Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
И ВАКА, И ТАКА

Некои би рекле: и тука ми е добро, и таму ми е добро. Итромани. Ги бива, ѓоа. Ја нив, ја оние кои го прифаќаат нивното итроманство. Во некои кадровски разместувања (се вардам од зборот чистки) излегоа на површина и неколку(?) Ајштајновски јазли. Релативазации. Склеротични заборавања. Не знам уште како да ги наречам, а знам дека не би требало да ми е грижа за работите кои не се грижат за мене. Генијот Ајнштајн беше рекол дека во средиштето на тешкотијата лежат многу можности. Некои личат, или се прикажуваат како можности. Можно е, на пример, да си најде фотелја некој кој до вчера во кампањата бил во спротивниот камп, а да се тргне некој врвен стручњак, затоа што бил во спротивниот камп. И тоа небаре дневен активист. Се сака, притоа, да се каже дека тргнатиот бил поставен не оти е стручњак од највисок ранг, туку дека му припаѓа на спротивниот табор. И тоа се есапи за успех. А Ајнштајн беше рекол: настојувајте да не нижете успеси, туку да создадете вредности. Слушаме: сè што се прави, се прави за подобра иднина. Кој не сака да е така?! А Ајнштајн, кутриот, никогаш не размислувал за иднината. Верувал дека таа пристигнува доволно брзо. Згора, информацијата станува еден вид борбено средство. А сите знаат дека таа, претежно, не е знаење. Што би рекол Ајншатјн: единствениот извор на знаење е искуството. Надвор уште е горештина. Не се дише. Од милина, би рекол оној јазовецот на Петар Кочиќ. Среќа што не е сезона на магли, па не може баш сè да се провре низ нив….


Ристо Лазаров

( преобјавувањето на текстот или на делови од текстот не е допуштено без дозвола на авторот)
(ДИС)КОНТИНУИТЕТ


Шетајќи летово низ Прага, сама од себе, што се вели на тацна, ми дојде темата за (дис)континуитетот. Прашкиот континуитет си е на очиглед и на дело - улиците со исти имиња, паметниците исти и на исти места, сè спастрено, сочувано, со вкус и мерка. Дури и споменикот што го подигнал Сталин е на место. Се разбира дека има одбележувања и на крвавата инвазија на СССР во 1968 година, ама и тие се од тоа, старо, како што милуваат да го нарекуваат нашите “либерални реформатори” - комуњарско време. Комунистичката партија, осипана, постои и работи, има пратеници во двата дома на парламентот, а аналитичарите предвидуваат дека по есенските избори лесно може да се случи да влезат и во владата. И никој не се скандализира од тоа, не прави врева, животот си врви по својата врвица, а Чешка е единствена членка на Европската унија во која нема невработеност. Тука никому не му паѓа на памет да се изложи на општ потсмев со тврдењето дека подемот Чешка почнува со неговото доаѓање на власт. Се разбира, низ текот на времето, се извршени сите реформи и промени - по европски модел. И се разбира дека уште треба да се работи и направи, ама сите знаат дека тоа не се прави со ревизија на минатото, со историски дисконтинуитет. Тоа што било - било и не може од денес да не било. И точка.
Кај нас, во Македонија, сосема обратна, превртена слика. 
Од самиот почеток на самостојноста и независноста поединецот (лидер) се (само)прогласува за систем. Одвај би можело да се каже дека сите овие години стокмивме нешто што личи на систем. Секој кога ќе дојдеше на власт мислеше дека е од Бога даден и дека од него почнува светот. Сите грмеа по плоштадите дека ќе направат чуда, сите распродаваа добри немаери, ама последиците излегоа лоши. Има некој проклет јазол во нашата политичка живеачка што не можеме да го разврзиме. Можеби ако запнеме сите заеднички и ќе сториме нешто - ама не сакаме со другите. Ние, па ние. Или: јас па јас. Ако делото е заедничко - кој после ќе биде предавник? А во процесот на промените од клучно значење е единствената визија на општеството што го градиме. Инаку, се обесмислува борбата за промени - беѕ визијата за спастрена и успешна земја, во која секој си го знае своето место, своите права и одговорности.
Нашите партии се несредени однатре, без доволно внатрешна енергија за покренување од мртва точка. А од друга страна тврдоглаво модернизацијата и реформите си ги прогласуваат за нивна најважна задача. Ем шуто, ем боде - така некако би рекол народот. И сите оние кои добро знаат дека реформите и модернизацијата не се работа на партиите, а уште помалку на поединци. Тоа е клучно прашање на стратегијата на развојот. Имаме ли стратегија? Или она до каде што ќе стасаме ќе го прогласиме за стратегиски резултат (тадури и подвиг) и квит. Претпочитаме “партиски војници” отколку експертски ум. Не дека не знаеме, ама не сакаме на дело да покажеме дека од партиски полтрони не се прави државна администрација, на пример. Погледнете го примерот на другите: најголемото мнозинство се со завршени елитни школи во светот. Ние во насока која никој разумен не може да ја разбере - Машински факултет во Виница. Плева од правни и економски факултети. Демек, дисперзија било тоа. Око не им трепнуваше на властодршците тоа што сите кои се занимаваат со нивната работа знаат дека “малку знаење е опасна работа”. Забораваат и што на времето се мислело за учените - недоучените. Го забораваат и најсуштественото: секоја гарнитура на власта исчезнува и зад себе го остава батакот на новата бирократија. Така некако во своите дневници има запишано Кафка, пред чијшто бронзен лик, овде, во Прага, катаден застанувам со почит. Еден друг знаменит чешки писател, беше напишал дека “извор на стравот е иднината, а оној кој е ослободен од иднината, нема од што да се плаши. Како стојат работите со нас? При отворени очи - будни ли сме. Или е точна онаа на јунакот од нашата (“комуњарска”) младост Алан Форд: кој спие, не е буден.
Историја на утрешниот ден е напредувањето на свеста за слободата.
Демократијата не е само за оние кои победиле на иле-избори. Нема веќе иле, стварноста немилосрдно не удира по глава. Помина времето на виртуелните промени и реформи, а веќе и малите деца знаат дека од ветувања не се живее.

