Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров

ВРЕМЕ, НОРМАЛИЗАЦИЈА, АРШИНИ...


Ристо Лазаров


Како што врви човештвото, му натежнуваат заборавените наследства, па полните вреќа со такви (и слични нешта) ги остава крај патот - не само што тогаш немало Дрисла и други депонии, ами на некој случаен минувач да му се најдат. Оти има и чудаци меѓу случајните минувачи.
Товарот што го оставале крај патиштата, не бил претходно премеруван - и со драмови, и со аршини. Секое време си имало свои аршини, со ограничен рок на употреба. Со аршин од едно, не можело да се мери во друго време. Лесно е да мериш минато време со сегашни аршини. Друга работа е фајдето од таквите аршини, поарно да го прескокнеме, ако воопшто го има. Којзнае какво би изгледало, еве, ова, нашево време мерено со утрешни аршини?!
А одењето по патот нанапред, по правило, вели Кундера, бил еден вид нормализација на затекнатото а исчашено. Постои и една долга, богами и една не баш нежна полемика на Кундера и Хавел за нормализацијата, симплифицирано речено за реформите и револуциите. Поминало половина век од тогаш, таа полемика се случува по пропаѓањето на Прашката пролет (прегазена од руските окупаторски тенкови) и прашање е дали воопшто да се пристапува кон мерењето на тогашните аргументи со денешни аршини. Не се рекло џабе: сè во свое време. Макар што и виното кога ќе одлежи станува попитко. 
Чекорите кон нормалноста, всушност, се и чекори кон граѓанските слободи, кои некогаш (времето лета!) биле потиснати. Одејќи поназад во времето, пак ќе се судриме со потиснување на слободите - та, што правеле инквизициските орди? Фрлале миризливо цвеќе на плоштадите? Нормализацијата, создавајќи ја светската историја, пренела којзнае колку илузии од едно во друго време? И сега: оние што ја теглеле нормализацијата низ времето - илузионисти ли биле? Не ќе да е. Можеби не сфаќале до крај дека слободата и демократијата трајно ќе се градат, дека не доаѓаат преку ноќ, со првиот "јуриш!". Го знаеле најважното: големите идеи не умираат, а и не остануваат во вреќите крај патот. И кога ќе бидат згмечени на едно место, ќе никнат на друго - така е тоа со големите идеи, откога постојат. Реките течат со векови, а судбините се одигруваат на бреговите. За утре од нив да бидат заборавени. Како велеше Маркес: животот е само она што ќе остане во сеќавањето. 
Ако пропаднала една пролет, ќе дојде друга, ќе си се воспостави нормалноста (хармонијата) и така со ред: не постои несреќа што пролетта не може да ја исправи. Пролетните ветрови ја разнесуваат, витосуваат, потребата од одвишна верба: политичките фрази не се ломотат за да се верува во нив.
Нормализацијата некаде се крсти како победа. Зависи од затекнатото. Но, сака вардење од пијанството на победата. Опасен е мамурлукот по таквите пијансва. Оти, сегашната победа не гарантира и утрешна победа. И така со ред. Победата сака да е мислечка, сака катадневно обмислување. Пу-пу, скраја да е немислечката победа! Тогаш може да се зацапа во туѓа (но и сопствена) клопка, а истопорениот победник, херој, отпосле да види дека бил во служба на ништо, дека, всушност, бил идеалист без идеали. Или со некакви такви, од вреќите крај патот.

(Преземањето и преобјавувањето на текстот не е дозволен, освен со дозвола на авторот)

See Older Posts...