Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров


Ристо Лазаров

Сезона е кога се носат книги за ,,просветување” на плажа и тоа не е лошо. Но, има и книги кои не се баш за на плажа, меѓу нив и такви кои се за наткасна и кои се препрочитуваат цел живот. Есеите на Монтењ се таква книга: не е за ,,тепање време”, ами за ти ја боцне мислата, баш пред спиење. Што не значи дека Монтењ не восхитува и дење, напротив. Неговите реченици се како вистина натоварени на некоја лаѓа и не е важно по која река плови лаѓата. На вистината и се искажува добредојде. Со еднаква топлина, веќе со векови, на сите меридијани.
Ако макар еднаш ни ја боцнал мислата Моњтењ, ќе научевме дека разговорот не е борба во која треба да се победи. Дека плуканиците, навредите и другите валканици - не се разговор. Дека за разговор требаат најмалку двајца и дека е каде-каде подобро ,,разговорот на глувите” да остане под правта на минатото, засекогаш и насекаде.
Како што следел големи мудреци и мислата на Монтењ со големо љубопитство се следи и ден-денес. И се среќаваат во осовремената форма во некои постари поговорки, колку да му го разбудат на читателот прашањето: кај сум го сретнал ова? Има мисли што на разни начини се преточуваат од едно во друго време. Да не знае човек што да мисли и за времето, и за мислите. И за себе. Светот е едно огромно клатно, а не пак мислите. Се е подложено на клатење - не на нишање (нишај врата, земај плата) ами на промени. Ноќта никогаш не може да стане ден, но секому, кога-тогаш ќе му се раздени. Колку побрзо, толку подобро.
Сите сме во времето - негови сме, колку што тоа е наше. Според времето се обликуваат и мислите и постапките. Само ретките меѓу нив станувале безвремени, како оној Цицерон, на пример, кој бил заговорник на мислењето и делувањето во своето време. Никој не пресметал дали денеска има такви како него, нурнати во своето време: сите ја бркаат иднината, а богами мнозина се испотепуваат за минатото. Има и творци на добар број празни приказни, без разлика на времето. И фотокопирачи на празните приказни има, колку да сакаш.
На нашите мисловни полиња не расте само плевел, скраја да е помислата на тоа. Иако во секое жито има и какол. Каколот е за требење, не за вреваџиско препродавање на националистичките панаѓури. Огромен број луѓе се ,,на ти” со мислителите во светот кои се  ,,на ти” со прашањето на идентитетот, на пример. Тие проникнуваат во тој мисловен свет, на иста бранова должина се. Наспроти распалувачите на (непремостливите) разлики од страв да не се изгуби идентитетот. Ако се изгуби, божем ќе се најде во некое биро за изгубени работи. Поарно да талкаат до бирото за изгубени работи, отколку да сфатат дека идентитетот е превасходно лична работа, што натаму, нели, е од полза при дефинирањето на националниот, етничкиот, културниот, европскиот и каков сакате идентитет. Но, во основата е, велат тие кои знаат, сепак е идентитетот на човекот како битие. Идентитетот не е нешто што со сила се наметнува, тоа не е иманентно на неговата суштина, напротив. Два различни идентитети не сочинуваат јазол што не се разврзува. Идентитетот е непостојан, дисконтинуиран, така вели Монтењ, посочувајќи едноставен пример: јавачот на коњ не ист откако ќе падне од коњот. Па придодава и го предочува ова прашање како мал психички театар во кој водат дијалог, се препираат, различни инстанци како во сцена од некоја комедија: духот, волјата, фантазијата.
Пустите желбите можат и да се вжарат, можат и да изгорат во жарот, ама се - пусти. А треба да се поразмисли и за тоа дека светот може да стане како одземен човек: еден ќе биде со скршени екстремитети, друг во полна сила. Демек, најмалку два степена на развојот - едни веруваат дека ќе има унакажано тело, една силна нога, додека другата е немоќна. Дали тоа стариот свет го расипува новиот? Дали великодушноста кон прифаќањето на новото е и великодушност на новото?
Златните времиња, оние од творечкиот изблик на Климт, на пример, се зад нас. Историјата излегува еднонасочна, нема враќање. Убаво е да се сака да се биде одврзан пес, ама сака и соочување, промислено, со кошмарите и маките на времето, на отрпнатото време.