Ристо Лазаров

( преобјавувањето на текстот или на делови од текстот не е допуштено без дозвола на авторот)
ОДЛЕВАЊЕТО НА ЈАЗИКОТ...


Бае баба што бае, ние пак сме вплеткани во циклусот дебати за двојазичноста, повеќејазичноста, сејазичноста. Како во митот за Сизиф си го тркаламе угоре “јазичното прашање” а тоа потем се стркалува прудолу. Сè така, одовде до вечноста, до врвот на апсурдот. Како да немаме светски (и наш) опит, па и законски решенија, тазе, од 2008-та. Како да не помниме дека ехееј, уште пред триумфалниот топот на транзиционата коњица, Трајко Стаматовски (и други) во тогашна “Нова Македонија” долго, долго дебатираа за билингвалноста. Апсурдот е во тоа што таквите дебати, при секое одново покренување, се модифицираат и никнуваат поинакви на широките полиња на генетски модифицираната храна. На тие полиња апсурдноста набабрува, од претерувања. Самиот живот станува апсурдност. И сознанието дека јазиците се услов за јасна поврзаност, не обратно. Затоа и му припаѓаат на далечното минато приказните за какво и да е  допуштање или недопуштање на употребата на јазиците. На дланка е светскиот опит. Затоа и некои претерувања личат на генетски модифицирани барања. Таквите барања ги исцрпуваат и луѓето и општествата. Многу врева за ништо. А Шекспир уште и би додал: сака мерка за мерка. Тука некаде би се надоврзало и прашањето има ли апсурдноста иднина или, можеби колкава доза на апсурдност може да издржи иднината? Во иднината – каква е иднината на малите  јазици пред налетот на глобализацијата (големата риба ја јаде малата?!), но не само на глобализацијата. Од разни пусии се атакува врз јазикот наш, македонски.
Грижата за јазикот, борбата за неговото зачувување, отсекогаш се броела и ќе се брои како света должност, секогаш имајќи на ум дека има илјадници исчезнати јазици, дека семејството на тнр. мртви јазици е пошироко од она на живите. Колкави сме ние, толкав ни е и јазикот. Белки се подразбира дека сака вдвојување, втретување на грижата и напорите за зачувување и сочувување на јазикот.
А еве, заглушени од зурлите и тапаните на патриотизмот, како да не видовме, како да не гледаме дека ни се одлева јазикот: се иселиле над двесте илјади нашинци, а иселувањето е во тек, реката си тече и отпосле тој тек тешко се врти наназад, кон изворот. Таму некаде, кајшто се посоките на одлевањето, порано нарекувани јабана, таму, значи, нашиот одлеан јазик има најмногу половичен живот. Секому му е јасно дека причините за одлевањето се пред сè економски, а и дека таквите гајлиња не се решаваат со патриотски тиради.
Додека трае одлевањето, тука на дело е поплавата од англизми ( се прават "дилови", случките си имаат "стејџови" и " бекстејџови") и други тнр. интернационализми - станува се повоочлива и загрозата на кирилското писмо. Додека трае одлевањето, со години веќе - од Охридскиот договор наваму - респектабилни политички фактори на уставно дефинираните етнички заедници, упорно ја заговараат идејата за два службени јазика на територијата на цела Македонија. Не се со кусо паметење, ама, ете, забораваат дека Охридскиот договор се преточи во Уставот на Република Македонија. А во Уставот: "на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо". И уште во Уставот, сетики за уточнување на правните аспекти: "... во единиците на локалната самоуправа може, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо - да стане втор службен јазик и 'јазикот на граѓаните кои сочинуваат најмалку 20% од граѓаните". Се подразбира дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, макар што на други примери сме се изгореле, па сега мораме да дуваме и на маштеницата. Од друга страна, се подразбира дека јазикот, токму јазикот, е конституитивен чинител на секој национален и културен идентитет. Откога постојат нациите и културата.
