Силјан Штркот

strk


1.

ПРЕД ОБЛЕТУВАЊЕТО:
КАКО СЕ СТАНУВА ШТРК?


Штрковите имаат
бели пердуви и црни крилја.
Имаат и долги нозе,
како најличните моми.
Секогаш се враЌаат
во истото седало
и во која куЌа има седало од штркои,
маЃија во таа куЌа не ги фаЌа луЃето.
Тие доаЃаат кај нас на пролет
и носат радости и нови надежи.
Секој од нас барем еднаш поверувал
дека штрковите донесуваат бебиња.
А сте се прашале ли некогаш:
како се станува штрк?
Знам дека знаете
оти мнозина философи има гоедари
и мнозина гоедари дека станале философи,
ама ете, знаете ли
- како се станува штрк?
Има разни маривети:
да посолиш нешто со прав од штрково јајце,
или во Крива Воденица да сомелиш
лушпи од штрково јајце
и да си поиграш малце, со ашици и ореви.
Има цела дузина одговори.
Ако не верувате, допрашајте го
дедо Марко Цепенков:
"Барајте - за да најдете,
клукајте - за да ви отворат
и сакајте - за да ви дадат"
- беше бил рекол тој.
Една ука никогаш не заборавајте:
на Силјана штркот дека сме пород
и додека имаме пердуви, ние сме штркови.
Ишала, така Ќе биде!
Овој век колку е мил, толку е гнил.
Чунки, штркот и познаа уште од мали
штрчињата кои се арни
и кои стоејки на една нога, осамени
сетики благодарно Ќе кљакнат:
"Бог да прости деда Марка
Што и пишал тие нешта
Од нашите предедои
И за сега да се знаи".




1.

Беше се рекло:
Домашниот есап на пазар не излегува
И од пишаното не се бега
Та и мене, завалијата, не ми се посреЌи
Аџија да станам
(Аџи Силјан Божиновски, коњарецот
- за чепатлаци мајка си плачело!)
Ами севезден да се штркосувам
Мориња и езера да прелетувам
И да кљакам, и да мљакам
И змии, гуштери и скакулци да јадам
И ушите да ми скиселуваат
од тие пак тие балегања и малегања:
"Штрк, штрк балабан -
Полна торба шарлаган!"


А не е мал таксират
Со перо од штрк
Да го запишувам
Вистинското сторење
И патуање мое.
Галиба не е утеха
А и да е утеха
Еве на, волкицка е,
Како ноктето на малото прсте
Од син ми Велко
Тоа што слушам:
Поарно перо од штрк
Одошто воден шмрк!
Јаа, такви времиња дошле!
Одамна беше кога се велеше:
Поарно гроб
Одошто роб!
И други работи
Се велеа тогаш
И ако ми текне
Со време Ќе ви кажам.
Ако не ве фати достага
И ако немате ич други гајлиња и ајлиња
Та да слушате и читате
Кљакања од катадневието
На еден обичен штркосан штрк.


Нејсе, здравје нека ни дајт Господ
И со денеска, со утре
ќе си се доталка казаниево до крајот
Како што сека река утока си наоЃа.
Елбете, како учени луЃе што сте
Може знаете
Оти жива вистина е
Штркословот мој -
Од аз до ижица
И обратно.
Вам може нешто да ви се чини лага
Ама мене за вистина.
Чунки, не само што ми е приказано
Од деда-прадеда
Ами се сум видел со свои очи.
Чунки во стар век, бре деца,
Не лажеа нашите стари
Како денес што лажат
И стари и млади.
Тој век друг бил,
Коа шетал Господ поземи и светците
А пак сегашнио век
ПоеЌе Ѓаолот шетат по земјава.


Во дамнини, пред Штркова ера,
Немало кљак-кљак
А имало цинцири-минцири
Џив-џив, ти реков ми рече:
Демек, Сиве и Чуле
Брат и сестра од мајка родени
И од таткова клетва стасани
Во црно и бело пиле престорени
Севезден си цивкале едностојно:
Цицир-вицир, цицир-вицир!
Неоти знаеле нешто друго
Тики така, полуписмено си цивкале.
Сиве: сиве, сиве, сиве!
Чуле: чуле, чуле, чуле!
Се слушало на далеку,
Ене дотаму, јаа!
Си цивкале Сиве и Чуле,
На припек се поштеле
А годињето си врвеле како вода.

2.

2.

Е, друго ти беше било
Во Штркова ера
Иако, право да ви кажам,
И не знаевме кога и како дошла таа
(Тогаш немаше телевизија
Да ни каже дека сме влегле
Во среќната иднина).
Што да ви расправам, на,
Едночудо далдисан народ имаше
И едночудо сништа се сонеа тогаш:
И куцо и сакато, и ќоро и ќелаво,
И штрци и нештрци
- Сите до еден учествуваа
На Олимпијадата во сонување
Та до ден-денешен не е разјаснето
Дали воопшто имаше јаве
Како што за денешново не е разјаснето
Дали воопшто се сонува.


Фројд и Јунг, и другите
Одгатнувачи на сонови
Страдаа од хронична мигрена
Беа, што се вели, ајле шашардисани
И во прилепските крчми
Испија цели бунари кафе без шеќер
И немерени бочви расолница
Ама без фајде: кажи ми да ти кажам
излезе целата работа,
без почеток и крај,
Без глава и опашка.
Џабе си ги собуваа лакираните чевли
И му правеа темане
На битолскиот оџа.
И тој ништо не знаеше за сонот и јавето
А знаеше дека не сака многу буричкање
Во рисјански сонови
Чунки од еден сон
две востанија се кревале!


Ја на сон, ја на јаве
Тики, еве вака, како на кадро
Како ѕуницата што се покажува
Мечка кога се жени
Се покажа и Елиманс
"Прочуен со богатство,
Со сребро и злато.
И во него има храм,
Кој бил многу богат"
И во него "златни предмети,
Оклопи и оружје,
Оставени од Александар,
Синот на Филипа, македонскиот цар,
Кој прв се зацари над Египет".



