Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров

ВРЕМЕ, НОРМАЛИЗАЦИЈА, АРШИНИ...


Ристо Лазаров


Како што врви човештвото, му натежнуваат заборавените наследства, па полните вреќа со такви (и слични нешта) ги остава крај патот - не само што тогаш немало Дрисла и други депонии, ами на некој случаен минувач да му се најдат. Оти има и чудаци меѓу случајните минувачи.
Товарот што го оставале крај патиштата, не бил претходно премеруван - и со драмови, и со аршини. Секое време си имало свои аршини, со ограничен рок на употреба. Со аршин од едно, не можело да се мери во друго време. Лесно е да мериш минато време со сегашни аршини. Друга работа е фајдето од таквите аршини, поарно да го прескокнеме, ако воопшто го има. Којзнае какво би изгледало, еве, ова, нашево време мерено со утрешни аршини?!
А одењето по патот нанапред, по правило, вели Кундера, бил еден вид нормализација на затекнатото а исчашено. Постои и една долга, богами и една не баш нежна полемика на Кундера и Хавел за нормализацијата, симплифицирано речено за реформите и револуциите. Поминало половина век од тогаш, таа полемика се случува по пропаѓањето на Прашката пролет (прегазена од руските окупаторски тенкови) и прашање е дали воопшто да се пристапува кон мерењето на тогашните аргументи со денешни аршини. Не се рекло џабе: сè во свое време. Макар што и виното кога ќе одлежи станува попитко. 
Чекорите кон нормалноста, всушност, се и чекори кон граѓанските слободи, кои некогаш (времето лета!) биле потиснати. Одејќи поназад во времето, пак ќе се судриме со потиснување на слободите - та, што правеле инквизициските орди? Фрлале миризливо цвеќе на плоштадите? Нормализацијата, создавајќи ја светската историја, пренела којзнае колку илузии од едно во друго време? И сега: оние што ја теглеле нормализацијата низ времето - илузионисти ли биле? Не ќе да е. Можеби не сфаќале до крај дека слободата и демократијата трајно ќе се градат, дека не доаѓаат преку ноќ, со првиот "јуриш!". Го знаеле најважното: големите идеи не умираат, а и не остануваат во вреќите крај патот. И кога ќе бидат згмечени на едно место, ќе никнат на друго - така е тоа со големите идеи, откога постојат. Реките течат со векови, а судбините се одигруваат на бреговите. За утре од нив да бидат заборавени. Како велеше Маркес: животот е само она што ќе остане во сеќавањето. 
Ако пропаднала една пролет, ќе дојде друга, ќе си се воспостави нормалноста (хармонијата) и така со ред: не постои несреќа што пролетта не може да ја исправи. Пролетните ветрови ја разнесуваат, витосуваат, потребата од одвишна верба: политичките фрази не се ломотат за да се верува во нив.
Нормализацијата некаде се крсти како победа. Зависи од затекнатото. Но, сака вардење од пијанството на победата. Опасен е мамурлукот по таквите пијансва. Оти, сегашната победа не гарантира и утрешна победа. И така со ред. Победата сака да е мислечка, сака катадневно обмислување. Пу-пу, скраја да е немислечката победа! Тогаш може да се зацапа во туѓа (но и сопствена) клопка, а истопорениот победник, херој, отпосле да види дека бил во служба на ништо, дека, всушност, бил идеалист без идеали. Или со некакви такви, од вреќите крај патот.

(Преземањето и преобјавувањето на текстот не е дозволен, освен со дозвола на авторот)



