Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров

На помалите народи, изгледа,  им се проречено да бидат поеуфорични, повеќе од мерата. Иако, се разбира, нема ништо лошо во еуфоричните расположаенија. Во сите области на животот: од спортот до политиката. Во последно време некако повеќе се “палиме” на политиката, ама ќе мине и тоа време. Целината на животот е нешто многу, многу повеќе.
А колку за потсетување: едно од објаснувањата на зборот еуфорија во дигиталниот речник на македонскиот јазик е: претерано воодушевување. Кај народот што го зборува истиот тој, македонски јазик, од дамнини се вели дека во ништо не треба да се претерува. Арно ама, се’ што се вели - не се прави. Во еуфоричните (политички) бранови, најмногу се тркала кусото паметење. Колку поголема еуфорија, толку покусо паметење. Такви сме и во другите сфери на живеачката. Најдобар доказ: прославувањата на спортските успеси. Во атлетиката, на пример, немаме којзнае какви резултати, ама милуваме еуфорично да се впуштаме во трките пред времето. Треба нешто и времето да каже, кога ќе му дојде време.  Има и други успеси, што не се спортски а се поголеми, ама тие не предизвикуваат никаква еуфорија, одвај се забележуваат. Често одат во заборав сиктеросани од лепачите на етикети, од секаков вид. Па и од такви кои сугерираат, не секогаш намерно, дека дека демократијата е само за победниците, дека сака да се дејствува енергично, за разбирачка нема време. Еуфоријата, често, се поврзува со доаѓањето на пролетта. А пролетта некогаш поранува, некогаш задоцнува, ама задолжително - доаѓа. Понекогаш треба да си припомнеме на една зен-мудрост: ,,Седи во тишина, не прави ништо, пролетта доаѓа, тревата сама расте”. 

Ристо Лазаров

( преобјавувањето на текстот или на делови од текстот не е допуштено без дозвола на авторот)
See Older Posts...