(Сите права се заштитени и не е дозволено користење на делови или на целиот текст без согласност на авторот)


МОЛИТВАТА

На пристојна далечина сум од дома, така што можам да го почувствувам раатот на просторната дистанца, а и предимството на расудувањето со ладна глава. Макар што Гугл знае сé, па и кога не си дома, понекогаш си дома, особено ако ти е тоа толку важно. Тоа - да си дома.
Бладодарејќи му на Гугл (се вика ли уште ,,фала Богу”?) разбрав, ете, во туѓина дека еден бивш големец (има бааги бивши во една бивша република) посегнал по молитвата, ничија друга, туку онаа насловена од учителот наш Блаже Конески. Демек, штом тие лево ќе фатат, јас десно да одам... Секој има право да си ја избира посоката на својот пат, ама невкусно е тоа да се прави на туѓа сметка, макар и со лижење на сопствената плуканица.
Убаво е, се разбира, кога во сивилото на политичкиот говор ќе светне како ѕвезда некој цитат од некоја песна, едноличноста (безличноста) на таквиот говор ќе збогати со поетски цвет, чијашто миризба е веднаш препознатлива. Тоа може да се сфати и како далечно, многу далечно навестување за враќањето на моќта на поезијата што од векутума века наваму само се рони, рони...
Во посегањето кон поетските цитати, секогаш, ама секогаш мора да се има пред очи дека стиховите не се пишуваат за злоупотреба. Што не значи дека нема (само)злоупотребени поети, ама тоа е веќе друга и долга приказна.
Овде и денес станува збор за обид стиховите на еден поетски (и не само поетски) великан, највисок врв, планински венец на нашиот творечки дух, да се злоупотребат во политички цели. Барем да се политички и да можат да се наречат цели. За такви богомолци, песната не може никаков спас да е.
Песната кажува сé, па и зошто треба да ја вардиме од недоветноста и неукоста.
Молитвата на Блаже Конески се издигнува високо, високо. Не и требаат посредници во обраќањето кон Севишниот.И никако не може да се злоупотребува како сламка на спасот на оние што заглавиле во батаците што сами си ги направиле.
Ништо ново не се рекло ако се каже дека политиката, во својата блудничава забеганост, смета и на кусото паметење. Се укашкало нешто, ама поминало време, народецот се храни со ,,спинови” (уште еден нашински, ,,оригинален” збор) и окус-покус препарандус - не било ништо. А било.
Има во ова мало македонско парче од дуњава, има за среќа, такви кои се отпорни на спинови и паметат долго. Ги паметат и туѓите злодела и злопамтења. Паметат дека благодарејќи на нечии занеси по воинот на коњ, на пример, ние сме уште земја со кусок јавни тоалети, а со вишок на мочковци, со опроштение. И со уште поголем вишок на гладни, кои се сити само во статистичките монтировки. Тоа не се заборава. Воинот на коњ и други коњаници, а во земјата накотени магариња, кај и да се свртиш. Обидите сеќавањата да се бојадисуваат, со какви сакате бои, секогаш завршуваат така - сеќавањата, имено, не се бришат, ниту се префарбуваат. Фалсификатот не е верен на оригиналот. Кога-тогаш работите си доаѓаат на место, направениот арч си се плаќа. Со свест за праведност, како и со свест дека не спаѓа во духот на нашето историско паметење некому да му се ситиш кога е во неволја.
Врвен домет на еден друг, самонаречен поет е именувањето токму на Блажета Конески како ,,џуџето од Небрегово”. Тој, самонаречениот поет, е полуголемец, десна рака на големецот. Ист сој. Ни големецот, ни неговата десна рака, еднаш не зинаа барем да се извинат за тешката гнасотија. Луѓето кога се на власт забораваат што е тоа извинување, за многу силни и вечнотрајни се есапат. И се занимаваат со размножување на смотани бирократи и со прераскажување на приказни во кои нема луѓе.
Во една од струшките кампањи на партијата на чиешто чело подоцна дојде  големецот имаше транспаренти со барања за ,,смрт на Блаже Конески”. Професорот сам си замина, со горчина во душата, не чекајќи ја пресудата на новопечените големци и полуголемци и други суртуци.  Тие де, што го заборавија, го пречкртаа, како да не постоел. Само Господ знае зошто, зашто таквите ѓоа големци, самопрогласени и неуки ,,чувари на македонштината” не можеа (и не сакаа) да го разберат влогот на Блаже Конески во опстојот на Македонецот од половината на дваесетиот век, па за навек и за сите векови. Азбука на македонскиот јазик, Граматика на македонскиот јазик, Историја на македонскиот јазик, томови творештво за и на македонски јазик...
Ете зошто е важно да се разбере дека е можен поинаков свет, без вулгарно лицемерни големци. А тие - што понастрана од уметноста и уметниците, од Блаже Конески, особено.

Најнакрај, Блаже Конески и неговите приврзаници и следбеници, не се само во ризницата на највисоките дострели и гордите сеќавања на Македонците. И за нив кога се зборува, секогаш треба да се има на ум - идното време.
ЛЕВО-ДЕСНО...


