Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров

           

И џицвџаните што се мачат по снегов да најдат некоја трошка да го поминат денот, знаат дека од деведесет и првата тука, кај нас, ништо не е исто како пред тоа. Затоа и се проретчуваат џивџаните, во други предели, а по нив и дузини млади луѓе - џивџаните на југ, луѓето на север.
            И џивџаните, особено младежта и постарите, сите знаат дека она што го имаме од деведесет и првата натаму е држава, а не мачкина кашлица, со сите нишани за една држава - наша, меѓународно призната, членка на Обединетите нации и на многу меѓународни организаци. Постарите паметат, а помладите знаат дека по ,,раздружувањето” од старата дружина, анализите на Европската унија (ќе да беше тогаш заедница?) црно на бело покажаа дека единствено најмалите држави од поранешната голема држава, Словенија и Македонија, се најподготвени за влез во големото европско семејство. Ако имало некаква протекција, сигурно била поврзана со проценките за безбедноста во регионот. Еве ја Словенија, со години веќе, европска држава, а ние зацапани во место: во Брисел нема кој да ја чуе нашата стратешка определба декларирана во раните деведесетти дека евроатланските интеграции, ЕУ и НАТО се единствена посока по која сакаме да влеземе во иднината, отшто го видовме аирот од минатото. Сите можни сондажи потврдуваат дека големото мнозинство граѓани и политички партии во Македонија се за оваа опција и никоја друга. Што не значи дека сиве овие години исчекување ние сме невини. Напротив, кабаетлии сме, не малку, многу сме кабаетлии. Не од сега. Но, не сме саде ние.
            Познато е, имено, дека во Европската унија се влегува со отворање и затворање на 35-36 поглавја, кои не се ништо друго туку проверка за тоа дали сме стасани за таму. Македонија, како дел на Југославија, ги имаше отворено сите ,,поглавја” од Повелбата и документите на ООН, сите. Не се важело. Македонија, како дел на Југоиславија, беше отворена зад Берлинскиот ѕид. Не се важело. Сега пред очи ни поставуваат еден вид ѕидови нам кои од југословени станавме западнобалканци, нам сосе Србија, Босна и Херцеговина, Косово... Во тие поглавја никаде не се бара државата-апликант (во случајов нашата, Македонија) да си го смени името. Како што за правда и праведност во Европската унија не се игнорира пресудата на Меѓународниот суд на правдата со ,,образложение” дека тие што изгубиле на суд се внатре, во Унијата, а ние окапуваме надвор, во чекалницата. Како што тое лефтерно се сведе на билатерален спор, во кој притисокот да се најде некакво чаре, некаква рамнотежа, главно оди врз наши плеќи. Не се бараат во поглавјата на ЕУ и меѓудржавни договори како потврда дека со некои соседи сме имале ,,заедничко минато”, а нé тераат да се бориме за минатото (или некому да му го подариме на тацна). А Германија и Франција, кога ја формирале Европската заедница, ниту пустеле ниту штуреле за минатото, ами го впериле заедничкиот поглед кон иднината.
            Контекстот во кој се одигрува сета оваа драма во која сме втурнати е мошне деликатен: на очи е воскреснувањето на крајната десница и на фашизмот во цела Европа, така што нејзиното тнр. тврдо јадро сé повеќе е свртено кон чистењето на сопствениот двор. Проширувањето може малку и да причека. А нам ни се брза, чувме, меѓудругото и затоа да го симнеме и срамот од ,,називот” божем постои макар еден единствен што така нé нарекол некогаш, а и божем не го знаеме историскиот контекст во кој во ОН бевме запишани како БЈР Македонија, не БЈРМ! Под тоа име, како што во официјален меѓудржавен договор се согласи нашиот сосед, можевме да бидеме примени во сите меѓународни организации. И сега пак се повторува прашањето: зошто притисокот цело време се вршеше врз нас, а не врз оној што не го почитуваше договорот? И пак треба да повториме: и кај нас е кабаетот. Имавме, ама немавме дипломатија за еден ваков залак. А добивме челници зашеметени, чукнати од минатото, дури од Александар Големиот, и сé се витоса низ Вардарот наш варден и недоварден, сосе новокомпонираните гемии во него. И сега Јово-наново, што за нас веќе станува вообичаено - сé да почнува од новата власт. Пак ќе го повторуваме стариот лисец Черчил кој беше рекол дека народ што се напиња меѓу минатото и сегашноста, ја губи иднината. Ние, додуша, не се напињаме - поделени сме до закрвавеност, каква што не се памети во славното ни минато.
            Ние, во чекалницата, сега мислиме дека надвор дуваат само добри ветрови и брзаме, брзаме да ја фатиме и нивната добрина и нивната посока. Барем не седиме со скрстени раце, а предупреда за брзањето имаме во Илинденското востание коешто, нели, било избрзано.
            Во меѓувреме, Европа ,,пожолтува”, сé појасно и е на нејзините челници (некои од нив отповеќе напернати) дека треба да се вардат од бесот на трпеливиот народ, дека не треба сé да му се препушта на времето бидејќи во времето освен рози, бели рози или црвени, има и трње, боцливо трње. Ние знаеме дека трпението е поблага форма на очај, ама кај сме чекале толку ќе причекаме уште малку. Не туку-така се вели: Кој чека ќе дочека - за Годо малку потешко, а за чекан в глава е малку поизвесно. Неволјата е поголема што споро напредуваме со решавањето на ,,домашните задачи”, сега пак сме далдисани со историјата, сега во секој од нас има најмалку по двајца експерти по историја а во МАНУ има само еден ,,дописен” историчар, сега пак забораваме дека овошјето што сакаме да го скинеме е на гранка и дека треба, како знаеме и умееме, да ја довстасаме гранката. Овошјето нема само да ни падне в уста.
            Најнакрај, сетики разбравме дека нема изгубена битка, освен онаа за која самите мислиме дека е изгубена. Не е одвишно, тадури нужно е да се повтори: за битка за иднината се работи.
                                                                        
                                                                                                                 Ристо Лазаров


(Пренесување на текстот и делови од него само со дозвола на авторот)

             
See Older Posts...