ЦРВЕНИОТ МЕТРОНОМ

Ристо Лазаров

Во Прага сум, празнично, по којзнае кој пат - кај најблиските, до Василица. Никогаш пред Нова година времето тука не било толку пријатно, што не значи дека баш распиштолено може да се талка низ свечено накитениот град. Прага да се дотера за празници. И да му нуди секому по нешто: ја некој од недобројните концерти што се одржуваат во црквите и концерните сали, ја некоја акробатска егзибиција или настап на уличните музичари, ја претстави за деца среде плоштад, ја богати софри на отворено небо, тадури и кебапчиња, плескавици, пиперки во павлака...
Како и секоја година во ова време, како и секоја година во кое и да е време - вриеж од туристи, од секаде. Најмногу ги има оние за кои не можеш да се кладиш од каде се: од Јапонија, Јужна Кореја, Кина. Виетнам...? Азијати. Најнеуморни "шкљоцари" на сè што ќе им се стори интересно: спомениците (ги има каде што треба и колку што треба, од мајстори направени), претседателската палата на Храдчани, па долгото слегување низ легендарната "Златна уличка" каде што свои катчиња имаат Франц Кафка и Олга Хавелова, мостовите на Влтава при што апсолутен приоритет има Карловиот мост, тврдината Вишеград... Крај му нема на набројувањето. 
Сите доаѓаат со некакви претходни знаења, а најголемиот број од нив во тевтерчињата (во најново време во мобилните телефони) ги запишуваат и имињата на познатите пувници - ако не си пробал од пивото, како да не си бил во Прага. Уште полошо: бадијала си бил. Макар што баш во пивниците тешко се наоѓа место, од домаќините кои ги претпочитаат сопствените навики отколку да бидат туристички водичи и да им ги фалат пивата и свинските печени колена на гостите,од каде и да се. Се паметат и поинакви случки, кога пражани ги гостат дојденците во некоја пивница. "Златниот тигар", пивницата во која писателот Бохумил Храбал, легендарниот автор на "Го служев англискиот крал" или "Песот кој лаеше на возовите", си имаше своја маса на која никој и во никое време не можеше да седне. Поради кафеанскиот принцип, но исто така и поради фактот дека од два попладне, кога отвора пувницата,па до фајронт, Храбал си е редовно на својата маса. На таа маса, своевремено, го прими и американскиот претседател Клинтон, откако ги одбил сите предлози на протоколот за средба на некое друго "попристојно" место. "Ако сака тука нека повели, јас од тука не мрдам" - беше бил рекол Храбал. И би по негово. Не од инает, просто - по чешки. 
Други пак, со тешки маки наоѓаат остатоци за древната легенда - добриот војник Швејк. Во една пивница во Нусле се уште се чува масата на Јарослав Хашек, авторот на Швејк, има и две-три кафеани со името на Швејк и - толку. По примерот на Швејк и Храбал одат и поновите генерации чешки писатели: да се има своја маса во кафеана, значи дека си го пречекорил прагот на престижноста. Така и последниве години најчитаниот Чех Михал Вејф, кој си има место во една пивница, исто така на Нусле.
Сега сум "стациониран" зад паркот Летна, во кој е сместена една необична туристичка атракција што ја открив деновиве, при една случајна, долгопругашка прошетка низ паркот. Раката на срце, во ова време од годината тој и не личи многу на парк - дрвјата обезлистени, гранките суварки, тревата ко вземи да пропаднала. Природата, едноставно, си го користи зимскиот одмор - тука, на самото место, кајшто си е; ни во Мадона ди Кампиљо, ни во Шамони, ни каде и да е во швајцарските и австриските Алпи, на пример. 
Во паркот Летна, сум значи. Место за незаборавни глетки на "златниот град": окото фаќа повеќето од осумнаесетте мостови на најубаво опеаната Влтава, а ако човек има баш толку трпение, можеби ќе ги изброи и сите сто кули во градот. Нема што не се гледа од Летна, парк над самата Влтава. Тука, на врв рид е веќе спомнатата туристичка атракција - прашкиот Метроном. Уште и го викаат "црвениот метроном". Изграден е 1991 година, речиси точно триесет години откако на истото место бил урнат грамадниот споменик на Јосиф Висарионович Сталин. За уривањето на споменикот, висок цели 23 метри, биле потрошени 800 килограми експлозив. Урнат е споменикот, а на постаментот, соѕидан од гранитни камења и широк цели 15 метри, сега е направен црвениот, џиновски метроном. Ред е да се каже дека негов автор бил уметникот со меѓународна репутација Вратислав Новак. Така Прага благовремено (во 1962 година) се ослободила од аветот кој стоел над градот, а три децении подоцна е донесена одлука постаментот од купишта камења да не го нагрдува паркот и на него е поставен метрономот. Сега тука се собираат љубопитници од сите возрасти и од сите страни на светот. Најголемиот број од нив воопшто не чуле дека тука некогаш бил исправен хазјанинот. Им помага и метрономот, кажувајќи кое време го живеат, а волшебната глетка, прудолу, кон мостовите на Влтава и златните куполи на барокна Прага, им го зема здивот. 

