
Во вториот ќе се приберете во манастир?
И какво фајде од манастирската осаменост
Кога отсекогаш ве учеле да се препознате себе си
Во присуството на другите?
Дали манастирските одаи понекогаш стануваат
Фабрики за свежи сонови
Од коишто како што некој беше рекол
Будењето е еднакво на умирање?
Дали Калигула на пример бил само обичен месечар
Или висококвалификуван управувач со туѓи сонови?
На што мислел Александар Македонски
Додека расадувал слободољубиви сонови под Хималаите?
Што сонуваат Хунзите под Хималаите
Пред да кинисаат на пат кон прататковината Македонија
А што сонуваат отпосле кога со свои очи ќе ги видат Македонците?
Кој е попотомок на големиот Александар
- Хунзите ли Македонците ли?
Колку Хунзите се Македонци а Македонците Хунзи?
Имаат ли некаква врска нашите Хунзи со опеаните Нибелунзи?
Ако Хунзите имаат одлични тапанари
Како ли изгледаат нивните ора и какво им е Тешкото?
За која партија ќе гласаа Хунзите
Ако случајно се затекнеа во Македонија
За време на изборите со оглед на тоа
Што во меѓувреме ја примиле исламската вероисповед?
Како ќе распознаат Македонците дека Хунзите ја пеат
Баш Денес над Македонија на нивниот бурушаски јазик
За да можат простум да си ја поздрават химната?
Реално ли е да се сонува дека Хунзите
Можат да им позајмат на Македонците
Барем по еден принц и принцеза
За да може и во обесцарена Македонија
Да заврзе благородничката лоза
И на Македонците веќе да не им течат лиги
Што секаде во соседството се вратиле кралчињата и царчињата
А само тие останале со празни раце
Тоест со претседатели премиери и државници од друг вид?
Дали обичните Хунзи велат Ние и Македонците два милиони
Како што Црногорците откога знаат за себе велат
Ние и Русите двесте милиони?
И дали воопшто ќе остане забележано
Колку новороденчиња ждригнаа од неизмерна радост
Кога првин на плоштадот Пела во Скопје
А потем и на безимениот плоштад среде Галичник
По цели дваесет и три века се споија две енергии
Под високото покровителство на Александар Велики Македонски?
Нели сакавте сонови со корени?
Нели сакавте на сон да ја сретнете египетската сонувалка?
Нели си мислевте дека во сонот на коалата нема прашалници?


8.

Кога немаш друга работа и сонуваш многу
Многу та премногу преку сите мерки
Тогаш многу и патуваш низ соништата
И скокаш по континентите како јојо
Скокаш и си се куражиш да скокаш уште повеќе
Запознај ги континентите за да ги сакаш повеќе
Колку повеќе континенти знаеш повеќе вредиш
И такви ми ти запршки од ветви пароли
Може да се скока и ниц времето
Ама тоа е сосема поинакво скокање
Од скокањето низ меридијаните
И за тоа си треба башка седнување и башка сонување
Навистина понекогаш доаѓа до исперплетување
На скокањето низ просторот и времето
Понекогаш доаѓа и до преплетување на цревата
Ама тоа веќе одамна не се есапи за болест за умирачка
Што значи сонувањето и скокањето можат да продолжат
И тоа така да продолжат што јасно да се стави до знаење
Дека просторите низ кои се скока немаат соседи
Како што ни владетелите вклучувајќи ги и македонските владетели
Ниту имале ниту ќе имаат пријатели
И како што е историска и личен малер за секој маж
Која и да е убава жена да му стане пријателка
Така барем велат на улиците на Самарканд и Бухара
Ако е точно тоа што ми го кажаа Егејците од Ташкент
А од Ташкент во Австралија се населија многу Егејци
Егејци дојдоа и од Тулгеш и од Дмбени
Отпосле разбрав дека и тие не само што се џимкале во соновите
Ами скокале по континент не отшто сакале ами отшто морале
Оти на времето уште пред шеесет и кусур години
Ги избркале од родните огништа во Егејска Македонија
Затоа што се бореле на страната на комунистите
И повеќе затоа што играле македонски ора наместо сиртаки
Многу се тажни приказните на Егејците
Уште потажни им се соништата а најтажни погледите
Ама што дошло ќе се трга па ќе се крстиш во Перт
А ќе ја сонуваш црквичката во Дмбени
Леле колку е убава црквичката во Дмбени
Како нацртана е и опишана во најубавите народни приказни
А ќе си спомнев на големиот егзодус на Егејците
А сонот ќе ми сконеше до пабот Спанниардс Инн во Лондон
И таму на истата маса во левото ќоше
Секогаш ќе го видев Карл Маркс
Ако не сте чуле тој спаѓа меѓу најпрочуените сонувачи
Во историјата на човештвото и на светот
Тоа си е така и така ќе си биде
Без оглед што сега може секој да каже
Дека затоа и светот и човештвото се такви
Оти така биле отсонувани од најпрочуениот сонувач
Чијшто главен лозунг бил Сонувачи од сите земји обединете се
А секој би очекувал од него Сонувачи од сите земји разбудете се
Ама ајде де знаете и сами дека меѓу сонот и јавето
Настануваат и поголеми збрки
Овој сонувач од пабот Спанниардс Инн во Лондон
Во слободното време им правеше деца на своите куќни помошнички
И на тој начин придонесуваше да се зголемува бројот
На сонувачите од општа практика
А некогаш кога ќе му затребаа изнајмуваше и сонувачи и сонови
И сите тие како и Маркс лично сонуваа еднобојно само црвено
Сонувачите на неговите сонувачи многу години потоа
Пролетта 1968-та го воскреснаа баучот на црвените соништа
Насекаде по светот од Беркли до Париз тадури и до Скопје
А ќе скокнеа од сонот во јавето веднаш го бараа невозможното
Како што нивните татковци јуришаа со голи раце на небо
Сепак шеесет и осмата беше поинаква
Бидејќи како прво и прво се случуваше на улиците и универзитетите
А не по шумама и горама наше земље поносне
Плус шеесет и осмата и во креветите се случуваше се и сешто
И не попусто лозунгот на револуцијата тогаш гласеше
Кој двапати спие со иста тој веќе спаѓа во естаблишментот
Е таа шеесет и осмата никако не можам да им ја објаснам на новите поети
Тие многу спијат ама малку сонуваат и одвај знаат што сонуваат
А сето тоа што не го знаат го нарекуваат постмодернизам
Па кој нема друга работа нека си ја чука главата
Од варосаните кажувања на новите поети
Кои инаку се многу умни и учени млади луѓе
Ама ете го утнале историското време за сонување
Како што на калемарите своевремено не им се зафатија црвените рози
Колку црвени рози калемеа тие
Толку повеќе се продаваа жолтите рози од Тексас
Инаку опеани во една лигава каубојска песна
Вие секако сте чуле дека во каубојските филмови
На крајот секогаш победува правдата
Но песната за жолтата роза од Тексас навистина е лигава
А и сомнително е и тоа со правдата во каубојските филмови
Зашто и Индијанците имаат правда ама таа не победува ниту во еден филм
А нивната судбина мене неодоливо ме потсетува на Абориџините
Само што на Индијанците се уште никој не им се извинил
Како ништо да не се случило со нив
Или како се да се случило како што Господ го создал светот
А на Господ знаеме ни на крај ум не му паѓало
При создавањето на светот и пред тоа и потоа
Да помисли а не пак да изусти
Дека само мртвиот Индијанец е добар Индијанец
Господ при создавањето на светот и пред тоа и потоа
Не предвидел дека некои негови следбеници ќе имаат ноќна мора
И ќе си ги убиваат сопствените жени и деца
Во името на изопачената свест токму за Бога
Ама сега не е време за везење такви гоблени
Ехехеееј дури до Бога стасавме од приказната на црвените калемари
А токму тие едно време учеа
Дека навистина не е важно што се случува во соништата
Ама е ептен важно ништо да не се дознае за тоа


9.

