Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров

СИЗИФ(РЕНИЈА)


Нема кој да не чул за митот ли, легендата ли, приказната ли (како што милувате) за Сизиф. Тадури и овие нововременските носители на купечки дипломи, магистратури и докторати, кога сакаат умно да глаголат за општествените појави и проблеми, често ја употребуваат ,,метафората” – Сизифова работа. Не дека знаат што е тоа, ама начуле нешто, па ред е начуеното да се искористи за промоција на сопствената мудрост, ами како!
       Вистинсата, изворна приказна за Сизиф е малку замрсена. Едни велат, други одрекуваат: бил син на Еол и татко на Одисеј. Од таквите рекувања и одрекувања се плетат јадри, бабачки јазли на цела една сизифренија. Не се нашле мажи што да ги распетлат толку силните јазли – ни Фројд, ни Јунг, никој. Ако гледаш јазол, не значи дека си го распетлал. И секој што видел јазол, не се нашол автоматски во Гордион, а кел фајде и да се нашол: и оној со острата сабја, многу подоцна наречен воин на коњ, не му можел ништо на јазолот на сизифренијата, а не пак таму некакви туристи стасани во Гордион со скапани автобуси. Просто: попуста работа да ми ти било делањето на Сизиф, од што не треба веднаш да се заклучи дека тој бил бадијалџија. Скраја да е. Попрво: судбина, проклетство, пресуда.
       Не е бадијалџиство големата камена топка да ја буткаш угоре и да ја наместиш на врв планина. И не е дека нема да те фати сизифренија кога, баш кога некако ќе го дотуркаш каменот до врвот, тој ќе се струполи, урниса прудолу, кон почетната точка. И се’ така, оттука до вечноста, од дамни времиња до Ками, до денот денешен. Од подножјето – до врвот на неуспехот. Како кога севезден садиш, а тоа не врзува, ни никнува, а за цутење ќе попричекаат идните цивилизации. А и иднината, пустата, тешко се преознава: не е еднобојна и до неа не се стасува преку трупа.
       Е, во личното си макотрпие Сизиф бргу разбрал дека каменот прудолу секогаш полесно и побрзо се тркала. Па му се поткренала сизифренијата: ако на врвот е иднината, прудолу, кон минатото секогаш е полесно. А и на подножјето се пошироки ливадите за разни народни ора и други гачки за увеселување – ем на народот, ем на сеирџиите меѓу народот. Во себе, како што сведочат мнозина умни, Сизиф никогаш не ја гледал маната: каменот бил пакосен, а тој самиот дури маченик и страдалник, ама не и – злосторник.
       Па, за џабе ли бил казнет? Не ќе да е, ако, како што вели древната приказна, го предал баш главниот бог Зевс. Што не значи дека и во оваа прилика треба да се плеткаме во замрсените интригантски игри на Зевс и на боговите и богчињата околу него. Што пак, исто таа, не значи дека и денеска нема такви што си се замислуваат Зевсови или зевсчиња, барем. Секој Зевс си има свој Сизиф и секој Сизиф си има свој Зевс. Има ли јасно разграничување меѓу нив, денес? Дали наместо проклетството иказната од Зевс, на пример, Сизиф денес би добил орден за упорност или за тврдоглавост? Каков било, ама орден! Им многу ордени кои првин предизвикуваат самозадоволство и самобендисаност, а потем стануваат зрачилиште на сизифренијата.
       Модерните носители на заслуги си мислат дека има прости, како грав, решенија и за најсложените проблеми. Уште едно зрачилиште на сизифренијата.
       Кревајќи ја едноставноста на пиедестал, модерните носители на заслуги стануваат алергични на неистомислениците, не сакаат со нив да го споделат напорот и маката во туркањето на камената топка. Нив, неистомислениците, ги множат со нула. А множењето со нула, исто така, е зрачилиште на сизифренијата. Знаеш, а не знаеш дека не можеш сам да го дотуркаш каменот до врвот. Ги викаш оние од минатото, ама тие бргу бргу се претворааат во камени сеќавања и од нив нема никакво фајде во туркањето на каменот кон врвот.
       И така, продолжува да трае баучот на сизифренијата. Сите сакаат да вдишат длабоко, ама никој не се чини дикат да остави барем троа од кислородот на разбирачката. Забораваат дека ист бог го повела и качувањето и урнисувањето на каменот. Исто зрачилиште на сизифренијата, во која, сепак се знае кој е Сизиф, престорен во продавач на модерна сизифренија. Купувачите веќе го видоа аирот, а и го гледаат се поизострено. Само иднината се потешко се препознава, среде маглите на сизифренијата.
      
                                                               Ристо Лазаров

26,05.2012
МИСИРКОВ И ЕДНО ГРАНЧЕ ВРБОВО...


