СВП 2008

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
на жири-комисијата за доделување на наградата
„Браќа Миладиновци“ за 2008 година




Жири-комисијата за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ во состав Санде Стојчевски (претседател), Наташа Аврамовска и Џабир Ахмети (членови), одржа неколку состаноци на кои опстојно ги разгледуваше поетските книги од современите македонски автори што се објавени во периодот помеѓу две Струги. За конкурсот пристигнаа 21 поетски ракопис. На својата последна седница одржана на 20 јуни 2008 година, жири-комисијата ја донесе следната едногласна

О Д Л У К А


наградата „Браќа Миладиновци“ за 2008 година да му се додели на поетот Ристо Лазаров за поетската книга „Среде“, издание на издавачката куќа Блесок.


По темелно и опстојно читање и анализа во најтесен избор покрај книгата на Ристо Лазаров се најде и стихозбирката „Мојот Пикасо“ од Виолета Танчева-Златева. Тоа се книги, што се разбира, пред се со квалитетот, но и исто така, и со пристапот и типот на певот целосно се издвојуваат и го свртуваат вниманието врз себе.

Наградениот автор Ристо Лазаров е поет кој уште со првата книга јасно се профилираше и се покажа различен од се што кај нас е прифатено како лирски тип и стандард. Со исклучителна енергија, со благородна и речиси лековита иронија, но и со самоиронија, тој со децении создава лирски коментари на светот и на стварноста. Неговата поезија е прифатена, читана, толкувана и оценувана. Препознатлив и популарен како поет чија рецепција е неспорна, тој годинава ја објави книгата „Среде“ во која сите досегашни својства на неговата поезија се заокружени, доведени до вистинска творечка зрелост. Со оваа книга Лазаров го достигнува својот творечки зенит, збогатувајќи ја современата македонска литература со специфично и сложено лирско дело. Книгата „Среде“ е наградена заради спомнативе карактеристики, како и заради уште голем број својства и квалитети што таа ги содржи, а кои сигурни сме ќе ги регистрира и ќе ги коментира книжевната критика.

Жири-комисијата смета дека и натаму продолжува растежот и збогатувањето на современата македонска поезија. Помеѓу двата струшки фестивала се објавени голем број стихозбирки од сите актуелни книжевни генерации. Со својот висок квалитет најновите поетски книги на Матеја Матевски, Радован Павловски, Тодор Чаловски, Ефтим Клетников, Лилјана Дирјан, ИВан Василевски и уште неколкумина автори темелно ги укрепуваат достоинството и рангот на феноменот на македонската поезија, веќе одамна провозгласен и кај нас и надвор од земјава. Беше констатирано дека ова сознание говори дека не постои криза во современото македонско лирско писмо, туку напротив, дека на најубав можен начин продолжува континуитетот и се зацврстува традицијата на лирскиот подем.

Жири-комисија:
Санде Стојчевски, претседател, с.р.
Наташа Аврамовска, член, с.р.
Џабир Ахмети, член, с.р.


21. август 2008:
Настап на "Поетските меридијани" на свеченото отворање на годинешниве Струшки вечери на поезијата





Санде Стојчевски

РЕЧ КОН НАГРАДЕНАТА КНИГА СРЕДЕ НА РИСТО ЛАЗАРОВ

Кога се зборува за наградената книга на Ристо Лазаров, пред се треба да се нагласи нејзината сложена, палимпсестна природа. Оваа стихозбирка е зборник составен од лирски целости, кои се компонирани на тој начин што лирската енергија, и тоа под висок интензитет и напон, ја предаваат од една лирска единица на друга, со што постигнуваат висок степен на хомогенизација на материјалот. Низ овие песни се протегаат две основни линии, две релации кои, меѓутоа, не течат само паралелно и линеарно туку нивните меѓуодноси демонстрираат голема вештина на анимирање и креативна побуда на инаку неутралниот лексички материјал во кој дејствуваат. Едната линија, првата составка е со голема прочистеност, со нагласен лирски дестилат и таа, што е за особено одбележување, но и за изненадување, е главниот фактор во обликувањето на крајниот лирски релјеф. Реков за изненадување, затоа што во претходните, а особено во пораните книги на Лазаров, лирското беше оставено да дејствува од зад завесата, беше потиснато и придушено, за сметка на хумористично-сатирично-ирониската димензија. Во тие поранешни книги на Лазаров вистинска владетелка беше нејзиното височество – иронијата. Тоа беа песни и книги кои го коментираа светот низ една супериорна ирониска оптика, земајќи ги на подбишега многубројните девијации во секојдневието. Иако овде-онде и тогаш лирската острица ќе се покажеше неочекувано среде ирониската димензија, таа главно се задоволуваше со тоа да се зафаќа со дополнителните и второстепени ангажмани врз градбата на песната.



