Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
Saturday 02 Jun 2012 08:39
| Permalink
ИДНИНАТА
VS МИНАТОТО?
Ако се преврте метафоричката пирамида на поетот, а и без
тоа, би можело да се рече дека
иднината не е само она што ќе дојде. И притоа да се има на ум дека топлата вода
е измислена уште од векутума века: на мнозина можеби им викале џиш пред да
брцнат во топлата вода, ама тие не се обзирале. Така некако почнувал секој
устрем кон иднината. Безбели, и денешниот. Толку изарчен во дневните
препукувања на ривалите, ако воопшто можат да се наречат така.
Денес
ни со боринка не се наоѓа некој кој ќе одрече дека иднината е почната, дека ене
ја, доаѓа ли доаѓа. Ем доаѓа, ем потсетува дека – што веќе доаѓа и ќе дојде –
треба да се преживее. Иднината ако не се преживее, ич да не доаѓа, ич да не се
закачува на тркалото на животот, кое се разбира, не е еднакво со тркалото во
луна паркот. Дотолку барем сите се одбираат, разбираат. А во тркалото на
животот било и ќе биде: старото станува ново (и без паролите од старото да
создадеме ново). Е, сега: новото ќе стане ли поново? Секогаш? Како и колку
новото се преточува во иднина?
Во
катадневната бркотница има многу сонувачи, асли сонувачи. Ама има и мнгу
визионери, самопрогласени визионери. Кои си ги љубат само сопствените соништа,
добидус. На другите им допуштаат да сонуваат бело. Бели соништа, бела иднина?
Или безбојна? Многуте соништа и визии, какви-такви, не значат автоматски и
иднина. Како што од секое врбово гранче, тадури и од оние кои поседуваат
заштитен знак на паметник, свирче не бидува. Јок.
Иднината
сака да се препознае. Овде и денес, без одлагање. А сака и да се освои
иднината, оти не доаѓа на волшебно килимче. Сака да се изгради иднината – зо
разни алатки: од гребло до багер, од дикел до забревтан кипер. А не сака да се
позајмува од иднината, сами си го мамат умот тие кои мислат дека можат да ги
вратат тие позајмици.
Кога
се сака иднината, што всушност се сака? Тераса, Гоцева раса? Мирисот на
бронзата, студенилото на мермерот? Се разбира дека не е сранота да се сака, ама
сака понекогаш да се има на ум и крајот на една народна за Грозда мома: што се сака, не се зема.
Иднината
понекогаш прилега на спортски натпревар: од прошуштени шанси не се прави ни
победа, ни иднина. Шансите се создаваат (понекогаш и подаруваат) за да се
искористат.
Иднината
не се наметнува. Тогаш е тоа само иднина на оној кој наметнува. Иднината не се
прави и за инает, ни со вишок тврдоглавост. Во тркалото на животот што се врти
кон иднината, понекогаш не треба да се попушта, ама за тоа сака голем усет за
врме и за вредноста на мигот. Понекогаш, пак, сака и да се попушти, пак во
вистинскиот миг. Ако не, ојде возот и сака ново окапување од неизвесност на
стариот железнички перон. Цуцул стои на перон, во името на иднината!?
Не
е лошо од време на време луѓето да се потсетуваат дека самите си ја грицкаат
иднината, како грисини на некоја евтина гозда или како пуканки в кино. Кога се
грицка неконтролирабо, ти се чини
дека грабиш кон иднината, а всушност, се враќаш назад – назад во иднината!
Арно
де, грми врви – патот врви. Стига ли е сал еден пат? Патишта без умешни трасери
се прават ли? При толкуте дрдорења за иднината, помислува ли некој на децата?
Создаваме ли деца на иднината или деца на минатото?
Вечна
е трката за водачи во иднината. Небаре е тоа да фатиш дете за рака, па претрчаш
некое парче зеленило што останало на патот кон урбаната иднина. Не е мала
конкуренцијата и за водачи во сенка. Поарно во ладна ладовина отколку на гола
ледина, згора и не разорана. Иднината има се помалку фајде од орачите. Доцна се
разбира, во некоја далечна иднина, дека не бива така.
Ако
не бива од старите митови, бива ли иднината од некои нови, таканаречени
глобалистички митови? Сам човек колку може на овој бели свет застанат на мостот
кон иднината? Особено кога знае дека џабе ќе врви преку мостот, ако пред тоа
нема едно големо и асолно прочистување? Иднина од валканици не се прави.
Уште
колку може и се поднесува ли воопшто чекањето на иднината? Или и таа самата,
иднината, ќе збрлави отшто толку ја чекаме?
Запнете
малку, изострете го погледот: вистина ли врви возот напред, кон иднината?
02.06.2012 Ристо Лазаров