Одисеј и Парис ја прекинаа партијата шах
И седнаа да го дочитаат писанието Мојсиево
Распнаа дузина географски мапи
Да не би да биде полесно
Да го најдат патот до златното руно.
Ја ќе го најдат, ја нема да го најдат.



Јас пак, штрк, недоштркосан
Историја научив од грешките
А географија од болот.
До што видов со свои очи
Сé беше од бол никнато
Со бол обвиткано
И со бол поклопено:
Баница, Банско, Беаз Куле,
Бистрица, Брегалница, Брезово,
Белчишта, Ваташа, Водоча,
Галичник, Грамос, Дабница,
Деде Агач, ѓавото, Еди Куле,
Едрене, Ел Тепе, Загоричани,
Кадино Село, Карадак,Караорман,
Кленоец, Клисура, Кукуш,
Куманово, Кресна, Крушево,
Лешок, Лопушник, Мариово,
Охрид, Пелистер,Пирин,
Преспа, Прилеп, Разлог,
Рожен, Солун, Фуштани,
Тадури Виена, Милано, Москва,
Одеса, Санкт Петерсбург, Софија, Стамбол,
И така натаки, и така натаки, и така натаки.
Која е последната мапа
Во македонскиот атлас на болот
И која е последната буква
Во нашата азбука на гневот?


Со такви и слични прашања нарамен
Ич не се стаписав кога видов
Крв и катран пред портите на Елиманс
Баш како во старите трагедии,
Баш како во зоната на боговите:
Стада, воденици, свадби, погребенија
Ловови, убиства, обесчестени жени.
И видов уште едно ждребе, снег-бело,
Како севезден си плаче ли, плаче
Како мајка што плаче и што тажи
А ноќум се пули во небото
И си го бара
Сонцето.
Отпосле дознав дека се вика Букефал.

3.

3.

Видов што видов
И јас, гален Силјан и аџамија,
Бело море и црно прелетав
Пак си се вратив во Прилеп
Чунки убо ми беше во стари крај
Пазарџибашија да си бидам
Топли сомуни со таан-алва да кркам
Со шеќер-локум душа да облажувам.
Блазе си им на прилепчани
Што си имаат таков пазар -
Полн како око со разни емиши, зарзавати
И друзи шејови:
Домати, пиперки, компири,
Грав, леќа, ориз,
Јаболка, круши, сливи, мушмули,
Лубеници, дињи, смокви,
Портокали, мандарини, лимони
И се разбира,
Тадури од Еквадор донесени банани.
И згора: ореви, бадеми, лешници, кикирики,
Биено мариовско сирење, урди, кашкавали,
Буковец, мирудии, оригано,чаеви,
Габи, стракови босилек и боливач.
Пу, пу, машала и аирлија бериќет -
Едно рало железни опинци да искинеш
Дури да ги доодиш сергиите
И да си одиш дома со едночудо зајре!
Половина Турција и цела Бугарија,
Сиот комшиски шверц-комерц
Се беше оптегнал на прилепските тезги:
Женски и машки гаќи, со и без чипки,
Брусхалтери, хулахопки, хеланки,
Маици, фармерки, бермуди,
Сапуни, ливанта, прашоци за перење,
Шампони, пасти за заби и за бричење,
Па ношчиња и електрични машинки за бричење,
Батерии од сите волтажи, сијалици,
Клешти, шрафцигери, шрафови,
Бургии, бонсеци, моторни пили,
Телевизиски антени, касетофони, диктафони,
Видео и аудио-касети, компјутерски дискети.
До утре сабајле да редиш,
Половината не ќе ја доредиш!


И Крали Марко е бааги очуден
Од глетката на пазарот.
Натокмен во фармерки Левис, оригинал,
И објаснува нешто
(на англиски со прилепски акцент)
На дамата од Америка, протестантка,
Како онаа Мис Стон од биографијата
На Јанета Сандански и Манданата,
Што беше дошла во мисија на добра волја.
Многу такви мисии се беа сјатиле
Во Македонија пред почетокот
На Третата Балканска војна.
Ако си немаш друга работа
Пусти- штури, објаснувај
Дека историјата не ни е скудна со војни
И живеачката со гробови.
Тики, друга мака имаше Крали Марко.
Занес, вртоглавица го беше стасала
И по којзнае кој пат беше одлетал
На седмото небо, беше се зацапал во Американката
Која му го смати умот со јадрите цицки
А можеби повеќе со приказните за космонаутите
И за освојувањето на месечината
Та не знаеше Крали Марко
Дали повеќе сака да ја налегне Американката
Или наместо шубара да надене скафандер на глава
И да стане првиот македонски космонаут.


Сонцето ме чвркна
Додека зјапав во тезгите на пазарот
И особено во Крали Марко и Американката
(Зјај-пазар, како зјај-пазар, полни очи празни раце)
А и роишта муви налетаа
На купиштата лепешки
(не се велело бадијала
Франкфурт на Мајна
А Прилеп на Лајна)
Ај, си реков, бегај Силјан да бегаме,
Батали го Крали Марко
И Американката, решетарка
(Галиба не ја знаат песната
Што се сака не се зема)
Батали го и оној што наџиџал
Ордени на градите
И пека по Првомајските паради.
Ако не можеш на секоја опашка да згазнеш,
Во секоја манџа мирудија да бидеш,
Белким можеш Кај Брсјаците
Суџуци и алви босфорски да се накркаш.
А Божин, татко ми, коњарецот
Нека не се чатали многу
Со клетви и друзи маслаати
Што ми ги кањари тие мене!
Тој ќе ме учел, тој ќе ме корел!
Божем една вреќа сол сум изел за инает!

4.

4.

