Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров

Во речникот наш, македонски, зачнат во "комунизмот", сега доправен и допрва што ќе се доправа (јазикот, нели, беше жива материја), во речникот наш, значи има еден збор - зелник. Којзнае што им значи на најмладите и како тие се справуваат со него и неговото значење. За постарите колај бива: од дални сиромашни времиња (ѓоа сега сме богати!) знаат дека кога се крши зелникот, секој гледа да се докопа до поголем комат. Желни за зелник, пустото. А зелникот не дека не сакал многу мастраф: баба дур го месела зелникот, цела каца масло истурила - така некако вели една народна песна, ај нека биде и шегобијна, ако во тоа е утехата. Се случувало, ќе сретнете кај Цепенков, некогаш нешто да кркне додека се пече зелникот: сите велеле жаба е, Попот велел мечка е и си ја спраштил низ оџак, толку што бил ачик. А не бил само попот мераклија за зелник, недобројни биле тие, мераклиите, и тие си останале така и да ги викаат - зелникари. Многу отшто сакале да јадат зелник. Не да месат. Додека да крекне нешто во зелникот, тогаш - секој на своја страна, секој со својот комат. Едно обично крекање не може да нè одржи збрани, на купче.
Лизгајќи се, речиси вртоглаво кон европските маргини, ние дури сега, во неволја, забележуваме дека зелник се римува со -желник. Римата како рима, сега не е важна - само потсетува дека имаме сè помалку зелници, а сè повеќе желници. Желен народ станавме, не се престоривме.
Не можеш асолно да се разминеш на улица отшто талкаат толку многу желници, легитимни претставници на желниот народ, на желните граѓани. Од време на време, како сега, нив ги има под шаторите распнати пред Владата и пред Собранието. А и на други места. Има желни за слава и ореол на глава. Има желни за власт и тие се вон категорија. Има желни за корка леб (кога веќе немаме за чоколада) и нив никој не ги есапи во ниту една категорија. И тие се опачина на вон категоријата. Има желни за пари, за суво злато, желни за љубов.
И желните се скриле во долговечните сенки на Цепенков. Да ми ти биле тие желни како лен за вода, како босилек за роса. И да ми ти имало меѓу желниците еден Пејо: ситне овчари вечерале, само желен Пејо не вечерал. И сега нема желна дружина без желен Пејо, а овчари има, овци уште повеќе. За стрижење.
На некои желници, баш денес, ич не им е гајле што ќе излезе под капакот на големата дупка над која стоиме како на гробишта, колкава и каква смрдеа и реа - толку се транспарентни што воопшто не ја кријат својата желност ли, алчност ли. Рибата, што се вели, уште во морето - тие веќе ги токмат тавите. Едно без друго не оди: и на нероден Петко капа треба да му се стокми. Нека биде капата поголема од главата, не пречи оптичката мамка. Колку поголема капа, толку погоре по мердевените на моќта.
Желниците удираат таламбаси за братска делба и за тоа што не е баш братско дело и имот. Барем некоја мрвка да дофатат, ако се може. Некогаш одамна се велело: за тоа ли се боревме!?
Наспроти желниците, некои си ги чешаат мешињата. Од пуста желност, желниците не можат да го видат. И не можат да дочујат дека баш сега, кога се крши зелникот, оние кои си ги чешаат мешињата сакаат да остават впечаток дека баш им е гајле што крекнало во зелникот: напернати, велат дека го признаваат само судот на Партијата. Патем, желниците имаат ли Партија?
Желниците поставуваат. многу прашања, а би требало да знаат дека во право е само оној кој ја открил и кој е сајбија на вистината. Оној кој во овие жешки времиња е нагрнат само со вистината - не со свилени и други маици со крокодили или други претставници на животинското царство, наместо џепче од левата страна, тука некаде околу срцето. Баш личи: крокодилче околу срцето, оти има многу желни и за крокодилчиња (и за други амблеми). Не само на летните маици.
Се разбира, има и желни за тоа да се стави долготраен мораториум на желниците и алчниците. Да се погледне времето директнов очи. При што не е важно времето и околностите само да се гледаат, ами и како се гледаат.
Кога ќе го насетат крајот на битката, желниците ги креваат главите, како желките од нивните оклопи. Да го видат поубаво пленот. По битките, нели, сите се генерали. Ем генерали, ем јунаци. Сенека, додуша, на времето беше бил рекол дека храброста е желна (пак желна!) за опасност, ама сегашниве желници убаво ги распознаваат звуците на сирените кои велат - опасноста помина. Сега му е мајката! Батали тоа што големата желност, како и стаклото, може да биде кршлива и може да почне да се крши баш кога ви се чини дека најмногу блеска. Батали, ама...


See Older Posts...