Нови песни

НОВОГОДИШЕН КОНЦЕРТ

Секоја Нова година е исто:

уште неизлезени од големиот сон,

со глави стежнати од желби и вино,

со усти суви и жедни за расол и вода, водичка,

онакви – баш никакви: неизбричени и ненашминкани,

- на телевизија го гледаме традиционалниот концерт

на традиционалната Виенска филхармонија

и традиционалното ракоплескање во ритмот на Радетскиот марш

на богатите Арапи, Јапонци и богаташи од други џенемии

кои, инаку, се навикнати ним да им аплаудираат севезден.

Ним најтешко им паѓа што ждригањето е забрането

и во паузите меѓу два валцера на некој од Штраусовите

и што ептен се препознаваат преправањата

и вештачкиот занес од музиката и особено од ѕвонот на прапорците

што може да се слушне и при јавањето камили, на пример.

(Вистина: дали некој од Штраусовите јавал камила?)

Секоја Нова година е исто:

ни отпосле не ни е јасно дали го слушаме или го гледаме

традиционалниот Новогодишен концерт

на традиционалната Виенска филхармонија.

Кога ќе видиме, што ќе видиме:

секакви трговци со пропелери под брадите,

дебели мешишта во кои со крајни напори се одложува

свеченото кркорење на цревата.

Кога ќе чуеме, онака занесено и замижено,

што ќе чуеме:

едночудо посетители машки зануваат

да го спорат тркалањето на сопствените тајни

и да ги спастрат под сенка музичките акорди.

Меѓу два Штраусови валцера

сме како меѓу два залака од евтин хамбургер или сендвич од туна

- никому не му е јасно како меѓу тоа два залака

може да летне и да се проживее цела една живеачка.

Никој не сака да признае дека

драмите, па и валцерите денес имаат намалено значење и вредност

- како издишана гумена топка среде сласта и страста на детската игра.

Никој веќе не дава ни пет пари за старите производители на тишина

од најблиското соседство на семејството Штраус.

На крајот, сите итаат да си ги покријат ќелавиците со хох-цилиндри

и да стасаат да плукнат од мостот пред да замрзне убавата сина река.

Пред Божик и зад Божик кај и да си,

оди на вечера со русокоса придружничка

за која однапред се знае дека е ненаситна тигрица

со тесна специјалност – черечење на сладникавите занеси.

И што е уште полошо, им ги полнела со свилени чаршафи

устите на сите што во знак на одмазда и ‘рчеле

во ритмот на Радетскиот марш.

Секоја Нова година е исто:

на телевизија го гледаме традиционалниот концерт

на традиционалната Виенска филхармонија.

Забораваме дека имаме далечински управувач

и дека на вториот канал еден македонски романсиер

раскажува како се наоѓа среќен крај за својата книга.

Пред тоа малаксал демнејќи

колку валцери може да издржи мочниот меур на Сигмунд Фројд

пред да си ја дувне од Виена без да се збогува со своите сестри

и без точно да се утврди требен ли е толкав масраф

за едно обично ракоплескање во ритмот на Радетскиот марш.

БЛАЖЕ КОНЕСКИ СЕ ПРОБИВА

КОН ПЛОШТАДОТ МАКЕДОНИЈА ВО СКОПЈЕ

катаден

на плоштадот македонија во скопје

доаѓаат нашинци

од јабани од туѓини

првин да си ги поткренат

погледите кон воинот на коњ

а потем да си ја поткренат

и добронадежноста

дека татковината

нема да заглави

во некоја од дупките на историјата

низ кои се протиња

тадури до антиката

тадури до олимпија

мајка му на александар

тадури до мајчина му мајчина

на непознатиот оган

кој веднаш ти ја џишнува мислата

и ти ја пеплосува

веќе спомнатата добронадеж.

катаден

на плоштадот македонија во скопје

грижите на нашинците

од јабани од туѓини

ја надвишуваат статуата

на воинот на коњ со големи мадиња

во кои одоздолa севезден зјапа

цар самоил

и кој совршено го разбира

душегрижјето во секоја стапка

на нашинците од туѓини од јабани

ама вака скаменет во бело

не може да им го фати ни чекорот

ниту може да им објасни

на нашинците од туѓини од јабани

каде им е домата

и дали домата си има дереџе

на кое се струполува

кога толку запнува

да го оживее светот на мртвите

и со тоа автоматски да го умртви

светот на живите и на уште неродените

катаден

на плоштадот македонија во скопје

нашинците од јабани од туѓини

сал се прашуваат

толку ли брзо може

да се расипува минатото

толку ли брзо може

да се ничкосуваат надежите

и да ни се збоктисуваат песните

и оние нашите стари

и оние на заборавените поети

чиишто соништа

се исчадени од кандилата

со кои наместо со рударски ламби

се слегува во окното

во кое ќе се исподавиме

во реки без вода

и нема ни да имаме време

да се изначудиме

кој шејтан стори

параходи да пристигнат

и во нашата најопеана река

која сека година се смалува

од сушите што ни ги

обесолзија о очите

катаден

на плоштадот македонија во скопје

нашинците од туѓини од јабани

гледаат како се прават куќи

постари од времето

куќи без оџаци и олуци

куќи во кои севезден врне

а понекогаш истура страв

се истура и патриотизам

се иструраат и нервни болештини

и тврдоглавост се истура

завиткана во дупнати кеси

од сплескана принципиелност

ама она што најмногу ги вознемирува

нашинците од туѓини од јабани

е од каде се стори таа поплава

на намргоденост и глувост

за гласот на народот

од каде се стори

и таа онеменост на народот

и каде се витосаа насмевките

од лицата на луѓето

катаден

на плоштадот македонија во скопје

нашинците од туѓини од јабани

се препрашуваат дали добро

ги запаметиле уроците

за теоријата на хаосот

што ги учеле во туѓина во јабана

и се мачат да одгатнат

дали ако некому му влезе

пеперутка в глава

може да влијае и на текот

на историското време

дали баш на сите ни е судено

да се препелкаме

во калта на историјата

и да немаме каде да одиме

згора и да си се мавтосуваме

дека сме го нашле она што се вика се’

