Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
Saturday 11 Jan 2014 10:45
| Permalink
СТРАВ И
НАДЕЖ
Страв лозје чува. Може и да го дочува, што не
значи дека грозјето, најнакрај, нема да му скисели на чуварот. Има многу
чувари, падари, полјаци кои имале различни стомачни болки од кисело грозје. А
беспрекорно го чувале лозјето. Така што сега збунето си се прашуваат себе си:
лозјето ли е поважно или грозјето? И кел фајде од лозјето ако грозјето е
кисело? Ако не си најдат одгатка, ваквите чувари, по наперченоста оти им се
плашат сите, завршуваат на - нервен доктор. Чувари на државните лозја -
пациенти на државните нервни болници. Некои присобрале некоја пара и за приватните.
Луѓето се плашат од разни шејтани и шејтанлаци.
Се плашат да го кажат она што го мислат. Всушност, ги плашат да го кажат она
што го мислат. Дресерите си ја усовршиле струката: стравот полека им станува
навика на луѓето и лека-полека се отстрашуваат така што го говорат она што не
го мислат, а сакаат да го чујат дресерите. Заради врабецот в рака и гулабот на
гранка, ама и за други рабори. Дресерите во државната номенклатура имаат и
други називи, ама овој им е некако најприкладен.
Тие, дресерите, знаат како на стравот му се дава
главна улога, како се пика в коски, како заменува и клетви и молитви.
Немилосрдни се, баш оти знаат дека нема страв што не се победува, дека еден ден
никој нема да им се плаши. На сегашните полиња на стравот, на крајот, сепак ќе
бликне радоста. Трижпати поголема од стравот.
Во стравовладеачките општества, отстрашувањето
се врши и со поткревањето на омразата. Омразата расте колку што стравот се
приближува до врвовите на глупоста. Стравот го урнисува разумот. Ама, колку
повеќе омраза, толку повеќе разјарување и заборавање на стравот. Во сопствениот
лудачки валцер, стравот се преиначува во јунаштво. Саде јунак до јунака. Колку
јунаци - толку паметници. Некому и два паметника, на двојно јуначките јунаци.
Или на двојно разјарените. Разјарени и безлични.
Чуварите и втерувачите на страв имаат куќетини,
тадури и дворци, ама живеат како во пештери. Ги забораваат, снемуваат другари
од детството. Свитите им се другари, отшто мораат и тие - чуварите на чуварите.
Тие, чуварите на чуварите - празни авани, натолчени со омраза, дрскост,
бесчувствителност. Толку им раѓа тоа чушпата: да не поднесуваат ништо што
содржи минимум на сложеност и што бара вклучување на мозокот. Тие повеќе се
радуваат кога наутро, и при најстудени студови, ќе им запали неколкутонскиот
мотор, хонда најнов тип.
Наспроти чуварите - народот, страшлив, кому
одамна му скиснале гроздоберите. Мнозинството од народецот
немаа пештерче за заслон, нема ни оганче да запал, се греe дувајќи
си во дланките. Припадниците на
плебсот би купиле нешто потполо за на плеќи, ама немаат со
што. Или од страв да си ги продадат душите, коските да не им се скршат како
мразулци.
Би купиле и троa надеж, малку премрзната, не баш вкусна, ама сепак кандеж: да разберат и чуварите и
стопаните им дека не мораме да мислиме исто. Што значи, достатно е да знаеме
што мислат другите и не мора заради таа другост да си ги колваме очите. Надежта
последна умира, многу често и како радост на малоумните.
Сејачите на стравот имаат само еден патоказ -
глушечка дупка. Арно ама, стравот може и да ги обединува баш тие за кои се
мисли дека се страшливи и дека се за во глушечка дупка. Обединетиот страв
раѓа илјадна гордост и немерен кураж. Улогите во општествените поредоци често
се менуваат - неочекувано, секавично
дури. Владеењето и ракувањето не е театар, особено не театар на марионети.
Сенки има, не дека нема, ама кога ќе им дојде времето и тие блеснуваат.
Осамнува во противречности, да си припомнеме на Рацин. Пукајте, јас држам час,
им беше подвикнал еден
професор кон кого, своевремено, биле вперени цевките на фашистичките автомати.
Сега е слобода и мнозина се прашуваат како да се
живее слободата без страв? Од каде доаѓа, како се совладува стравот? Не е
работата во прашањата и одговорите: сака совладување на стравот. Ниеден страв
не е совладан со потчинување. Ниеден страв не е совладан така што недоветно ќе
се гледа како пред очи ни ја крадат слободата - од онаа на мислењето и
изразувањето, до медиумската, до која сакате. Туку така ли прашуваше поетот,
оној што го уби пресилниот збор - ќе умее ли слободата да пее, како што
робовите пееја за неа? Всушност, умее ли слободата да пее? Умее, како не умеела -
ама некои нови песни, некои новокомпонирани провикнувања, за да проработат
малку и нечии подзамрсени ушни тапанчиња.