Увеселение за градското население!
Во анот кај прилепското корзо
Наречен "Липа" во чест на првата липа
Засадена во градот
Отседнуваа трговци, револуционери,
Хироманти, акробати, жонглери,
МаЃепсници, Кловнови и други манги:
Ем ладна бира си пиеја,
Ем ќеиф си тераа, за свој грош.
Градското театро, како и обично,
Се реновираше,
Па тука се беше преселил мегданот
За културното натпреварување
На тутунарите и другите прилепчани.
Како прво и прво, имаше музика
- Кеманиња и тамбури, цела тајфа
И свиреа ту аџамиски, ту таговно,
За секого по нешто.
А и да не свиреа, народецот пак си пееше:
Црвената ти врска, срцето ми прска
Еееј, Македонијо, бисер балкански!
Да се чудиш и да се крстиш,
Ама за вистина е:
Марко Цепенков не ги знаеше новите песни
Па во паузите прв ќе дотрчаше до џу-боксот
И ќе се ги пуштеше неговите:
Болен лежи Катил-ѓорЃи
Или Главил се Кољо, главил се
Па ќе пивнеше од чоканчето
Што си го носеше од дома
И ќе излезеше, потем, надвор
Под најголемата липа -
Да си ги проветри градите
А и да не би да некој пилиштар
Му ги здогледа солзите под дебелите окалки.



Што се вели: вај,бај,
Да не се настрви пес на касапница
И тоа пес што е, без многу ум
Да не ја испушта коската
А не пак јас, при свест и при здрав ум,
Да ја оставам уживачката прилепска
И во Коњари да се вратам.
Што не бидува работа!
Кај ќе го видев таму Чернодрински
Не на кадро, ами, еве вака,
Како вас што ве пулам, од два метри,
Кај ќе ја сетев неговата скрб и утеха,
Кај ќе го окаравв Осман
Цвета кога ја граби?
Сполај му на горниот
Троа и на долниот
(Кај нас горно без долно не врви
Затоа имаме Горно и Долно Дупени
Горно и Долно Врановци
И во секое село и град горно и долно маало)
Што си останав под липите,
Под липите да си трчам скокаештем,
Скокаештем, играештем
Да се сторам мандало прилепско
Да ти маткам екими и бајарки
Да ти дрнкам везден на тамбура
Да си носам џиџит-нови дреи
Да си дробам шарени шеќерчиња
Да си пијам ладна бира!
А ко ќе јадеш, ко ќе пиеш
Лели ќе се опијаниш
Та се ќе си заборавиш
Што е твое, што е туЃо.
Такви ти бевме ние
И кога беше она од Вардар до Берлин
И сега вапцани со разни бои
Мајче сме си плачелеее!
Старата песна може и на нов глас
А не знаеш дали е песна или редење:
Кукавица кука на зелена бука
Славејчето пее - Силјан да живее!
Јаа, мајката!
Таму во ќошот Ѓорѓи Сугарев
Витка цигара
Ѓоамити ја гледа приредбата во анот
И севезден се допрашува:
Дали предавникот
На мојот предавник
Е и мој предавник?
Седуммина беа против Теба
- Уште си доспомнува Ѓорѓи Сугарев -
Колкумина и се токмеа
И уште и се токмат на Македонија?
Утредента наутро Ѓорѓи Сугарев
Помина откај Могилата на непобедените
Токму кога застануваше автобусот
На школските ексурзијанти
- Етеокле и Полиник
Натокмени во исти одежди
Први излегоа од автобусот.

5.

5.

Дуовникот од Божигроб
Дојден да проси милостина
По виљаетот прилепцки и по друзи
Се беше качил на столчето
И си пелтечеше за кошмарот
И страстите свои.
Клал пирустијата на маса опаку,
Клал котлето и тоа опаку,
Клал тарунот наопаку,
Клал ситото да сеит брашно, и тоа наопаку.
МаЃијата не му се фати како што треба
Ама упорен е Дуовникот од Божигроб:
“Кој има уши да слуша, нека чуе -
Тешко и на вас закониците,
Што ги натоварувате луЃето
Со тешки бремиња за носење,
А вие сами ни со еден прст
Не се допирате до тие бремиња".
Токму мене ми се вдаде во очи
И продолжи Дуовникот чудесно
- Прекорно, а милно:
“Не оди со мнозинството на зло
И не согласувај се со мнозинството
Против правдата,
Поведувајќи се по мнозинството".
Потем кажа нешто за некакви
Потоци од беззаконија,
За облаците полни свирепост
И за веригите на пеколот,
А го запикасав и тоа дека
Песот се враќа на својата блувотина.
Кога слинки од носот му потекоа
Се крена сомнеж среде еснафот прилепски
Што седеше во кавето, пиеше тутун
И го слушаше казанието дуовничко.
Ја дуовник е манукот,
Ја челебија, чапарџија солунски!
Море, собери си тоа кукалата! -
Промрморе казанџијата
Ама Дуовникот беше извештен
На митинзии и говоранции
Петпари не даваше за мрморењето и мрчењето
Не можеа него туку така да го сепнат
Мангупите од нашите редови
Малку си ја шмркна,
Малку си ја забриша слинката:
Господ нека им поможи на оние
Што тешко сфаќаат а бргу забораваат, рече,
А јас пак ќе ви речам дека
“Секое царство, ако се раздели, запустува;
И секој град или дом ако се раздели
На противни групи, ќе пропадне"
Умот в глава и следете го Учителот
Кој беше рекол дека јазикот ни е
Царството, татковината наша
Што нé обединува сите
“Јазикот е мал оган,
А толку голема гора запалува"
Аман веќе од шепнипостели и кодоши
Не брат на брат, ами брат за брат! -
Загрме Дуовникот
(Си реков: арно се беше рекло
“Не врзувај уста на вол кога врши")
Арно ама, веднаш се бубаќоса
Рече дека Господ го повикал тука,
Чунки “Македонија и Ахаја благоволија
Да дадат некаков принос
За бедните светии во Ерусалим".
Колку да знаете, а сигурно знаете -
Рече Дуовникот, а кога знаете
Треба и да умеете.
Еден орел му однесе абер
За казанието на Дуовникот
На Крали Марко
Кој и го покажуваше Прилеп
На Американката во мини здолниште
Од чардаците на манастирот Трескавец.