Ѓаволот ќе знае зошто го помнам сонувачот Маркс
Баш во пабот Spanniards Inn во Лондон
Но кога веќе го спомнав пабот
Редно е да ви кажам дека таму често навраќаа
И поетот Џон Китс и писателот Чарлс Дикенс
Обајцата беа големи љубители на сонувачки пасијанс
Па си редеа ред сон ред јаве
И уште ред смеа ред тага
Отпосле за нив се дозна дека му припаѓале
На редот на големите сонувачи
Впрочем со поетите и писателите секогаш е така
Цел живот сите ги гледаат како џуџести брези
А кога ќе умрат ќе се види дека биле бабачки како секвои
Секвоите галиба први рекоа Едно сонување еден век
А за Дикенс и научно е утврдено
Дека ја откри обратнопропорционалноста на сонот и јавето
Пред него се велеше спроти сонот и јавето
Ама тој прв рече спроти јавето и сонот
А после рече сонот против јавето или јавето против сонот
И шуќур што јас си живеам на еукалиптус
И си брстам ментолни лисја таман колку што треба
А ако живеев на секвоја
Секако трипати помалку ќе спиев
И во долгото јаве ќе морав нешто и да работам
Скраја да е секвојата и се гледа богати
Зошто писателите и поетите ги споредуваат со секвои
Има секакви и никакви секвои
Како што сонуваат секакви и никакви народи
Сонуваат секакви и никакви сонови
Сонуваат што немаат на пример иднина
Сонуваат љубов од старите народни песни
Сонуваат дека ако пијат вино ќе бидат здрави како прчови
Сонуваат дека летаат на сон и се качуваат на високи ридишта
И дека ќе им напредува работата
Си сонуваат се‘ што ќе им дојде
Се дури врз сонот не им стапне оној Асан
Што го терале да мижи па да му бајат
Мижи Асан ама нема да видиш дека на телевизија
Наместо сапуни и детергенти се‘ повеќе се рекламираат
Некакви дрдорковци и лажачи кои себе си се нарекуваат
Лидери на политички партии
Таквите кајшто ќе стасаат шлапаат гуми за џвакање
Уште пукаат и балончиња од гумите за џвакање
На таквите некој сличен им рекол дека гумите за џвакање
Неверојатно го подобруваат помнењето
И баш им е гајле што нивното шлапање ги нервира луѓето
А катаден се потврдува и дека не е баш точно она со помнењето
Инаку таквите што се нарекуваат политички лидери
Ќе запомнеа барем едно ветување
Стига ќе беше само да го запомнат
А за исполнување колај бива
Од тукашните дојденци чув дека
Таквите што се нарекуваат политички лидери
Таму некаде на Балканот во последно време
Особено го негуваат сонот за идентитетот
Таквите што се нарекуваат политички лидери
Најди ги загуби ги само си титкаат есемесуваат и меилуваат
Некој им шепнал дека е здраво да се јадат бобинки наречени брусници
Па така пукнати од здравје ќе ги забрзале
Новите реформи и интегративни процеси
Таквите што се нарекуваат политички лидери
Пијат кока кола и имаат шеќердисани сонови
Таквите далдисани во сонот за идентитетот
И кога ќе умрат нема да сфатат дека е важно
Која женска си ја фатил а не од кое племе потекнуваш
И токму затоа нема разбирачка со таквите
Кои си се нарекуваат политички лидери
И на кои камбаните им служат за сечење на фобичните сонови
Таквите по природа се многу фобични
Таквите страдаат од фобофобија и непофобија
Таквите страдаат од какофобија и особено од епистемофобија
Таквите страдаат и од папафобија и од панофобија
Таквите понекогаш на сон баш кога им е најубаво
Ги фаќа дрскосерица и тогаш да не си им во кожата
Тогаш нивните сни стануваат исчашени сни
А јавето е на ачик особено ако таквите не успеат
Навреме да стасаат до првиот клозет.


10

И малите деца знаат дека се сонува и на исток и на запад
И дека тие соништа напати галежно се допираат
И си шепотат нешто што нема никаква врска со јавето
Оти во јавето нема источно-западни галежни допири
Има купишта лажни насмевки на недоветни главатари
Заскитани и којзнае како стасани на врвоите на власта
Лебдечки главатари со прилично празни глави
Кои служат како очевидна потврда
Дека некој може да стаса на врвот без да се искачува
Главатари тапкароши на евтини прирачници по светска демократија
Главатари кои се најочигледен историски доказ
Дека она што поминало не се враќа
Зашто ако беше поинаку сетики ќе се најдеше некој
Кој барем од далеку ќе заличеше на Рузвелт Черчил или Сталин
А зошто не на Тито или Де Гол
Море викајте вие што сакате
Ама ќе да беше во право оној Маркс од пабот Спанниардс Инн во Лондон
Кога еднаш рече дека историјата се повторувала како фарса
И викајте вие што сакате
Ама од секој руски и американски вселенски брод
Со голо око може да се види дека источните сонови
Некако поинаку лебдат од западните
За кои на исток велат дека емпириски утврдиле
Дека воопшто немаат никаква сонувачка специфична тежина
Толку што биле сурови реалисти западните сонувачи
Источните сонувачи многу сакаат да си ги фарбаат соновите во разни бои
И секој знае дека на најстраствените сонови им личи црвената боја
Така бојадисани безбели биле и соновите
На морнарите од крстарицата Аврора
И така бојадисаните сонови најлесно се ределе во матушки
Отвори ја најголемата матушка во неа има помала и во помалата помала
Се така до помалата од најмалата матушка
Како што се редат матушките
Така си се редат и соновите
Се до оној помалиот од најсекавичниот сон
Кој ги разбрал матушките
Лесно ќе разбере и зошто немаат крај источните сонови
И на кој начин се одржува нивната историска свежина
Пак ќе ја спомнам насмевката на Јуриј Гагарин
Зашто кој ја разбрал таа насмевка
Лесно ќе ја разбере и душата на источните сонови
Особено на соновите обоени во црвено
Оти е заправо само тук-там на исток ќе најдете сонови
Бојадисани со други бои макар што во последно време
На исток се поуспешно е мешањето на боите
И тоа бргу бргу ќе стане олимписка дисциплина
Сосе опасноста од разводнување заради геслото
Дека било важно да се учествува кое на исток понекогаш се доживува
И како изветвен еуфемизам за неуспех и предавање
Тоест кршење на победничкиот дух со кој се натопени
Сите источни сонови тадури и нивните остатоци
Како што е редот во црвено бојадисаните сонови
Има купишта црвени цреши и црвени патлиџани
Црвени пиперки и црвен пипер со маст и сол
Веднаш нека се додаде дека има и црвени рози
А само по себе се подразбираат и црвените крвни зрнца
Некој сигурно ќе се запраша што мајка бараат тука
И црвените лакови за нокти
Ако де нека се запраша
За црвената боја со векови се поставуваат секакви прашања
Не се поставувале само прашања
Ами цели сурии кинисувале да ја избришат црвената боја
Цели белосветски движења се кревале
За преименување на пример на Црвеното море
А одговорот секогаш бил полека спокојно
Наскоро секако ќе има и црвен океан
Цели сурии потпишувале петиции за преименување на Црвениот плоштад
Никој да не знае дека баш црвените не му го дале името на Црвениот плоштад
Општо земено незнаењето станува заеднички именител
На небањатите петиционери против се што е црвено
И нема да биде ништо чудно ако еден ден тие побараат
Да се преименува и Црвенкапа
Да се преименуваат и Црвени брегови таму долој Криволачко
Да се преименува и Црвена вода во Охридско
Оти каде се чуло видело водата да е црвена при толку лазур во езерото
Само од црвениот телефон не би се откажале преименувачите
Оти многу биле важни преименувачите
И им личело баш преку црвен телефон
Да ги соопштуваат своите намери за преименување и префарбување
На источните сонови сосе источните гревови
Еден ден и преименувачите ќе бидат преименувани
И сонцето ќе продолжи да изгрева на исток
Макар што на некои преименувачи никогаш нема да им биде јасно
Колку краци всушност има сонцето што изгрева на исток
Шеснаесет ли дваесет и четири ли милиони ли
И кај се најде сонцето да изгрева и тоа баш на исток
Наместо на пример да извира од подземните антички наслаги
Сонцето што извира сигурно би извирало од очите на Александар Велики
Е таквото сонце најубаво би прилегало на сите бајраци
А не сонце како ова што изгрева на исток
И кое безмилосно им ги пече сите утрински погледи
На преименувачите од сите земји
И ги прави нив жални и немоќни пуликуриња
Кои отшто не ги бидува за љубов
Зе занимаваат со преименувања и како такви
Редовно учествуваат во дебатните емисии на телевизија
Секогаш кога се на телевизија им даваат минерална вода
И изгледа затоа соновите им се жуборливи
А за јавето на преименувачите допрва ќе се зборува.


