Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров

ПОТОМЦИТЕ НА МЕК КАРТИ


Секоја чест и почит на дисидентите, на оние кои во времето кога "комунизмот" го тресеше половина свет, беа жестоки критичари на истиот тој "комунизам". И кои тие свои критички искри ги плаќаа во тогашните апсани - од Лубјанка, преку Сибир, до Сремска Митровица и Голи Оток. Биле мажи кога тоа чинело скапо, мошне скапо - цело скапување во гулазите.

Но, што да се прави со оние кои кукурикнаа, гукнаа, си ги одраа и си ги дерат грлата против комунизмот, тадури и сега, цел четврт век по неговото паѓање? Откако во комунизмот постигнаа  и добија сé што можеше да постигнат и да добијат - од бесплатно образование до топли фотелји? На кои им текнува отпосле, кои се јуначат отпосле, што велат кумановци "на мртвога Германца"?

Што да се прави кога една пејачка во црковен хор, на пример, ќе си замисли дека е внука на големиот демократски истребувач на комунистите злогласниот сенатор Џо Мек Карти (оној Мек Карти со чии декрети Чарли Чаплин, на пример, а и илјадници левичари беа избркани од САД ) па, ај што го прогласува комунизмот за најголемо зло, ами бара и казни за тие што ќе се одважат во иднина да застапуваат такви идеи? Барем да се оригинални тие барања, да не клокотат од ќерка му на францускиот профашист со тапија Ле Пен,со години веќе верна идеолошка следбеничка на својот татко. Ако се накашла дотичната персона, сè што е лево во Европа да не треба да се засолнува во глушечка дупка и да се тресе од страв?

Што да се прави со Пикасо, Бретх, Хобсбаум, надреалиститеи другите нивни левичарски истомисленици (и членови на Партијата) без кои не може ни да се замисли светскиот интелектуален и уметнички врв? Да се прогласат ли за злосторници, да се изложат ли на јавен презир?  Да се лустрираат? На кој начин  да се одвојат од нивните дела и чуму таа делба? Немам илузии, додека има потпалувачи на разни оганчиња на омразата, дека таа делба ќе престане. Макар што се чинеше, баш во времето на комунизмот, дека полека се затворија старите рани - низ примерите на Езра Паунд, Кнут Хамсунг, Елија Казан... Сакал-нејќел денес човек, свесен дека сé е ужасно компликувано,  просто е присилен да се запраша: треба ли едно зло да се заменува со друго? Што е денес политичкиот противник? По кој аршин ќе ги бираме пријателите - само според политичката припадност ли? Според тоа што некој некогаш (сеедно лев или десен) верувал дека треба да го прави баш тоа што го правел, а времето подоцна рекло дека не требало да го прави баш тоа што го правел? А знаеме имало и такви кои не верувале, ама ја следеле посоката што им била наредена. А и што ако утре се покаже дека денешниве силници не требало да го прават она што го прават? До каде и до кога ќе се врти тоа тркало на вратките?

Темата за комунизмот, како што гледаме, не е затворена, ама не е затворена и темата за цивилизациските и демократските дострели на либералниот капитализам. Стига е да се потсети само на минатогодишната окупација  на Вол Стрит.

Имаше мудри луѓе, дисиденти со затворски стаж, кои веднаш по паѓањето на комунизмот, предупредуваа од опасноста од антикомунистичка хистерија. Полјакот Адам Михник, на пример, во тоа време напиша дека од комунистите полоши се само антикомунистите. Времето потврди дека тоа не беше обична игра на зборови на големиот мислител. Левицата доживеа колапс, а на виделина секој ден излегуваат фрапантни бројки за тоа колку луѓе во секоја земја го контаролираат најголемиот дел од капиталот. Во Америка, на пример, 400 најбогати луѓе заедно поседуваат толку пари колку и половината население. Во Индија иста слика: 100 најбогати луѓе поседуваат богатство еднакво на четвртината од бруто домашниот производ. Секако има и попластични примери, но и овие на се за в корпа за отпадоци. Не сме ни ние далеку од таквото немилосрдно продлабочување на јазот меѓу пребогатите и пресиромашните.

Левицата, ако доживеа колапс, не значи дека замина на оној свет. Еве ја пак на сите меридијани, крева и глава и глас. Не безразложно предупредува дека прашањето за човековите права, толку грлесто поставувано во времето на комунизмот, денеска е всушност прашање на правата на оние кои гладуваат или се жртви на погубното насилство (Жижек) и дека не е нереално антикомунистите да се победат самите во сопствената игра. Меѓу другото и поради простиот факт што животот не е игра, уште помалку играчка.

Во некои парламенти на земјите од Европската унија (Чешка, Грција...) има и пратеници од редовите на Комунистичките партии. Некако, не се гледа вака, со голо око, дека тие земји имаат кусок европејство. Јок, џанам.

