Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров







ИСЕЛУВАЊЕ НА АНТИФАШИЗМОТ


Има една песна нашинска, партизанска: Од Вардар до Берлин, голем шум се крева... Сега завладеал молк над Вардар, магли и правои, магла, магла, сегде околу нас, што вели една друга песна, екс-југословенска. Не е до песните, се разбира, макар што тие понекогаш кажуваат отповеќе. Времето е сериозно, тревожно.

На оние кои гинеле со песна на уста, на победоносците, сега што си го крепат чекорот со бастум, со болештини на плеќи, воопшто не им е до песна. Сега ним им држат проповеди за Трст и Владивосток, им проповедаат баш тие што сакаат да ја снема историската и победоносната посока до Берлин. На сила се сака да се смени и посоката на тркалото на историјата, како што дочекавме, еве, победоносците, преостанатите од македонската антифашистичка војска, во својата татковина, од своите - да бидат исфрлени на улица, на стари години да им нудат пелин за докусурување на спомените од победоносните дни, на спомените од Февруарскиот поход, од Фуштани и од Славеј Планина, од Ваташа и од Дабница, од славна Дебарца... каде ли не стапна народната, партизанска војска! Некои батки, демек, се досетиле (транзицијата е како измислена за досетливите батки) по судски пат да ги избркаат борците, преживеаните македонски антифашисти од Втората светска војна, од работните простории во Инвалидскиот дом во Скопје. И сакаат итроманите батки да ни ја шитнат нивната прикаска дека баш тие имаат тапија на зданието во центарот на градот  и дека овој безобразлук е чисто нивно дело, бизнис зделка и со него никој друг нема врска. Ви се молам! Судството ни било толку независно, што власта не можела тука ништо. Освен, да гледа сеир, а еве, веќе излегоа на виделина и текстови дека ја мерка зградата во која сега се наоѓаат борците, за некакви потреби - ја партиски, ја приватни.

Иселувачите, сега обезличени и низ одлуката на Врховниот суд за ревизија на судските пресуди, не сакајќи ја отворија пандорината кутија за третманот на фашизмот и антифашизмот во македонското совремие. Зошто толкаво запенување на устите на толку млади  луѓе чиешто легитимно право е да бидат десничари, ама чија што човечка и политичка обврска е да не плукаат на антифашистичкото минато, на единствената победа на востаничка Македонија? Од каде толку омраза за оние кои и по победата го изградија она што досега ја красеше татковината, а сега сака да се ничкоса со барокни керефеци? Оти биле комунисти?  

Фашисти и антифашисти се ставаат на исто место, едни до други, во ист музеј, оти, замислете - какви биле да биле - наши биле. Башка и зашеќерените прикаски за помирувањето - и тоа такво, што поразените ќе ги јавнат  победниците. Како баш тие, победниците (а комунисти) да и го нанеле сето зло на својата татковина – за нивните недела се изгради Музеј на жртвите од комунизмот, за други се донесе закон за колективна амнестија! Деократски. На пазарите уште се продава и фалшива историја, ама неа тешко кој го знае фашизмот како општо и апсолутно човечко зло, може да ја проголта како вонвременски клен. Притоа, се подразбира дека и комунистите не биле безгрешни и за тоа треба да се говори јавно, ама не и хистерично.

Кога се расправа за фашизмот, не треба да се превид дека е тоа деструкција на индивудалното и од тој визир, некои тукашни силења ја добиваат својата вистинска димензија. И од тоа нема бегање. Перчењето е минлива работа, лесно расиплива стока.

Антифашизмот, се разбира, е негација на фашизмот, ама не негација од немајкаде, не проста негацижја заради негација. Попрво станува збор за една смислена и активна реакција, која пред себе, наместо темнините на минатото и конзервативизмот, ја има иднината, модерната иднина, во која нема место за фашистички отпадоци.

Гледаме, ширум светот, фашизмот крева глава. Гледаме, ширум светот, расте свеста за потребата од одбрана од фашизмот. Тоа е, всушност, одбрана на придобивките на модерната цивилизација. Не попусто некој беше воскликнал: антифашизмот е триумф на човештвото, бележит триумф! Наспроти бележитото варварство на фашизмот.

Само тесноградите и незнjковците ставаат знак на равенство меѓу антифашизмот и комунизмот, мислеќи си наивно, дека така ќе го деградираат и докусурат комунизмот. Јок џанам, не се тоa ни вистински, ни добронамерни диоптри. Никој не може да му го симне на антифашизмот ореолот на општочовечко цивилизациско добро, а најмалку некакви  транзициони батки.

Многу време изарчивме дури да се разбереме дека, во случајов со иселувањето на борците од Инвалидски дом, не станува збор за обичен имотно-правен спор. Државата има историска обврска да не биде сеирџија и нем сведок на понижувањето на последната колона од македонските антифашистички сонцељубивци. Ветераните заслужуваат висока почит, без остаток.

Помагало не помагало, сепак сака јасно и гласно да се каже: срам да им е на батките и нивните пајташи што се неранимајковци и бездушници кон прекрасните старци на кои им го борчиме најсветото - слободата. А и срам да ни е на сите што го трпиме ова малтретирање врз нив. Ете, со таква мисла им се придружувам на борците од НОБ во една од нивните последни битки - за својата чест и образ, но и за честа и образот на победата,  на татковината и иднината.

Не попусто во мигoв ми доаѓа да кликнам: смрт на фашизмот - слобода на народот! И да застанам, и на овој начин, зад централниот транспарент на протестот на македонските антифашисти: NO PASARAN!



Ристо Лазаров
19.12.2012
See Older Posts...