11.

Си реков дојде време за отпочин од многу сонување
Време е да се протријат очите
И да се касне некое резне јаве
Преполно со коалољубци (и кенгурољубци) од сите земји
Кога ќе видам што ќе видам
Лично Папата Бенедикт Шеснаесетти
Да ми ти дошол во Австралија и лично тој ми пружи рака
Вели одамна сакал да се сретне баш со мене
(Вели дека сум Божји ротвајлер и јас навистина не го разбрав тоа)
Вели многу го интересирале моите соништа
И малку се попари кога веднаш му кажав
Наместо добредојде му кажав дека за моите сонови
Сум во постојана комуникација со еден поет од Македонија
Ох Македонија рече Папата никогаш не сум бил во Македонија
Иако тоа е само еден саат летање од Ватикан
Никогаш никој и не ме поканил во Македонија
А во животот на еден Папа многу е важно да не оди неканет на гости
Сум читал многу за Македонија додаде Папата
Светиот апостол Павле на пример пишува
„Кога дојдовме во Македонија, никаков мир немаше телото наше;
Во се’ бевме во маки; однадвор напади, одвнатре страв.“
Не ми се верува дека и сега е така во Македонија
Ако има божја правда не би требало да е така
Зошто инаку би ми кажувале сите дека Македонија
Е европска земја во изградба
А самите Макеоднци едно време далдисани
Од братството и единството и затрчани по ударнички значки
Самите Македонци значи велеа
Дека додека трае обновата и изградбата нема одмор
А богами начув дека и во последно време
Чекореле преродебенички и надградено
Иако не разбирам баш точно што е тоа вели Папата
Сепак верувам дека еден ден ќе здивне и тој народ
Иако никогаш не си начисто со народите чиишто водачи
Немаат поумна работа па катаден повторуваат
Дека имаат библиски корени
Бетер се од папагалите какаду некои водачи на Македонците
На кои јазиците им се одамна отечени од извикување празни пароли
Ако продолжат така на некои водачи на Македонците
Можеби ќе им паралдисаат и очите
Од непрестајно гледање во огледалцето од приказните
Коешто вешто ја мамело грдата сопственичка
Дека најубава на светот е баш таа
Така непредвидено ни скршна муабетот со Папата
На македонски теми а јас не му кажав ништо за тоа
Ни а ни б не реков иако од порано бев чул во близина
Некои доселеници како на глас викаат Македонија на Македонците
Викаа нешто и за земјата на земјоделците
Од што разбрав дека Македонија е земјоделска земја
Викаа нешто и за Солун дека бил нивни
Ама едни други доселеници викаа уште понаглас
Дека Солун бил нивни и никому не го давале
А јас не се сторив дикат да видам што е тоа Солун
Каде се наоѓа и зошто е толку важно чиј бил и чиј ќе биде
Но ете не му прозборев на таа тема на Папата
Не му реков ништо ни за тоа што мислам
За глобализацијата и за новиот светски поредок
Нека си мисли Папата Бенедикт Шеснаесетти
Дека сум едно заспано мече што не се одбира во ништо
И што не чуло на пример за педофилијата на свештениците
Заради која Папата се извинува каде и да појде
Нека си мисли Папата дека тој севезден невино стои
Пред она огледалце од приказната за Снежана
И дека никој не чул ништо за лицемерието
Што чистачите не успеале да го исчистат
Сосе правта од Ватиканските одаи
Едно време си реков да му ги истурам пиперките на Папата
Барем за педофилството на неговите свештеници
Ама бидејќи немаше време
Си реков поважно е да го прашам римскиот Папа
Имало ли воскресение пред Христа
Уште не го дореков прашањето Папата влета
Во неговиот познат автомобил во кој се вози исправен простум
Подналутено нареди автомобилот веднаш да тргне
Како да сакаше Папата да ми каже
Дека некои прашања не заслужуваат одговор
А јас да знаев да возам веспа
Веднаш ќе тргнев по него
И немаше да останам со зината уста
Додека Папата се оддалечуваше
И се обидуваше да ја задскрие лутината
Зад една од неговите насмевки
Извежбани пред огледалцето од приказните за Снежана.


12.

Да пукнам одамна не сум имала толку долг отпочин
И ќе заборавев на сонцето што изгрева на исток
А и тоа галиба имаше нешто со Македонците
И сонцето било ѕвезда велеле Македонците
Бре бре како никој да не знаел што било сонцето
А за ѕвездите допрва ќе се разјаснува
Дали Македонците мислеле повеќе на ѕвездата од Вергина
Или на ѕвездите од европскиот бајрак
Во последно време никој не може сосема да е на јасно
Која посока ја фатиле Македонците и во која ѕвезда зјапаат
Секој има право да си зјапа кајшто сака
И безбели ќе биде најдобро да се остават Македонците
Ем да се изназјапаат ем да си ја надат посоката
Ем да им пукаат гласните жици од патриотски песни
Сонцето и онака пак ќе си изгрева на исток
И пак ќе заоѓа на запад што не значи дека и на запад
Не грее сонцето додека туристите чекаат
Да го уловат во своите камери залезот
За кој однапред знаат дека е волшебен и незаборавен
Пред зајдисонце на запад катаден луѓето стануваат имуни
На романтични воздишки и нежности од каков било вид
Воопшто на запад многу е распространето мислењето
Дека љубовта и сите воздишки се обична измислица
И дека живеачката во целост ја движат пазарните односи
Затоа на запад има се повеќе жени кои не знаат да се бакнуваат
Ај што не знаат да се бакнуваат ама не знаат ни да готват
А тоа веќе директно се одразува врз квалитетот на сонувањето
Зашто во рестораните за брза храна не се крепи здраво сонување
И понекогаш е поарно да си гладен и барем со време да си знаеш
Дека гладна мечка ни оро игра ни сон сонува
Одошто да се мавтосуваш и соновите да ти претежнуваат
Како и мевот нполнет во некој од рестораните за брза храна
Нема нема туку пак ќе чуете на запад дека се било пазар и маркетинг
Особено маркетинг ќе промрмореше тетка Параскева
Која везеше велемајсторски гоблени со тајната вечера
Ама немаше кој да и ја рекламира мајсторијата на телевизија
А и да имаше кој не се доаѓаше лесно до рекламен простор
Односно беше невозможно да се искамчат неколку секунди
За реклама на гоблените на тетка Параскева
Меѓу два директни преноси од боиштата во Ирак и Авганистан
Поради кои луѓето на запад и не забележуваа
Дека на светов и на веков има и воздишки и зајдисонца
И дека соништата не се за во микробранова печка
Соништата не се ни за во рекламни спотови
А ниту можат да се ррциклираат
Во најновите машини за перење соништа
Коишто се во експериментална употреба
Во некои строго одбрани салони за негување ветви сонови
Таквите салони некаде ги нарекуваат клиники
И ќе ги препознаете по тоа што во нивните дворови
Се оптегнати многу јажиња на кои се сушат испрани сонови
Низ тревата во овие дворови ама и низ градските паркови
Спокојно си се шетаат многу типови со чачкалици во устите
Некои чачкалиците ги нарекуваат заботребници
Ама сега навистина не ни се требни лингвистички експертизи
Ем си грицкаат чачкалици ли заботребници ли
Ем во тазе искосената трева си го бараат изгубеното време
Надевајќи се дека ќе станат ликови од романите од тој жанр
Не поминува ден пред зајдисонце луѓето на запад
Да не си се чудат самите на себе
Да си се чудат и да си се допрашуваат
Како воопшто се случува
Баш тие коишто не можат да си ја спастрат сопствената куќа
Баш тие коишто не можат да си ја спастрат и сопствената држава
Ете баш тие и нивните водачи да го спаструваат сиот свет
Сосе светот и новиот светски поредок
Отшто новите сонови се менувале
Како што се менуваат марките мобилни телефони
И сакале да бидат од нови понови сонови
А недотрошените сонови ќе му се подарат на третиот свет
Каде што е во подем шверцот со половни сонови
Старо купувам стари сонови викаат препродавачите
Со накривени паларии и чачкалица ли заботребник ли во устата
Баш се интересни како во старите црно бели филмови
Стари сонови стари сонови ама има и џиџит нови сонови
Нив пред порти ги фрлиле оние кои не губат време со сонување
Тие немаат време за препродажба на сонови
Нив потесна специјалност им е препродажбата на нафта и цигари
Тие не се занимаваат ни со препродажба на гаќи и градници од Турција
А не пак со некакви ветви и половни сонови
Светците и подсветците на нивните икони се дигитални
Молитвите им се секавични и стуткани во кутија од цигари
Фрлена на влезот во тукушто изграденото сонувалиште
А од преполните усти им течат лиги од црно чоколадо.


