Archives

Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
Првпат го сретнав како Милан. Милан Ѓурчинов - авторитетен, еминентен проследувач на македонските литературни текови и угледен зналец на светската, особено на руската и француската, литературна мапа. Беше тоа есента 1967 година, кога тој гостуваше на трибината за литература во Работничкиот универзитет во Штип, што ја беше осмислил Михаил Ренџов. Таквите настани обично завршуваат со прашање за прашањата: има ли некој нешто да праша?  Стутулен средношколец, некаде во последните редови, сепак собрав сили да му поставам едно прашање на професорот - за ,,Лица со маски” од Владимир Костов беше збор, за тоа зошто нашата критика чиј висок угледник беше професорот, го премолчува тој роман? Тркалесто, па на ќоше, така се вели за одговорите без одговор. Но, одговорот на професорот стигна набргу, во свечениот дваесетидеветоноемвриски број на ,,Нова Македонија”, распослан на цела страница, под наслов ,,За Владимир Костов, за мојот мал штипски пријател, за сите нас”. Професорот не го беше фрлил прашањето во полињата на заборавот. Некои денес би рекле: има прашања што заслужуваат одговор. Набргу тој текст професорот го објави во книга, а стои и во неговите Собрани дела. На стутулениот штипски средношколец и денес не му е сеедно што тој дребен настан во нашата ,,литературна провинција” доби таков епилог. Беше тоа, всушност, бележита потврда на карактерот на професорот и неговата доживотна определба да не се одбегнува, ами напротив да се негува дијалогот, во дијалогот да не се влегува од олимписки височини, да не се биде арбитер и омаловажувач на поводот за разговор, макар тоа било и стутуленото прашање на еден средношколец.
Следната средба се случи пак незакажано. Во 1972 година (колку брзо профрчувал половина век!) излезе мојата прва книга ,,Ноќна птица во паркот”, а тогаш беше обичај сите македонски поети кои имаат објава меѓу две поетски Струги да се покануваат на поетското славје покрај водите на Езерото и на Дрим. Таа година сместувањето беше во новиот охридски хотел ,,Горица”. Се разминувавме по скалите. Професорот беше во друштво на Оскар Давичо, јас сам, ќе да не бев веќе стутулен, ама сепак... Тој ме запре и му предложи на Давичо да запозне еден од најмладите македонски поети. Немав при себе примерок од книгата, но тоа го средивме утредента. Поважна беше намерата на професорот неговите пријатели да не бидат само негови. Не се сите такви, особено во паркот на писателските суети.
Во 1980 година бев удостоен со наградата ,,13 ноември” на град Скопје за стихозбирката ,,Јана”. Претседател на жирито беше тој, професорот Милан Ѓурчинов. Па 2007-та ,,Ацо Шопов” за ,,Чехопек”: претседател на жирито пак Милан Ѓурчинов... Па во неговите антологии на современата македонска поезија тука и во светот.... А воопшто не бев од неговата ,,голема четворка” на која и беше приврзан до последниот здив, без оглед што некои го изневерија. Не беше за мир в куќи по секоја цена, но не беше ни злопамтило. Интелектуалниот габарит што го имаше, не го потиснуваше во него интуитивното, човечно чувствување на човекот.
Долги години потоа, долги разговори под муренката во Охрид. Катаден. Некои работи се случуваат случајно, а се паметат за навек. Друштвото не многу големо (понекогаш се прошируваше од љубопитници) а разговорите понекогаш и вжештени, не ќе да е само од охридското сонце. Кога ќе заесенеше, друштвото ја менуваше локацијата: секоја сабота во 11 часот првин во ,,Уранија”, па во ,,Томче Софка” во Градскиот парк во Скопје. Времето штедро со теми - од актуелни, поактулени. Разговорите врват од левата страна на времето. Да, нека се подвлече тоа - од левата страна. Но, не се еднобојни, вријат од спротивставувања, некакви природни филтри на продлабочените анализи. Со нетрпение и љубопитство се очекува зборот на професорот, што напати се доживуваше и како беседа на стар мудрец кој беше ,,на ти” со највисоките антички мисловни врвови. Во неговиот мисловен опсег минатото (искуството и знаењето) немаше дно, но погледот му беше свртен кон иднината. Им се радуваше на младите марксисти, се дружеше со нив, им држеше предавања. Веруваше дека ќе се најде чаре за татковината, одбиваше да биде нем набљудувач. Имаше не само желба, ами и план за покренување на ново списание кое ќе го извлече дијалогот (особено во културата) од матежот кој не донесува ништо освен меѓусебни препукувања, дисквалификации и понижувања. Не се помируваше со она што го донесоа првите две декади на новиот милениум: секогаш сакаше и се стремеше да биде подобро. Не веруваше во никого кој велеше дека не може да се стори ништо, ама баш ништо. Беше Македонец, но голем противник на национализмот. Кога ќе дојдеше национализмот на ,,дневен ред” имаше навика да го цитира Албер Ками: ,,премногу го сакам својот народ за да бидам националист”. Не го забораваше ни југословенскиот културен и општествен простор. Беше првиот што во самостојна Македонија одржа говор пред бистата на Тито.
Еден од ретките наши мислечки луѓе кој беше во тек со современата марксистичка и левичарска мисла и кој знаеше зошто Маркс бил во право. И кој не го таеше тоа,напротив. Пред една деценија, во негова организација и под негово претседателство во Охрид се одржа Светскиот славистички конгрес. И сé така, со игнорирање на заморот на подвижната лента на животот.
За неговиот творечки опус, кажано е, безбели сé, макар што секогаш има нешто да се придодаде. Овие редови, како што гледате, се вакцинирани од таква претенциозност. Единствено сакаат да прикажат по некое, навидум не толку значајно парче од личноста на стамениот интелектуалец со изразита индивидуалност - таков како што беше, а не таков како што многумина од нашата фела мислат дека се. На крајот на неговиот бурен животен и творечки пат, пријателски се разделивме со - Мишко.

