Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров

ЗАДУМАНОСТ

Времево е такво: деликатно, тадури тревожно. Сака секој прстот на глава и сериозна, темелна задуманост. Иднината ниту доаѓа туку така од никаде, таа се изборува - не со запалени емоции и страсти, ами со ум. Ум свртен нанапред, ама што добро знае што било наназад и каков е вкусот на сегашната каша. Со празни пароли и евтина демагогија не ја бива - се губи во тегобноста на времето вредноста на иднината. Не ја бива ни “на брзинка” - последиците можат да бидат исти, независно од намерите. Се’ што било, не мора да било заедничко. И не мора само заедничкото што (не)било да биде темел на иднината. Пример: самата ЕУ - та, ниту било заедничко, ниту некој барал да биде заедничко, минатото на Германија и Франција, при прифаќањето на идејата на Шуман. Со жарчињата на минатото не се играат петкаменца. Жежат и сака на време да си викне “џиш!”. И не потоа да се нарами вреќата и да се полни со заслуги, за се’ и сешто. Не сака удирање во гради и самобендисано јуначење. Не сака обвинување на тие штонне рекле, а никој не ги прашал. Секој кројач пред да ти го сошие костумот, првин ти го проба, ти дава огледало - и самиот да ја процениш неговата мајсторија. Тоа што некој не бил викнат на проба кај кројачот, не му дава за право на тој кројач самиот да си се прогласи за кројач над кројачите, повреден од сите други. Понекогаш биднува и обратно. Фалбата, самофалбата особено, е ‘рѓа. Лачи ‘рѓави плуканици врз неистомисленикот или врз оној што не рекол, а не бил повикан да рече. Се разбира дека секој има право да рече, ама тежината на реченото се мери и по тоа кој го рекол. Затоа не сака прозивки, суетни наддавања, анатеми врз неистомисленикот. Тоа не му прилега на устремот кон иднината. Тоа и одмага, и тежи на иднината, крева нови планини од неизвесност. Па потем оди барај ја и види ја иднината зад планината што сам си ја креваш!

Ристо Лазаров
( преобјавувањето на текстот или на делови од текстот не е допуштено без дозвола на авторот)


   
See Older Posts...