6.

6.

Шуќур Дуовникот од Божигроб
Што беше сефте во наш виљает
И во Македонија
Та вур, тут ја ујдисавме некако
И се сторив калауз негов.
Ако да немав завршено курс
За туристички водич
Си ја знаев таа работа
Чунки голем мераклија
На шетање и акање бев бил
Чунки се ќе сторев
Само од Коњари мое подалеку да сум.
Верен другар ќе ти бидам,
Му реков на Дуовникот,
Само сонцето да греит и да нема зима,
Да со госпо напред ќе си појдиме -
Заедно да испросиме милостина
Низ виљаетот прилепцки и друзи.
Пу, пу, скраја да е од уроци
Ама можам да ти поможам
И во некоја голема ихтиза.
Тики, да си збериме дреите нови и ветви
Да си зготвиме нови чевли
Да си напраиме по едно букарче
За вода да си носиме
Можи и за вино да си носиме
И да тргнеме пеши да одиме
Да кому му држи газо
Нека ни се јави на пато.



Баш во тоа време
Во Долнени се натсвируваа гајдаџии
Голем панаЃур се беше сторил
Пиштеа гајди, трештеа зурли, тапани,
Тарамбуки, таламбази, чампари,
Карадузени, кавали, дајриња.
На скарите се печеа ќебапи
И пластични колбаси што ги викаат виршли
На сергиите се продаваа
Увозни пуканки и препечени компирчиња
Што ги викаат чипсови
Семки, кикирики, сусами
Се продаваа и очила Ray-Ban
Едночудо детски играчки
И друзи џиџи-миџи и шарени лаги.
Гледаш слики, брзо растеш -
Извикуваше едно старо аро
И им даваше на децата, за банка
Да зјапаат во еден шеј
Еве, ова во е Рим, оттука Папата
Сека недела држи говори,
Ова ви е Ленинград, пардон,
Санкт Петерсбург,
Ова ви е Москва, без пардон
А ова ви е Париз, Ајфеловата кула!
Кали... Калиедоскоп... така некако
Се викаше шејот, ќе си го искршам јазикот
Дури да му го потрефам името
Знам само дека имаше некој дел од Скопје
Во името, безбели оттаму беше дојден.



Дуовникот, како што го дал господ
Мераклија за казанија и говоранции
Се истопори на бината
И се провикна како селски протугер
Браќа, сестри, ти реков-ми рече
Тој како што знае да мавтосува.
Арно ама, ептен одоколу беше фатил да врти
Таман толку за веднаш да им збоктиса на сите
Море кога да вреснаа сите уаааа, уаааа
Нејќеме говори, сакаме гајди
Нејќеме политика, сакаме песни и ора!
Зини земјо голтни ме, си реков
Ама додека им објасниш на тие пичлемиња
Дека чоекот е дуовник
И како таков надвор од сите политики -
Ќе си го собериш ќарот.
А и да објаснуваш три дни и три ноќи
Никој овде никому не му верува
Дека е надвор од политиката
Прибидејќум тоа му доаЃа
Како да си надвор од верата и од животот.
Таков таксир го беше снашол народот мој.
Аманте бре, луЃе, ако сте рисјани дури реков
Еден зрел патлиџан, јабучар, бабачко
Летна кон Дуовникот и го акна
Кај што не треба, на машкото место
И тој виде-не виде, ептен очуден,
Си ја спрашти, кај му очи, таму глава
Дури на крај село
(Кој што бил во Долнени
Знае колку далеку е тоа).
Што се рекло, во секое зло и добро
Чунки Дуовникот немаше да ја измисли мудроста
Што потоа цел век ја кажуваше:
“Тапанот отскраја да го слушаш,
Поарен лезет имат".



Под ритката, кај што заголнувавме душа
Не довтаса една роспија со тапија
Три дни далеку да бегаш, да не ја сретниш
Со оки мастило на очите
Со седела за птици во бушавата коса.
Демек, знаела разни маривети да прави
Да му оздрави салтанатот на Дуовникот
И да биде тврд, ја, кочан,
Како кључ од манастирска порта!
Дуовникот се шекна, паралдиса, онеме
Ама јас и дадов џуапот -
Иш мори, кокошко скубена, мори жабо крастава!
На колку такви курветиње
Јас сум им ја скроил ќулавката, ехееј!



Мина некако и тој резил,
Си отворивме букарчињата,
Си исплакнавме устите
И патот под нозе.
Зад ритката како друг свет да беше
Ни гајди, ни таламбази, ни курветиње
А сé беше замрено
Како пладне во каубојските филмови.
(Ако не се есапат Ѓупците, чергари
И нивните мечки со алки во ноздрите
Кои сите без исклучок се викаат Божана
И ако не се есапат оние двајцата
Во барите и шамаците што зацапале
Да ловат диви пајки
А за кои отпосле ни рекоа во други села
Дека биле Дон Кихот и Санчо Панса
И дека со години веќе годишниот одмор
Го минуваат тука ловејќи диви пајки
А патем мерејќи ја и брзината
На пелагониските ветрови.
Да знаевме, ќе се сликавме со нив
За спомен и долго сеќавање
И за приказ на поколенијата).
Нејсе, минавме пресушени потоци и реки,
Испостени, пиреј-троскосани нивје,
Скусен јачмен до петици,
Габи габјосани без дожд,
Глуварки раздувани,
Суви капини, малини и шумски јаготки,
Шипинки неварени, а спечени,
Згмечено перје кромидово.
Се браневме од бумбари, оси и комарци,
Од утки, страчки и косови,
Од змии, смокови и гуштери.
Видовме опоганети жбуној,
Осквернавени бостански страшила,
Слушнавме пригушени клопотарци.
Голем уплав и дрскосерица
Ги беше фатила луЃето
Кои од касетофоните на батерии
Пуштаа само додолски песни
И не можеа да одгатнат
Кој Ѓавол им ја беше пратил
Сушата на визита
И кој ќе се јунак изнајде
Сушата да ја пропади
Од жална Македонија.

