Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров

Пак: победата и по неа. Пак: мислата дека тормозот низ кој поминавме ќе се стави, во првите месеци, во машините за прање флеки - големи и бабачки - а потем тамо каде што им е местото на мајсторите на флеките. А тие се такви, што не се, да речеш, флеки од несмасно сркање кафе. Од намерно и несовесно раководење со државата - да. Пак: страв од брзање, дури и да не се заличи на претходниците. И пак: млитаво навлегување во кадровските комбинаторики, пак бесмислени пазарења, пак јас тебе - ти мене… Оттука до вечноста ли?
На стартот прозивки и наддавања, пребројувања на првоборци (шуќур, тука застанува, не се прогласуваат и народни херои!); сплотеноста се искривоколчува ако само “шетањето” се зема како врховен и единствен критериум. Не сакам да бидам лошо разбран (и покрај разликите, навистина имам почит спрема нив) ама меѓу “шетачите” беше и првиот вмровски министер за култура и амбасадор во Мосва со сопругата. И? Синот сега им е министер. Кој се преврте, зошто, како, кој кого преврте или сето тоа е онака, лефтерно гледано, природна појава? Еден бабаит дури кажуваше дека писатели ималу многу малку на протестите, што е апсолутна невистина. Занемарлив дел од нив се изјаснија против протестите. Имам и јас забелешка на некои од нив, но останувам на она што го велат Јосиф Бродски и Чарлс Симиќ, на пример: “Единствена задача на поетот во вакви времиња е да напише добра песна”. И порано сум го приведувал овој цитат. Нема фајде: регрутен центар за првоборците се “шетањата”. А потем - тие имаат предност. Не дека се лоши, ама некои од нив се за јуниорска екипа.
Има ли некој уште да не знае: Македонија е тешко инвалидизирана, пљачкосана држава; од арамии од секаков вид, без разлика на национална и верска припадност. Би сакал, не само јас, да е поинаку, ама дереџето ни е такво какво што е. На сите трки спринтерите трчаат сто до двесте метри, не повеќе. Се знаеше, уште по првата “бомба” во какви батаци сме заглибени, какви и колкави дупки има на патот пред новата македонска свест. Не е неопходно, ниту пак е можно, набрзина, за сто дена, да се пополнат сите дупки и кон иднината (европска, безбели) да кинисаме по “аутобан”. Сака да се има на ум дека ова државно раководство на Македонија има мандат од четири години. Сто дена и четири години не се исто. Преку ноќ не ја бива; брзата кучка слепи ги раѓа.
Кариеристичките амбиции и сплетки - настрана, во ѓубралникот на реформите. Државата не е место за исполнување на сите желби. Има време за сите, само тоа треба да се каже. Не смее да има отпишани, ниту суицидни патеки. Сите знаеме дека има цутови што не мирисаат баш убаво, ама плодовите им се слатки. Еден плод, сепак, е најважен: стабиулноста на државата. Со други зборови - сите луѓе да се еднакви пред државата, никој да не се плаши од државата без причина. Кој што си дробел - ќе си срка. Ја денеска, ја утре - не е најважно. Нема заборавање, помнењето е една од најважните сстојки на културата. На нашето колективно помнење му се потребни крилја.
Ова е историска ситуација за храбри, оти само храбрите ја градат историјата на утрешниот ден. А тие и знаат дека ништо не паѓа само од себе, од небо, дека сака многу исцрпувачка работа и напор, сака плански ритам (никако јас ваму - ти таму), сака рамномерно распоредување на силите за да се стаса до целта. Згора, храбрите знаат дека “похрабар е оној кој ги победува своите страсти од тој кој ги победува своиѕе непријатели, бидејќи најтешко е да се победиш самиот себеси”.
Сетики, погоре изречените забелешки не се сфаќаат како злонамерни критики. Инаку немаше ни да ги пишувам. Ми се стори не е згора уште едно конструктивно укажување. Сам тоа.


Ристо Лазаров
И ВАКА, И ТАКА

Некои би рекле: и тука ми е добро, и таму ми е добро. Итромани. Ги бива, ѓоа. Ја нив, ја оние кои го прифаќаат нивното итроманство. Во некои кадровски разместувања (се вардам од зборот чистки) излегоа на површина и неколку(?) Ајштајновски јазли. Релативазации. Склеротични заборавања. Не знам уште како да ги наречам, а знам дека не би требало да ми е грижа за работите кои не се грижат за мене. Генијот Ајнштајн беше рекол дека во средиштето на тешкотијата лежат многу можности. Некои личат, или се прикажуваат како можности. Можно е, на пример, да си најде фотелја некој кој до вчера во кампањата бил во спротивниот камп, а да се тргне некој врвен стручњак, затоа што бил во спротивниот камп. И тоа небаре дневен активист. Се сака, притоа, да се каже дека тргнатиот бил поставен не оти е стручњак од највисок ранг, туку дека му припаѓа на спротивниот табор. И тоа се есапи за успех. А Ајнштајн беше рекол: настојувајте да не нижете успеси, туку да создадете вредности. Слушаме: сè што се прави, се прави за подобра иднина. Кој не сака да е така?! А Ајнштајн, кутриот, никогаш не размислувал за иднината. Верувал дека таа пристигнува доволно брзо. Згора, информацијата станува еден вид борбено средство. А сите знаат дека таа, претежно, не е знаење. Што би рекол Ајншатјн: единствениот извор на знаење е искуството. Надвор уште е горештина. Не се дише. Од милина, би рекол оној јазовецот на Петар Кочиќ. Среќа што не е сезона на магли, па не може баш сè да се провре низ нив….


