Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
Saturday 22 Jun 2013 02:27
| Permalink
ОДЛЕВАЊЕТО НА ЈАЗИКОТ И ОДБРАНАТА НЕГОВА
Забрзаниот тек на времето ги излижа толкувањата за уметникот како совест на општеството и ретко кој веќе се држи до тоа како слепец за стап. Но, тоа, пак, никако не значи дека уметникот е некаков вид неидентификуван летачки објект во густите облаци на стварноста. Од дамнина држам до тоа дека уметникот секако мода да се допира со животот, таму каде што се ројат безброј прашања.
Едно такво прашање, овде и денес, е јазикот наш, македонски. И не сака никој да се уверува дека тоа не е само уметничко и лингвистичко, ами национално прашање од првокатегоријална важност. Грижата за јазикот, борбата за неговото зачувување, отсекогаш се броела и ќе се брои како света должност, секогаш имајќи на ум дека има илјадници исчезнати јазици, дека семејството на тнр. мртви јазици е пошироко од она на живите. Колкави сме ние, толкав ни е и јазикот. Белки се подразбира дека сака вдвојување, втретување на грижата и напорите за зачувување и сочувување на јазикот.
А еве, заглушени од зурлите и тапаните на патриотизмот, како да не видовме, како да не гледаме дека ни се одлева јазикот: се иселиле над двесте илјади нашинци, а иселувањето е во тек, реката си тече и отпосле тој тек тешко се врти наназад, кон изворот. Таму некаде, кајшто се посоките на одлевањето, порано нарекувани јабана, таму, значи, нашиот одлеан јазик има најмногу половичен живот. Секому му е јасно дека причините за одлевањето се пред се' економски, а и дека таквите гајлиња не се решаваат со празни патриотски тиради.
Додека трае одлевањето, тука на дело е поплавата од англизми ( се прават "дилови", случките си имаат "стејџови" и " бекстејџови") и други тнр. интернационализми - станува се’ повоочлива и загрозата на кирилското писмо. Додека трае одлевањето, со години веќе - од Охридскиот договор наваму - респектабилни политички фактори на уставно дефинираните етнички заедници, упорно ја заговараат идејата за два службени јазика на територијата на цела Македонија. Не се со кусо паметење, ама, ете, забораваат дека Охридскиот договор се преточи во Уставот на Република Македонија, без наметнуваање, ами со договор, баш оној Охридскиот. А во Уставот: "на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо". И уште во Уставот, сетики за уточнување на правните аспекти: "... во единиците на локалната самоуправа може, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо - да стане втор службен јазик и 'јазикот на граѓаните кои сочинуваат најмалку 20% од граѓаните". Се подразбира дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, макар што на други примери сме се изгореле, па сега мораме да дуваме и на маштеницата. Од друга страна, се подразбира дека јазикот, токму јазикот, е конституитивен чинител на секој национален и културен идентитет. Откога постојат нациите и културата.
Воопшто не е за срам и за покорност пред "големите" тоа што говориме и пишуваме на еден тнр. мал јазик. Тој факт, меѓу другото, кај нас ја крепи свеста за тоа дека баш кај малубројните нации јазикот е средишен и носечки, незаменлив столб на идентитетот. Неговото поткопување, нарочно однатре, никако не смее да се занемарува и допушта. На пример, со верувањето дека стопати повтореното барање ( за два службени јазика. на пример) е автоматски праведно и логично. Во спротивно, лесно ќе се урниса целата градба, а наивните ќе си мислат дека така требало да биде и дека тоа урнисување спаѓа во редот на оние урнисувања сами од себе. Некако, станува неподнослива леснотијата на смалувањето и тоа треба да се запре. Без да се заборави дека и некои идеи за зголемување, всушност, го забрзуваат смалувањето.