7.

7.

Како што е веќе е запишано,
“Македонците и при својата
Голема сиромаштија
Покажаа голема добродушност"
И преку можностите даваа доброволно
Па за Божигроб не тргнавме со празни раце
Дуовникот и јас со него аџии да се сториме.
Што молење му удрив на Дуовникот
Да се чини мукает, да прави себап
Да ме поведе и мене на Божигроб
Па после, што ќе ни даде Господ - тоа!
Де ваму, де таму, де трт, де мрт
И најпосле се најдовме двајцата
На Солунското пристаниште
Да чекаме гемија за на Божигроб.
А не се велело џабе солунски диреци!
Тоа куќи, сараи, многу убаи,
Да ти види око, ум да ти штукне!
Тоа згради високи,
Сите повисоки од прилепцкиот Монопол!
Тоа чудесни азбавчиња и Ѓулбавчиња,
Насадени со најлични цвеќиња!
Галиба ангело ми седи на рамена
А јас гледам ли гледам
До каде втасува Белото Море!
Што од страв пред качувањето на гемијата
Што од мака оти така заврши
Словенската опсада на Солун
И што мнозина нашинци коски оставија тука.
Во кафенето кај Беаз-Куле
Испивме по две-три лути солунски ракии
А маслинките си ги јадевме сосе коски.
Две-три маси од нашата
Како да седеше Григор Прличев -
Многу ми личеше човекот на нашиот Омир
Иако и косата и мустаците му беа побелени.
Си беше нарачал сладолед
На, олкаи топки, како охридски јаболка,
И си решаваше крстозборки
А кога ќе се загледаше во морето
Како да ја мереше тагата на сите Македонци
Како да ги слушаше нивните дамари
Како да длабеше до корените дедови и прадедови
Како да го одгатнуваше мирисот на новото време.
Ме сети дека му се радувам
И ми мавна со бело крпче
Кога потем го пулев од гемијата.
Крпчето Прличево и ден-денеска
За најлично знаме си го имам
За знаме на сите мечтаења и копнеења.



Пред да се качиме на гемијата
Дуовникот ми покажа
Едно друго кафене, бааги поголемо
Со билијардо, со домина и табли на масите.
Тука навраќаат само нашинци, рече -
Анархисти, социјалисти, автономисти,
Федералисти, и други исти, исти, исти
Но, веќе се стемнуваше
И не можев никого да препознаам.
Во рок-темница исплови нашата гемија
Од солунското пристаниште
Кога уште неседнати на местата
Дочувме силна пукотница
Од кафенето каде што се збираат нашинците -
Беше тоа вториот атентат врз Јанета Сандански.



Јас сефте се качив на гемија
И се сварив како бел џигер
Од стравои и од с'клети
Што е право, право е -
Првата ноќ ја преседов во нужникот
И низ едно мало тркалесто пенџерче
Ги броев ѕвездите
Тогаш ми се стори видение:
Гола мома танцува осамена на брановите.
Ако шушнеше болва в гаќи,
Та и јас да шушнев првата вечер на гемијата.
Е, олан, минаа денови, ноќи
Кога наеднаш зафрчеа ја источни,
Ја северни демони и силни ветришта.
С'ски го беа фатиле најмалото киклопче,
Чинам Аргеј се викаше -
Му ја расипале дремката по гозбата
Па беснееше, дивееше, искреше,
Фрлаше големи камења, стени во морето.
Гемијата наша се тетеревеше
Како црпка од лејка на брановите,
Демоните фрчеа, господ да ги фрчне
Киклопчето дивееше, диви вепри да го јадат!
В миг ми исчезна видението,
Ја снема момата гола што танцуваше на брановите
Се преврте, потона гемијата
Мори мајко, мила мајчице,
Јас Силјан твој, гален и аџамија,
Зарем на рибите мезе да и бидам?!
Тоа момата што танцуваше на брановите
Да ми ти било штица
Што ја стиснав цврсто, цврсто,
Само што не ја скршив во прегратката,
Јас и Таа - внуци танталови.
Кога се разбудив,
Сполај ти господи,
Веќе бев на суво
Со штицата во прегратка.
Да имав радио, А бре Македонче,
Сетики ќе чуев дека во друго море
Потонала големата гемија “Титаник"
А на Балканот се отворија војни, војни
Рани гнојни
И почна поделбата на Македонија.
Ете така, со штица и без радио-вести
Влегов во штркова ера.

8.

8.

