Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
САМИ ВО МРАКОТ
Saturday 09 Nov 2013 01:34 | Permalink
Мал есеј
САМИ ВО МРАКОТ
Замрачувањето на сонцето е природна појава. Доаѓа и си заминува:
кога бевме деца го гледавме со зачадени стакленца, сега за тоа има модерни
очила. Но важно е што замрачувањето секогаш трае колку што трае, како еден од
безбројните докази на минливоста. И кај Марко Цепенков има запишано една: се
отвора темница, се затвора темница... А и народот, сетики, не вели џабе:
дури на едниот не му се стемни, другему не му се разденува. Призвучува и како
дијалектика на животот.
Но, има огромни мрачни полиња создадени некој да си игра
мижитатара со народот. Цели епохи протатнуваат низ полињата на мракот, неброени
луѓе се заточеници на мижитатарата. И денес.
Секој мрак си има свои господари, фанатични вљубеници во
мижитатарата. И си мислат, господарите на мракот, дека баш мракот е ќебе за
покривка (преку глава) за сите нивни валканици, скривница за сите нивни
валканици. Не знаат (или не сакат да знаат, толку да им чуе) дека нема
валканица што на крајот на играта не излегува на виделото на денот. Како што
нема лудило, што на крајот на краиштата, ако не бива поинаку се спаструва во
лудница. За тоа се лудниците - за згрижувања на лудилата, од секаков вид.
Господарите на мракот си мислат дека се ем недопирливи, ем вечни.
Двојна самопрелага. Воопшто не го разбираат значењето на минливоста и на
празнината во која цапаат и што оставаат зад себе. Ветер им влегол во главите,
вејки на ветрот.
Недопирливоста, нели, подразбира оддалеченост од животот и на
госпорадите на мракот баш им е фино во таа оддалеченост. Наложуваат да се
градат нови и нови тунели, нови полиња на мракот. Заслепени и аздисани, не
можат ни да претпостават дека низ тунелите што ги градат за другите, всушност,
самите итаат кон сопствениот крај. Добро, најчесто треба некој и да ги поттурне
на тој пат, да поитаат. Некои патишта се именуваат: пат на свилата, пат на
виното... Има, има и пат на кутрулот. Поплочен со гласачки ливчиња, на пример.
И со негување на отпорот.
Некои господари на мракот градат посебни тунели и полиња за
посебни еснафи. За медиумите, на пример. Денеска, при толку сателити и
електроника! Личи на бајрам со умот, ама понекогаш успева. Тоа како посебно да
ги развеселува господарите на мракот: цел еден еснаф да турнат во нивните
тунели. Ако не милум - силум.
Само на прв поглед звучи парадоксално: секој мрак, па и секоја
празнина, си има своја боја, со различен интензитет. Нема безбоен мрак. А има
полесно и потешко совладливи мракови. Ама, сепак, совладливи. Им нема спас,
дури и кога еснафите, медиумски, на пример работат ударнички, ѓоа доброволно,
од силна верба. Кога ќе видиш, поданик без силна верба и не се бидува. Прават
секакви гунгули, најмногу такви што ги веселат господарите. Отпосле може ќе се
каат, ама отпосле е доцна, после мракот нема каење.
Во мракот, опкружени од сопствената фела, можете да се најдете и
сами - во одбрана на фенерчето што го осветлува образот на професијата. И што
интересите и правилата на професијата ги става над се'. И како скромен доказ за
тоа дека мракот не е семоќен и бесконечен. Таквите осаменици ги забележуваат
дури откако ќе аплативно ќе се види заканата од најтотална темница и им
поставуваат недоветни прашања - те како опстануваат сами, те како се опираат на
тежеста на мракот... Прашувачите или имаат кусо паметење, или не сакале да
видат дека осамените, всушност, отсекогаш си биле такви, само не им биле во
видното поле на прашувачите кои, можеби, биле зафатени со други активности,
навивачки можеби.
Понекогаш, како се курдисани, така размислуваат и прашувачите.
Сакаат околу опстојот на фенерчето на осамените да сплетат разни црно-бели
приказни. Ги фалат, не дека не ги фалат осамените, ама не ја потскриваат
мислата дека некој друг им ја крепи осаменоста. А работата е проста како грав:
приврзаност кон правилата на професијата и точка. Тоа не подразбира
безгрешност, ама не подразбира и задолжителна припадност на навивачки групи. За
независен еснаф првин требаат независни глави, потем може да се распредуваат и
приказните за сопствениците, пардон, "газдите" на еснафите. Медиумите,
де.
Да бидеш осамен среде општата хистерија, не значи да бидеш
догорче на времето. Можеби повеќе жарче на некое ново време, без тунели и
полиња на мракот.
На свој грб чувствуваме дека освен осаменици во која и да е фела,
медиумската на пример, се случува да има осамени и цели општества, додека други
општества сеират надмено и се прават дека не догледуваат баш најдобро, а ја
гледаат и на ѓаволот дупката. Едно е да гледаш, друго е да се правиш дека
гледаш. Лесно е да се правиш на три и пол: на општествата, како и на фелите во
општествата, кога им претежнува мракот, кога навистина им е многу тешко - им се подава рака. Не валкана.
Знаеме, не дека не знаеме: секој мрак завршува како капка
ентропија, се распаѓа и го остава зад себе смрдежот на распаѓањето. И
празнината си остава свој смрдеж. Има недобројни видови смрдежи.
Не, навистина нема мрак што вечно трае, како што нема ни школка
што не се отвора.
Ристо Лазаров
09.11.2013