Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
(ДИС)КОНТИНУИТЕТ


Шетајќи летово низ Прага, сама од себе, што се вели на тацна, ми дојде темата за (дис)континуитетот. Прашкиот континуитет си е на очиглед и на дело - улиците со исти имиња, паметниците исти и на исти места, сè спастрено, сочувано, со вкус и мерка. Дури и споменикот што го подигнал Сталин е на место. Се разбира дека има одбележувања и на крвавата инвазија на СССР во 1968 година, ама и тие се од тоа, старо, како што милуваат да го нарекуваат нашите “либерални реформатори” - комуњарско време. Комунистичката партија, осипана, постои и работи, има пратеници во двата дома на парламентот, а аналитичарите предвидуваат дека по есенските избори лесно може да се случи да влезат и во владата. И никој не се скандализира од тоа, не прави врева, животот си врви по својата врвица, а Чешка е единствена членка на Европската унија во која нема невработеност. Тука никому не му паѓа на памет да се изложи на општ потсмев со тврдењето дека подемот Чешка почнува со неговото доаѓање на власт. Се разбира, низ текот на времето, се извршени сите реформи и промени - по европски модел. И се разбира дека уште треба да се работи и направи, ама сите знаат дека тоа не се прави со ревизија на минатото, со историски дисконтинуитет. Тоа што било - било и не може од денес да не било. И точка.
Кај нас, во Македонија, сосема обратна, превртена слика. 
Од самиот почеток на самостојноста и независноста поединецот (лидер) се (само)прогласува за систем. Одвај би можело да се каже дека сите овие години стокмивме нешто што личи на систем. Секој кога ќе дојдеше на власт мислеше дека е од Бога даден и дека од него почнува светот. Сите грмеа по плоштадите дека ќе направат чуда, сите распродаваа добри немаери, ама последиците излегоа лоши. Има некој проклет јазол во нашата политичка живеачка што не можеме да го разврзиме. Можеби ако запнеме сите заеднички и ќе сториме нешто - ама не сакаме со другите. Ние, па ние. Или: јас па јас. Ако делото е заедничко - кој после ќе биде предавник? А во процесот на промените од клучно значење е единствената визија на општеството што го градиме. Инаку, се обесмислува борбата за промени - беѕ визијата за спастрена и успешна земја, во која секој си го знае своето место, своите права и одговорности.
Нашите партии се несредени однатре, без доволно внатрешна енергија за покренување од мртва точка. А од друга страна тврдоглаво модернизацијата и реформите си ги прогласуваат за нивна најважна задача. Ем шуто, ем боде - така некако би рекол народот. И сите оние кои добро знаат дека реформите и модернизацијата не се работа на партиите, а уште помалку на поединци. Тоа е клучно прашање на стратегијата на развојот. Имаме ли стратегија? Или она до каде што ќе стасаме ќе го прогласиме за стратегиски резултат (тадури и подвиг) и квит. Претпочитаме “партиски војници” отколку експертски ум. Не дека не знаеме, ама не сакаме на дело да покажеме дека од партиски полтрони не се прави државна администрација, на пример. Погледнете го примерот на другите: најголемото мнозинство се со завршени елитни школи во светот. Ние во насока која никој разумен не може да ја разбере - Машински факултет во Виница. Плева од правни и економски факултети. Демек, дисперзија било тоа. Око не им трепнуваше на властодршците тоа што сите кои се занимаваат со нивната работа знаат дека “малку знаење е опасна работа”. Забораваат и што на времето се мислело за учените - недоучените. Го забораваат и најсуштественото: секоја гарнитура на власта исчезнува и зад себе го остава батакот на новата бирократија. Така некако во своите дневници има запишано Кафка, пред чијшто бронзен лик, овде, во Прага, катаден застанувам со почит. Еден друг знаменит чешки писател, беше напишал дека “извор на стравот е иднината, а оној кој е ослободен од иднината, нема од што да се плаши. Како стојат работите со нас? При отворени очи - будни ли сме. Или е точна онаа на јунакот од нашата (“комуњарска”) младост Алан Форд: кој спие, не е буден.
Историја на утрешниот ден е напредувањето на свеста за слободата.
Демократијата не е само за оние кои победиле на иле-избори. Нема веќе иле, стварноста немилосрдно не удира по глава. Помина времето на виртуелните промени и реформи, а веќе и малите деца знаат дека од ветувања не се живее.

Ристо Лазаров

( преобјавувањето на текстот или на делови од текстот не е допуштено без дозвола на авторот)
See Older Posts...