12.

Кога сонувам јас не сум во кома
И сепак дослушнувам нешто од она што се зборува околу мене
А зборуваат луѓето се и сешто
И понекогаш дури ми е непријатно
Од удобен сонувач да не се претворам во дремлив кодош
Кој нема што да прави та слуша туѓи муабети
Поточно ми беше непријатно од туѓите муабети
Додека не сфатив дека работата не е во слушањето
Ами во пренесувањето на туѓите муабети во надлежните служби
А мене тоа ниту ми паднало ниту ќе ми падне на ум
Што чув не чув што видов не видов
Ако некој баш запне да се интересира
Може само да му додадам дека тој за кого прашува
Тукушто помина оттука и воопшто не го видов и точка
Така било така и ќе биде до последната коала
Оти во нашиот род никогаш немало и нема ни да има кодоши
Објективните биолошки околности се такви
Ние не се ашкаме по кафеани по плажи и на други места
Ние си го вардиме сопствениот еукалиптус и ништо повеќе
Но и по табиет не сме дрдорливи и претпочитаме да си молчиме
Оти од раѓање знаеме дека кој молчи ќе изџвака повеќе еукалиптус
И спокојно ќе си сонува а сите знаат дека
За секоја коала сонот е од првостепено значење
И така демек слушам двајца кајшто се расправаат баш за соновите
Едниот вели дека ако на сон газиш во лајна ќе се поболиш
Другиот му одвраќа дека се тоа бабини деветини
Во лајна ако газиш само ќе смрдиш додава суровиот реалист
Потем го свртеа муабетот на жени
Те вакви нозе имале и онакви газиња имале жените што одеа пред нив
Тој што зборуваше за газењето лајна во сонот
Сега рече дека жена ако ти дојди дома усмевната
Болест ќе ти дојди ама светрум ќе ти помини
А ако набасаш на некоја намќорка допраша другиот
Е ако е некоја смуртена лоша ќе ти биди болеста
И уште ако не ја знаеш жената што ќе ти втрча со сонот
Некоја нова и непозната болест ќе те довстасала
Така велеше првиот толкувач на соновите
А вториот веќе и не допрашуваше ами повторуваше
Дека сето тоа се само бабини деветини
И дека со нова жена нови ќеифови се тераат
Особено ако е како оваа еве што оди пред нас
И подвртува со газето како пропелерче
Во некоја берберница среде тукашните или мексиканските жеги
Толку за муабетот на овие двајца
Првпат отворам уста за туѓи муабети
Ама како што гледате во нив нема ни грам политика
А признајте дека убаво е да се муабети за згодни ножиња и газиња
И дека таквите муабети не ги интересираат тајните агенти
Не што не ги интересираат муабетите ами и не ги бидува
Тајните агенти за жени со газиња како пропелери
Оставете го тоа што го гледате по филмовите
Тоа е само заради уметничкиот впечаток или е гола пропаганда
И запомнете дека зад секој успешен таен агент
Не стои жена со згодни нозе и газе како пропелер
И ако ако тајните агенти беа малку од малку асолна фела
Немаше сите до еден сами да мијат садови дома
И насапунетата садомијачка рака да ја прогласуваат
За среќна рака на судбината која барем не е здодевна
Ви велам секакви доаѓаат да ме видат да ми го погалат сонот
Доаѓаат и в недела отшто е отворено
Доаѓаат и такви кои говорат дека сум била дембелка
Како некои шеесетиосмаши што ги запоседнале фотелјите на власта
Јас и ден денес не знам и не ме интересира кои се тие шеесетиосмаши
Ама искрено речено се навредив од неумесната споредба
Кои се пак тие да велат дека сум дембелка
И уште да ме споредуваат со некакви шеесетиосмаши
Ако продолжат така само ќе го расрдат коалиното братство
И нема да се вратат дома без гребнатини од нашите канџи
За спомен и долго сеќавање од коалите дембелки
Туку шуќур си велам денеска што е недела
Па поповите имаат венчавки и крштевки
И немаат време за визитации на коали и други сонувачи
На сон поп ако ти дојде ќе ти напраи триста лошотии
На сон владика или поп и за ѓаволи се веруваат
А богами не се чуло дека и на јаве ги есапат за ангели
Така барем велат дојденците од Македонија кои своите попови
Повеќе се среќаваат по судови одошто по црквите
За да расчистат како може тоа што народот го изградил
Да не биде народно ами попово
И како може некој да биде овчар ако нема стадо
И многу имотно-правни а не духовни работи
Расчистуваат македонските попови по австралиските судови
И затоа треба да ги разберете дојденците од Македонија
Кога севезден се молат Господ веќе да не им испраќа
Терсене попови и тужибаби и уште потерсене владики
Тие не само што имаат вештачки вилици и заби
Ами и главите им пукаат од вештачки сонови
А и зборовите веќе не им се природни и веродостојни
И кога ги редат божјите заповеди
Намерно ја прескокнуваат онаа – не буричкај во туѓи сонови.


13.

Сеедно дали се свои или туѓи
Некои соништа натежнуваат и претежнуваат од историја
И тие соништа по правило се најкошмарни
Џимкањата во нив се најбучни
А клуч за нивна одгатка ретко се наоѓа
Иако во последно време прилично напредна
Археологијата на соновите како една нова
И прилично коњуктурна научна дисциплина
Особено бурни сонувачи на секаква историја
Се балканските народи кои уште си вадат очи за минатото
Тие понекогаш сонуваат исти сонови
А неволјите настануваат кога сите сакаат
Да имаат тапија на еден ист сон
И нема господ кој може да го разврзе тој јазол од пет-шест исти сонови
Не помага тука ни сабјата на Александар Велики
А замислете како ми е мене кога такви сонови
Нацицани со балканска историја
Ќе ми влезат во мојот сон
Сосе соновите врват и митовите
А на обичните луѓе им е многу тешко
Да ја одвојат историјата од митовите
Што совршено им одговара на необичните мешетари
Со историјата и митовите
На кои се разбира не им е важно
Колку нешто е историја а колку мит
Туку колку во таквите приказни веруваат сите
Оти целна група се баш сите и ништо помалку
Во соновите натежнати од историја на пример
Се уште се утврдува улогата на оној Маркс од пабот во Лондон
А и на другар му Енгелс во ширењето на антисловенството на Запад
Зашто баш Енгелс беше бил напишал и потпишал
Дека панславизмот е едно смешно антиисториско движење
И дека негова цел е подјармување на цивилизираниот Запад
Од странот на варварскиот Исток и на градот од селската рамница
Оттогаш наваму се разгрануваат разни врсти антисловенство
Од кои некои предизвикуваат и војни со многу жртви
И не е многу важно дали антисловенството е лево или десно
Многу поважно е што историјата на антисловенството не е завршена
А уште поважно е што во историјата на денешниот ден
Некогаш поразените сили повторно креваат глава
И до кајшто ќе стасаат наплатуваат стари сметки
Удираат и печати и штембили ако треба да се завери нивната вратка
Такви заверки не им се даваат само на Словените
Ами на сите кои отшто си ги вардат сопствените образи
Ѓоа не ги разбираат потребите на новото време
А врховна потреба е да се знае дека кајшто има сила нема правдина
И уште да се запамети дека е правосилна онаа народната
Дека се рече ли кучето бесно е си останува бесно што и да стори отпосле
Од друга страна и меѓу самите Словени мнозина знаат
Дека и Словените и пансловените не се китки за мирисање
И дека особено тешко се ослободуваат од стари соништа
Уште и милуваат и да ги повторуваат и потретуваат старите соништа
За што на пример говорат четирите руски опсади на Цариград
Колку пати дошле толку пати и си отишле од пред Цариградските ѕидини
И којзнае дали до ден денес разбрале
Дека повторувањето не е мајка на победите
Како што од друга страна никој не знае
Што ќе учевме за светската историја
Ако успееше една руска опсада на Цариград
И до каде по многу години ќе довстасаа ѓулињата од Аврора
Ако се случеше да бидат испукани од Босфорот
И ќе имаше ли воопшто историја на харемите
Ако комсомолки пееја ударнички песни
Како што денеска на плаѕбацк пејат оџите од минарињата
Тоа е многу откачено и замрсено прашање
Од него произлегува и прашањето за балканскте сонови и митови
Во времињата по последната руска опсада на Цариград во 1043 година
При што неизбежно е и прашањето
Зошто и руската опсада на Цариград
Ја снајде истата судбина како и Самоиловите војници
Та да не знаат дали се вратиле и каде се вратиле
Отшто до еден биле ослепени
Под цариградските ѕидини
Ден денес ќе забележите слепи играчи на шах
На кои фигурите им ги мрдаат убави моми
Нив може да ги најдете и во некој запис
На Јосиф Бродски и Орхан Памук
Понекогаш си ги кубат косите сакајќи да враќаат потези
Заборавајќи дека во историјата се е такнато макнато
А историјата отпосле им дозволи на Русите
Конечно да ја освојат Капали чаршија и цел Стамбол
Во туристички групи и со полни ќесиња транзициони пари
Се паметат и неколку словенски опсади на Солун
Како што утре ќе се паметат и словенските шопинг-инвазии на Солун
Сешто паметат и ќе паметат Словените
Ако уште од оној Енгелс ги бие глас
Дека тешко сфаќаат а бргу забораваат
Навистина сешто паметат Словените
Само што понекогаш од пуста тврдоглавост
Ги забораваат баш поуките од запаметеното
А некои од нив испојавнати на мали букефалчиња
Не знаат баш каде одат ама севезден итаат.


