Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров

СТРАВ И НАДЕЖ


Страв лозје чува. Може и да го дочува, што не значи дека грозјето, најнакрај, нема да му скисели на чуварот. Има многу чувари, падари, полјаци кои имале различни стомачни болки од кисело грозје. А беспрекорно го чувале лозјето. Така што сега збунето си се прашуваат себе си: лозјето ли е поважно или грозјето? И кел фајде од лозјето ако грозјето е кисело? Ако не си најдат одгатка, ваквите чувари, по наперченоста оти им се плашат сите, завршуваат на - нервен доктор. Чувари на државните лозја - пациенти на државните нервни болници. Некои присобрале некоја пара и за приватните.

Луѓето се плашат од разни шејтани и шејтанлаци. Се плашат да го кажат она што го мислат. Всушност, ги плашат да го кажат она што го мислат. Дресерите си ја усовршиле струката: стравот полека им станува навика на луѓето и лека-полека се отстрашуваат така што го говорат она што не го мислат, а сакаат да го чујат дресерите. Заради врабецот в рака и гулабот на гранка, ама и за други рабори. Дресерите во државната номенклатура имаат и други називи, ама овој им е некако најприкладен.

Тие, дресерите, знаат како на стравот му се дава главна улога, како се пика в коски, како заменува и клетви и молитви. Немилосрдни се, баш оти знаат дека нема страв што не се победува, дека еден ден никој нема да им се плаши. На сегашните полиња на стравот, на крајот, сепак ќе бликне радоста. Трижпати поголема од стравот.

Во стравовладеачките општества, отстрашувањето се врши и со поткревањето на омразата. Омразата расте колку што стравот се приближува до врвовите на глупоста. Стравот го урнисува разумот. Ама, колку повеќе омраза, толку повеќе разјарување и заборавање на стравот. Во сопствениот лудачки валцер, стравот се преиначува во јунаштво. Саде јунак до јунака. Колку јунаци - толку паметници. Некому и два паметника, на двојно јуначките јунаци. Или на двојно разјарените. Разјарени и безлични.

Чуварите и втерувачите на страв имаат куќетини, тадури и дворци, ама живеат како во пештери. Ги забораваат, снемуваат другари од детството. Свитите им се другари, отшто мораат и тие - чуварите на чуварите. Тие, чуварите на чуварите - празни авани, натолчени со омраза, дрскост, бесчувствителност. Толку им раѓа тоа чушпата: да не поднесуваат ништо што содржи минимум на сложеност и што бара вклучување на мозокот. Тие повеќе се радуваат кога наутро, и при најстудени студови, ќе им запали неколкутонскиот мотор, хонда најнов тип.

Наспроти чуварите - народот, страшлив, кому одамна му скиснале гроздоберите. Мнозинството од народецот немаа пештерче за заслон, нема ни оганче да запал, се греe дувајќи си во дланките. Припадниците на плебсот би купиле нешто потполо за на плеќи, ама немаат со што. Или од страв да си ги продадат душите, коските да не им се скршат како мразулци.

Би купиле и троa надеж, малку премрзната, не баш вкусна, ама сепак кандеж: да разберат и чуварите и стопаните им дека не мораме да мислиме исто. Што значи, достатно е да знаеме што мислат другите и не мора заради таа другост да си ги колваме очите. Надежта последна умира, многу често и како радост на малоумните.

Сејачите на стравот имаат само еден патоказ - глушечка дупка. Арно ама, стравот може и да ги обединува баш тие за кои се мисли дека се страшливи и дека се за во глушечка дупка. Обединетиот страв раѓа илјадна гордост и немерен кураж. Улогите во општествените поредоци често се менуваат - неочекувано, секавично дури. Владеењето и ракувањето не е театар, особено не театар на марионети. Сенки има, не дека нема, ама кога ќе им дојде времето и тие блеснуваат. Осамнува во противречности, да си припомнеме на Рацин. Пукајте, јас држам час, им беше подвикнал еден професор кон кого, своевремено, биле вперени цевките на фашистичките автомати.

Сега е слобода и мнозина се прашуваат како да се живее слободата без страв? Од каде доаѓа, како се совладува стравот? Не е работата во прашањата и одговорите: сака совладување на стравот. Ниеден страв не е совладан со потчинување. Ниеден страв не е совладан така што недоветно ќе се гледа како пред очи ни ја крадат слободата - од онаа на мислењето и изразувањето, до медиумската, до која сакате. Туку така ли прашуваше поетот, оној што го уби пресилниот збор - ќе умее ли слободата да пее, како што робовите пееја за неа?  Всушност, умее ли слободата да пее? Умее, како не умеела - ама некои нови песни, некои новокомпонирани провикнувања, за да проработат малку и нечии подзамрсени ушни тапанчиња.

Ербапи: ем чувари, втерувачи на страв, ем лева рака - десен џеп. И соништата ни ги украдоа, ги престорија во капитал - ене ги на берзата на изгубените илузии. На плоштадите нема каде да се разминеме - од нивните мермерни и бронзени соништа. Уште и се гордеат од она од што ние се срамиме.

Треба цврсто да се разграничи: сејачите на страв, се сејачи и на лажна моќ, на популизмот. Сеајачите на страв се вешти шиткачи на лажна заштита и сигурност. Во нивниот речник не постојат зборовите покајание, извинување. срам. Прават кошмари, па ѓоамити нé вадат од нив. За нив надежта е обична празнина. Арно ама, на човекољупците и правдољупците сепак им личи да се надеваат, како што и на будните луѓе им личи да сонуваат. Поинакви соништа сонуваат заспаните.

А да ве прашам нешто, вака, речиси незадолжително: сте виделе ли топка, обична пластична топка, како се тркала, му бега на детето на удолница? Сте виделе ли како изгледаат, на некоја слична, уште и историска удолница, сејачите на страв кога ќе го чујат она што од дедовци сме го чуле: "Мечка страв, мене не страв"? Да не беше тоа знак дека не може да има перпетум мобиле на ништо од ништо? Дека потребата од слобода не е минлива и не е за да отстапи пред стравот - можеби привремено може и да се потисне, ама најнакрај бликнува многу посилно и не се обѕира на закопаните илузии на стравосејачите.

Ах, таа Надежда Мандељштам, што уште на младини не’ научи што е нестрав од страв и  ни ја всади и врската и разликата помеѓу стравот и надежта…


Ристо Лазаров

(пренесувањето дозволено само со назнака: преземено од www.ristolazaroc.com)
See Older Posts...