Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
ОБЕЗВЕСНИКУВАЊЕ


Македонското новинарство има подлабоки корени отколку што сега згорничавите сезнајковци (мислејќи дека од нив почнува светот) можат и да замислат. Тие корени одат до периодотпред духовната преродба, а духовните великани на нашиот народ (Мисирков, Чупоски, Јовков и други) покренувале македонски весници вонстранство - во името на националното чувство, во името на устремот светот да ја чуе и разбере вистината за нашиот народ и тешкиот товар од неправдини што му бил ставен на плеќи.
            И во народноослободителната и антифашистичка војна, во мугрите на слободата, излегуваа многу партизански весници - на техника како што тогаш се имало, ама излегувале. Се сеќавате ли, да речеме, на ,,Млад борец"? Тоа е првиот македонски весник излезен на 22 март 1944 година. Подоцна, во на 29 октомври 1944 година во паризанската печатница во Горно Врановце излезе и првиот број на првиот македонски дневен весник ,,Нова Македонија". Јазикот на овие гласила не се разликуваше мнгу од македонскиот литературен јазик кодифициран пролетта 1945-та. Едно време по војната излегуваше ,,Вечерен репортер", ,,Студентски збор" и други изданија. Непосредно по земјотресот почна да излегува уште еден дневен весник ,,Вечер". Постарите читатели паметат каква физиономија имаа ови весници: со врвни новинари, со дописници во цела Македонија, со постојани дописници во сите соседни земји, едно време во Рим, Париз, Лондон...
            И наеднаш - сите се претворија во жртви на транзицијата. Како што е редот, почна со ,,Млад борец" кој не излегува веќе 20 години, а ,,Нова Македонија" и ,,Вечер" живуркаат некако, колку да се рече дека излегуваат. Што е добро и што пека за нов упрег - да се возобнови стариот авторитет на овие гласила. Четврт век по падот на ,,комунизмот" уште ли во нив ќе гледаме баба-роги?
            Значи, дојде времето на обевесникувањето на Македонија. На мошне чуден начин. Излегоа па изгаснаа ,,Време", ,,Шпиц", ,,Ден", ,,Фокус"(дневен). Еден по еден, за кус период, згаснаа и трите весници на медиумскиот концерн МПМ - ,,Утрински весник", "Вест" и најпосле ,,Дневник". Да не заборавиме, сите овие гласила се формираа по меѓународен терк, си имаа сопственици, а некои од нив се продадоа на други сопственици, каков што се случајот со весниците на МПМ.
            Останаа уште ,,Слободен печат", ,,Нова Македонија" и ,,Вечер" - кои ни како професионални профили, ни како тиражи не се на нивото на времето. Стига е човек да ги прелиста весниците на сите соседни земји (за големите меѓународни марки да не правиме муабет) да да му стане јасно се. Како и зошто се случи ова калварија кога реално беше да се очекува сосема спротивното - да се зголеми бројот на изданијата, да расте нивниот професионален и интелектуален капацитет и квалитет? Што направи државата да им ја олесни положбата на весниците? Речиси ништо, освен нашорот што побргу да се раатиса од нив - ново време, нови правила. Не требаат државни медиуми. Арно ама, и во високоразвиените капиталистички земји весниците си имаат сопственици, но во кризни ситуации преку различен вид на субвенции, државата го помага нивното опстојување.