Не сака само да си грамаден, сака и да го издржиш судот на времето. Заборавот е зад првото дрво во паркот Летна.
НАВРЕДЕНИТЕ И НАПУДРЕНИТЕ


Немерени плуканици се истурија врз некогашното едноумие: и шуто и рогато - удри врз едноумието, без кантар, тоа било злото. Не дека не било. Но и плуканиците без усул не се за човек да се фали со нив.
Нејсе, на радост на сите, дојде новото време, широко се распосла полето на разноумието. Волтери, па дури и волтерчиња во нашите сокаци - еј, тоа е цивилизациски скок, Сергеј Бубка! Полесно се дише, па и кога ќе падне магла по поле. Оваа магла како да има поинаков вкус.
Но, понекогаш паѓа магла за да ги замагли идеите, разликите во идеите. А не дека не знаеме дека до вредната идеја се доаѓа низ трпелива размена (вклучувајќи го и зовривањето) на полно идеи. Само, не го чувствуваме сите мирисот на маглата. Па се случува, ете, расправата за идеите да се превртува - како некогаш - во расправа за луѓето. И тоа со пис јазик, за да се засоли сознанието дека тоа веќе не е ни расправа. Повеќе кочоперење на недозреани идеи. 
Полето на размена на различните идеите не е место каде што човек (сосе идејата) треба простачки да биде нападнат. Повеќеумието, разноумието не е тоа - псите да лајат, карванот да си врви. Аргументите се над секој лавеж, над секое празно ломотење и лаење на месечината, како во една песна на Есенин, за лаењето.
Слободата е да ја живееме. Човекот станува слободен со своја одлука, отпор и несогласување - беше запишал Меша Селимовиќ. Во едноумието. Слободата не е амалин на стравот, ниту на навредите, тадури и навредите. Слободата е и токму тоа: да мислиш поинаку. И да зборуваш поинаку. И влакно од косата да не ти недостасува. Слободата е за да се совладат сите стравови.
Во слободата, сопоставувањето на идеите не се води само во бели ракавиици. Има и ќе има и подвикнување, повишување на октавите, ама сака - усул. Сака, пред сè, да го почитуваш другиот. Тоа значи да се почитуваш и себеси, безбели. Аргументите, а не навредите, ги исфрлаат рибите на суво. Лесно е да му фрлиш некому кал в лице - калта се суши, се мие. Со аргументите не е така. Еве, зима е, врвиме низ магла, ама внимаваме каде врвиме, да не се избербатиме во некоја кал или во некој ѓол. Или во не дај боже во некој бербатлук од нашите погани сопоставувања. Оние, де, од типот "што на ум, тоа на друм". Сака друмовите да ни се чисти.
Сево ова го знаат мнозина од учесниците во нашите сопоставувања со навреди, како некогашните претставленија со песни и пукања. Ама, пустиот инает и стоте вреќи сол. А има и такви, кои мислат дека навредувајќи ги другите, се заштитуваат себеси, сосе фотелјата. Им влегла магла в глава, им треба ветар за разбркување на маглата.
Има, да не си фрламе пепел в очи, и нарачатели на навреди и понижувања на поинакумислечките. Изживеавме цела таква деценија. Сетики научивме дека со навреда не се понижува умот, како што ни со празна фалба не се воздигнува глупавиот. Рамнотежата на животот ја чинат делата, аргументите. 
Во царството на умот, навредите се несакани гости. Особено оние напудрените во салоните за разубавување на стварноста.

( Преобјавувањето на текстов или на делови од него не е дозволено без согласност на авторот)


See Older Posts...