Бев на суво,
Сам со штицата на еден остров.
Како што е редот
И како Господ што го создал светот
Се прекрстив и на Господ
Сполај му реков, задека ме избави
Задека не се удавив во морето
Како сите други што се удавија.
Само што отворив очи
Ми падна тежноина
Ми се стори дека сум исфрлен во пустелија
Кај што петел не пее и куче не лае
И си реков: збогум Коњари, збогум Прилеп,
За мене чаре и спасение нема,
Дошол редот да се платат гревовите.
Ми било судено да бидам
Првиот македонски Робинзон
Како што си имаме прва македонска банка
Прва македонска поштенска марка
Тадури и прв македонски затвореник!
Се рекло, на слепото пиле господ седало му прави
Та и мене ми поможи
Да си најдам на островот една пештера
До пештерата изворче
До изворчето емиши зрели -
Лешти, миндали и благи јаболка,
Киселец, капини и шумски јаготки.
Од пуста гладос и борови шишарки,
И дрво, и камен ќе пробаш.
Цел век ли на островов ќе се векува? -
Се прашав и кинисав низ дрмите,
Цапав низ батаци и милови
Којзнае колку време
(Рачниот часовник, марка Омикрон,
Го зачував само за спомен
- Не работеше веќе, беше се сторил
Асли соларник од солената вода)
Цапав и си муабетев со пеперугите
А се вардев од змии и гуштери.
Не дека не се издраскав во шибјето,
Ама поеќе бев издраскан во душата.
Ако не знаевте, на пустите острови
Нема јавни ќенефи, банка мочање и квит
А на полјана змија може да те касне за газ,
Со опроштение
Та сака многу дикат кога ќе ти дојде зортот
- Ова ви го кажувам да знаете,
Ако, не дај боже, некогаш осамнете на пуст остров.



Си цапам така, бавно и таговно,
Чемерно си врвам низ билки чемерики
Кога видов - што ќе видам, чудо големо
И ако беше зајдисонце, сонце ме огреа
Како никогаш дотогаш
Од видението мое:
Маж и жена косеа ливада,
Косеа и си муабетеа -
Не им личеше на годините
Да се потштипнуваат!
Дамла ќе ме удреше,
Имало господ, си реков,
И ќорлемечки дотрчав кај нив
Да видам видение или привидение свое.
Како од наш сој да беа луЃето,
Многу срдечни и гостопримливи:
- Што таксир те донесе,
Бре внучко Силјане, во земјава наша
Кај што човек не дошол досега?
Шоана али на вистина ет ова, али на соне
Името да ми го знаат, нашински да зборуат!
Останав монумент, на,
Ни збор да изустам од што бев шекнат -
Ова ни во приказните, ни во филмовите
Го нема, кај што е дозволено подлажување!
Вера не ми фаќа црпката коњарска
А човекот ми ја стисна раката:
Добредојде, ми рече, во земјата
На луЃето штркови,
Еве кај се стемнуат
И ќе си ојме у мене дома,
Гостин ќе ми бидиш,
Па таму ќе се разбереме за сé.
Долго е казанието наше,
Внучко Силјане.
Шоана, од аз до ижица
Е вистина ова што ви го велам -
Со свои очи го видов.

9.

9.

Јас сум, Силјане, внучко
К'сметот твој и ме викаат
Аџи Кљак-кљак,-
Како војводи ваши што си имате
Така и јас сум овде војвода
И како што му личи на војвода
Пишувам дневник и мемоари
Го редам штркословот наш
А тебе накусо ќе ти кажам:
Не се знае колку пати
Сме го облетале светот
Уште пред да се родат космонаутите
И бидејќи немавме апарати,
Компјутери и такви салтанати
Сé што ќе видевме паметевме
Та така и тебе те паметиме
Чунки сме биле во Коњари твое
Уште не беше роден ти
Сме живееле на вашата куќа
И во вашето поле
И ние знајме сé што имате дома
Ем поарно од тебе.
Ние се прајме штркои, Силјане,
И ви идиме во вашето село
И во сиот виљает ваш
А за штркои што се праиме
Си имаме од деда прадеда клетва:
“Да даеше Господ
Една сипаница лоша да дојдеше
И сите вас да ве собереше,
Та после до векот едно да не пркнит:
Овде да се родит,
Ама бело море и црно да препливаат
Таткој ви и мајка ви тамо да видат челад!"
Шуќур Господ што не е толку катил
Та им кажал на нашите стари
Во кој извор да се искапат
И штркови да се сторат,
Да прелетаат бело море и црно,
И таму челад да родат и да изгледаат
Та пак овде да се вратат
И во друг извор да се искапат
И да се сторат пак луЃе
Ама како луЃе само на островот да живеат.
Си прајме така од илјадници години
И дури стои веков, сé така ќе си прајме.
Тики, утре е Штрковден, празникот наш
Три дена што го празнуваме
ќе има гозби, свирки, тапани
ќе има и свечена парада на штрковите
ќе има и турнири во разни спортови
И свечен лов на жаби и црви
Ти Силјане, ќе ни бидеш почесен гостин
ќе седиш до мене, на свечената трибина
Та затоа, внучко, ој истуширај се
И легни си со време, одмори се убаво
(На телевизија и онака нема ништо
А и утре можеш да гледаш сателитски пренос
Од изборната кампања во твојата земја
Макар што и без тоа знаеш што пис јазик имате).
А колку за враќањето дома,
Ич да не бериш колку за тоа гајле
Ќе се најде чаре, колај работа -
Кога ќе ни дојде времето за одење
Ќе се искапиш и ти штрк ќе се сториш,
Ќе си земеш во едно шише вода од другио извор
И ќе си го обесиш на гуша
И кога ќе стасаме во Коњари
Ќе се потуриш и еве си пак чоек
Како сега што си, прав и здрав.

10.

10.

