Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
НАВРЕДЕНИТЕ И НАПУДРЕНИТЕ


Немерени плуканици се истурија врз некогашното едноумие: и шуто и рогато - удри врз едноумието, без кантар, тоа било злото. Не дека не било. Но и плуканиците без усул не се за човек да се фали со нив.
Нејсе, на радост на сите, дојде новото време, широко се распосла полето на разноумието. Волтери, па дури и волтерчиња во нашите сокаци - еј, тоа е цивилизациски скок, Сергеј Бубка! Полесно се дише, па и кога ќе падне магла по поле. Оваа магла како да има поинаков вкус.
Но, понекогаш паѓа магла за да ги замагли идеите, разликите во идеите. А не дека не знаеме дека до вредната идеја се доаѓа низ трпелива размена (вклучувајќи го и зовривањето) на полно идеи. Само, не го чувствуваме сите мирисот на маглата. Па се случува, ете, расправата за идеите да се превртува - како некогаш - во расправа за луѓето. И тоа со пис јазик, за да се засоли сознанието дека тоа веќе не е ни расправа. Повеќе кочоперење на недозреани идеи. 
Полето на размена на различните идеите не е место каде што човек (сосе идејата) треба простачки да биде нападнат. Повеќеумието, разноумието не е тоа - псите да лајат, карванот да си врви. Аргументите се над секој лавеж, над секое празно ломотење и лаење на месечината, како во една песна на Есенин, за лаењето.
Слободата е да ја живееме. Човекот станува слободен со своја одлука, отпор и несогласување - беше запишал Меша Селимовиќ. Во едноумието. Слободата не е амалин на стравот, ниту на навредите, тадури и навредите. Слободата е и токму тоа: да мислиш поинаку. И да зборуваш поинаку. И влакно од косата да не ти недостасува. Слободата е за да се совладат сите стравови.
Во слободата, сопоставувањето на идеите не се води само во бели ракавиици. Има и ќе има и подвикнување, повишување на октавите, ама сака - усул. Сака, пред сè, да го почитуваш другиот. Тоа значи да се почитуваш и себеси, безбели. Аргументите, а не навредите, ги исфрлаат рибите на суво. Лесно е да му фрлиш некому кал в лице - калта се суши, се мие. Со аргументите не е така. Еве, зима е, врвиме низ магла, ама внимаваме каде врвиме, да не се избербатиме во некоја кал или во некој ѓол. Или во не дај боже во некој бербатлук од нашите погани сопоставувања. Оние, де, од типот "што на ум, тоа на друм". Сака друмовите да ни се чисти.
Сево ова го знаат мнозина од учесниците во нашите сопоставувања со навреди, како некогашните претставленија со песни и пукања. Ама, пустиот инает и стоте вреќи сол. А има и такви, кои мислат дека навредувајќи ги другите, се заштитуваат себеси, сосе фотелјата. Им влегла магла в глава, им треба ветар за разбркување на маглата.
Има, да не си фрламе пепел в очи, и нарачатели на навреди и понижувања на поинакумислечките. Изживеавме цела таква деценија. Сетики научивме дека со навреда не се понижува умот, како што ни со празна фалба не се воздигнува глупавиот. Рамнотежата на животот ја чинат делата, аргументите. 
Во царството на умот, навредите се несакани гости. Особено оние напудрените во салоните за разубавување на стварноста.

( Преобјавувањето на текстов или на делови од него не е дозволено без согласност на авторот)


 УДАРООТПОРНОСТ


Катаден доживуванме удари: подземни, надземни, од зад грб, и од лево и од десно. Сурови се, подмолни. Макар што некои имаат ефект на обично чешање. Којзнае колку удрени имаме и којзнае кај се удрени - од глава до петици.

Какви удрени - такви и удирачки. Врат и шија. Пример за папочна врска. Исклучок, галиба, се самоудирачите, оние кои не знаат дека нема фајде и ако си ја удрат главата од најголемиот и најцврстиот камен.

Ударите тешко ги фаќа сеизмограф. Како што има направии што не ги фаќа радар. Имало и такви подморници, велат. Најтешко се распознаваат особено оние удари што си ги задаваш самиот себеси. Во фудбалот тие се викаат автоголови.

Кога-тогаш, на секој од нас ќе му се случи да избере лош пријател или пријателка. Кога-тогаш, не веднаш, тој избор ќе те удри по глава, ќе те втаса со задршка, отпосле. Ударот и кога е отпосле е казна. Кој од нас не поминал низ такво - накитено, а сепак казнено шеталиште? Цел живот, речиси, имаш пријателка и на крајот на накитеното шеталиште стасуваш сам. Ништо. Човек учи додека е жив: пријателката ти била удирачка, а ти не си знаел. И поасални пријатели и пријателки баш и не ти недостасуваат, а камоли оние од сојот на удирачите.

Колку старее човек, толку му се стеснува кругот на пријателите. Така некако беше рекол Андриќ? Така ли е и со удирачите и ударите, или тие врват без години на староста, до гроб?

Ударот е удар ако предизвика страв кај удредниот (не кај удрениот со мокар чорап). Ако не, џабе мастрафот за ударот.