Врти-сучи, така излегува: ѓаволот кога си нема работа произведува длабоки општествени дележи - поради политика. Никој разумен не се труди да ја разбере, а не пакт да ја прифати ваквата ѓаволска пакост. Денеска, во 21 век, кога сите се колнат во демократијата, кога сите чекорат кон целосната демократија - ние секој со својот ѓавол и во својот ров, против оној отспротива, исто така со својот ѓавол и во својот ров. Не сме, белки, толку неразумни, ама запнуваме со сите жаволски итроштини да го избербатиме оној отспротива. Џабе ни некогашните мелиоризации, сега цапаме во батаците на нетрпеливоста, ги прошируваме полињата на омразата. Има и други попришта на дележи (богати и сиромашни, религиозни итн, итн.) ама ние се палиме на политиката и на речникот на политичката пизма. Ѓоа не може да се мисли различно без пизма, без етикетирања, без плукања и безобзирни навреди, без тоа ,,добро утро” да ни дека ,,ние сме патриоти” а вие сте ,,предавници”, а не луѓе кои политички мислат различно, ама се почитуваат како луѓе. И како соперници.
Врие на нашиот панаѓур на политичките дележи, како никој никогаш да не прочитал и потчул од другега за тоа што сите, па и ние го нарекуваме историја. Што се однесува до нас, може и историја на дележите - нема многу да се згреши. Панаѓурката прав ја поткреваат истурачите на вреќи зборови, бесмислени и никому потребни зборови, од кои не може да се направи дури ни антологија на пизматичните бисери. Таквите зборови се тркалаат само до канализационите мрежи, угоре не можат. Затоа ли секоја смела идеја отпрвин личи на лудост?
Нашите дележи, такви какви што се сега, оставаат лузни: некои плитки, што бргу зараснуваат, но и такви што долго,долго траат и луто печат. Полуто и од најлутата страст. Сите мислат дека ќе им падне шанот ако се приберат и примират, ако ги згаснат огновите омраза, ако ја згазнат жарта и пепелта на омразата, баш онака како што ,,херојски” згазнуваат некоја малечка, смрдлива бубачка. 
Имаат ли нашите политички стратези (добро, друга тема е тоа што некои од нив и не чуле што е тоа стратегија) ниет едно утро, такаречи утре, да се разбудат во нашата татковина и најпрвин да ги избришат гурилките на омразата од мамурните очи? Да фрлат, на пример, поглед лево-десно, горе-долу, да видат, ама убаво да видат што се случува во најблиското ни соседство, во регионот чиешто неразделно парче (макар и слепо црвео) сме? Да си приспомнат на ,,Буре барут”, та нели нашинец е автор на претставата за која нашите разгоропадени чауши можеби и никогаш не чуле?!
Нема многу време. Барем да се сфати дека омразата никогаш не се смирува со омраза, туку со нејзиното бркање од часот по историја (и не само по историја). Тадури и повеќе од бркање - со еден кец кој цел век не може да стане двојка, а не пак петка. Да се избрка и ситењето, да се разбере веќе еднаш дека пропаста на другиот е прв чекор и кон сопствената пропаст. И кон заедничката, што е најлошо. Дека пизмата најпрвин го погодува оној што ја носи и раздава. Сепак.
Не сме во времето на Цицерон. Не е работата во тоа ,,нека ме мразат, само нека се плашат”. Ќе запре ли, најнакрај, производството на страв, кое тука по обичај има висока стапка? Стопанката, зарем сиве овие децении не се уморивме од меѓусебна пизма, ѓоа не знаеме дека таму кајшто двајца се пизмат - печали некој трет? Не само од пизма, и од многу други нешта сме уморни, аман веќе!
Што енергија се изгуби на ,,негувањето” на (само)злобата во нас и околу нас, на карневалски претеризми и закани со (посаскувани?) конфликти. Тоа некои нервни доктори го викаат параноја. Толку ли е тешко да се остварува сувереното право на сопствено мислење, без да се пизми и исплука оној што има поинакво мислење?
Зарем треба уште да се убедуваме дека политичката умешност сака вардење од грешките и приближување, прифаќање на вистинскиот избор. Не е време за правење вистински грешки и запирање на возот на станицата на погрешниот избор. Политичките аналитичари милуваат да ја подвлекуваат ролата на политичките и државните водства. Некои од нив се ,,боцкала” на пизмата, не ни помислуваат (или, не дај боже: не се ни свесни) дека е непогрешливо претсказание на мракот што е во времето пред нас.
Сите сакаат победа: и локално зачмаените, и оние со глобален замав. Најнормално. А што сега кај нас се есапи за победа, особено кога нема нерешено? Едно, безбели е јасно: победата да е насочена нанапред, а не наназад. Да ги прескока сите празнини, што не значи дека некогаш не може и да се препне. Ова не е време на бабрење на пизмата. Само што не сме дошле до нормалниот колосек, а уште не сме ја стокмиле заедничката композиција вагони. Ако не го можеме тоа, што можеме? Збор е за широкото ментално платно на кое сме ,,нацртани” сите, без исклучок.

А тоа ,,за” или ,,против” - еве, му доаѓа денот, а тој да е како што личи.

See Older Posts...