Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров



Првпат го сретнав како Милан. Милан Ѓурчинов - авторитетен, еминентен проследувач на македонските литературни текови и угледен зналец на светската, особено на руската и француската, литературна мапа. Беше тоа есента 1967 година, кога тој гостуваше на трибината за литература во Работничкиот универзитет во Штип, што ја беше осмислил Михаил Ренџов. Таквите настани обично завршуваат со прашање за прашањата: има ли некој нешто да праша?  Стутулен средношколец, некаде во последните редови, сепак собрав сили да му поставам едно прашање на професорот - за ,,Лица со маски” од Владимир Костов беше збор, за тоа зошто нашата критика чиј висок угледник беше професорот, го премолчува тој роман? Тркалесто, па на ќоше, така се вели за одговорите без одговор. Но, одговорот на професорот стигна набргу, во свечениот дваесетидеветоноемвриски број на ,,Нова Македонија”, распослан на цела страница, под наслов ,,За Владимир Костов, за мојот мал штипски пријател, за сите нас”. Професорот не го беше фрлил прашањето во полињата на заборавот. Некои денес би рекле: има прашања што заслужуваат одговор. Набргу тој текст професорот го објави во книга, а стои и во неговите Собрани дела. На стутулениот штипски средношколец и денес не му е сеедно што тој дребен настан во нашата ,,литературна провинција” доби таков епилог. Беше тоа, всушност, бележита потврда на карактерот на професорот и неговата доживотна определба да не се одбегнува, ами напротив да се негува дијалогот, во дијалогот да не се влегува од олимписки височини, да не се биде арбитер и омаловажувач на поводот за разговор, макар тоа било и стутуленото прашање на еден средношколец.
Следната средба се случи пак незакажано. Во 1972 година (колку брзо профрчувал половина век!) излезе мојата прва книга ,,Ноќна птица во паркот”, а тогаш беше обичај сите македонски поети кои имаат објава меѓу две поетски Струги да се покануваат на поетското славје покрај водите на Езерото и на Дрим. Таа година сместувањето беше во новиот охридски хотел ,,Горица”. Се разминувавме по скалите. Професорот беше во друштво на Оскар Давичо, јас сам, ќе да не бев веќе стутулен, ама сепак... Тој ме запре и му предложи на Давичо да запозне еден од најмладите македонски поети. Немав при себе примерок од книгата, но тоа го средивме утредента. Поважна беше намерата на професорот неговите пријатели да не бидат само негови. Не се сите такви, особено во паркот на писателските суети.
Во 1980 година бев удостоен со наградата ,,13 ноември” на град Скопје за стихозбирката ,,Јана”. Претседател на жирито беше тој, професорот Милан Ѓурчинов. Па 2007-та ,,Ацо Шопов” за ,,Чехопек”: претседател на жирито пак Милан Ѓурчинов... Па во неговите антологии на современата македонска поезија тука и во светот.... А воопшто не бев од неговата ,,голема четворка” на која и беше приврзан до последниот здив, без оглед што некои го изневерија.
Долги години потоа, долги разговори под муренката во Охрид. Катаден. Некои работи се случуваат случајно, а се паметат за навек. Друштвото не многу големо (понекогаш се прошируваше од љубопитници) а разговорите понекогаш и вжештени, не ќе да е само од охридското сонце. Кога ќе заесенеше, друштвото ја менуваше локацијата: секоја сабота во 11 часот првин во ,,Уранија”, па во ,,Томче Софка” во Градскиот парк во Скопје. Времето штедро со теми - од актуелни, поактулени. Разговорите врват од левата страна на времето. Но, не се еднобојни, вријат од спротивставувања, некакви природни филтри на продлабочените анализи. Со нетрпение и љубопитство се очекува зборот на професорот. Во неговиот мисловен опсег минатото (искуството и знаењето) немаше дно, но погледот му беше свртен кон иднината. Им се радуваше на младите марксисти, се дружеше со нив, им држеше предавања. Веруваше дека ќе се најде чаре за татковината, одбиваше да биде нем набљудувач. Имаше не само желба, ами и план за покренување на ново списание кое ќе го извлече дијалогот (особено во културата) од матежот кој не донесува ништо освен меѓусебни препукувања, дисквалификации и понижувања.
За неговиот творечки опус, кажано е, безбели сé, макар што секогаш има нешто да се придодаде. Овие редови, како што гледате, се вакцинирани од таква претенциозност. Единствено сакаат да прикажат по некое, навидум не толку значајно парче од личноста на стамениот стамен интелектуалец со изразита индивидуалност - таков како што беше, а не таков како што многумина од нашата фела мислат дека се. На крајот на неговиот бурен животен и творечки пат, пријателски се разделивме со - Мишко.