Се разбира: има миг кога се отрпнува на ударите, какви и да се, колку и да се. Миг кога се станува удароотпорен, цврст, најцврст во тешки, најтешки времиња. Тој миг доаѓа по долготрајни, а невидливи тренинзи, со разно-разни спаринг-партнери, претежно со ветропирна тетоважа - и на рецете, а богами и во срцата.

Удароотпорноста е полезна и корисна работа. Ќе те научи да ја издржиш болката, а и го изгубиш чувството на стравот, да го фрлиш како пластично ќесе полно ѓубре во контејнер. Внимавајте на спокојството: удароотпорноста понекогаш тера на беснило и омраза кон другиот. Понастрана од таквите настоенија. Луѓето од цврст материјал не беснеат и не мразат. Си врват кајшто кинисале, штоако ги потрефил некој удар. Некој нормално си врви, некој ита, некој задумано се влечка. Важно е да се врви. Инаку, нема удароотпорност. 

Со кого и да врзиш муабет, ќе дојде миг кога ќе ти рече дека животот е борба. Знаеш дека е така и лефтерно потврдуваш. А во себе се подготвуваш за борба, за удароотпорност. Стекнуваш еден вид имунитет од ударите што можеби утре ќе ти се нафрли. А знаеш, за век и веков, дека, на крајот на краиштата, не е ни толку битен тој твој имунитет. Во животот полн со удари многу поважен е имунитетот на дечињата, отколку имунитетот на пратениците или министрите, да речеме. И на сите други со значка на реверот како јавен показ дека уживаат имунитет. А тие, обично, најмногу се силат. На крајот сфаќаат дека копјата им биле тапи, а пушките за'рѓавени. На крајот, кога си отишол кумот.


ЗА МИНАТОТО И ИДНИНАТА

Не дека имам фазла време, ама ќе се обидам да бидам од кус покус. Вреќи зборови се потрошени за прашањата што ми ги чешкаат прстите деновиве. Првн - минатото. Кое треба да ни стане заедничко, во името на добрососедството. Кој се сеќава, се сеќава, (сега можеби и не е баш пожелно и конјуктурно) на Горки: во кочиите не минатото никаде не може да стасаш, така некако. Што не го анулира прашањето: се постиг нува ли посакуваната иднина со бришење на минатото? Во загледаноста кон иднината, ниту едно прашање не треба да се анулира. Иднината, уште недојдена, си носи и последици, отпрвин можеби невидливи.

Едни тоа му го препишуваат на Черчил, јас го претпочитам запишаното од Толстој: "Времето е зад нас, времето е пред нас. Штом ќе почнеш подолго да мислиш з тоа што било или за тоа што ќе биде, веднаш го губиш она што е главно: вистинскиот живот во сегашноста". Пиши - бриши, тешко ќе да е долговечно решение. А изгледа, поприоритетно е градењето на довербата: такнато - макнато, како што велат шахистите. Ама откако добро ќе го промислат следниот потег. Нема пу-пу не важи. Во што, за жал, досегашната практика не е баш уверлива.

Ниту се сомневам, ниту се противам на добрососедското и добронамерно градење на иднината. Само се прашам и прашам: може ли минатото да се третира како тукушто извадено од мртовечки фрижидер, убаво да се изнашминка, и, окус-покус да се прогласи за иднина? Така некако е и со паметниците за минатото: нема шминка што го менува минатото, што создава заборав. На многу места кај нас, а и во светот, фактите за минатото се неприкосновени и тие не се пречка за иднината. Минатото не е само она што било, многу нешта едноставно ќе се повторат - така некако велеше Бранко Миљковиќ. И иднината не е само просто повторување на минатото, скраја да е. Секое движење кон иднината има и кочници, ама сепак се движи, нели? 

Не можам сега да се сетам што пишува на паметникот на дванаесетмината младинци стрекани во Втората светска војна, ама нема кој да не знае кој го извршил тој злостор. Бришачите нека окапат од бришење, нема фајде. Кога сме на наш терен, се знае и дека сме имале тројца окупатори. И толчно се знае кој која територија ја држел и кој какви (зло)дела правел. Во Струга или во Дебар, на пример, не велат дека биле под бугарска или германска окупација. Таму биле Италијаните.

Туку, оддолжив. Бидејќи во последно време секиден ги прелистувам поговорките собрани од Марко наш Цепенков, ќе спомнам една од нив: она што било, не е било - поминало, сојкино крило. И најнакрај: еден филозоф чие има на различни контроверзни начини се поврзува со претходницата на фашизмот, Ниче, значи, убаво вели: иднината им припаѓа на оние кои најдолго се сеќаваат на минатото.

Сакав нешто и за јазикот, макар што за тоа сум се изјаснувал црно на бело. Се израдував дека предлагачот ќе ги "испегла" неговите недостатоци во амандманската дебата. Малку небично, ама, поарно нешто одошто ништо.

Ристо Лазаров 
(Не е дозволено пренесување на блогот и на делови од блогот, без одобрение на авторот)





See Older Posts...