Минаа денови, месеци
И дојде времето за одење.
Се искапив во штрков извор
И штрк се сторив
Си наполнив шише од чоечката вода
Си го врзав на гуша
И заедно со Аџи Кљак-кљак
И со огромната штрковска ескадрила
Си летнавме сите за кај наш крај.
Чунки немав опит од летање
Ич не се двоев од Аџи Кљак-кљак
Како цицалче од мајка што не се двои.
Летавме, летавме,
Се заборавивме од летање:
Прва починка добивме
По дваесет и четири саати летање
Што беше првиот придонес
На штрковите од Македонија
Во воведувањето во космонаутската ера
Чунки и ден-денешен
Штрковите со челични крилја
Што ги викаат авиони и аероплани
И што се исшарани со разни бои
На кљуновите, крилјата и на газот
И тоа сé на латиница
(Lufthansa, Air France, American Airlines,
Palair Macedonia, Macedonian Airlines)
Не можат да летаат повеќе од седум-осум саати
Без да стават во кљуновите
Огромни казани чорба од Арабија.
Уште едно-две попатни слетувања имавме
Колку да загрепиме душа со некое жапче или црвче
И најсетне се најдовме
Во прилепскиот виљает.
Од кај Плетвар, кај дервенот
Сефте го видов крајот роден
Со моите штрковски очиња
Од високо, од птичја перспектива
И од пуста радост и возбуда
Престанав да павтам со крилјата
И веднаш се спуштив до едни камења
Да се потурам со шишето чоечка вода.
Арно ама, јас, роден баксуз
Ич не се сторив мукает да не го скршам шишето
А баш така се случи:
Се парчоса шишето од каменот
А јас само офнав
И ја прибрав во себе тагата на целиот свет -
Штрк ќе си бидам и штрк ќе си умрам.
Што рекле стари:
Зла супраа - готоа штета.
Никој не ми беше виновен за тоа.
Само му павнав два-три пати
Со левото крило на Сизиф
Побратими станавме на каменот кај Плетвар
ќе да е да бев првиот штрк Сизиф
Првиот Сизиф меѓу летачите.



Добредетелот мој Аџи Кљак-кљак
Пак најде зборови за утеха
(Откога ќе се скрши колата
Многу патчиња ќе се отворат)
И во забавен лет кинисавме
Накај Коњари, жив штркосан
Да им излезам на очи на моите.
Сте виделе ли штрк да плаче?
Тоа е многу тажна слика,
Како во песните на Конески
Од лично искуство ви велам
Чунки јас бев тој штрк плачко
Кога да ја видов куќата
Наша во Коњари.
А куќата домаќинска
Со висок чардак
И околу неа има плевна,
Трло, гоедарник, кочина за свињи,
Градина за улишта и градина за зајре,
Амбар за жито, кошеи за царевка,
Гумно за вршење и место за гној врлање.
Во дворот кокошки се раскокодакале,
По Ѓерамидите кумрии се разгугале.
Ах, колку е жално, колку е мачно,
Во своја куќа штрк да бидиш,
Штрк да бидиш до шест месеци
Сал ти да знаеш, а никој да не знае
Најмилите да ги милуваш, ем да си плачеш
А тие да те бркаат со стапови, со остени.
Син ми Велко, златен на татко,
Еднаш ме тресна со стап по глава,
Кучката Лиса ми откачи парче од бутот,
Татко ми Божин со остен ми ја скрши
Писката на десната нога оти одев по него
И црви си колвав додека ја ораше нивата.
Господ нека им прости,
Чунки не знаеја дека Силјан нивниот
Штрк можи да биди.
Само Неда, кутрата, стопанката моја,
Ич не ме задеваше, ами повеќе ме жалеше
И не е за чудо што еднаш ми дојде
Да и го брцнам клунот во боските
И онака, штрковски да ја погалам:
Тогаш испуштив чудесен крик
И вистински сетив колку е волшебен
Љубовниот крик на штркот.



Аџи Кљак-кљак беше учен штрк
И љубител на уметноста
( Освен дневник и мемоари
Пишуваше и песни, онака за своја душа)
И на Петровден
Нé залета накај Охрид
Не да се измешаме со пливците во езерото
Ами Македонската филхармонија
Да ја слушаме
На отворањето на фестивалот Охридско лето.
(Ова не беше како во Долнени -
Тајфата музикантска беше многу голема
И свиреше песни што јас не ги знам
А тие што слушаа седеа на столчиња
Ѓоамити беа ептен занесени
И не грицкаа семки, ниту лижеа лижавчиња,
Уф, чувај боже, тоа било срамота!)
Нејсе, би и отворањето на Охридско лето
А три недели потоа, на гумно време
Гајди, асли долненски, засвиреа
Во нашата куќа толку силно
Што дури и саѓите паѓаа од гредите:
Свадбата на сестра ми Босилка
Си ја минав штрковски
Без орце, без ракиичка и винце -
Тие пејат, јас си плачам
Тие играат, јас тагувам.
Ќе пукнев како костен во пуза
И до гроба ќе ми е криво.
Шуќур, брзо што дојде Свети Пантелејмон
И Аџи Кљак-кљак војводата
Абер беше сторил
Да се збират штрковите од сиот виљает
И назад, на штрков остров да се вратат.
Не дочекавме тоа лето
Да зачадат казаните за варење ракија
И араниите за правење ајвар.

11.

11.

Стемни се, раздени се
Помина годињето
На штрков остров.
Кога пред Велигден
Аџи Кљак-кљак
Беше дал знак
Сите да се искапат
Во штрков извор
И пак да прелетаат
Седум мориња
И седум планини
До виљаетот наш и друзи
Со црпче, а не со шише на гуша
Полетав и јас
Уште еднаш
Да си го пробам к’сметот.
Имаше по пат
Еден голем џенг
Со сурија орли
И со крвој до колена
А Аџи кљак-кљак
Беше решил
Цела Македонија
Да ја облетаме
(Новите штрчиња
Да ја запознаат подобро
За да ја сакаат повеќе)
И последната станица
Да ни биди
Прилепскиот виљает.
Не бев многу ќеифлија
(Се плашев да не го суредам
Црпчето чоечка вода)
Ама се рекло
Каде сите Турци
Таму и гол Асан
А и одамна не бев
Ја шетал Македонијата
Уште од на школо
Кога нé водеа на екскурзија.
Што видов -
Сега ќе ви кажам направо.