Ристо Лазаров

Сезона е кога се носат книги за ,,просветување” на плажа и тоа не е лошо. Но, има и книги кои не се баш за на плажа, меѓу нив и такви кои се за наткасна и кои се препрочитуваат цел живот. Есеите на Монтењ се таква книга: не е за ,,тепање време”, ами за ти ја боцне мислата, баш пред спиење. Што не значи дека Монтењ не восхитува и дење, напротив. Неговите реченици се како вистина натоварени на некоја лаѓа и не е важно по која река плови лаѓата. На вистината и се искажува добредојде. Со еднаква топлина, веќе со векови, на сите меридијани.
Ако макар еднаш ни ја боцнал мислата Моњтењ, ќе научевме дека разговорот не е борба во која треба да се победи. Дека плуканиците, навредите и другите валканици - не се разговор. Дека за разговор требаат најмалку двајца и дека е каде-каде подобро ,,разговорот на глувите” да остане под правта на минатото, засекогаш и насекаде.
Како што следел големи мудреци и мислата на Монтењ со големо љубопитство се следи и ден-денес. И се среќаваат во осовремената форма во некои постари поговорки, колку да му го разбудат на читателот прашањето: кај сум го сретнал ова? Има мисли што на разни начини се преточуваат од едно во друго време. Да не знае човек што да мисли и за времето, и за мислите. И за себе. Светот е едно огромно клатно, а не пак мислите. Се е подложено на клатење - не на нишање (нишај врата, земај плата) ами на промени. Ноќта никогаш не може да стане ден, но секому, кога-тогаш ќе му се раздени. Колку побрзо, толку подобро.
Сите сме во времето - негови сме, колку што тоа е наше. Според времето се обликуваат и мислите и постапките. Само ретките меѓу нив станувале безвремени, како оној Цицерон, на пример, кој бил заговорник на мислењето и делувањето во своето време. Никој не пресметал дали денеска има такви како него, нурнати во своето време: сите ја бркаат иднината, а богами мнозина се испотепуваат за минатото. Има и творци на добар број празни приказни, без разлика на времето. И фотокопирачи на празните приказни има, колку да сакаш.
На нашите мисловни полиња не расте само плевел, скраја да е помислата на тоа. Иако во секое жито има и какол. Каколот е за требење, не за вреваџиско препродавање на националистичките панаѓури. Огромен број луѓе се ,,на ти” со мислителите во светот кои се  ,,на ти” со прашањето на идентитетот, на пример. Тие проникнуваат во тој мисловен свет, на иста бранова должина се. Наспроти распалувачите на (непремостливите) разлики од страв да не се изгуби идентитетот. Ако се изгуби, божем ќе се најде во некое биро за изгубени работи. Поарно да талкаат до бирото за изгубени работи, отколку да сфатат дека идентитетот е превасходно лична работа, што натаму, нели, е од полза при дефинирањето на националниот, етничкиот, културниот, европскиот и каков сакате идентитет. Но, во основата е, велат тие кои знаат, сепак е идентитетот на човекот како битие. Идентитетот не е нешто што со сила се наметнува, тоа не е иманентно на неговата суштина, напротив. Два различни идентитети не сочинуваат јазол што не се разврзува. Идентитетот е непостојан, дисконтинуиран, така вели Монтењ, посочувајќи едноставен пример: јавачот на коњ не ист откако ќе падне од коњот. Па придодава и го предочува ова прашање како мал психички театар во кој водат дијалог, се препираат, различни инстанци како во сцена од некоја комедија: духот, волјата, фантазијата.
Пустите желбите можат и да се вжарат, можат и да изгорат во жарот, ама се - пусти. А треба да се поразмисли и за тоа дека светот може да стане како одземен човек: еден ќе биде со скршени екстремитети, друг во полна сила. Демек, најмалку два степена на развојот - едни веруваат дека ќе има унакажано тело, една силна нога, додека другата е немоќна. Дали тоа стариот свет го расипува новиот? Дали великодушноста кон прифаќањето на новото е и великодушност на новото?
Златните времиња, оние од творечкиот изблик на Климт, на пример, се зад нас. Историјата излегува еднонасочна, нема враќање. Убаво е да се сака да се биде одврзан пес, ама сака и соочување, промислено, со кошмарите и маките на времето, на отрпнатото време.