а всушност сме зацапале

во една голема безглавост

еден ден

на плоштадот макадонија во скопје

нашинците од јабани од туѓини

ама и нашинците од оттука

среде шумата од споменици

како да го видоа блажета конески

како се пробива кон плоштадот

- татковино тука сум

како да извика блаже конески

а еве ја со мене и добронадежта

сосе тешкоото прашање

(о, тешкото! зурли штом диво ќе писнат!)

како може да раздаваат душегрижност

оние кои немаат души

и кои градат куќи без оџаци и олуци?

19.12.2012

ОД ДОМА ДО РАБОТА

 

 

Со години тоа е од здодевно подздодевно:

од сношти си го стокмив распоредот на  денот

и сега само ми преостанува

првин во себе пак да го опцујам сосоедот

што го паркирал своето автомобилче баш на кривината

и ми го крие видикот кога излегувам на главната улица;

потем се’ ми е јасно и веќе видено:

на кои улици има стари дупки

(не ми е баш јасно зошто ги нарекуваат ударни дупки),

на кои места има паркирани автомобили

на разнесувачи на леб, млеко и други потребштини

на чии возачи баш им е гајле што ти го попречуваат патот,

попотем ќе чекам со минути некоја мешалка на бетон

паркирана баш каде што минувам неколку утра

да ја истури својата утроба во темелите

на една од начичканите новоградби од кои

кога тогаш ќе се задуши овој град,

и се така со ред, додека најпосле не здивнам

пред сознанието дека пред зградата во која работам

ме чека резервиран паркинг простор

што во денешни услови ич не е безначајно.

 

Шест недели веќе,

откога се роди внука ми Јана,

здодевноста се престори во извор на утринско сонце:

ја курдисав работата така што

штом ќе го вклучам автомобилот

од лежиштето на компакт дискот

на место претходните исти па исти утрински вести

да екне првин песната ,,Роди се Јана убава”

а веднаш по неа и ,,Јано севдалино”

- песните траат тамам додека стасам на работа.

 

Сега секое утро гледам

(признавам, понекогаш со насолзени очи)

оти бивало од песна сонце да тече

и со невидлива нишка да не врзува

мене, старбел дело, и неа, личната Јана,

од Скопје до Прага и обратно.

А невидливите нишки да ти имале и душа.

 

Сега секое утро знам, внучке,

дека цела ноќ ми влегуваш во сонот

и пак не ми е доста.

Запнувам и многу се радѕваш што и ти запнуваш

- да го натпееме сонот:

јас во себе ти пејам за Јана ле Јанка убава,

ти во себе ми пееш са старбел дедо.

Нагледно му докажуваме на светов

дека песната е посилна од се што не’ очекува тој ден

- и од здодевните состаноци,

и од првата вакцина и првото чистење на носето

со некаква пластична пумпичка.

 

Во меѓувреме,

компакт дискот со истите песни си останува во лежиштето

оти освен одењето, има и враќање од работа.

 

 

14.06.2012

НОВОТО ВРЕМЕ

                     на внука ми Јана

Ќе да станавме старудии

штом се’ почесто велиме:

во наше време, на времето...

(демек: било вака, саде ќеифови,

било онака, ѓоа неповторливо

и оди нека не убеди некој дека

не било така, а било што било,

ја било ја не било, сојкино крило!)

Времето, се разбира,

се мери со часовници

- песочни часовници,

ѕидни часовници, будилници,

соларници, дарвили од

пазаришните тезги во Трст,

копии верни на оригинал ролекси

од Капали чаршија во Истанбул...

Часовниците (добро де, и календарите!)

го делеле времето

на старо и на ново време.

Разни делења и делачи на времето

се изнакотија на дуњава.

Времето сега само си се покажува

на мобилните телефони

и јас убаво видов дека тој ден

повикот стигна точно во 16:44.

Барав сенка во ранопролетниот ден,

Денот на македонската азбука

уште и Ден на слободата на зборот.

Од Прага, син ми тукуречи низ песна,

ми јави: роди се Јана убава...

Пред половина ччас, вели, нашата убавица

на сонцето му го подари првиот детски плач,

а јас мигум поитав да ја приложам

и сопствената, веќе старечка радост.

Видов како една бела гулабица

кинисува на почесен лет

од скопскиот Камен мост

до Карловиот мост во Прага.

И го сетив мигот на доаѓањето

на новото време: тоа да ти било

баш тогаш кога синовите стануваат татковци!

Подостарен во новото време

од раздалеч ме допира, ме гали

првата насмевка на внуката.

Ги слушам свечените сирени

на белите лаѓи во Влтава

и итам, итам, да не задоцнам

во новото време. Во новото време,

ту на Храдчани, ту на скопското Кале,

една најубава внука

и еден седокос дедо

ги бројат ли, бројат

сите ѕвезди на небото,

сите до една

и од нив прават ли, прават

нови срценца.