14.

Колку и да се склукаш со историја
Не можеш да избегаш од сегашноста
Беше рекол некој умен
И јас му верувам
Оти на своја кожа знам
Дека колку и да се клукам со еукалиптус
Не можам да избегам од соништата
А сегашноста се полни со стари соништа
Ѓоа надградени и надополнети
И по секоја преродба се прогласува нова преродба
Во долината на среќно преродените
Никнуваат нови цркви и џамии
Со ниет да бидат уште постари од најстарите
На сека ритка никнуваат и големи крстови
Колку крстови толку неразгатнати крстосници
Никнуваат богами и нови затвори
За затвореници колај работа ќе се најдат и фазла
При толку бујна стварност
Поетите цапаат во Петреви Вирови
Колку поети толку друштва на мртви поети
Сега секоја суша вели дека животот е некаде другаде
Што впрочем се гледа и од брановите нови доселеници
Макар што во последно време другаде не им е Австралија ами Италија
Каде што се преселуваат цели села од долината на Радика
И таму си формираат нови населби со роднокрајните имиња
Сега засега не се чуло ни разбрало
Како стојат таму со цркви џамии и настава по веронаука
Но мене ме загрижува тоа што ако тој пат го фатат иселениците
Нема да има кој да се доселува во Австралија
А без новите доселенички приказни од Цапари
Животот тука би бил ептен здодевен
Како што е здодевно тука летно време
Кога децата на доселениците одат во стар крај
Да научат троа од мајчиниот јазик
А како бонус им доаѓа што ќе научат
Како се поставуваат светски рекорди во брзо донесување закони
А тоа воопшто не е како олимписка трка во брзо одење
Зашто таму каде што има брзо ломотење нема брзо одење
Таму како што раскажуваат децата на доселениците кога ќе се вратат
Сите се жалеле од власта од здравството и од соседите
Се жалеле и од други работи и правото на озборување било неограничено
Ситуацијата била многу напната
И најдобро се релаксирала со отворање ороспи куќи
Особено во некои мотели во западните краишта
Колку повеќе ороспилаци толку повеќе релаксација и задоволство
Пу пу скраја да е голем срам и бербат
Макар што и ороспилакот таму се релативизирал
Отшто бил многу широк и допирал многу однесувања и професии
При што секогаш на прво место се мисли на политиката
Таму како што уште раскажуваат децата на доселениците кога ќе се вратат
Сите чекореле во среќната иднина и броеле до сто и еден и назад
И ќе чекореле се понапред ќе чекореле додека не си ги видат раширените вени
А таму каде што толку многу се чекорело
Луѓето многу мршавееле ама се тешеле оти тоа не било од глад
Така им велеле на далдисаните од чекорење
Кои никогаш нема да поверуваат
Дека во Британија секоја година умираат
По триста илјади луѓе од претерана угоеност.


15.

А ќе ми дојде на сон пропаѓањето на империите
А тамбара-тумбара ќе почне да ми се прави во главата
И да ми се парчосува сонот уште недосонуван
Си мислев отпрвин дека тоа е заради историјата
И дека толку многу историја не собира ниту во еден сон
Особено не собира толку многу пропаѓања и распаѓања
Вклучувајќи го и распаѓањето на Советскиот сојуз и Југославија
Ама не било тоа бидејќи се покажа дека распаднатите состојки
Полесно се ределе во еден сон и не предизвикуваат многу џимкања
Работата била во тоа што на крајот на сонот за пропаѓањето на империите
Неминовно се доаѓа до најновата американска империја
А штом има империја нели има и пропаѓање на империјата
И на малкумина им стиска да го видат и на сон пропаѓањето на Америка
Поарно варди си го сонот од каква и да е помисла за пропаѓањето на Америка
Додека да пропадне Америка сите ќе се претвориме во ништо
И ќе им палиме свеќи на гробовите на Волт Витмен и Ален Гинзберг
На времето пееја Америка и Енглеска биќе земља пролетерска
Па ни пролетерска ни ѓаволи ни врагови стана Америка
Зошто тогаш морало да пропадне Америка
Божем во тековите не историјата нема исклучоци
Што ги потврдуваат правилата
И божем во секој сон за пропаѓањето на империите
Мора да има и претсказание за пропаѓањето на Америка
Од каде до каде такви сонови и претсказанија
Се прашал ли некој кој ќе биде тогаш светски полицаец
И се допрашал ли кој ќе испраќа војски во Ирак и Авганистан
За да извезуваат слобода и демократија
За да извесуваат и рестлови од новиот светски поредок
А задолжително и локални парчиња од кои се прави приказната
За волшебната коцка на глобализмот
Најнакрај на кого ќе му се лигават борците за човекови права
Од целиот свет и особено од земјите на третиот свет
На кои на пример не им е јасно како во еден поредок да има трет
А да нема или да исчезнал вториот свет
Бидејќи првиот свет е секогаш Америка
Америка секогаш е прва освен на светското првенство во ватерполо
На кое тукушто победи Црна Гора
За која нејзините жители уште од времето на владиката Данило
Си пееле дека Црна Гора јес малена ал је часна и поштена
И пеејќи така им ја продадоа половина држава
На новите руски богаташи кои севезден се мачат
Да ги обноват некако соновите за некогашното руско царство
На јаве некако не ја бидува работата со обновата на руското царство
Оти нели докрај е сотрен коренот на руските царства
А царштина без цар не бидува колку и да има такви
Кои себеси се замислуваат навалени во рускиот царски трон
Не знаејќи можеби дека и тронот отишол јабана
Пред црвените јазици на октомвриските пламени
Нејсе уште понајнакрај и кого ќе пцујат и против кого ќе се бунтуваат
Сите оние кои сркнале од американската мирудија во секоја чорба
И го виделе аирот од извозот на слобода и демократија
Макар што нивните татковци се уште ги паметат Трумановите јајца во прав
А прав и пепел им се стори слободата сосе животниот стандард
А децата им се познати по тоа што во својство на стечајни работници
Наместо на морските и езерските плажи во знак на протест
Распнуваат шатори пред зградата на парламентот
И наместо да им раскажуваат бајки на внуците
Севезден се допрашуваат баш така ли се калеше челикот
А меѓу нив има и такви кои во навлажнетите подшаторски соништа
Се обидуваат појасно да го видат гневот на прекалените од глад
И точно да пресметаат колку светски гнев треба да се собере на едно место
За некој да почне да ги одгатнува соништата на прекалените од глад
И ќе се најде ли маж на веков кој ќе ги соедини кркорењата на празните црева
На шпанските рибари аргентиските фармери и француските студенти
Како и очајот на милионите гладни во Конго Етиопија и цела Африка
И сите локални револти на гладните ќе ги прогласи за глобализација
И за нов светски поредок многу понов од оној на Џорџ Буш постариот
Кој покрај новиот поредок на Америка и на слободарското човештво
Му го подари и својот син кој има исто име и презиме само бил помлад
А има и злобници кои тврдат дека човекот никогаш и не пораснал
И дека во глобализацијата влегол и ќе излезе во куси пантолони
А со златни букви ќе бидат запишани во Енциклопедијата на светската глупост
Од деда Ное наваму па се до новиот дедо Ное
Неговите бушизми што колку го засмејуваа толку и го вџашуваа светот
Отпрвин луѓето се прашуваа како таков човек може да живее во Белата куќа
Потем луѓето кренаа раце од секакво чудење
И само се смееја смееја и правеа на интернет топ листи
На најголемите бушизми поткрепени со видео клипови
Ем се смееја ем секој ден ги ажурираа бушизмите
И којзнае дали ќе има толку место на интернет за да ги збере сите бушизми
Пред луѓето да разберат дека не било баш се за смеа
И пред да се запрашаат а што ако и ним им се падне некој нов син на тато
Што во се позабрзаниот извоз на слободата и демократијата
И не беше баш невозможно пу пу скраја да е
Смеејќи се така луѓето си велеа кој се смее зло не мисли
Ама никому не му текна да праша мисли ли нешто оној кој засмејува
Одвреме навреме ќе видеа како татко му на Џорџ Буш помладиот
Ќе скокнеше на стари години со падобран
Ама во прегратката на оригинален падобранец
Можеби затоа не им беше јасно
Дали со падобран може да се скокне среде чистилиштето
И што ќе се случи среде чистилиштето
Ако таму се сретнат таткото и синот Џорџ Буш
Дали таткото ќе му прости на синот или синот на таткото
Дали крушите и понатаму ќе паѓаат под дрвото
И дали некогаш ќе се сними холивудски спектакл
За улогата на бушизмите во разојот на новиот светски поредок
И во урнисувањето на најновата и единствена империја во светот
А секако и во правењето тамбара-тумбара во главата
И во парчосувањето на недосонуваните ми соништа.