Воопшто не е за срам и за покорност пред "големите" тоа што говориме и пишуваме на тнр. мал јазик. Тој факт, меѓу другото, кај нас ја крепи свеста за тоа дека баш кај малубројните нации јазикот е средишен и носечки, незаменлив столб на идентитетот. Неговото поткопување, нарочно однатре, никако не смее да се занемарува и допушта. На пример, со верувањето дека стопати повтореното барање  е автоматски праведно и логично. Во спротивно, лесно ќе се урниса целата градба, а наивните ќе си мислат дека така требало да биде и дека тоа урнисување спаѓа во редот на оние урнисувања сами од себе. Некако, станува неподнослива леснотијата на смалувањето и тоа треба да се запре. Без да се заборави дека и некои идеи за зголемување, всушност, го забрзуваат смалувањето.
Ако се исклучат политичките преповторувања за двојазичност на целата македонска територија, има ли воопшто кај нас расправа за ова? Кој рекол, разборито и разумно, дека наметнувањето воопшто не е облик на разбирање и дека заедничката живеачка не е емисија за исполнување на желбите само на едните? Кој бере гајле за македонскиот јазик, за неговата судбина и иднина? Што е за право, и Македонскиот ПЕН центар, и Друштвото на писателите на Македонија, своевремено, во повеќе наврати упатија јавни предупреди на оваа тема. Тие се трајни и чинам не е нужно севезден да се повторуваат. Ама, нив не треба да ги паметат само писателите, туку оние кои треба да дадат јасни одговори за тоа зошто едно нелагодно чувство ја притиска македонската култура и јазик? Дали тоа чувство може да се изроди во хронична и опака болест? Некој умен беше рекол дека писателот мора да води сметка не само за јазикот, ами и за изнаоѓањето вистински однос кон јазикот. Спомнувањето на должноста на писателот не е правење заслон за оние кои имаат реална моќ, напротив. Народот ја бира власта за да го штити Уставот. Народот плаќа многу државни институции (народен правобранител, на пример) за да ги заштитува правата на сите. Не за едни мајка, за други маќеа.
Созреавме ли достатно,  сите во Македонија, за да можеме со сласт да и се радуваме на нашата заедничка стварност? Вистински ли е коренот на таа радост без свеста за "јас"? Бива ли да се биде "ние" без "јас"? Бива ли без "јас" да се разбере суштината на судбинското вкрстување на јазиците и културите, ама и опасноста од урнисувањето на носечкиот столб на еден национален идентитет? Бива ли да не се знае дека "јас" не трпи половичност, плашливост, срамежливост?
Самото "јас", пак, да не негира ничие право на "јас", а сопоставувањето да не биде "јас па јас", ами да има и смисла и мерка. Како што при соочувањето со касиерот во која било самопослуга не може да викнете "јас" и со пет банки во џепот да изнесете стока за пет милиони.
Има ситуации кога поединци, па и цели народи се согласуваат, што се вели, "по навика", понекогаш и да не се крева многу ѓурултија, да не се прават непријатности. Одбраната на јзикот не е таква ситуација и бара кристално чист одговор на прашањето - каде е, во чие чекмеџе, клучот за нашата иднина? Не ни прилега да се правиме недоветни, како што не ни прилега да се правиме мамурни при толку скусени мераци. Иднината во која би се нашле, духовно банкротирани,  во некаква испревртена ризница на нашиот јазик - иднина ли ќе биде? Живеачката и онака ни е пренатрупана со пукнатини, а низ пукнатините, ако се ѕирне поасолно - валканици, колку да сакаш. Наши валканици, а и увозни валканици.
Сите знаеме колку досегаат локалните, партикуларни културни вредности, а колку  универзалната култура му дава белег на секое време. Знаеме, де, дека не се пие вода само од својот извор, ама и дека не е разумно кој и да е да плука во него. И сите го знаеме аманетот на Мисирков, како и онаа на Блаже Конески дека "јазикот е нашата татковина". Без јазикот не би биле тоа што сме, исто како и без татковина. Секоја татковина треба да се варди од какви да е угрози. Вадењето очи, јасно, не е вардеж, ама, јасно,  ни молчењето, ни мижењето, не се вардеж. Само на прв поглед изгледа дека нема пат -  та, секој го носи во себе.

Ристо Лазаров
( преобјавувањето на текстот или на делови од текстот не е допуштено без дозвола на авторот)

See Older Posts...