Ристо Лазаров

( преобјавувањето на текстот или на делови од текстот не е допуштено без дозвола на авторот)
(ДИС)КОНТИНУИТЕТ


Шетајќи летово низ Прага, сама од себе, што се вели на тацна, ми дојде темата за (дис)континуитетот. Прашкиот континуитет си е на очиглед и на дело - улиците со исти имиња, паметниците исти и на исти места, сè спастрено, сочувано, со вкус и мерка. Дури и споменикот што го подигнал Сталин е на место. Се разбира дека има одбележувања и на крвавата инвазија на СССР во 1968 година, ама и тие се од тоа, старо, како што милуваат да го нарекуваат нашите “либерални реформатори” - комуњарско време. Комунистичката партија, осипана, постои и работи, има пратеници во двата дома на парламентот, а аналитичарите предвидуваат дека по есенските избори лесно може да се случи да влезат и во владата. И никој не се скандализира од тоа, не прави врева, животот си врви по својата врвица, а Чешка е единствена членка на Европската унија во која нема невработеност. Тука никому не му паѓа на памет да се изложи на општ потсмев со тврдењето дека подемот Чешка почнува со неговото доаѓање на власт. Се разбира, низ текот на времето, се извршени сите реформи и промени - по европски модел. И се разбира дека уште треба да се работи и направи, ама сите знаат дека тоа не се прави со ревизија на минатото, со историски дисконтинуитет. Тоа што било - било и не може од денес да не било. И точка.
Кај нас, во Македонија, сосема обратна, превртена слика. 
Од самиот почеток на самостојноста и независноста поединецот (лидер) се (само)прогласува за систем. Одвај би можело да се каже дека сите овие години стокмивме нешто што личи на систем. Секој кога ќе дојдеше на власт мислеше дека е од Бога даден и дека од него почнува светот. Сите грмеа по плоштадите дека ќе направат чуда, сите распродаваа добри немаери, ама последиците излегоа лоши. Има некој проклет јазол во нашата политичка живеачка што не можеме да го разврзиме. Можеби ако запнеме сите заеднички и ќе сториме нешто - ама не сакаме со другите. Ние, па ние. Или: јас па јас. Ако делото е заедничко - кој после ќе биде предавник? А во процесот на промените од клучно значење е единствената визија на општеството што го градиме. Инаку, се обесмислува борбата за промени - беѕ визијата за спастрена и успешна земја, во која секој си го знае своето место, своите права и одговорности.
Нашите партии се несредени однатре, без доволно внатрешна енергија за покренување од мртва точка. А од друга страна тврдоглаво модернизацијата и реформите си ги прогласуваат за нивна најважна задача. Ем шуто, ем боде - така некако би рекол народот. И сите оние кои добро знаат дека реформите и модернизацијата не се работа на партиите, а уште помалку на поединци. Тоа е клучно прашање на стратегијата на развојот. Имаме ли стратегија? Или она до каде што ќе стасаме ќе го прогласиме за стратегиски резултат (тадури и подвиг) и квит. Претпочитаме “партиски војници” отколку експертски ум. Не дека не знаеме, ама не сакаме на дело да покажеме дека од партиски полтрони не се прави државна администрација, на пример. Погледнете го примерот на другите: најголемото мнозинство се со завршени елитни школи во светот. Ние во насока која никој разумен не може да ја разбере - Машински факултет во Виница. Плева од правни и економски факултети. Демек, дисперзија било тоа. Око не им трепнуваше на властодршците тоа што сите кои се занимаваат со нивната работа знаат дека “малку знаење е опасна работа”. Забораваат и што на времето се мислело за учените - недоучените. Го забораваат и најсуштественото: секоја гарнитура на власта исчезнува и зад себе го остава батакот на новата бирократија. Така некако во своите дневници има запишано Кафка, пред чијшто бронзен лик, овде, во Прага, катаден застанувам со почит. Еден друг знаменит чешки писател, беше напишал дека “извор на стравот е иднината, а оној кој е ослободен од иднината, нема од што да се плаши. Како стојат работите со нас? При отворени очи - будни ли сме. Или е точна онаа на јунакот од нашата (“комуњарска”) младост Алан Форд: кој спие, не е буден.
Историја на утрешниот ден е напредувањето на свеста за слободата.
Демократијата не е само за оние кои победиле на иле-избори. Нема веќе иле, стварноста немилосрдно не удира по глава. Помина времето на виртуелните промени и реформи, а веќе и малите деца знаат дека од ветувања не се живее.

Ристо Лазаров

( преобјавувањето на текстот или на делови од текстот не е допуштено без дозвола на авторот)
See Older Posts...