Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров


Кога се спријателивме, скоро пред половина век, тој беше во неговиот Студентски збор, јас во мојот Млад борец; Струшките вечери на поезијата, на пример, само што проодуваа; Малку потоа, во иста година, тој киниса по неговиот Пат до летото, а јас си ја најдов својата Ноќна птица во паркот. И така, стих по стих, книга по книга, стасавме до кајшто стасавме. Ако некој тогаш ни кажуваше какво дереџе ќе дочекаме - да ни го одрекуваат дури и јазикот на нашиот прв детски плач и на нашите први стихови и дека ќе стасаме во некој предел во кој веќе ќе ги нема Млад борец и Студентски збор, немаше да му веруваме и ќе го исмејувавме, како што тој сега, скриен во некоја ѓаволска дупка, ги исмева нашите младини. Нејсе, тоа што веќе не е не значи дека не било, а тоа што еднаш се врежало во нас, ако се врежало асолно – никогаш не се зарежува. Сега сме само троа постари (на Кавказ сепак се уште би биле внуци), сетики сме и малку поумни, а секако сме посами, со нашата раскрилена илузијаод будниот сон со кој го прелетав животот, како што вели во една од најновите песни Петре Бакевски.
Значи, драги пријатели, тука сме во чест на најновите песни на Петре Бакевски, стокмени и спастрени меѓу кориците на неговата 26-та, повторувам 26-та стихозбирка Спитомен предел од болка. Плус расказите, новелите, романите, критиките. Петре Бакевски цел живот пишува ли пишува, знаејќи дека без тоа би бил прогонет од самиот себе, како што мудро беше рекол некој. Севезден да  пишуваш, во случајов на Петре Бакевски недвосмислено значи и да освојуваш нови врвови, се’ до врвот на болот. На тој врв, како што веќе е запишано, зборот се болува, а болот се зборува. Од тој врв, развејувајќи го својот поетски барјак, Петре Бакевски ќе ни соопшти: Во душата солзев, солзев! Врвот не е само за триумфални танци, на врвот може да се стаса во невреме и дури тогаш човек може да стане свесен дека е баш во времето, не само во своето време. Го снемува моето време – вели Петре Бакевски, потсетувајќи не’ дека има и ќе има и разминување со времето. Сам со својот душобол и судбобол, поетот поставува бедем од зборови и сака да го одбрани светото право на бол и збор, да го одбрани од оние де, знајни тајкунски гракачи коишто ги боли само увото и петата и кои никогаш нема да ја разберат и распознаат вистинската болка.
Има песни за кои се вели дека се пишуваат сами, а не отшто некој однапред смислил и посакал. Само критичарите не можат, а можеби и не сакаат да разберат, отшто и меѓу нив има ајле тврдоглави, дека метафорите и сите други алатки во таквите песни, често се случајни. Песните во кои уште не прв поглед се гледаат и се чувствуваат трпките, без исклучок се такви песни – сами напишани. Песните во Спитомениот предел од болка се такви песни, песни со трпки, самонапишани, песни што никако не се осмислуваат, ниту посакуваат однапред. Oд друга страна пак, песните со трпки не поднесуваат дистанца: денешниот бол, имено, не се остава за утре – и отшто нема да биде истиот, и отшто не знаеме што носи утрешниот ден. Однапред неосмислените и песните без дистанца, затоа, најчесто се – потресни песни, како најновите песни на Петре Бакевски во кои и паднатите ѕвезди знаат повторно да светнат.
Ќе повторам: од својот прв стих Петре Бакевски се качува, угоре кон врвот. И сал туку се прашува: каде е и каков е врвот, како се стасува до врвот, како оној Сизиф ли? Сега, по половина век немирни одгатки, баш во Спитомениот предел од болка, ќе каже:
            Најпосле сознав – животот ти бил секогаш занесно итање
            во пресрет на себеси!

Книгата во чија чест вечерва сме збрани овде е своевидна антологија на болката, сликовит сумарум и зрел показ на моќта на зборот и длабочината на поетската мисла, на нејзиното разгранување и тревожниот екот на дамарите. Во неа е збрано сето искуство и авторска мајсторија на Петре Бакевски, во неа ја клокоти, ја спокојно тече, според закономерноста на наизменичноста, сето што  оставило белег во животот на поетот.