            Сега, по сево ова што го преживеа државава, со горчлива уста можеме да изустиме - каква држава, такви весници. Вмешувањето на политиката, катадневното диктирање од нечии кабинети што да селидери стави, а што да се извади од насловните (и не само насловните) страници, подаништвото на некои подлизурковци преку ноќ прогласени за новинари, доведе до тоа да се изгуби меркта за тоа што е новинарство, а што партиско билтенџиство.
            Ама ич не е подобра положбата и во електронските медиуми. Имавме ,,државна" телевизија и радио за пример. Што имаме сега? Зошто и на кој начин се урниса овој столб на македонското електронско новинарство? Зошто се донесоа акти за укинување на сите локални медиуми? Кој тоа ги прогласи ,,Сител" и ,,Канал 5" за лидери, колку државни пари се слеаја во нив, за сметка на другите? Во трката се целосна власт немаше дисцплина стипл-чез, што најдобро го почувствуваа на свој грб сопственикот и новинарите на А-1 телевизија.
            Во меѓувреме - глава не можеш да кренеш од компјутерски сајтови: едни ги прават професионалци, без никаква причина избркани од своите редакции, други ги прават полуписмени шмеќери, кои се занесуваат дека тука има некоја паричка, некое рекетче. 
            Сите во светот како една од причините за паѓањето на тиражите на весниците го гледаат развојот на електронското новинарство. Но, никој не седи со скрстени раце.
            Секаде во светот има провладини и опозициои медиуми, под што, ни на сон, не се подразбираат плуканици и монтировки. Во нашиот медиумски простор, да не заборавиме, имаше и ,,прелетувачи" - да се биде до власта, да ќупот со пари.
            Во трката да им се додворат на власта, мнозина од нас заборавија дека новинарство е страст, највистинска страст, над сите парцијални интереси кои го клекнаа на нозе. Еве и сега, се леат крокодилски само по некои исчезнати медиуми, божем без нив не бива и божем  со другите се е в ред.
            Како и за се во обновата на државата, нопходна е стратегија за медиумскиот развој. Неопходно е на медиумите и на новинарите да им се создаде простор слободно да дишат. Видовме: снема многу весници, уште повеќе можат да се родат во нови услови. Лелекањето по еден-два весника се сведува на ластовичката што сама не носи пролет.  Секакви паушални решенија во вид на препродажби (веќе видено) би биле фатални. Мене, на пример, не ми е јасно како не може да се изнајде решение за најстариот ни весник ,,Нова Македонија", па сите со радостбда му ја дочекаме 100-годишнината? Но, тоа е веќе мој проблем.