Дошла, бре луѓе, при нас
Скапијата и гладијата,
Дошла темнината на времето,
Пензионери во редици
Скапуваат пред поштите
И чекајќи пензии се допрашуваат:
Колку, навистина,
Може да истрга еден народ?
Исто се прашуваат
И ајле селани, работници,
И учени луЃе.
Правдина да бараш
Ми ти било да талкаш
(Со боринка)
Од онаа страна на историјата.
Така е секогаш ,
Мачките кога ги нема -
Глувците оро играат.
Арно ама,
Видов и сателитски ТВ антени,
Интерфони и домофони
По села и градови,
Видов дискотеки
Што трештат до никоја доба,
Видов едночудо нови автомобили,
Пиљари и бизнисмени со златни синџири
Околу вратот и на рацете
Со расни кучиња што ќе ги отепаат
Ако им се помочаат
На задните седишта од автомобилите
Видов селаништа во кожни фотелји
И ајле опинци во лакирани чевли
Кај што пијат виски со мраз, ами како
Видов и пресностасани ловџии
На фазани, муфлони и други ѕверки
И разголени русинки по крчмите
(Танчарки во транзиција)
И што е најлошо,
Видов куди-браќа
Кај што севезден се бербатат
Чунки заборавиле
Оти господ кога ги создал луЃето,
Ги создал да си живеат братски,
А не да се јадат,
Едни со други да се пизмат,
Да е кабил очите да си ги извадат,
Како што си ги вадат.
Видов и разни вртикапи и подвиопашковци
Со ум за круши брање
(А полињата сотрени од суша
Ни за лек не можеш да најдеш круша).
Видов сите како се надвикуваат
На плоштадите
Кој повеќе ја сакал Македонија -
А нема умен да попушти
Та ми дојде стопати да пафнам
Со обете крилја
Аман те, бре, луЃе,
Бркајте го злото од нашиот јазик
И од нашите души!
Видов и кози, прчови
Кај што ја брстат моликата
И моторни пили
Кај што маваат по буки и дабови
И опожарени кории
И зајци кај што праштат пред огнот
И урнисани гнезда на ластовици
И геризи кај што течат
( Јазови веќе нема
А воденици има, ама во спомените)
И подземни малгами и надземни балгами
И бутови избраздени од стрии
На охридските плажи
Ако окото не ме лаже
И Данте Алигиери
Како да го видов
Во толпите странски журналисти
Во кебапчилниците
Во старата скопска чаршија
Ама умот ми остана
Во куди-браќата
Не сме белким народ
Проколнат до века да се пизми
Си реков утешително
И не дека не знам зошто
Додека го облетував
Охридскиот залез
Севезден си мислев
На залезот на цивилизацијата,
Та летав и се чудев,
Летав и се чудев,
Умот ми кајдиса!

Тики, да скратам,
Чунки доста ве отекував
Со сторењево и видениево мое.
Поучен од лани
Сега си слетав
Во таткови дворови
Право на амбарче.
Отнав од црепчево
И пак бев
Силјан Божиновски коњарецот
Без крилја и без клун.
Едно влегување дома
Му бакнав рака на татка
И проштевање побарав
За клетвата што ме стаса.
В час куќата се исполни со гости
Цело Коњари се беше збрало
Како на изложба ме пулеа
И го слушаа сторењево мое
Што и вам ви го кажувам.
Отпрвин ме правеа чукнат со мокар чорап
(Кој е тој будала што ќе ти верува, бре,
Силјане оти си бил штрк!)
Ама откога редум
Им кажав ланското штрково сторење мое
(И како Велко ме акна со стап по глава
И како татко ми ми ја скрши ногата со остен
И другите работи што ги бев видел)
Сите беа поверувале и беа рекле
Сполај ти господи,
Што не било да биди -
Чоек штрк да биди!
Тоа врели погачи се изедоа
Тоа љути ракии и вина се испија
Тоа нишани се сторија
Веќе од мерката надвор
Тоа гозби се направија -
За моето враќање дома.
Сега со Аџи Кљак-кљак војводата
Секое утро си пиеме кафе
И бистриме политика,
Како сите што бистрат.
Наближува Свети Пантелејмон
А Аџи Кљак-кљак
Пред да си ја прибере
Штрковата ескадрила
Ме погали со клунот
Како татко што не ме погалил
И ми рече:
Како што гледаш Силјане, внучко,
Никој не е доживотен штрк
И нема ѕид што со глава не се урива.
Ако немавме сонови ќе немавме и јаве
И ако немавме јаве ќе немавме и сонови.
Откорна еден пердув
И ме замоли кога ќе одам во Прилеп
Да му го дадам на дедо Марко Цепенков -
Со голем себап, за здравје и добро видение.




ПО ОБЛЕТУВАЊЕТО:
ЦЕПЕНКОВИОТ БЛАГОСЛОВ


Гледам,
море како не сум догледувал
со окалкиве мои!
Го гледам мојот штрк
кајшто се распавтал со крилјата
и ги благословувам перцата
што го запишале
новото сторење
и казание негово.
Чунки, на Силјана мој
повеќе му се радуваа децата,
но сега се други времиња,
децата пораснале,
а утре ќе пораснат и нивните деца.
“Сите нека се благослоени,
ум и разум да имаат,
ангели да им седат на рамена
и од лошо да ги вардат!
Добро и здравје!
Добра мисла!
Мир и милос!
Господ да ни чува седбата!
Дар по полето!
Здравје во стоката!
На помош и си светци помошници!
Брацка љубов да имаме,
Трешница на душмани,
Да се влечат по газоите,
На мешини по мостоите,
Бели камење да ватат
И назад да се не вратат;
Света земја да појдат
И тамо да останат!
Брацка љубов и добра мисла
Господ да ни даит!
На стари годиње добра старос
И добри дни!
Бог да ни и прости крстени души!
Блаосојте и здрами се!"


"СИЛЈАН ШТРКОТ УШТЕ ЕДНАШ ЈА ОБЛЕТУВА МАКЕДОНИЈА" е објавена во 1995. година. Преведена е на англиски јазик во 1996. година.