Ристо Лазаров


Таков е рулетот на историјата: постојано се врти и им дава шанса на сите. Постојано се менуваат и добитниците кои вложуваат нешто во рулетот на историјата: нема таков што севезден и единствено - добива. Сирнете го, на пример, списокот на пропаднатите империи и императори, или, ако сакате, списокот на некогашните колонијални пространства. Промените си врват напред по своите патеки, шуќур што повеќето од нив се подвижници на напредокот. Модерното станува постмодерно, постмодерното пост-постмодерно и така оттука до вечноста. Зависи од досетливоста на кумовите на промените.
Многу нешто се и непроменливи, или привидно променливи, што нé потсетува дека живееме во свет на оптички мамки, благи залажувања, тадури и тешки преваранции. Чавката, да речеме, во гулаб не може да се престори - колку и да павта со крилјата, какви ли вратоломии да прави. Само во приказните има бели чавки, ама - чавки. Како и црните овци. И тие служат за стрижење, ами како. Со веќе приспомнатите гулаби е малку поразлично: некои од нив павтаат лева-десна, лева-десна и си остануваат гулаби, гулаби-превртувачи, само јатото го менуваат па павтаат или само лева-лева (кој тоа павта десно?) или десна-десна. Не е да речеш тоа којзнае каква промена, брзо се арчат павтежите, а со време се стеснуваат и воздушните капии за влегување во нови јата. Има сé повеќе гулаби што веќе не може да павтаат. И да сакаат - не може. А гулаб без пафтежи, со искубани крилја, не е за никаде.
И во политичките маршеви, оттука па до анасана, се чекори по правилото лева-десна, лева-десна. Додека оној што го води маршот не викне ”остав!” или дури нему не му викнат ”остав!”. Има разлики, иако мнозина од тие кои даваат ”остав” би сакале да нема. А маршевите си врват ”лева-десна”; за ритамот и темпото се задолжени провинциските барабанџии.
Се гледа и од најголемата височина на гулабовиот лет дека во дуњава како да стивнува она ”лева-лева”, стивнува, одвај се слуша. Поербат и повреваџии се покажуваат оние што викаат (на сет глас!) десна-десна. Кај нив узансите се такви: надредени што помалку, подредени што повеќе. Запрепастувачки расте бројот на подредените. Надредените, ем напернати, ем со натежнати џепови, ги фрлаат во невиделија ппрашањата на новата солидарност. Штоако и Обединетите нации многу одамна прогласија ден на солидарноста. Надредените немаат време за ферманите на Обединетите нации: веднаш и овде, времето е пари.
Уште не зинати, оние кои милуваат да се подзасилат општествените звучници од кои се слуша и ”лева-лева!” Се изложени на плуканици со монсунска јачина: демек, нивниот повик бил ретрограден и водел директно во реал-социјализмот. Мижи Асан да ти бајам. Грото од тие што сакаат ”лева-лева” се атеисти, не веруваат во никакви воскреснувања, знаат што е било-поминало. Но, сакаат да учествуваат во она што допрва ќе биде, затоа и зборуваат за новата солидарност, затоа ја спомнуваат и скандинавизацијата на свеста на надредените, ем напернатите со натежнати џепови. Отшто се покажува дека надредените стануваат се поисклучиви, можеби ”надреденоста” е веќе еуфемизам и повистински е да се каже - заповедници. И оние кои викаа само ,,лева-лева” беа исклучиви, ама овие новиве, опиени од славјето на победите, шијат сé живо и диво. Имаат сé, освен решенија за многу прашања без кои ќе се тапка во место.
Затоа е и тешко во оваа претстава под големиот циркуски шатор, човек да си биде свој, или пак да биде ”нешто” помеѓу. Или-или, велат надредените (заповедниците). Абер немаат кој е Кјеркегор. Во секој случај, тој не бил берзијанец и не го знаел движењето на вредноста на акциите, ниту пак на валутите во менувачниците. Просто: ако не си со нас, против нас си и точка. Еден од лозунзите на епохата на етикетирањето и плукањето во која ни се паднало да живееме. Без свртување наназад и обид за мерење на сопствениот учинок.
Со поинакви зборови речено, живи сведоци сме на истиснување (не се веќе обиди, ами дела) на левицата од светската политичка мапа, за што, објективно, е виновна и самата. Погледнете во најблиското соседство и запрашајте се: кај се витоса левицата? А потем - истото прашање и за другите меридијани. 
Како да надвладува злоупотребата на незнаењето. Аман веќе: како безмилосните лаги, арамилакот и алчноста да добиваат ”почесни места” во ложите од кои (со малечки бинокли, разбира се) се набљудува општествената сцена и сите текови - ем глобалните, уште повеќе локалните, нашите.

Новите митови сепак не можат толку лесно, ”со малото прсте” да ги избришат дтарите - оној за Давид и Голијат, на пример. А сетики не треба да се заборави дека оној што се чатали со фрлање некакво камениште, најнакрај треба да смета дека е реална опасноста да се погоди самиот себеси. Со свој камен по глава, го има и тоа.
See Older Posts...