Ристо Лазаров(не е дозволено никакво препечатување на текстов и на делови од текстот)



KAДE СЕ НАШИТЕ ЛЕКТОРАТИ?


Има едни тешки прашања во една Прличева песна - оловно тешки, потешки и од судбина и од судбинска негрижа: Каде се нашите писатели, каде се нашите списанија...? Сите што го допреле големиот охриѓанец закитен со ловоров венец, го знаат продолжението на песната. А одговорот на прашањата? Го нема, таков каков што треба, а прашањата се пренаменуваат до деб-денес, според тоа до кај ни е дојден алот и до каде сме стасале со ничкосување на нешто нависртина судбински важно.
            Така деновиве, кога некои наумиле очи да искорнат за зачувување на мајчиниот ни јазик (божем тоа не можеа да го сторат вчера, завчера) и нè распнуваат сите како ластик меѓу еднојазичноста, двојазичноста, тадури и деветојазичноста, речиси само од себе исплива од разбранетото езеро на живеачката, старото прашање на Прличев. Видоизменето, ама исто така тешко, оловно: каде се нашите лекторати (та, нели наши си ги викаме лекторатите по македонски јазик по светските универзитети?), кај се ничкосуваат, зошто еден по еден исчезнуваат?
            Замолив еден мој пријател, врвен познавач на оваа област (тешко да има поврвен во државата ни) да ми ја каже последната ,,бројна состојба", а и троа повеќе за историјатот на лекторатите по македонски јазик. Вака, значи - од негова уста во ваши уши: денес на универзитетите во светот работат само девет лекторати по македонски јазик - во Москва, Париз, Краков, Сосновејц, Брно, Дудимпешта, Истанбул, Тирана и Риека. Оној во Букурешт да ми ти е ,,во застој" а во Министерството ни за образование сигурно ќе знаат и зошто, по чија вина? А не само вина, има себевина.
            Инаку, од формирањето пред 50 (и со букви: педесет) години се зголемува бројаницата од црни бисери на која се редат затворените лекторати: Хале (каде што до смртта минатата година по лична определба - повеќе љубов - предаваше Гизела Хаварнек), Неапол, Виена, Манхајам, Прага. По причините не треба да се талка: (главно) поради непреземањето на нивното целосно финансирање од наша страна. Тоа ни е нудено, ама понудата се одбила од некој наш глув Петко.
            Со сопствен кадар или ангажирани Македонци, но без финансиско учество од наша страна, значи, во нивна организација, настава се одржува во: Ниш, Нови Сад, Загреб, Риека, Љубљана, Марибор, Санк Петерсбург, Перм, Вороњеж, Познањ (и Варшава е на списокот на ,,отпишаните", како и оние во Австралија, Америка, Англија...)
            Проценките на стручњаците се втемелени во реалноста: кога би се решило прашањето со финансирањето (ах, тие пари, пак отепвачка, да ги попричекаа барем плодовите на економските промотори!) би можело да се отворат најмалку десет лекторати по македонски јазик. Заедно со тоа оди и потребата за целосна промена на стратегијата за лекторатите и целосно нов, поинаков начин на финансирање. Баш чудно: ние, земја стратегијана, со стратегија и за размножување на мравките на месечината, да сме ти немале стратегија за мрежата на лекторати по македонски јазик во странство! Толку да ни  била силна дремката (врнат дождови, демократски, ама тераат на спање) што од времето на СФРЈ и Комисијата за културни врски со странство работите со лекторатите, наместо угоре, кинисале удолу. Удолницата си има име и презиме, како и секоја (непреименувана) улица: финансирање. Сега тоа се вика: сопствено финансирање - ,,аш" веќе размени, реципроцитети и други матракуки, мувлосани во застоеноста на грижата за лекторатите. Другите јазли мигум се распетлуваат. Арно ама, арно вели почитуваниот пријател: нашите задоволно си лулеат на лулашката, како нема да се задоволни кога си умислиле дека го научиле магарето да не јаде, а за последиците има други, на други нишалки. Последниот наш лекторат е отворен во 2008 година, а во меѓувреме папсува и обидот за отворање на уште еден - во Грац.
            За крај малку споредби, така повидливо ни станува дереџето: Словенијаима повеќе од педесет лекторати, Хрватска околу шеесет, Бугарија до пред некоја година, осумдесет (да не ти се верува дека е извршена масовна сеча), Србија повеќе од шеесет....
            Во бескрајната партија одбојка меѓу нашите министерства што, според логиката, а уште повеќе според светската практика, би требало да бидат надлежни (и одговорни) за судбината на лекторатите, страдаат токму тие, најнеопходните - лекторатите. Очевидно, не сме ни свесни за тежината на овој национален, културен (како што милувате) пораз, на црната темнина во бунарот во кој пропаѓаме. А половина народ со помодрени гради, од себеудирање со патриотизмот и такви ми ти работи.

Ристо Лазаров

( Преобјавувањето на текстот или на делови од него е можно само со дозвола на авторот и наведување на изворот)