На локален терен, моќта на комунистите се гледа и на Водно. Во времето на комунистите, тоа беше елитна населба, ама од бараки. И најголемите комунистички главатари кај нас скончаа токму во такви бараки. Погледнете го сега Водно, пред да почне земјиштето да се лизга од толкава преизграденост. Оние од палатите ли ќе ни кажуваат колкаво зло бил комунизмот и колку се сега тие фини, вклучувајќи ја и пејачката во црковниот хор? Комунистите, се разбира, не беа идеални, ама ќе ги скараа за нарушување на "моралниот лик на комунистот", како што се велеше тогаш, ако примеа на подарок при посетата на некој комбинат  - гајба грозје или патлиџани. Денеска богаташите ги караат затоа што наместо некој друг богаташ, поблизок до власта, пред нос купил некој вреден имот, за ситна пара. Воопшто, денеска многу се купува: правда, медиуми, дипломи... Таа распродажба не може да трае вечно. Денеска се прават панорамски тркала - да се повозат во нив вртикапи и вртелешки, вртканици, толчачи на време. А и на човечки судбини, богами? Да не се повторуваат тоа некои мелодии од времето на комунизмот, ама не баш како фарса, ами како фанфари на стравот?

Чудно е, не без причина, што во времето кога фашизмот крева глава, ударот се насочува токму кон оние што го победија фашизмот. Уште и да се изедначуваат со фашистите, што е врвен безобразлук. Комунистите тогаш воопшто не беа на споредниот колосек на историјата. Чудно е и тоа што комунистите ги обвинуваат дека од идеолошки причини се пресметувале со неистомислениците, главно националисти? А од кои причини се атакува на нацистите и националистите, и на оние најзакоравените - денес? Од кои причини се атакуваат сите комунисти, топтан? И кои се причините што има толкава селекција во борбата против корупцијата денес?

Мошне лесно се забораваат и спецификите на борбата на македонските комунисти, папочно поврзани со првото победоносно востание и создавањето на современата држава. Се амнестираа оние кои удрија врз темелите на државата, а комунистите се лустрираат, се направи и Музеј на жртвите од комунизмот. Да, на жртвите од комунизмот, отшто други жртви (на пример од фашизмот) - сакаат да кажат - тука изгледа немало. Згора, се сака на политичкиот пазар да се продаде дека овде и сега, на пример, нема и не се негува склоност кон култна послушност, а едни со други си ги вадат очите нарекувајќи се, кога ќе им затреба - султан партии. Уште да почнат да не уверуваат дека напливот на антикомунизмот нема никаква врска со напливот на популизмот отспротива, па приказната да биде комплет. Ма, знаат и малите деца: еден од корените на популизмот е и грижливото негување на тоа да си нечија жртва, а чија ако не на комунизмот?!

Едно време во каков-таков оптек беше идејата за национално помирување. Заврши така што секој сакаше помирување по свој терк. И остана пизмата. Сосе пизмата и прашањето: од која дупка и зошто бликна тој силен гејзер на омраза кон комунизмот, сега веќе и од  оние кои не само што не пропатиле во тие темни вилаети, ами воопшто и не биле родени тогаш?

Популистите денеска нудат избор на два вида сока произведени во иста фабрика - од ананас и јаболка, на пример. Некои такви сокови, историски гледано, брзо шеќердисуваат и се фрлаат во канализацијата како одвратни прелаги. Популизмот си продолжува по својата профашистичка патека: се негува култот кон големиот водач, ама и кон акцијата заради акција и по секоја цена. Мислењето и здравиот ум не се препорачливи. Или-или, отсекогаш било популистичко-фашистичко вјерују – тука се корените на патриотите и предавниците. Прогласувањето непријатели одамна е омилен спорт на популистите и про-фашистите.

Наспроти хистеричните вресоци на современите фашистички толпи, вистината сепак си останува вистина и не сака уплав од историски поразените сили. Останува вистината за навек, да сведочи за тоа како завршувале фашистите низ нивните крвави маршови. Неизбришливо се врежуваат во меморијата и ликовите на оние подгрбавени старци кои сега се потпираат на бастуми, ама кои му ги скршија дамарите на фашизмот, тогаш кога требаше. И безобразието во односот кон нив, уличарската невоспитаност. Мртвите херои, сега толку лефтерно лустрирани, и да не се споменуваат. Ама било и ќе биде: Вистината, исто како и борбата против фашизмот, немаат ограничен рок на траење.


Ристо Лазаров
29.11.2013

не е дозволено никакво преземање и преобјавување на текстот  и делови од текстот во медиумите и на интернет порталите без дозвола на авторот. 
See Older Posts...