23. август 2008:
Санде Стојчевски ја претставува книгата "Среде" пред Домот на браќата Миладиновци во Струга



Не сум сигурен дали сега, по некаква ораторска инерција, може да се каже дека работите стојат сосема обратно. Сепак, очигледно е дека лирската благост, питомината и човечката топлина со многу поголеми дози се вградуваат во искревањето на песната на Лазаров. Така на пример, и пејсажот, и емотивните релации меѓу личностите, како и многу други лирски интонирани составки, го обликуваат и го красат релјефот на песните од книгата Среде. Затоа е можно дури и од насловите на некои песни да се насети новата атмосфера што тие ја ветуваат: Трагач по светлината, Муза итн., се до, да се послужам со еден стих на Лазаров, новиот нежен допир, со кој ја чувствуваме оваа негова лирика. Да се задржиме за миг на песната со исто така лирски наслов Галичица, посветена на Георги Старделов. Не само што целата песна е една лирска и расцветана вертикала, еден поетски зелен стихоскок (што би рекол акад. Тодоровски) туку и самата завршница упатува на една ведрина, питомина и отворање перспектива. Така, планината ем не гали ем крвта ни ја пали, таму една пеперутка фатена на оро со вековите ја закрилува тишината, еден градинар е весел и бодар, а доколку ни се случи во планината да не’ стемни, не грижете се, успокојува некогаш иронискиот а овде лирскиот поет – тука нема опасност и закана – ќе се пронајде некаков излез: пеперутката ќе ни го покаже патот до крошната на распеаното пиле.

Но, како што сите од сопствено искуство мошне добро знаеме, ниту животот ниту поезијата не се едноставни, директни и лесно читливи, и затоа читателот не треба невнимателно да поверува дека поетот целосно го променил сопственото битие, дека јатката ја заменил со друга срцевина. Тој само во својата лирска вселена допуштил нови тела, комети, метеори и месечини, и сега и утринскиот и вечерниот пејсаж се огреани со заводлива, игрива и двосмислена светлина. Затоа никого не треба да изненади кога во една песна, во која вран коњ галопира во зелени ливади и каде кладенецот е како бистра солза, наеднаш наиде на шокантна слика: да простите, прица посрана врз ќелавицата на песната! Значи, предупредува поетот – не претерувајте, не се разнежувајте, секогаш може чекорот да ви наиде во празно. Или, како што констатира во песната Борхес, за жал, светот се уште е стварен.

За среќа, во овој, се’ уште стварен свет, убавата песна, поезијата, се’ уште е стварна, видена, прочитана и, како што можеме да се осведочиме вечерва, со право осветлена и наградена со високо книжевно одличје – Браќа Миладиновци.

Затоа да и посакаме на песната на Ристо Лазаров, на песната воопшто, да остане што подолго стварна, извишена и лирски прочистена, достојна да ги понесе и највисоките книжевни признанија, како што е ова, со името на големите струшки браќа.

(Изговорено на 23. август 2008 пред Куќата на Миладиновци во Струга, на претставувањето на книгата СРЕДЕ од Ристо Лазаров, добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата)



23. август 2008:
Настап на Ристо Лазаров пред спомен домот на Миладиновци во Струга



23. август 2008:
Со поетите Матеја Матевски и Видое Видичевски по претставуванјето на "Среде"




23. август 2008:
Дел од присутните на претставувањето на стихозбирката "Среде"



Добитникот на струшкиот златен венец Фатос Арапи со Ристо Лазаров на манифестацијата "Мостови"



Ристо Лазаров ја прима наградата "Браќа Миладиновци" од
Наташа Аврамовска, член на жирито




Настап на "Мостови"