ПЕНЗИИ, ДАЛЕКУМЕТНИ


Значи, тнр. "национални пензии" за кои се изнаместија (главно по партиска линија) едночудо награди, такашто сега можеби има повеќе наградени од ненаградени творци, тие пензии, значи, не се вистински, ами лаж-лажливи, отприлика како што новиот гипс по плоштадите скопски е мермер. Ѓуро од Калниште! Пензиите се уредени по строги законски прописи ибсе добиваат само од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. И пензиите, како што се знае, се добиваат според тоа кој колку внел во истиотнтој пензиски фонд. И пензиите се, како истонтака се знае, своевиден имот, стекнуван со години и во кој никој умен на чепка, оти тоа би билнеден вид модифициран апашлак: со години да стекнуваш еден трособен стан, на пример, и потоа некој да дојде (од власта, де) и така, лефтерно да ти каже дека ти е голем станот и едната соба има да ти биде земена! И точка! Море колку сакаш точки.
            Нашиот пензиски закон одамна, ехееј, уште од оние времиња, е "генетски модифициран", тоест лимитиран: добиваш од државата решение за пензија од 100.000 денари, на пример, ама под тоа во друг став ти пошува дека според тоа и тоа, пензијата се лимитира на 30.000 денари, на пример, и пак точка. Солидарност, што ли - ојде твоето одајче од спомнатиот трисобен стан. Згора на сето тоа, недостасуваа само "националните пензии" (зошто само за уметниците?) и уште позгора звањата "национален уметник" (сосе едно илјадарче во евра секој месец, доживотно). Ова со"националните", можеби во чест на Леонид Брежњев, од каде да знаеш, ѓаволот ни ора ни копа! Ќе повторам, за да не се разбереме погрешно: сум за солидарност со уметниците (но не и само со нив), но тоа да си се регулира "низ институциите на системот" и, пак ќе речам, тие додатоци, ако треба, нека се исплаќаат преку надлежното министерство (за труд и социјална политика). Не знам како, ама треба и инструмент за драстично намалување на "наместените" државни награди при чие доделување присуствуваме на истата бурлеска: како државни се признаваат само три награди, другите ѓоа се антидржавни. Како што и оние што не се докопале до национална пензија, се антинационални творци. Пензионерска игранка до несвест.
            Арно ама, да ти имало и други пензии, што инвентивноста на власта ја крева на висок пиедестал, колку оној на Аце Македонски, во центарот на Скопје. Во 2012 година, кога законите се носеа по експресна постапка, извршени се измени и во законот за пензии. Сменет е членот 132, што значи едно големо ништо, ако не се пржидодаде дека е сменет, всушност, лимитот на пензиите - од 37.000 на 47.000. И тоа замислете финта, овој закон донесен 2012 година, стапува во сила дури во 2016 година, 4,-4,5 години по изгласувањето. И така сега во земјата на македонските пензионерски чудеса имаме уште едно чудо-чудовиште: две категории на лимитирани пензионери; џабе декларации, прифатени обврски за еднаквоста на правото, итн, итн. Мене ми е интересно тука и прашањето: како господата во 2012 година, далекуметно, проценија баш за тие кои ќе се пензионираат во 2016 година, ќе има услови за кревањето на лествичката на лимитот? Сетики не е којзнае каков грев, ако кон ова се додаде и прашањето: може ли на јавноста да и се покаже списокот на оние со зголемен лимит? Како тие вложиле во ПИОМ толку пари за од 2016, кога ќе станат пензионирани пензионери, да добиваат повеќе од нивните претходници.
            Немојте да очекувате дека во ПИОМ ќе ви кажат нешто за ова. Само ќе речат дека на тој и тој ден 2012 година се извршени измени во законот. Но, молчеле не молчеле, веќе се поведени дузина судски спорови (сликата и приликата на Уставниот суд му ја видовме). Еднаквоста, како и да е, кога и да е, ќе остане - базично право. Да не се повторува сега дека тоа важи и за "националните" пензии, а скраја некој да се шекне дека неговите 40-45 години стаж сега помалку вредат од придонесите што само десетина години некој "национален" ги вложил во ПИОМ во неговиот ценет и многу почитуван работен век.
            Не е приоритетно, ама не е за во фиока.
            А којзнае, можеби ќе во меѓувреме ќе лафнат нешто инод ПИОМ? И од другаде - од каде што треба. А имаше и еден Драги Аргировски, се сеќавате, и тој стана "национален пензионер"....
Ристо Лазаров


( преобјавувањето на овој текст или на делови од него не е дозволено и подлежи на законските консеквемци)
See Older Posts...