Ербапи: ем чувари, втерувачи на страв, ем лева
рака - десен џеп. И соништата ни ги украдоа, ги престорија во капитал - ене ги
на берзата на изгубените илузии. На плоштадите нема каде да се разминеме - од
нивните мермерни и бронзени соништа. Уште и се гордеат од она од што ние се
срамиме.
Треба цврсто да се разграничи: сејачите на
страв, се сејачи и на лажна моќ, на популизмот. Сеајачите на страв се вешти
шиткачи на лажна заштита и сигурност. Во нивниот речник не постојат зборовите
покајание, извинување. срам. Прават кошмари, па ѓоамити нé вадат од нив. За нив
надежта е обична празнина. Арно ама, на човекољупците и правдољупците сепак им
личи да се надеваат, како што и на будните луѓе им личи да сонуваат. Поинакви
соништа сонуваат заспаните.
А да ве прашам нешто, вака, речиси
незадолжително: сте виделе ли топка, обична пластична топка, како се тркала, му
бега на детето на удолница? Сте виделе ли како изгледаат, на некоја слична,
уште и историска удолница, сејачите на страв кога ќе го чујат она што од
дедовци сме го чуле: "Мечка страв, мене не страв"? Да не беше тоа
знак дека не може да има перпетум мобиле на ништо од ништо? Дека потребата од
слобода не е минлива и не е за да отстапи пред стравот - можеби привремено може
и да се потисне, ама најнакрај бликнува многу посилно и не се обѕира на
закопаните илузии на стравосејачите.
Ах, таа Надежда Мандељштам, што уште на младини не’ научи што е нестрав од страв и ни ја всади и врската и разликата помеѓу
стравот и надежта…
Ристо Лазаров
(пренесувањето
дозволено само со назнака: преземено од www.ristolazaroc.com)
Saturday 28 Dec 2013 02:56
| Permalink
ЗА ИДНИНАTA
Во празничните здравици, несомнено, има иднина. Колку горчина има во пијалакот во здравичарските чаши - тоа е друго прашање. Некои патишта кон иднината се поплочени со горчина, со тукушто проголтан пелин. Некои порти низ кои се влегува во иднината се замандалени, особено за недоверните и далтонистите - оние кои не распознаваат ниту една боја на нормалниот живот.
Веќе утрешниот ден е иднина и пак можеме да се прашаме што е иднината? Колку минато, на прикер, има во иднината? Колку носталгија? Ако секој си врви во иднината со својот багаж (куферот не мора да е samsonite) сетики во иднината има и остатоци од минатото, од носталгијата.
Во иднината секој син патува сам со своето куферче в рака. Арно ама, од векутума века има и водачи во иднината. Сега се ептен накотени, сакаат цели народи да врват зад нив како што се врви збунето зад туристичките водичи, кои врват напред, демек на чело на колоната (уште подемек: челници) и тие, водачите, да кажуваат што треба да се види и сега и воиднината. Нема вие што да му е мислите, барем додека отпосле не осознаете дека некои од водачите, како оној кај Домановиќ, биле слепи. Парадоксално: секој слеп водач има толпи следбеници, а во толпите следбеници - толпи фанатици. Оди убеди ги, ако можеш, таквите водачи и толпи, дека на патоказот на правливиот пат по кој јурат на коњи (од сите раси, најчесто бронзени) пишува - минато, а не иднина. Во најлош случај ќе ви речат, заслепените водачи и нивните толпи, дека, всушност по заобиколен пат итаат кон иднината: првин требало да се демонтира, да се растури минатото и оп, еве не во среќната иднина - расцутени тиквичиња без корени. Е, тоа, демонтирањето и растурањето на минатото може да биде простачка работа, ама не и проста. Простачката забревтаност секогаш е обратнонасочна од нормалната линија на живеачката: ма, ќе ве убедуваат добесвест - заслепените водачи и нивните толпи - дека остатокот од животот може да сепомине во минатото! Тикви варени!
Иднината, како што велат некои учени, ја нема во изобилство. Катаден сака изборување за неа. Па и посеаното зрно не никнува туку така, лагодно - и тоа си се бори да изрти. Некои запинаат да ја садат иднината, што може да има призвук на извесна метафора. Секој има право на метафори. Па и оние кои велат дека садачите се молат да пркнат садниците - само и само да има каде да се вратат, оти низ еволутивниот процес не се доближиле сосема дочовекот, а не пак до човекољубието. А и на тој Дарвин, си велат, треба десет удри едно број!
