Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
Friday 15 Jun 2012 05:45
| Permalink
Улици и уличари
Еден мој добар пријател живее во Берлин на улицата Владимир Мајаковски. Не му завидувам баш многу, оти и мојата улица во Скопје, барем засега, носи име на поет – Коле Неделковски. Некогаш за среќа се есапи и да не си приоритетен кога ќе збрлават гумите за бришење на историјата.
Но, уште малку за Берлин. Од улицата Владимир Мајаковски се влегува во еден, што би рекле ние тука, сокак што го носи името на Борис Пастернак, а оттаму во улицата на Петар Илич Чајковски. Веднаш тука е и улицата Фридрих Енгелс. Кој малку подолго талкал низ берлинските улици, знае дека има не една ами неколку улици што го носат името на Карл Маркс. Знаат и дека постои голем плоштад на Роза Луксембург. Знаат, најнакрај, дека еден убав и голем театар во Берлин се вика Максим Горки, а пред театарот, како што прилега, е и Горки излеан во бронза.
А новото време дојде во Берлин пред да стаса тука, кај нас. Дел на тоа ново време во Берлин беше и преименувањето на улиците, ама тоа се направи без таламбаси, со многу дикат – се сменија имињата само на некои безначајни типови, а имињата на великаните никој не ги чепна – ни на улиците, ни на плоштадите, ни во пколите. Меѓу другото и затоа улиците во Берлин немаат дупки, а баш деновиве, во јуни, главните улици опојно мирисаат на липов цвет. Миризливи улици.
По калдрми, по тесни и темни сокаци, по макадами, којзнае уште како не, новото време стаса и на нашите улици, такви какви што се и какви што можат да бидат. Сцена на уличните артисти, на пример.
Улиците, инаку, малку личат на старите тетратки по тесни и широки. Не се толку дирек-прави, ама, ги има и тесни, и широки. Тадури и булевари. Некои се асфалтирани, некои поплочени. Како да им е поудобно на поплочените – тие барем можат да бидат поплочени и со спомените на многу поколенија кои пораснале и врвеле на улиците. Спомените вградени во асфалтот на улиците се некако згмечени спомени.
Има живи и живуркави улици. Живите се прометни, речиси со деноноќна врева, престорени во мобилни канцеларии на новопечените бизнисмени и газди. Живуркавите – тажни сврталишта на сиромасите, а има и бетер – пусти улици, заборавени од сите, тадури и од нивните жители.
За улиците се напишани недобројни песни, раскази, романи. Најпознатата повест на нашиот Славко Јаневски носи наслов Улица. Којзнае дали самиот Јаневски има улица во родниот град. А Блаже Конески, Гане Тодоровски...?
Секоја улица е дел од биографијата на секој град. Секоја улица е дел од нашиот идентитет, од идентитетот на нејзините жители, но и на сите кои катаден врват низ улиците – ја пеша, ја со автомобили. Кога се врви низ улиците, всушност, се врви низ времето, се оставаат знаци за распознавање на времето. Затоа секоја улица си има свој имеден. И си го варди името, оти се знае дека не е паднато од небо, оти му припаѓа на великан. А великан не се станува по ничија директива, саде со дела.
Има времиња и силници кои се занесуваат дека баш од Бога им е дадено, чекорите од нивните копуци да ги вградуваат знаците за распознавање на градовите. За таквите е важно да станат и да останат кумови, да крстат, ете и улици. А немаат време да бројат колку народ исфрлиле на улиците, тоест, оставиле без работа. И колку луѓе снеможено останале на улица, удирајќи си ја главата како ќе го протуркаат денот, не месецот. Такви станаа нашите улици, и никакво преименување не им го сокрива срамот. Не е литературна измислица ако се каже дека и улиците знаат да се срамат, знаат кој чекори и кој се топори по нив. Улиците и ноќум ги чувствуваат светлините на животот, ама нешто се’ помалку се осветлени.
Исто така, не е литературна измислица ако се каже дека улиците се чувствителни, па понекогаш и плачат. Си ја оплакуваат судбината, цели улици плачат од новопечените кумови. Улиците се чувствителни и кога некој, демек од педагошки причини, ќе рече дека не треба да се дозволи децата да ни ги воспитува улицата.
Сите кои врват по улиците не се уличари. Ама на уличарите не им успева да се камуфлираат и да се престоруваат во нормални минувачи. Шро и да се, на која ритка да се искачиле, уличарите си се уличари: дома не се прибираат, постојано се моткаат и ги мерат улиците. Демек, асли мангупи, прваци по раскалашеност и непристојност.
Улиците не ги личи бе улични свирачи. Како што не личи нивната музика да е се’ потажна, се попразна, скоро глува. И минувачите, и свирачите, нема кој не знае – џабе таблите со нови имиња, кога улиците се полни со питачи и бездомници. А и животот, богами, долго трае. Некои печати си мислат дека се вечни, ама бргу бледнеат. Во историјата на улиците има многу вратки на направени вратки.
Ристо Лазаров
16.06.2012