А ќе влезе читателот во оваа книга, а ќе се почувствува како во соба на осаменик која повикува посетители, со кои и да се пречека судбината, да се истрае при пречекот:

Aх, громови и грмежи, да се истрае, да се истрае!...
Па, секогаш така било, така било...
Едноставно и природно – си ја пречекуваме судбината.

Да се пречека судбината и сопствената болка да се носи во себе, да се носи со себе и со неа самата. Да се пречека судбината со грстови древни зборови и со плетенки од магични знаци.


Влегувајќи, чекор по чекор, во спитомениот предел од болката Петре Бакевски, ние се’ повеќе се уверуваме дека поезијата е сепак нешто друго, нешто сосема поинакво и скраја од школските и тнр. учени поетски навеви. Некој не слулчајно беше бил рекол дека поезијата е нешто друго во однос на се’. Среде поетските предели на Бакевски ние длабоко осознаваме дека баш приврзаноста кон поезијата е изворот на секоја болка, иако денеска не е ништо особено да се биде поет. Ама е неопходно. Баш денес, кога животот со својата апсурдност ја шие литературата. Баш денес, кога е сосема очигледна пропаста на претсказанието дека еден ден сите ќе пишуваат поезија, денес, кога сакаме да веруваме дека ќе се најдат и повеќемина јунаци кои ќе читаат поезија. Спитомениот предел од болка на Петре Бакевски ни ја враќа вербата во поезијата и несомнено го заслужува ентузијазмот на новите генерации читатели.
Самиот поет Бакевски е на таква возраст што совршено добро знае дека и најискрените егзалтации бргу-бргу ќе стивнат и тој, на крајот, пак ќе остане сам во неговиот спитомен предел, каде што уште понастојчиво ќе го бара здивот на новите поетски авантури и азимутот на новите висови. Наша е привилегијата и задоволството да бидеме современици на овие возбудливи и оригинални, мошне високи поетски домети во нашата книжевна ризница. Од поет од калибарот на Петре Бакевски, кој има неприкосновено место во македонското поетско братство, може да очекуваме нови поетски дарови на коишто ќе им се восхитуваме исто како и на песните од Спитомениот предел од болка. Додуша, сега е во мода восхитувањето од самобендисаните и самопрогласените, естрадни стручњаци за доброто на народот. Но, секој кој малку од малку се разбира во мода знае дека таа е минлива, а на уметноста, значи и на литературата на Петре Бакевски и припаѓа долгото траење и иднината. Како што секој кој малку од малку се разбира од предели, совршено добро знае дека во Спитомениот предел од болка на Петре Бакевски не се оди туку така, на пикник, туку на средба со длабинска проекција на битието и истрајбата.

----------------------
Изговорено на 16 ноември 2010,
на промоцијата на Спитомен предел од болка
од Петре Бакевски



Глобализацијата и јазикот 

Одите и триумфализмот со кои беше најавувана ерата на глобализацијата, полека се заменуваат со посмртни маршеви. Напернатите ултралиберали кои самоуверено и самобендисано се расфрлаа со волшебни стапчиња и спасоносни формули, почнуваат да ги наведнуваат главите пред стварноста која мнозина ја именуваат и како пропаст. Сакале-нејќеле, новите центри на моќта увидуваат дека парите и моќта што тие ја пружаат не се бесконечни. Пазарот, како основно средство на глобализацијата, се разнишува. Се демаскира и фактот дека големиот капитал поседува и пазарни новинари и медиуми, наемни мислители и верни бранители на новиот систем на нееднаквоста. Изминува рокот на траење на зашеќерените приказни. Се гледа дека пропагираната еднаквост на шансите, всушност, значела, во ист кафез да заклучите лав и зајак, па нека уживаат во натпреварот и се разбира нека победи подобриот. Приказната за еднаквоста на шансите не им значи ништо на луѓето кои повеќе од една година упорно протестираат пред парламентот на Македонија. Нив, по 25 години поминати на работа, транзицијата ги исфрлила на улица и не бараат ништо освен работа. На новите господари на светот не им е мило што се поуверливо се покажува дека нивниот волшебен напиток не е за сите луѓе, дека за мнозина тој може да биде и отровен. На новите господари на светот не им е мило што и покрај се што преку масовните медиуми беше направено за масовно покорување на духот, се распламти разногласие и жестоки полемики. Досетливи, какви што ги дал господ, новите господари на светот сега мрморат дека веќе и не е толку важна демократијата, колку што е важна глобализацијата. Новите господари на светот сакаат да се помириме со доминацијата на незнаењето, но, тоа, сепак, ќе врви малку потешко. 