Убава вест пристигна од Брно: го превеле Крстета наш, Петков Мисирков, на чешки јазик. Мал подвиг на група еминентни чешки слависти, под водство на нашиот Иван Доровски, професор и академик, незаменлив мост меѓу македонските и чешките современи културни релации.
          Токму тој, Доровски, испраќајќи ми ја убавата вест, ме замоли да сторам нешто, колку-толку, да се слушне за тоа и во македонската јавност. Колку што можеше и колку што имаше интерес во медиумите, се стори нешто, речиси како да не е без ич. Оти тој ден, кога требаше да се објави веста за објавувањето на Мисирков на чешки, во културните рубрики на нашите весници (се подразбира белки, не на сите) примат имаше, на пример, најавата на концертот на еден армоникаш. За приматотот армоникашот нема ни два грама вина, а за вкусовите на уредниците, нели, не се дискутира, уште од стари, римски времиња.
          Е сега, зошто ваквото барање на прескромниот професор Доровски. Самиот ми пишува, а нема кој да не знае, дека тој воопшто не е суетен и дека е престар допрва да се ,,афирмира” со вести од пет-шест реда во јавноста. Но, го додава и најважното, мотивот да се објави дека Мисирков е објавен на чешки. Барале, имено, ама не добиле ни скршена пара од македонското Министерство за култура за реализација на овој проект и еве, сега, нека се знае, дека Мисирков, сепак излезе на чешки. Дека победи љубовта и приврзанста кон делото на Мисирков на групата ентузијасти кои сами, со лични средства, успеаја да им овозможат на ,,Македонцките работи” да проговорат на чешки.
          И?
          Да се спомнува ли сега веќе пример со вредноста на макар едно гранче од монументалните врби вардарски, еден од најновите проекти на истото тоа министерство на кое не му се нашло некој денар за Мисирков?  Искрено, не сум љубител на толку масовното, до крајно банализирање, на таквите споредби. А знам, од друга страна, како што знае секој од нас кој чекори по оваа земја, дека скудни се времињава што ги живееме, се нема и за многу поважни нешта (божем пак културата тука се есапела за нешто важно!?) Знам, како што знае секој да се доталка до сонот во скудниве времиња, дека нозете се протегаат колку што е долга чергата, што во стварноста што ја живееме некој злобник може да ја сфати за културата ќе има толку повеќе пари, колку што ќе има помалку гранчиња на монументалните вардарски врби. Да има што да мрда и во реката на која и се гордееме, а не само во оние брзозборките за мрдањето на врбата на врв брдо…
          Во меѓувреме, сите видовме: за Крстета наш, Петков Мисирков, во анкетите најзнаменитиот Македонец на дваесетиот век, немаше место меѓу толкуте големци на плоштадот Македонија. Таму му му личело, преку мостот, меѓу МАНУ и Институтот за македонски јазик. Таму му личело и на неговиот голем следбеник, професорот наш Блаже Конески. Шуќур што и таму се нашло место за нив, ептен да не им се згази и вредноста, и достоинството. Oстана, раката на срце, и она спомениче на Мисирков стуткано зад Триумфалната ни порта, на кое, човек кога ќе му се доближи, сепак ќе го прочита прашањето: шчо напраифме и шчо требит да напраиме за однапред? Ехеееееј, уште колку останало и уште колку се трупа! Некој беше рекол дека за да има плодови, дрвото треба најпрвин треба да расцути напролет. Ние како да имаме премногу јалови дрва, што не цутат.
          Нека се потсети при крајот: нашата држава не е толку безмилосно спрема Крстета наш, Петков Мисирков. Неодамна на пример, го помогна издавањето на неговиот дневник (од 5.7 до 30.8.1913) објавен двојазично (на македонски и бугарски јазик) и подготвен од државните архиви на Македонија и Бугарија.       
          Значи, Мисирков се појави на чешки јазик и тоа е, за среќа, свршена работа. Дали тоа ќе припомогне за каква-таква промена на хиерархјата на вредностите тука, кај нас, времето ќе каже и покаже. Мисирков, онака стуткан, зад Триумфалната ни порта, како да бара збор, ама никој не го забележува меѓу толкуте шмизли, мачки, бикови и бујно разлистани врби. Иако во последно време мнозина ја прекоруваат тишината, таа не е баш безгласна  и понекогаш повеќе кажува од празното дрдорење на гласноговорниците на политичките табори. Времето на Мисирков и на неговите вистински следбеници не што не поминало, ами – допрва доаѓа.
НОВОТО ВРЕМЕ
                     на внука ми Јана


Ќе да станавме старудии
штом се’ почесто велиме:
во наше време, на времето...
(демек: било вака, саде ќеифови,
било онака, ѓоа неповторливо
и оди нека не убеди некој дека
не било така, а било што било,
ја било ја не било, сојкино крило!)

Времето, се разбира,
се мери со часовници
- песочни часовници,
ѕидни часовници, будилници,
соларници, дарвили од
пазаришните тезги во Трст,
копии верни на оригинал ролекси
од Капали чаршија во Истанбул...
Часовниците (добро де, и календарите!)
го делеле времето
на старо и на ново време.
Разни делења и делачи на времето
се изнакотија на дуњава.

Вреето сега само си се покажува
на мобилните телефони
и јас убаво видов дека тој ден
повикот стигна точно во 16:44.
Барав сенка во ранопролетниот ден,
Денот на македонската азбука
уште и Ден на слободата на зборот.
Од Прага, син ми тукуречи низ песна,
ми јави: роди се Јана убава...
Пред половина ччас, вели, нашата убавица
на сонцето му го подари првиот детски плач,
а јас мигум поитав да ја приложам
и сопствената, веќе старечка радост.

Видов како една бела гулабица
кинисува на почесен лет
од скопскиот Камен мост
до Карловиот мост во Прага.
И го сетив мигот на доаѓањето
на новото време: тоа да ти било
баш тогаш кога синовите стануваат татковци!

Подостарен во новото време
од раздалеч ме допира, ме гали
првата насмевка на внуката.
Ги слушам свечените сирени
на белите лаѓи во Влтава
и итам, итам, да не задоцнам
во новото време. Во новото време,
ту на Храдчани, ту на скопското Кале,
една најубава внука
и еден седокос дедо
ги бројат ли, бројат
сите ѕвезди на небото,
сите до една
и од нив прават ли, прават
нови срценца.
See Older Posts...