Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров

ЦРНОРИСЦИ КУКАВИЦИ


Приказната за Црноризец Храбриот е исправена во историјата. Современиве наши црнорисци се кукавици од највисока категорија: немаат ни микрон светлина ни во очите, ни во душата. Зад поданичкото егзекуторство се кријат вистинските налогодавачи, како самите да си знаат дека немаат образ за покажување.
Затоа оваа нашава, тешко ја бидува без капки страв во кислородот, без густи и темни облаци на очајот. Некои облаци се градоносни, пустошат по полињата на цивилизираната живеачка, дерман се нема од нив, ама, изгледа се преценуваат кога си мислат дека и чаре се нема од нив. Денес тешко да те тресне мака, а да не може да се најде чаре. Во дваесет и првиот век сме, сепак.
         Облаците на очајот имаат некаква специфична улога на патокази – ги насочуваат црнорисците, а тие се котат правопропорционално со облаците на очајот. Над таквите облаци – господарите-алхемичари, кои очајот го преименуваат во општонародна среќа. Поточно, го прекрстуваат, оти господарите-алхемичари многу љубат да се прикажуваат како се крстат. Затоа и одат в црква, да ги сликаат како се крстат. Личотии едни, уште за сликање се!
         Црнорисците, значи измеќарите на господарите-алхемичари, не би биле црнорисци ако не се прикажуваат како осветлувачи, небаре носители на олимпискиот факел. Направи првин политичка чадна завеса, па после дувај, дувај од силно посилно, да се расчисти чадот, да блесне светлината. Нивната, црнориската светлина.
         Црнорисците се љубители на страв и покорност. Инаку те лапна ламјата, ти ставаат се што имаш да блеска на најсветлата светлина. На таквата светлина се ничкосува приватноста, ама буи омразата и одмаздата, како чудотворен лек за некакви црнориски фрустрации од детството, за некакви заблудености од сегашната моќ. Ни се може и што ни можете – е еден од главните подвижнички лозунзи на црнорисците, ѓоа осветлувачи.
         Црнорисците, ѓоа осветлувачи, предат како стари, црни мачори. Ѓоа отпетлуваат историски клупчиња, за сметка на сегашноста и иднината.
         Црнорисците, ако без никаква потреба ти тропнат на врата и ги избркаш, каков што е домаќинскиот ред, ќе измислат потреба и ќе се обидат да ти влезат низ пенџер, низ оџак, низ ќенеф, ако така е речено. Само забораваат дека мнозина не се плашаат кога ќе видат глувци, стаорци мизерни, црнорисци.
         Пак се на оро црнорисците. Им потскокнуваат крастите. Веселнички, туку така, на оро (за ,,шизење” не ги бива) смислуваат нови основани сомненија. Дела не се потребни, и сомненијата вршат работа. Сега да се правело толку масраф за некакви тајкуни и комуњари – дваесет години по падот на комунизмот!
         Насладата на црнорисците е комплетна кога ќе им дадат табло и на него ќе лепат што сакаат, кого сакаат, колку сакаат. Тамам толку, колку латетно да се ќеифлии господарите-алхемичари.
Во меѓувреме, мнозина од веќе подготвените за истопорување на интернет-таблоите на црнорисците, сфаќаат дека подземи им е каде-каде подобро отколку во шуплите глави на црнорисците,а и на нивните господари-алхемичари. Црнорисците тофаш збеснуваат, ако треба ќе смислат пропис што нема да ги остават на раат ни оние подземи. Нема бегање од раката на црнорисците, едно време некои од нив се перчеа дека долга била таа рака.
До кое колено? – се прашуваат оние подземи, или оние кои веќе кинисале по нивниот пат. Оти, нели велат дека мисијата на црнорисците била света, помирителска? Првин силеџиска, па помирителска?
Сега би можело цинично да се каже – лесно им е на оние подземи, навреме го фатиле патот. На другите, пред наездата на црните стаорци, им преостанува прашањето: што ќе донесе утрешниот ден? За задутре е рано да се мисли.
Шуќур што на црнорисците не им се свртеле в глава границите. Тие се отворени, а гледаме, штоако со натажени очи, дека младите знаат што да прават кога се отворени границите, додека црнорисците, ѓоа осветлувачи, веселнички потскокнуваат на своето оро. За ,,шизење” сепак нема да ги биде – ем им е таква семката, ем им е доцна. А можеби им е и рано, отшто тие љубат да живеат во минатото. Во сметилиштата од минатото исе уште има место за секаков, па и ваков безумен активизам и занес, кој исцело треба да се игнорира. Со една попатна напомена: си доаѓа, кога тогаш, колце на тркалце.


Ристо Лазаров
11 август 2012
See Older Posts...