Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров



Првпат го сретнав како Милан. Милан Ѓурчинов - авторитетен, еминентен проследувач на македонските литературни текови и угледен зналец на светската, особено на руската и француската, литературна мапа. Беше тоа есента 1967 година, кога тој гостуваше на трибината за литература во Работничкиот универзитет во Штип, што ја беше осмислил Михаил Ренџов. Таквите настани обично завршуваат со прашање за прашањата: има ли некој нешто да праша?  Стутулен средношколец, некаде во последните редови, сепак собрав сили да му поставам едно прашање на професорот - за ,,Лица со маски” од Владимир Костов беше збор, за тоа зошто нашата критика чиј висок угледник беше професорот, го премолчува тој роман? Тркалесто, па на ќоше, така се вели за одговорите без одговор. Но, одговорот на професорот стигна набргу, во свечениот дваесетидеветоноемвриски број на ,,Нова Македонија”, распослан на цела страница, под наслов ,,За Владимир Костов, за мојот мал штипски пријател, за сите нас”. Професорот не го беше фрлил прашањето во полињата на заборавот. Некои денес би рекле: има прашања што заслужуваат одговор. Набргу тој текст професорот го објави во книга, а стои и во неговите Собрани дела. На стутулениот штипски средношколец и денес не му е сеедно што тој дребен настан во нашата ,,литературна провинција” доби таков епилог. Беше тоа, всушност, бележита потврда на карактерот на професорот и неговата доживотна определба да не се одбегнува, ами напротив да се негува дијалогот, во дијалогот да не се влегува од олимписки височини, да не се биде арбитер и омаловажувач на поводот за разговор, макар тоа било и стутуленото прашање на еден средношколец.
Следната средба се случи пак незакажано. Во 1972 година (колку брзо профрчувал половина век!) излезе мојата прва книга ,,Ноќна птица во паркот”, а тогаш беше обичај сите македонски поети кои имаат објава меѓу две поетски Струги да се покануваат на поетското славје покрај водите на Езерото и на Дрим. Таа година сместувањето беше во новиот охридски хотел ,,Горица”. Се разминувавме по скалите. Професорот беше во друштво на Оскар Давичо, јас сам, ќе да не бев веќе стутулен, ама сепак... Тој ме запре и му предложи на Давичо да запозне еден од најмладите македонски поети. Немав при себе примерок од книгата, но тоа го средивме утредента. Поважна беше намерата на професорот неговите пријатели да не бидат само негови. Не се сите такви, особено во паркот на писателските суети.
Во 1980 година бев удостоен со наградата ,,13 ноември” на град Скопје за стихозбирката ,,Јана”. Претседател на жирито беше тој, професорот Милан Ѓурчинов. Па 2007-та ,,Ацо Шопов” за ,,Чехопек”: претседател на жирито пак Милан Ѓурчинов... Па во неговите антологии на современата македонска поезија тука и во светот.... А воопшто не бев од неговата ,,голема четворка” на која и беше приврзан до последниот здив, без оглед што некои го изневерија.
Долги години потоа, долги разговори под муренката во Охрид. Катаден. Некои работи се случуваат случајно, а се паметат за навек. Друштвото не многу големо (понекогаш се прошируваше од љубопитници) а разговорите понекогаш и вжештени, не ќе да е само од охридското сонце. Кога ќе заесенеше, друштвото ја менуваше локацијата: секоја сабота во 11 часот првин во ,,Уранија”, па во ,,Томче Софка” во Градскиот парк во Скопје. Времето штедро со теми - од актуелни, поактулени. Разговорите врват од левата страна на времето. Но, не се еднобојни, вријат од спротивставувања, некакви природни филтри на продлабочените анализи. Со нетрпение и љубопитство се очекува зборот на професорот. Во неговиот мисловен опсег минатото (искуството и знаењето) немаше дно, но погледот му беше свртен кон иднината. Им се радуваше на младите марксисти, се дружеше со нив, им држеше предавања. Веруваше дека ќе се најде чаре за татковината, одбиваше да биде нем набљудувач. Имаше не само желба, ами и план за покренување на ново списание кое ќе го извлече дијалогот (особено во културата) од матежот кој не донесува ништо освен меѓусебни препукувања, дисквалификации и понижувања.
За неговиот творечки опус, кажано е, безбели сé, макар што секогаш има нешто да се придодаде. Овие редови, како што гледате, се вакцинирани од таква претенциозност. Единствено сакаат да прикажат по некое, навидум не толку значајно парче од личноста на стамениот стамен интелектуалец со изразита индивидуалност - таков како што беше, а не таков како што многумина од нашата фела мислат дека се. На крајот на неговиот бурен животен и творечки пат, пријателски се разделивме со - Мишко.

See Older Posts...