Глобалистичките ветришта не се нов, современ феномен, само што порано тие поинаку се именувале. Виорите на глобализацијата силно удирале и оставале видливи лузни и врз лицето на духот. Јазикот, како живо суштество, исто така е изложен на овие сурови ветришта, а речиси 4000 јазици во светот ја доживеале судбината на малата рипка која завршила во стрвните усти на големата риба. Но, има и пргави и жилави рипки, кои знаат да ја искористат својата поголема подвижност и да и избегаат од пред нос на големата, омлитавена риба. Во тоа катадневно надитрување што се вика и борба за опстанок, се раѓааат и нови вредности. 

Еве, на пример, цели пет века од таканареченото Отоманско историско време во мојот мајчин, македонски јазик – како зрна песок во клепсидра – влегувале туѓи зборови. Како резултат на тој процес, денеска во моите песни, на пример, ќе ги сретнете и овие зборови: ишарет, риџа, мерак... Нашите лингвисти нив ги нарекуваат архаизми, а тие зборови мене ми служат за нагласување на колоритноста на мојот сопствен јазик. Во најкуси црти, ете тоа е влијанието на петвековниот бран на тогашната глобализација врз јазикот на мојот мал, денес уште и уситнет народ. Сакам да речам: бил и поминал тој бран, а јазикот на мојот мал народ си опстана, ами како. 

И денес, во истиот тој мој мајчин јазик – пак како зрна песок во клепсидра – влегуваат туѓи зборови. Во моите песни нив ги нема, ама јазикот на помладите и најмладите не може да се замисли без таргети, дилови, стеџови, бекстеџови и други англизми, за кои, во речниците си постојат и прекрасни македонски зборови. Во некое идно време овие туѓи зборови ќе служат за нагласување на колоритноста на мојот мајчин јазик. 

И така, оттука до вечноста. Како што ќе доаѓаат нови глобализации, секогаш поинаку именувани, ќе се обновува и своевидниот двобој на наслагите што ги оставаат тие во дамарите на јазикот, некако слично на холестеролот и другите масти што се таложат врз крвните садови. Во тој историски процес несомнено се збогатува јазикот, па и мојот мајчин јазик. Само што никогаш не треба да се заборави дека од многу глава боли, па и од многу туѓи зборови во ризницата на еден јазик. Баш како што е неопходен таканаречениот добар холестерол во крвта и баш како што е фатален зголемениот лош холестерол. 

Во рабрануваниот океан на глобализацијата, на малите јазици им е судено да пливаат до изнемоштеност, ако сакаат да опстанат и да ја сочуваат својата самосвојност. Без разноликоста на јазиците, сите бранови би стивнале и сиот живот би станал едно огромно мртво море. Новите глобалисти не поднесуваат ни разноликости, ни полемики, ами безпоговорна еднонасочност. Тие од брегот сеирџиски го гледаат во морето само големиот бран – не знаат или не сакаат да знаат дека има и помали бранови и најмали бранчиња. Кога такви незнајковци во продавница за сувенири ќе купат од оние руски дрвени матушки, воопшто и не помислуваат дека кога ќе ја отвориш најголемата, во неа има и помала, и кога ќе ја отвориш помалата во неа има и уште помала, и се така до најмалата. Новите господари на светот многу би се радувале кога светот би го доживувале само на прв поглед, како нив. Кога би ги гледале само големиот бран и големата дрвена матушка. За среќа постои и она што секогаш и не се гледа на прв поглед. И ќе постои, наспроти дребноста. Така некако е и со јазиците. Та, сите ние знаеме колку големи дела се напишани и на таканаречените мали јазици.
See Older Posts...