(Сите права се заштитени и не е дозволено користење на делови или на целиот текст без согласност на авторот)


МОЛИТВАТА

На пристојна далечина сум од дома, така што можам да го почувствувам раатот на просторната дистанца, а и предимството на расудувањето со ладна глава. Макар што Гугл знае сé, па и кога не си дома, понекогаш си дома, особено ако ти е тоа толку важно. Тоа - да си дома.
Бладодарејќи му на Гугл (се вика ли уште ,,фала Богу”?) разбрав, ете, во туѓина дека еден бивш големец (има бааги бивши во една бивша република) посегнал по молитвата, ничија друга, туку онаа насловена од учителот наш Блаже Конески. Демек, штом тие лево ќе фатат, јас десно да одам... Секој има право да си ја избира посоката на својот пат, ама невкусно е тоа да се прави на туѓа сметка, макар и со лижење на сопствената плуканица.
Убаво е, се разбира, кога во сивилото на политичкиот говор ќе светне како ѕвезда некој цитат од некоја песна, едноличноста (безличноста) на таквиот говор ќе збогати со поетски цвет, чијашто миризба е веднаш препознатлива. Тоа може да се сфати и како далечно, многу далечно навестување за враќањето на моќта на поезијата што од векутума века наваму само се рони, рони...
Во посегањето кон поетските цитати, секогаш, ама секогаш мора да се има пред очи дека стиховите не се пишуваат за злоупотреба. Што не значи дека нема (само)злоупотребени поети, ама тоа е веќе друга и долга приказна.
Овде и денес станува збор за обид стиховите на еден поетски (и не само поетски) великан, највисок врв, планински венец на нашиот творечки дух, да се злоупотребат во политички цели. Барем да се политички и да можат да се наречат цели. За такви богомолци, песната не може никаков спас да е.
Песната кажува сé, па и зошто треба да ја вардиме од недоветноста и неукоста.
Молитвата на Блаже Конески се издигнува високо, високо. Не и требаат посредници во обраќањето кон Севишниот.И никако не може да се злоупотребува како сламка на спасот на оние што заглавиле во батаците што сами си ги направиле.
Ништо ново не се рекло ако се каже дека политиката, во својата блудничава забеганост, смета и на кусото паметење. Се укашкало нешто, ама поминало време, народецот се храни со ,,спинови” (уште еден нашински, ,,оригинален” збор) и окус-покус препарандус - не било ништо. А било.
Има во ова мало македонско парче од дуњава, има за среќа, такви кои се отпорни на спинови и паметат долго. Ги паметат и туѓите злодела и злопамтења. Паметат дека благодарејќи на нечии занеси по воинот на коњ, на пример, ние сме уште земја со кусок јавни тоалети, а со вишок на мочковци, со опроштение. И со уште поголем вишок на гладни, кои се сити само во статистичките монтировки. Тоа не се заборава. Воинот на коњ и други коњаници, а во земјата накотени магариња, кај и да се свртиш. Обидите сеќавањата да се бојадисуваат, со какви сакате бои, секогаш завршуваат така - сеќавањата, имено, не се бришат, ниту се префарбуваат. Фалсификатот не е верен на оригиналот. Кога-тогаш работите си доаѓаат на место, направениот арч си се плаќа. Со свест за праведност, како и со свест дека не спаѓа во духот на нашето историско паметење некому да му се ситиш кога е во неволја.
Врвен домет на еден друг, самонаречен поет е именувањето токму на Блажета Конески како ,,џуџето од Небрегово”. Тој, самонаречениот поет, е полуголемец, десна рака на големецот. Ист сој. Ни големецот, ни неговата десна рака, еднаш не зинаа барем да се извинат за тешката гнасотија. Луѓето кога се на власт забораваат што е тоа извинување, за многу силни и вечнотрајни се есапат. И се занимаваат со размножување на смотани бирократи и со прераскажување на приказни во кои нема луѓе.
Во една од струшките кампањи на партијата на чиешто чело подоцна дојде  големецот имаше транспаренти со барања за ,,смрт на Блаже Конески”. Професорот сам си замина, со горчина во душата, не чекајќи ја пресудата на новопечените големци и полуголемци и други суртуци.  Тие де, што го заборавија, го пречкртаа, како да не постоел. Само Господ знае зошто, зашто таквите ѓоа големци, самопрогласени и неуки ,,чувари на македонштината” не можеа (и не сакаа) да го разберат влогот на Блаже Конески во опстојот на Македонецот од половината на дваесетиот век, па за навек и за сите векови. Азбука на македонскиот јазик, Граматика на македонскиот јазик, Историја на македонскиот јазик, томови творештво за и на македонски јазик...
Ете зошто е важно да се разбере дека е можен поинаков свет, без вулгарно лицемерни големци. А тие - што понастрана од уметноста и уметниците, од Блаже Конески, особено.

Најнакрај, Блаже Конески и неговите приврзаници и следбеници, не се само во ризницата на највисоките дострели и гордите сеќавања на Македонците. И за нив кога се зборува, секогаш треба да се има на ум - идното време.
See Older Posts...