Ако се исклучат политичките преповторувања за двојазичност на целата македонска територија, има ли воопшто кај нас расправа за ова? Кој рекол, разборито и разумно, дека наметнувањето воопшто не е облик на разбирање и дека заедничката живеачка не е емисија за исполнување на желбите само на едните? Кој бере гајле за македонскиот јазик, за неговата судбина и иднина? Што е за право, и Македонскиот ПЕН центар, и Друштвото на писателите на Македонија, во повеќе наврати упатија јавни предупреди на оваа тема. Тие се трајни и чинам не е нужно севезден да се повторуваат. Ама, нив не треба да ги паметат само писателите, туку оние кои треба да дадат јасни одговори за тоа зошто едно нелагодно чувство ја притиска македонската култура и јазик? Дали тоа чувство може да се изроди во хронична и опака болест? Некој умен беше рекол дека писателот мора да води сметка не само за јазикот, ами и за изнаоѓањето вистински однос кон јазикот. Спомнувањето на должноста на писателот не е правење заслон за оние кои имаат реална моќ, напротив. Народот ја бира власта за да го штити Уставот. Впрочем и
оние кои си тераат ќеиф со неумерени барања и постапки, и оние кои се прават
дека ништо не виделе и не чуле, положуваат заклетви токму пред тој Устав.
Народот плаќа и многу други државни институции (народен правобранител, на
пример) за да ги заштитува правата на сите. Не за едни мајка, за други маќеа.
Созреавме ли достатно, сите во Македонија, за да можеме со сласт да и се радуваме на нашата заедничка стварност? Вистински ли е коренот на таа радост без свеста за "јас"? Бива ли да се биде "ние" без "јас"? Бива ли без "јас" да се разбере суштината на судбинското вкрстување на јазиците и културите, ама и опасноста од урнисувањето на носечкиот столб на еден национален идентитет? Бива ли надлежните и овластените да не знаат дека "јас" не трпи половичност, плашливост, срамежливост?
Самото "јас",
пак, да не негира ничие право на "јас", а сопоставувањето да не биде "јас па јас", ами да има и смисла и мерка. Како што при соочувањето со касиерот во која било самопослуга не може да викнете "јас" и со пет банки во џепот да изнесете стока за пет милиони.
Има ситуации кога поединци, па и цели народи се согласуваат, што се вели, "по навика", понекогаш и да не се крева многу ѓурултија, да не се прават непријатности. Одбраната на јзикот (и на знамето, секако) не е таква ситуација и бара кристално чист одговор на прашањето - каде е, во чие чекмеџе, клучот за нашата иднина? Не ни прилега да се правиме недоветни, како што не ни прилега да се правиме мамурни при толку скусени мераци. Иднината во која би се нашле, духовно банкротирани, во некаква испревртена ризница на нашиот јазик - иднина ли ќе биде? Живеачката и онака ни е пренатрупана со пукнатини, а низ пукнатините, ако се ѕирне поасолно - валканици, колку да сакаш. Наши валканици, а и увозни валканици.
Сите знаеме колку досегаат локалните, партикуларни културни вредности, а колку универзалната култура му дава белег на секое време. Знаеме, де, дека не се пие вода само од својот извор, ама и дека не е разумно кој и да е да плука во него. И сите го знаеме аманетот на Мисирков, како и онаа на Блаже Конески дека "јазикот е нашата татковина". При што, не е
одвишно да се подвлече дека јазикот, всушност, не е татковина само на една
нација. Се работи за највисока демократска норма на нашата држава. Без јазикот не би биле тоа што сме, исто како и без татковина. Секоја татковина треба да се варди од какви и да е угрози. Вадењето очи, јасно, не е вардеж, ама, јасно, ни молчењето, ни мижењето не е вардеж. Власта, пред се’, мода да биде првиот и нескршлив вардач
на Уставот во кој нема ништо нејасно и недоречено во однос на статусот на
македонскиот и другите јазици. Другему, загрижен, само на прв поглед може да му изгледа дека нa овој пат има многу пречки, свиоци, угорници, тадури дека и
нема некој асолен пат. А секој, всушност, патот го носи во себе, веќе вложен во иднината.
Ристо Лазаров
22,06.2013