Почеток(от)
Драги пријатели,

добредојдовте на ова парче од глобалната мрежа, за која мнозина велат дека е мошне делотворна во размножувањето на дружбите, размената на мислења и јакнењето на меѓусебната комуникација. Едно време се велеше дека тоа што не излегло во весниците и не се случило. Потем се велеше, такаречи до вчера се велеше, тоа што не се објавило на телевизија – не се случило. Сега велат: тоа што не се искачило на интернет – не се случило. И згора додаваат: она што го нема во глобалната мрежа – не постои. Нејсе. Ова мое ,,качување” на интернет не е предизвикано од таква, интернетско-фундаменталистичка, мисла. Тадури и идејата за оформување на овој сајт не е моја. Брат ми Бранко, одамна жител на Перт, Австралија и одамна закачен на мрежава, во дослух со син ми Горјан, спастрен во срцето на Европа Прага, едноставно ми ,,дадоа на знаење” дека веќе напреднале во подготовките на сајтот и дека од мене се бара само да соработувам и да не ,,филозофирам” многу. Сајтот го примам како нивни подарок и навистина не умеам да ја изразам радоста и благодарноста – не толку што, ете, се појавив и самостојно во глобалната мрежа, туку што тоа го направија токму моите најмили. Не не учеле попусто на детски години дека брат брата не рани, ама тешко кој го нема.

Нејсе, еве сме пред Вашиот суд, однапред благодарни што нè посетувате, што ќе разменуваме мисли – пред се за поезијата, но и за сето што ја сочинува живеачката. Ве пречекуваме со отворено срце и искрена радост, со верба дека заеднички ќе успееме да создадеме пријатно и топло катче за меѓусебно дружење, оти некој беше рекол дека и вака, на интернет, се шепотат песни и се пренесуваат убави и насмеани мисли.

Искрено Ваш,

Ристо Лазаров