16.

Намерно не ви кажав а ќе ви кажам оти од вас ништо не кријам
Дека се случуваше понекогаш да се состават некои парченца
Од моите соништа од циклусот за пропаднатите империи
И тогаш ќе го видев Цезар како ’рчи
Ако не знаевте Цезар се брои како голем светски ’ркач
А неговата љубовница Сервилија Цепонис мајката на Брут
После ноќното следување бегала во соседната просторија
Знаејќи дека Божјиот син спие гласно
И дека молежливото опоменување ’рчиш Цезаре не помага
И ќе го видев Цезар како плаче како мало дете
Кога ќе се разбуди испотен и сам
Плаче ту за малку мајчинска нежност ту за капка врело млеко од кобила
Си велам не го личи сонот со император плачипутка со опроштение
Дај сврти некаков друг сон похеројски и повесел сон
Ама врти сучи Цезар сал туку ќе заплачеше
Баш кога не очекуваш тогаш ќе заплачеше
Дури најнакрај не се разбра дека цело време
Цезар си го плаче претсказанието
Оти само тој знаеше дека му истекува рокот на
Или Цезар или никој
И дека еден ден тоа ќе служи за разонода
На широките народни маси
Евентуално и како рекламна порака
На некаков вињак произведен во Загреб
Знаеше не дека не знаеше Цезар и за Брут
Ама напати не сакаше да знае дека знае
А тоа несакање си има цена
Секое сакање и несакање си има цена
И од тоа може да се направи еден огромен ценовник
На империјалните сакања и несакања
Може да се направи и цела историја
На зголемувањето на цените на главите на императорите
Од Цезар до денешни дни
Макар што на Македонците им е доволно само раздобјето
Од Александар Трети Македонски до Цезар
Македонците не го фермаат многу многу
Некој си Калигула таму и особено неговиот коњ
Кај го давале Македонците Букефал
За некаков дртав коњ на Калигула
Спроти императорот и коњот велеа Македонците
Никој не велеше спроти императорот и аеродромот
Што е знак дека Македонците сепак беа свесни
Дека никогаш нема да имаат аеродром спроти Александар Велики
Ама напатени од многу посегања врз минатото и иднината
Си велеа поарно мало аеродромче со големо име
Ем големо ем наше си велеа Македонците
Отколку голем аеродром со туѓо име што се пишува на латиница
Така си вела Македонците и одвреме навреме си потпевнуваа
Димна Јуда град градила Димна Јуда сон сонила
Си потпевнуваа така ама не и пречеа и на старите баби
Да си сонуваат што им е мило
Па напати работите ептен се измешуваа
И воопшто не се знаеше дали старите баби
Или младите Македонци сонуваат што им е мило
Леле колку се убави тие сонови убави и преродбенички
Леле колку се брзо лета со нив
Како кога се јава Букефал на Александар Македонецот
А не оној половен коњ на Калигула
Македонците избегнуваа да ги спомнуваат Византинците
Тие им го гребеа историското паметење
Со нив имаа лоши искуства и сеќавања
А ќе се спомнеше Византија
А Македонците автоматски ќе си спомнеа на Самоил
И на неговата ослепена војска
Кога ќе беа троа повеќе ќеифлии
Македонците многу сакаа да пеат патриотски песни
И пееја тогаш Самоиле цар Македонски...
И низ песни прескокнуваа цели епохи
Од Самол па до наши дни
Што има Македонците да се плеткаат
Во подемот и пропаѓањата на сите империи
Одвреме навреме во песната на Македонците
Ќе им влеташе по некое клето Турче
И тогаш ќе се сепнеа и ќе си речеа колку ќе се изрезилеја
Ако го скокнеа времето на Отоманската империја
Баш во тоа време се збрани сите македонски страдања
Сите порази и загушени востанија
Баш во тоа време на Македонците им се нанесоа најголемите неправдини
И некако природно се прими што Отоманското царство
Го урниса човек роден и учен во Македонија
Природно беше што во тоа време
Некои Македонци влегоа во Стамбол на бели коњи
Иако беше сосема неприродно и уште понеправедно
Што по по урнисувањето на Царската порта
Македонија ја распарчија балканските орли
И оттогаш наваму така распарчена се тетерави
И во соништата за сите царштини
Ја римски ја византиски ја турски биле
Тадури и австро-унгарски
И на Австро-унгарците Македонците им најдоа маана
Да стасаше нивната царштина до Македонија
И тука одамна ќе имаше филхармонии и универзитети
А не само амами тек и чифте амами и секакви анови
Одвреме навреме Македонците ќе запееја
Под московски вечери Рабјинушка Калинка и такви песни
Знаеја многу такви песни како да не знаеја
И од порано беа начуле по некоја
Ама особено научија да пеат по руски
Откако се најдоа во црвеното царство
Неоти знаеја како се најдоа во црвеното царство
А отпосле дознаа дека баш во времето
На црвениот император Јосиф Висарионович Сталин
Се стави печат на старите делби на Македонија
За сега Македонците севезден да се прашуваат
Има ли во историјата печати што бледнеат
Има ли печати на кои им истекува рокот на траење
Ако има такви печати тогаш сетики ќе дојде денот
Кога на најубавиот и најбелиот потомок на Букефал
Македонците ќе ја качат најубавата им мома
Угул гола ќе ја седнат врз знамето со шеснаесеткракото сонце
Префрлено наместо седло преку грбот
На најубавиот и најбелиот потомок на Букефал
Во наизменичен патриотски кас и галоп
Да го обиколи сиот свет
И да ја разнесе насекаде славата и гордоста на Македонците
Секако ќе има и такви кои ќе се противат на ова
И ќе велат дека тоа ја навредува честа на Македонците
И особено честа на Македонките
А Македонките се рамноправни со Македонците
Ако не од времето на Роза Луксембург
Тогаш барем од времето на Валентина Терешкова
Македонките уште пред да се родат знаат дека се рамноправни
Македонците нека си мислат дека се порамноправни
Впрочем какви и да се Македонците никогаш не се сложиле за ништо
Па нема да се сложат ни за голата мома гордо јавната
На најубавиот и најбелиот потомок на Букефал
Оти сите Македонци знаат дека жена гола ако видат
Голема кавга ќе се роди во тие што ќе ја видат и сонуваат
А во кавгаџиско настроение се заборават без исклучок
Сите соништа од циклусот за пропаднатите империи.


