Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
 УДАРООТПОРНОСТ


Катаден доживуванме удари: подземни, надземни, од зад грб, и од лево и од десно. Сурови се, подмолни. Макар што некои имаат ефект на обично чешање. Којзнае колку удрени имаме и којзнае кај се удрени - од глава до петици.

Какви удрени - такви и удирачки. Врат и шија. Пример за папочна врска. Исклучок, галиба, се самоудирачите, оние кои не знаат дека нема фајде и ако си ја удрат главата од најголемиот и најцврстиот камен.

Ударите тешко ги фаќа сеизмограф. Како што има направии што не ги фаќа радар. Имало и такви подморници, велат. Најтешко се распознаваат особено оние удари што си ги задаваш самиот себеси. Во фудбалот тие се викаат автоголови.

Кога-тогаш, на секој од нас ќе му се случи да избере лош пријател или пријателка. Кога-тогаш, не веднаш, тој избор ќе те удри по глава, ќе те втаса со задршка, отпосле. Ударот и кога е отпосле е казна. Кој од нас не поминал низ такво - накитено, а сепак казнено шеталиште? Цел живот, речиси, имаш пријателка и на крајот на накитеното шеталиште стасуваш сам. Ништо. Човек учи додека е жив: пријателката ти била удирачка, а ти не си знаел. И поасални пријатели и пријателки баш и не ти недостасуваат, а камоли оние од сојот на удирачите.

Колку старее човек, толку му се стеснува кругот на пријателите. Така некако беше рекол Андриќ? Така ли е и со удирачите и ударите, или тие врват без години на староста, до гроб?

Ударот е удар ако предизвика страв кај удредниот (не кај удрениот со мокар чорап). Ако не, џабе мастрафот за ударот.

Се разбира: има миг кога се отрпнува на ударите, какви и да се, колку и да се. Миг кога се станува удароотпорен, цврст, најцврст во тешки, најтешки времиња. Тој миг доаѓа по долготрајни, а невидливи тренинзи, со разно-разни спаринг-партнери, претежно со ветропирна тетоважа - и на рецете, а богами и во срцата.

Удароотпорноста е полезна и корисна работа. Ќе те научи да ја издржиш болката, а и го изгубиш чувството на стравот, да го фрлиш како пластично ќесе полно ѓубре во контејнер. Внимавајте на спокојството: удароотпорноста понекогаш тера на беснило и омраза кон другиот. Понастрана од таквите настоенија. Луѓето од цврст материјал не беснеат и не мразат. Си врват кајшто кинисале, штоако ги потрефил некој удар. Некој нормално си врви, некој ита, некој задумано се влечка. Важно е да се врви. Инаку, нема удароотпорност. 

Со кого и да врзиш муабет, ќе дојде миг кога ќе ти рече дека животот е борба. Знаеш дека е така и лефтерно потврдуваш. А во себе се подготвуваш за борба, за удароотпорност. Стекнуваш еден вид имунитет од ударите што можеби утре ќе ти се нафрли. А знаеш, за век и веков, дека, на крајот на краиштата, не е ни толку битен тој твој имунитет. Во животот полн со удари многу поважен е имунитетот на дечињата, отколку имунитетот на пратениците или министрите, да речеме. И на сите други со значка на реверот како јавен показ дека уживаат имунитет. А тие, обично, најмногу се силат. На крајот сфаќаат дека копјата им биле тапи, а пушките за'рѓавени. На крајот, кога си отишол кумот.


See Older Posts...