Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров

ПРОЗИВКИ


Земи тоа балтијата, секирата и удри по оној кој не е твој - ја национално, ја идеолошки, ја по некоја друга жичка од богатата ни живеачка. Ништо полесно од тоа. Потем белки следува честење - ладна бира, десетка со кромид, како по секоја успешно завршена работа. Транзицијата наша неодминлива и бесконечна, донесе што донесе, та донесе и прозивки, и рефлектори за осветлување на оние што не се  "по мерка". А мнозина не се по мерка, само зависи во која власт или полит-гарнитура е метрото. Се разбира и некои писатели и други мислечки луѓе не се по мерка, што е сигнал за плукање - ја од некои високоспецијализирани комисии, ја од некои нови политбироа, ја од некоја шакичка изгубенковци што не толку одамна, случајно, биле зграпчиле поголемко парче од погачата на власта. Тоа што меѓу исплуканите има без вина виновни - па, тоа сега му доаѓа како доказ дека насловите на некои класични литературни дела не соодветствуваат на современите мерки, метра и мерачи.
                 Различните плуканици на загарските нафрлачи и лајачи (прозивачи), предизвикуваат различни последици. На идеолошките некако им минува модата, тешко да најдете некој кому сега, скоро по чеврт век транзиционо напредување и ослободуваље, му звучи вознемирувачки етикетата "комуњари". Одбиј на глупоста и толку. Но, не е така, на пример, со прозивките по национална линија. Тука се прават безумни засеци, се прави бескраен полигон на делбите( од стадионите до највисоките научни институции), се отвораат рани што тешко зацелуваат.
                  Од делбите, од тие поројни и споулавени дождови кои сакаат минатото што не е по нивна мерка да заврши во цевките на одводната канализација, не се поштедени ни писателите, ни нивните книги, никој. Пред некој ден, среде скопското ту сончево - ту дождливо секојдневие, со блиски белградски пријатели, сосема случајно, скокајќи низ муабетот, застанавме на Оскар Давичо и неговата пост-комунистичка судбина. Давичо - грамаден поет, еден од најголемите во современата српска литература, наеднаш исчезна. Туку така под облака. Од мал милион причини - идеолошки и национални. Бил комунист. Точно. И денеска, на пример, во Европскиот парламент, а и во некои национални собранија, седат комунисти. Ама не бил Давичо и Србин. Точно. А автор е веројатно на најубавата песна за Србија. Башка, се' што напишал во животот, од првото љубовно писмо до прошталниот стих - напишал на српски, српско-хрватски. Последниве години, велат белградските пријатели, равотите си доаѓаат на место, во нормала: објавен е обемен избор од поезијатна на Давичо, се подготвуваат и други изданија, критички студии... Најден е вистинскиот одговор на прашањето: кога тоа било важно каква национална и идеолошка припадност имала добрата песна?
                Пријателите уште не си беа заминале за Белград кога и тука, кај нас, се случи една слична прозивка. На сугестија на помладите колеги деновиве фрлив око на еден маргинален сајт на една минорна и безначајна партија (ем ВМРО, ем народна, а неодамна и коалициона). И кога ќе видам, што ќе видам: од сите страни сардисан нашиот струшки венценосец, академик, автор на повеќе книги напишани и преведени на македонски отколку што авторот на писанието за него знае букви. Демек: големиот македонски поет Матеја Матевски, ај што не бил Македонец, туку Албанец и цел живот го криел тоа!?
                 Лимените оркестри, кои сакаат да ја постројат историјата и таа да чекори како што ќе свират тие, пак се огласија. Како оној пат кога пред парламентот логоруваа и сал туку се дереа: ,,За Шиптари гасна комора", а уште пред тоа, кога истите такви оркестранти маршираа низ Струга со транспаренти: ,,Смрт за Блаже Конески!". Неоти некој нормален ги слуша таквите ветви фалсови на старите труби. А тие, трубачите, си се замислуваат кутрите, како луѓе низ чии филтри треба да поминеш за да ти се признае дека си Македонец, црно на бело, со патриотско пуслуче. А нашиот поет нема напишано ниту еден ред на друг јазик освен македонскиот и е еден од носечките столбови на меѓународната афирмација на македонската литература и култура. Заради што и оваа (како и сите други прозивки, а во овој текст за нив, за сите станува збор) личат на врвна креација на фантастичната литература, како што еднаш беше бил рекол Борхес. Ама прозивките не се од литературен вид, ами штрби дрдорења и лагИ, посолени со неопходната доза на национализам, фашизам, што ли.
                За објаснување на последнава прозивка доволно е во енциклопедиите, википедиите и во учените книги да се побара поимот Шкрети и секому се' ќе му биде јасно за етничките Македонци кои во деветнаесетиот век, останувајќи верни на својата христијанска вера, пред налетот на исламизацијата, го примиле Албанскиот јазик, а самиот збор Шкрет означува Словен.
               Гледаме: прозивките си течат, една по една, такаречи оттука до вечноста.
Станува неважно што валканиот не го бива за чистач, инаку самиот би бил чист. А важно е што ваквите прозивки, лустраторските егзибиции кои од почеток служат за подбишега и другите сличнинзакачки, го зголемуваат производството на омраза, нивото на валканата река во која, еден по еден или сите топтан (сеедно) ќе се удавиме сите. И нашинци и туѓинци.
                   Речиси секој ден се гледам со еден мој пријател, кој не е Македонец, а сите книги му се напишани на македонски јазик. Во која графа го водат него загрижените Македонци или, Албанци, на пример? И секогаш кога ќе се видиме се прашувам (понекогаш и него, и други прижјатели) како тоа меѓу нас индивидуално се да се врви нормално, а на глобален план да не стивнуваат метастазите на нерпението и омразата? Кој е мајсторот на ова второво? Се врати ли времето на изјаснувањата кои треба да произведат двоен ефект: ем страв, ем нетрпение? Тоа ли е таа фотомонтажа на минатото, таа примитивистичка благодарност?
                  Прозивките, несомнено одмазнички, се вооЧлива црна сенка во нашето ново време (што не значи дека не биле иж во минатото време) во кое се ројат темни облаци и восочни мисли. Време во кои разно-разни дунстери ги кршат (со тапи од славеничко шампанско ли?) еден по еден, нашите духовНи  лустери?
                 Можеби еден ден ќе научиме варен сложно да заплачеме?

Ристо Лазаров
15 јуни 2013
See Older Posts...