17.

Додека се урнисуваа царствата како плочки за домино
Со кои некои Македонци се залажуваа на стари години
И се правеа дека ѓоа не знаат дека со секоја урната плочка домино
Им се урива и дел од живеачката
И дека живеачката всушност била партија домино
Особено живеачката во транзиција во која луѓето се струполуваа
И кога не беа љубители на домино
Туку така се струполуваа и ничкосуваа
Откако ќе ги дофатеше некоја од многуте агенции за глобална благосостојба
Така демек досека се урнисуваа царствата како плочки за домино
Се ничкосуваа и светските наслаги од темни кристали
Секаде каде што ќе цапнеше Чарлс Дарвин
Се распаѓаа кулите од темни кристали
Колку што се смалуваа светските резерви од темни кристали
Толку стануваше кристално јасно
Дека преживувале и ќе преживуваат
Само оние кои се во состојба да се прилагодат на средината
И дека се изџвакани преживеани и надживеани прикаските
За тоа дека билките и животинките ги создал Бог
Макар што и век и половина после Дарвин остана навиката
Некои тукушто испилени големци во Македонија и не само во Македонија
Ептен да се извештат во техниката на прилагодувањето
И најмногу да се прилагодат на крстењето во божјите храмови
Па се крстеа ту со десна ту со лева рака
Самите не си веруваа ама се прикажуваа како големци и големи богомолци
И самите епитропи клисари попови владици
Не им веруваа на големците дека се големи богомолци
Ама катаден седеа со нив на големи софри
Богохулие ќе беше да се рече какви големци такви великодостојници
Но остана забележано во Транзицијата
Дека со пари се прават и големи сојузи на лажните богомолци
Парите дупчат и таму каде што и самиот Бог не може
На Чарлс Дарвин му доаѓаше да стане од гроб
Да земе еден бастум и да почне да им ги прави црвени газињата
На големците кои се прикажуваа како големи богомолци
И сакаа да си играат мајтап со Чарлс Дарвин
Колку што беа поучени новите големци се правеа поголеми богомолци
И неуко си се убедуваа дека ќе го вратат тркалото на историјата наназад
Во тој случај секако ќе му го сменат и името на градот Дарвин
Ене онаму на влезот во северозападна Австралија
И којзнае во кој град тогаш ќе живеат коалите
Макар што сите од родот на коалите знаеја
Дека тоа ќе биде кога врба ќе роди грозје
И дека е ограничен и кусовечен рокот на прилагодливоста
На новите големци големобогомолци
Од што произлегува дека Чарл Дарвин пред век и половина
Воопшто и не помислувал на таква прилагодливост
И на толку ненормално размножување на камелеоните од сите видови
И на камелеонството како начин на мавтосување
И на гласачите и на Бога
При толку мавтосувачи не беше тешко
Да воскреснат смачканите митологии
И да се смачкаат нововековните митологии
При толку мавтосувачи народот не можеше да види
Дека веќе се спуштени капаците на агенциите за глобална благосостојба
И дека продлабочувањето на нееднаквоста станува светски процес
При толку мавтосувачи одвај некој ќе забележеше
Дека добриот слуга бргу бргу станал зол господар
А сите окоруваа очи кога ќе ги видеа европејките
Во потрага по оргазам на далматинските плажи
Колку пари толку оргазам си знаеја европејките
Кој Господ ги донесе европејките и во нашите краишта
И го преиначи нивниот лозунг та сега мнозина мува не ги лазе кога велат
Колку пари толку удентитет
Во агенциите за глобална благосостојба
Се измислуваа и други лозунзи поретко црвени почесто зелени
Измислувачите на лозунзи неа знаеја дека овошјето се јаде кога е зрело
Ниту беа чуле дека секоја трева си бара редовно косење
Измислувачите на лозунзи шиткаа вообразена историја на парче
На Чарлс Дарвин често му се слошуваше
Од големци големобогољубци и измислувачи на лозунзи
И тогаш тој се смируваше така што ги гледаше полжавите
Како си прават пошарени куќички
И со време си се вардат од глобалното затоплување.


18.

Му верувам зошто да не му верувам на Чарлс Дарвин
Дека ние коалите сме можеби најпознатата врста дембели
Добро де и оние Црногорците на Балканот биле во мртва трка со нас
За нив не сакам да си ја грешам душата
Ама за нас коалите бев чула дека ако крстителите
Немале пошироки погледи на светот
И ако ги гледале само нашите навики
Австралија можеле да ја наречат и Дембелија пу пу скраја да е
Туф туф врста дембели
А што сме мислители и сонувачи никому не му е гајле
Кога секое суштество е дадено на многу мислење
Нема многу време за работа
Сега некој зајадлив ќе рече кој работи не мисли
Или колку повеќе работиш толку помалку мислиш
Други зајадливци ќе речат дека работата го создала човекот
Не се сеќавам добро ама некој како да ми рече дека тоа е цитат од Маркс
Тоа е оној истиот од пабот Спанниардс Инн во Лондон
Кој од филозофијата бараше да го промени светот
И во тоа негово барање имаше доволно умност, правдољубовост и храброст
Ајде Маркс како Маркс ама збрка во сонот ми внесе и оној Кант
Кој не само на сон ами и на јаве велел
Дека филозофијата не ја открива вистината
Туку во најдобар случај само ги отстранува заблудите во светот
Признавам дека овој Кант не го разбирав баш најдобро
Цело едно долго сонување си потрошив
За малку од малку да ги разберам заблудите во општествената стварност
И некако да почнам да одгатнувам дека општествената стварност
Може да биде и воспоставена измама
И додека ја одгатнував марксовата вистина и кантовските заблуди
Илјадници рожби на новата светска нееднаквост
Се доселуваа во Австралија
При што никому од тукашните главатари не му текнува
Да поведе сметка и за нас коалите
Па на секој новодојденец да му наложи при цапнувањето во Австралија
Да засади макар по еден еукалиптус
За ние да можеме безгрижно да сонуваме
И да си ја исполнуваме својата мислителска мисија
А не да ни ги скусуваат соновите и од нашиот еукалиптус
Уште да прават и некакви бонбони за шмукање
Божем нема со што друго да го лечат народот од грлоболка
Ние коалите не сме злопамтила
Ама вие сега видете каков тоа човек создала работата
И дали е баш вистински човек оној кој на коалите им зема дел од еукалиптусот
Таквите во Македонија ги викаат човеци
Некои од нив доаѓаат од стар крај со навики да крадат дрва за огрев
Ама и кога крадат барем крадат дабови и борови а не еукалиптус
И самите си се тешат дека е поарно да сечеш борови
Отколку да имаш за јадење само борови шишарки
Со време и тие ќе почнат да јадат корнфлекс без шеќер
И од пулипапоци ќе станат страствени пулачи
На жени со долги нозе и големи цицки
Колку повеќе пулеа во такви жени
Толку повеќе забораваа во стар крај само недомаќини седат на туѓа софра
И никако не можеа да разберат зошто во стар крај
Сите сакаат Форстер беер а тие тука сал туку пекаат по скопско и се е можно
Како што е можно понекогаш да се задоцни со спуштањето на гаќите
При празнењето на бешиката и на дебелото црево
Што во Македонија и во цел свет се смета за голем резил
Тадури и луѓето во американскиот Пентагон
За кои е познато дека не се потресуваат многу од физиолошки слабости
Се стаписуваат од таквите слики на стутулени мочковци и серковци
И не можат да се изначудат како тоа може да се случи и во Пентагон
Во кој како што е познато има двојно повеќе нужници
Бидејќи кога го граделе законот барал одвоени нужници за црнци и за белци
Ама не била работата во нужниците туку во бешиките и дебелите црева
При што не се исклучува однапред и можноста од некаква субверзија
Оти баш кога пентагонци користеле по еден од двата нужника
Еден хакер од Лондон им беше влегол во компјутерскиот систем
Сакал човекот да си ја провери опседнатоста со вонземјаните
А Американците се сторија три да му судат на хакерот од Лондон
Кој еднаш им беше напишал во компјутерскиот систем
Дека американската надворешна политика
Е слична на државно спонзорираниот тероризам
Многу му беа бесни Американците на хакерот од Лондон
Оти знаеја дека тој повеќе ги изрезили
Од пијаните офицери кои некогаш ќе задоцнеа со симнувањето на гаќите
При празнењето на бешиката и на дебелото црево
Ние коалите слатко си се потсмевнувавме
Оти на дело се покажа пред очите на цел свет
Дека ако сме дембели не сме барем мочковци и серковци
И дека тие работи си ги вршиме на раат
Откако ќе сониме дека сме качени многу високо на дрвото
Или ќе се видиме во огледало со венец на глава
А што е најважно кога одиме по нужда
Со саати читаме стари весници и секси ревии.


