Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
Friday 25 May 2012 03:26
| Permalink
СИЗИФ(РЕНИЈА)
Нема кој да не чул за митот ли, легендата ли, приказната
ли (како што милувате) за Сизиф. Тадури и овие нововременските носители на
купечки дипломи, магистратури и докторати, кога сакаат умно да глаголат за
општествените појави и проблеми, често ја употребуваат ,,метафората” – Сизифова
работа. Не дека знаат што е тоа, ама начуле нешто, па ред е начуеното да се
искористи за промоција на сопствената мудрост, ами како!
Вистинсата,
изворна приказна за Сизиф е малку замрсена. Едни велат, други одрекуваат: бил
син на Еол и татко на Одисеј. Од таквите рекувања и одрекувања се плетат јадри,
бабачки јазли на цела една сизифренија. Не се нашле мажи што да ги распетлат
толку силните јазли – ни Фројд, ни Јунг, никој. Ако гледаш јазол, не значи дека
си го распетлал. И секој што видел јазол, не се нашол автоматски во Гордион, а
кел фајде и да се нашол: и оној со острата сабја, многу подоцна наречен воин на
коњ, не му можел ништо на јазолот на сизифренијата, а не пак таму некакви
туристи стасани во Гордион со скапани автобуси. Просто: попуста работа да ми ти
било делањето на Сизиф, од што не треба веднаш да се заклучи дека тој бил
бадијалџија. Скраја да е. Попрво: судбина, проклетство, пресуда.
Не
е бадијалџиство големата камена топка да ја буткаш угоре и да ја наместиш на
врв планина. И не е дека нема да те фати сизифренија кога, баш кога некако ќе
го дотуркаш каменот до врвот, тој ќе се струполи, урниса прудолу, кон почетната
точка. И се’ така, оттука до вечноста, од дамни времиња до Ками, до денот
денешен. Од подножјето – до врвот на неуспехот. Како кога севезден садиш, а тоа
не врзува, ни никнува, а за цутење ќе попричекаат идните цивилизации. А и
иднината, пустата, тешко се преознава: не е еднобојна и до неа не се стасува
преку трупа.
Е,
во личното си макотрпие Сизиф бргу разбрал дека каменот прудолу секогаш полесно
и побрзо се тркала. Па му се поткренала сизифренијата: ако на врвот е иднината,
прудолу, кон минатото секогаш е полесно. А и на подножјето се пошироки ливадите
за разни народни ора и други гачки за увеселување – ем на народот, ем на
сеирџиите меѓу народот. Во себе, како што сведочат мнозина умни, Сизиф никогаш
не ја гледал маната: каменот бил пакосен, а тој самиот дури маченик и
страдалник, ама не и – злосторник.
Па,
за џабе ли бил казнет? Не ќе да е, ако, како што вели древната приказна, го
предал баш главниот бог Зевс. Што не значи дека и во оваа прилика треба да се
плеткаме во замрсените интригантски игри на Зевс и на боговите и богчињата
околу него. Што пак, исто таа, не значи дека и денеска нема такви што си се
замислуваат Зевсови или зевсчиња, барем. Секој Зевс си има свој Сизиф и секој
Сизиф си има свој Зевс. Има ли јасно разграничување меѓу нив, денес? Дали
наместо проклетството иказната од Зевс, на пример, Сизиф денес би добил орден за
упорност или за тврдоглавост? Каков било, ама орден! Им многу ордени кои првин
предизвикуваат самозадоволство и самобендисаност, а потем стануваат зрачилиште
на сизифренијата.
Модерните
носители на заслуги си мислат дека има прости, како грав, решенија и за
најсложените проблеми. Уште едно зрачилиште на сизифренијата.
Кревајќи
ја едноставноста на пиедестал, модерните носители на заслуги стануваат
алергични на неистомислениците, не сакаат со нив да го споделат напорот и
маката во туркањето на камената топка. Нив, неистомислениците, ги множат со
нула. А множењето со нула, исто така, е зрачилиште на сизифренијата. Знаеш, а
не знаеш дека не можеш сам да го дотуркаш каменот до врвот. Ги викаш оние од
минатото, ама тие бргу бргу се претворааат во камени сеќавања и од нив нема
никакво фајде во туркањето на каменот кон врвот.
И
така, продолжува да трае баучот на сизифренијата. Сите сакаат да вдишат
длабоко, ама никој не се чини дикат да остави барем троа од кислородот на
разбирачката. Забораваат дека ист бог го повела и качувањето и урнисувањето на
каменот. Исто зрачилиште на сизифренијата, во која, сепак се знае кој е Сизиф,
престорен во продавач на модерна сизифренија. Купувачите веќе го видоа аирот, а
и го гледаат се поизострено. Само иднината се потешко се препознава, среде
маглите на сизифренијата.
Ристо Лазаров
26,05.2012