Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
ОБЕЗВЕСНИКУВАЊЕ


Македонското новинарство има подлабоки корени отколку што сега згорничавите сезнајковци (мислејќи дека од нив почнува светот) можат и да замислат. Тие корени одат до периодотпред духовната преродба, а духовните великани на нашиот народ (Мисирков, Чупоски, Јовков и други) покренувале македонски весници вонстранство - во името на националното чувство, во името на устремот светот да ја чуе и разбере вистината за нашиот народ и тешкиот товар од неправдини што му бил ставен на плеќи.
            И во народноослободителната и антифашистичка војна, во мугрите на слободата, излегуваа многу партизански весници - на техника како што тогаш се имало, ама излегувале. Се сеќавате ли, да речеме, на ,,Млад борец"? Тоа е првиот македонски весник излезен на 22 март 1944 година. Подоцна, во на 29 октомври 1944 година во паризанската печатница во Горно Врановце излезе и првиот број на првиот македонски дневен весник ,,Нова Македонија". Јазикот на овие гласила не се разликуваше мнгу од македонскиот литературен јазик кодифициран пролетта 1945-та. Едно време по војната излегуваше ,,Вечерен репортер", ,,Студентски збор" и други изданија. Непосредно по земјотресот почна да излегува уште еден дневен весник ,,Вечер". Постарите читатели паметат каква физиономија имаа ови весници: со врвни новинари, со дописници во цела Македонија, со постојани дописници во сите соседни земји, едно време во Рим, Париз, Лондон...
            И наеднаш - сите се претворија во жртви на транзицијата. Како што е редот, почна со ,,Млад борец" кој не излегува веќе 20 години, а ,,Нова Македонија" и ,,Вечер" живуркаат некако, колку да се рече дека излегуваат. Што е добро и што пека за нов упрег - да се возобнови стариот авторитет на овие гласила. Четврт век по падот на ,,комунизмот" уште ли во нив ќе гледаме баба-роги?
            Значи, дојде времето на обевесникувањето на Македонија. На мошне чуден начин. Излегоа па изгаснаа ,,Време", ,,Шпиц", ,,Ден", ,,Фокус"(дневен). Еден по еден, за кус период, згаснаа и трите весници на медиумскиот концерн МПМ - ,,Утрински весник", "Вест" и најпосле ,,Дневник". Да не заборавиме, сите овие гласила се формираа по меѓународен терк, си имаа сопственици, а некои од нив се продадоа на други сопственици, каков што се случајот со весниците на МПМ.
            Останаа уште ,,Слободен печат", ,,Нова Македонија" и ,,Вечер" - кои ни како професионални профили, ни како тиражи не се на нивото на времето. Стига е човек да ги прелиста весниците на сите соседни земји (за големите меѓународни марки да не правиме муабет) да да му стане јасно се. Како и зошто се случи ова калварија кога реално беше да се очекува сосема спротивното - да се зголеми бројот на изданијата, да расте нивниот професионален и интелектуален капацитет и квалитет? Што направи државата да им ја олесни положбата на весниците? Речиси ништо, освен нашорот што побргу да се раатиса од нив - ново време, нови правила. Не требаат државни медиуми. Арно ама, и во високоразвиените капиталистички земји весниците си имаат сопственици, но во кризни ситуации преку различен вид на субвенции, државата го помага нивното опстојување.
            Сега, по сево ова што го преживеа државава, со горчлива уста можеме да изустиме - каква држава, такви весници. Вмешувањето на политиката, катадневното диктирање од нечии кабинети што да селидери стави, а што да се извади од насловните (и не само насловните) страници, подаништвото на некои подлизурковци преку ноќ прогласени за новинари, доведе до тоа да се изгуби меркта за тоа што е новинарство, а што партиско билтенџиство.
            Ама ич не е подобра положбата и во електронските медиуми. Имавме ,,државна" телевизија и радио за пример. Што имаме сега? Зошто и на кој начин се урниса овој столб на македонското електронско новинарство? Зошто се донесоа акти за укинување на сите локални медиуми? Кој тоа ги прогласи ,,Сител" и ,,Канал 5" за лидери, колку државни пари се слеаја во нив, за сметка на другите? Во трката се целосна власт немаше дисцплина стипл-чез, што најдобро го почувствуваа на свој грб сопственикот и новинарите на А-1 телевизија.
            Во меѓувреме - глава не можеш да кренеш од компјутерски сајтови: едни ги прават професионалци, без никаква причина избркани од своите редакции, други ги прават полуписмени шмеќери, кои се занесуваат дека тука има некоја паричка, некое рекетче. 
            Сите во светот како една од причините за паѓањето на тиражите на весниците го гледаат развојот на електронското новинарство. Но, никој не седи со скрстени раце.
            Секаде во светот има провладини и опозициои медиуми, под што, ни на сон, не се подразбираат плуканици и монтировки. Во нашиот медиумски простор, да не заборавиме, имаше и ,,прелетувачи" - да се биде до власта, да ќупот со пари.
            Во трката да им се додворат на власта, мнозина од нас заборавија дека новинарство е страст, највистинска страст, над сите парцијални интереси кои го клекнаа на нозе. Еве и сега, се леат крокодилски само по некои исчезнати медиуми, божем без нив не бива и божем  со другите се е в ред.
            Како и за се во обновата на државата, нопходна е стратегија за медиумскиот развој. Неопходно е на медиумите и на новинарите да им се создаде простор слободно да дишат. Видовме: снема многу весници, уште повеќе можат да се родат во нови услови. Лелекањето по еден-два весника се сведува на ластовичката што сама не носи пролет.  Секакви паушални решенија во вид на препродажби (веќе видено) би биле фатални. Мене, на пример, не ми е јасно како не може да се изнајде решение за најстариот ни весник ,,Нова Македонија", па сите со радостбда му ја дочекаме 100-годишнината? Но, тоа е веќе мој проблем.

Ристо Лазаров(не е дозволено никакво препечатување на текстов и на делови од текстот)
See Older Posts...