19.

Кога ќе загледаш поасолно
Од пишаното навистина не се бегало
Ни од пишаното ни од суденото
А пишано било наместо плач да имам прв сон
И судено било сон по сон
Да го отсонувам и последниот сон
Оставајќи патем неизбришливи траги
Во светската историја на сонувањето
И крепејќи ја севезден
Планетарната борба
За неприкосновено право на сонување
Уште повеќе борбата
За гарантирана слобода на сонувањето
Што сега е внесена во Општата повелба
На Обединетите нации за слободно и неограничено сонување
Од толку силни борби
И впрегнување во нив на владини и невладини сонувачи
Најнакрај се уморив од толку сонување
И си реков доста беше ако е за аир
И онака не остана што да се сонува
А и нека посонуваат малку помладите генерации
Па да видат пршленките
Колку дикат сака за едно просечно сонување
А не пак за едно асолно сонување
Да видат дека во сонувањето нема тате носи мама меси
Соновите не паѓаат од ведро небо
И сака добро загревање на главата
Дури почне да се исцедува еден сосема обичен сон
А знаете дека има и недоброј необични сонови
Тадури и повеќе необични одошто обични сонови
Впрочем кога човек ќе истурка еден сонувачки век
Најнакрај има право малку и да се разгаќи
Да ги пушти соновите да се нишаат по езерската шир
И да ги крепат охридските маратонци
А и другите пливци и скокачи во водени сонови
Што е за право ниту еден сонувач
Нема да рече многу ми е гајле за иднината на сонувањето
Не што нема да рече многу ми е гајле
Ами ќе ја обнови и ќе ја поткрепи идејата
За воведување светска сонувачка штафета
Сега не мора таа да му се врачува на Врховниот сонувач
Баш на 25 мај
И не мора сосе штафетата да има и слет на стадионот на ЈНА
Постарите сонувачи паметат и такви штафети и слетови
Со кои некои неиспилени на несонувано тераат мајтап
А што е за право никој немаше зијан
Од братството и единството на соновите и сонувачите
Колку пати треба да се повтори
Какво време такви сонови
Сосема ретки се вонвременските сонови
И нема вонвременски аршини
Со кои да се мерат и да се толкуваат сните
А секое толкување на секој сон
Треба да се прави со многу дикат
Секое толкување на соновите
Како што одамна рекле и Фројд и Јунг
И како што подоцна се потврди
И во еден македонски роман за сестра му на Фројд
Секое толкување на соновите
Значи е разоткривање на сонувачот
И раздиплување на неговата сонувачка постела
При што особено треба да се води сметка
За стриктно почитување на приватноста на сонувањето
Како што е неприкосновена и приватноста на писмата
Кои ако паднат во рацете на какви и да е неранимајковци
Интелектуални разбојници и булеварски журналисти
Мигум ќе станат јавна наситка
На оние кои цел живот биле јалови сонувачи
Та не испилиле ниту едно малечко сонче
А не пак и толкување и остварување на сончето
Таквите си мислат дека сонот ќе им трае до зори
А кога ќе се разбудат испотени од јалови соништа
Остануваат со срчка в раце
Да им ги бричат соништата на вистинските сонувачи
И така како бричачи да си наоѓаат утеха
Во буричкањето по туѓи и стари соништа
Како бричачи да окапуваат и во мртовечниците
Бањајќи и бричејќи мртви сонувачи
Таквите уште си мислат
Дека е најважно што си каснал пред спиење
Па откако ќе видат дека од кркање не се прават сонови
Се отепуваат пиејќи апчиња за спиење и против запек
Пред тоа одат и на фитнес и на тенис
Ама од тоа не се крепи ни сон ни пенис
Туку ај по ѓаволите со јаловите сонувачи
На кои ене и на билбордите им течат лиги
Макар за едно само едно асолно сонче
Е нема де нема секој каква што прилега сонувачка мантра
Ниту му прилега на секој сон
Да се вее како знаме на јарболот
Пред палатата на вечните сонови
Што се однесува до мене
Си знам дека од пишаното не се бега
Па стига ми е и сонувалникот
Во стеблото на еукалиптусот
Коалите се живо сведоштво дека и без палата
Можат да се сочуваат алтан соништа
Ќе го речеш оној во вештачкиот базен бил алигатор
Па што ако е алигатор
Да не не може случајно да ми доскокне до сонот
Алигаторот ти е како оние интелектуални ветрогони
Многу ’рчи а ич не сонува
Најпосле дојде времето на чистите сонови
Само тие севезден лачат најволшебна влага
Само со чисти сонови во чиста Европа
Макр што Европа се римува со тропа
А некои дури велат дека Европа
Им личела на старски дом на историјата
И во неа имало пржен воздух преку сите мерки
А накај НАТО се одело во јато
Освен ако некоја гуска не се загуби по пат
Кога се сонувало за Европа и НАТО
Не се штедело боја за крвната слика на нацијата
Колку подобра крвна слика
Толку посилна одбранбена способност
Се браниме од секакви чинки
Се браниме од лоши соништа
И од лоши толкувачи се браниме
А еве сега не учат да се браниме и кога никој не не’ напаѓа
И којзнае дали ќе се одбраниме
Ако Господ не не’ варди и одбрани
Првин од нашите сопствени лажни сонувачи
И препродавачи на измислени соништа
Кои не знаат дури и да танцуваат со соништата
Без да им го повредат рбетникот од прекумерно стискање
Што може тука да направи една обична коала
Воспитана во духот на здраво сонување на долги патеки
Освен да грицне малку еукалиптус
Уште еднаш самата да се препраша
Навистина ли е поарно џабе да сонуваш а џабе да не спиеш
Вреди ли исто така да се ризикува да се заглавиш
Во клопката на сонот на некој друг
Оти за таквите учените велеа дека веднаш скончуваат
Веќе немаше време за допрашување и препрашување
Соништата како и историјата се згуснуваат и траат се покусо
А некои скусени соништа стануваат и прилично ефтини
На телевизија почна директниот пренос од Олимпијадата во Пекинг
Еден свет еден сон беше бил олимпискиот лозунг
Еден свет, многу соништа беше бил лозунгот на група демонстранти
И борци за човекови права
Поголеми заточеници во тибетантскиот сон од самите Тибетанци
Можеше да се појават и борците за сонувачките права на коалите
Макар што постои опасност од многу борци да се заборави да се сонува
Постои и опасност некои да поверуваат дека лошите соништа
Ќе исчезнат ако се тутнат под перница или под тврд душек
Како и да е на една опитна и достоинствена коала
Која била на аудиенција и кај Римскиот Папа
Секако и прилега да верува дека толку време не сонувала попусто
Сеедно што севезден се распространува општењето во здрав разум
И што еукалиптусите се повеќе се наврнати од кисели дождови.