Може ли истовремено да се живее во минатото, сегашноста и иднината? А може ли врба да роди грозје? Тој што знае да живее во сегашноста, ја знае и посоката кон иднината. И знае дека на влезот во иднитата, моми накитени, наместо леб и сол послужуваат - неизвесност. А неизвесноста, велеше Пекиќ, во суштина е поврзана со тајната на времето. Неизвесноста е тука за да се совлада. Тоа не се прави со романтични занеси и сни - кој невидел ќе види, кога ќе прогледа. Ќе да е и самата иднина тајна.
Има ли иднината име? За славниот композитор Чајковски, незадоволен од сегашноста, иднината се викала - надеж. Сега на иднината и даваат и географски имиња (пред ракаречено и додавки). Едни, кога говорат за иднината, мислат на Брисел, на пример. На други, на пример, им се врти во главите она што пошироко е познато под поимот Атлантида. Навали народе, секому секој што сака (а само на одбраните и колку сакаат!)
Во размислите за иднината се подразбираат и ѕвездочатците. И кавинетските претскажувачи, и нивните вреќи лаги што ги товараат во возовите за иднината. Штета што пругите не се побрзи - ја побрзо ќе се стаса во иднината, ја побрзо ќе се одврзат вреќите набабрени од лаги, на главната царинарница, пред да се крене рампата пред иднината.
Едно време, кога ги читавме Сеќавањата на иднината на Деникен, некои пријатели во поетски занес, малку наивен додуша, за иднината велеа дека е како девојка која ја чекаш на рандеву: веруваш дека сигурно и на време ќе дојде, арно ама некогаш доцни автобусот со кој доаѓа во центарот на градот, а некогаш и не доаѓа - или од заборавност, или од лутина. Од што треба да се заклучи дека има и иднина што се лути.
Додека во сегашноста гледаме директни преноси од разно-разни автократски балови и дивеења, ние сепак знаеме дека иднината е секогаш пред нас, ама, ете, ни било судено тадури и да се прашуваме: има ли иднина?
Ристо Лазаров
www.ristolazarov.com
(пренепечатувањето на текстот дозволено само со наведување на изворот од кој се презема - www.ristolazarov.com)

Saturday 07 Dec 2013 03:11
| Permalink
ФАБРИКА ЗА МИТОВИ
Митови имало отсекогаш, само што денес, во Транзицијата се некако поизопачени, подречливи. Им личат сите бои, макар што мнозина мислат дека најубава одора за митовите се прави во жолто-црвена боја. Може и во сина. Може и во која било. А општо е познато дека има и безбојни митови.
На еден народ кој го произвел митот дека е библиски народ и му прилега да има секакви митови. Поначесто, всушност - никакви. Се разбира дека има и такви кои подолго паметат, кои спомнуваат и совест и грижа на совест, ама нив ги праќаат на шишање. Боговите ниту чуле, ниту сакаат да чујат за грижа на совеста.
На секое ќоше никнуваат индустриски зони, во индустриските зони фабрики за митови, во фабриките производители на митови, пред фабриките цели транспорти со шиткачи на митови. Се шиткаат вештачки, пластични митови, самопрогласени митови, буџосани корени на цареви, кралеви, принцови. Никој од нив нема круна, ама има колоритна митолошка скаска. Митот за корените е како топол јорган среде зима: кој ќе се покрие преку глава, ќе има слатки и тврди соништа, преслатки. Со вкус на стратешко партнерство.
Моментно, под полна пареа во сите фабрики за митови се прават делови и делчиња од коишто треба да се создаде големимот мит за Херакле. Лека-полека се ближи крајот на дефинитивната монтажа. Ене го, веќе подава глава Керберот, последното искушение на Херакле на летот кон митолошкото небо.
Во фабриките за производство на митови одвреме навреме припомагаат прочуените транзициони лустратори. На еден од нив името му асоцира на библиско неверување (неверство) ама тој е прв кој им верува на капките 'рѓав дожд што му потскокнуваат по ќелавицата. Неверниот, изврнат од 'рѓосан дожд, измисли нов лозунг: Керберот не да ти бил, всушност, чувар на царството на мртвите. Напротив: немирно буричкало баш во царството на мртвите, протегало на коските на мртвите. Неверниот си го думка Керберот, за полесно да му го стивне 'ржењето пред буричкалата по коските на мртвите.
Неверниот не е по книгите, кој видел аир од книгите, ама некој му раскажал дека во книгите за Херакле пишува дека Керберот се поткупува со мед. Колај работа! Поситни ѕверки се поткупувале со многу покрупни работи, а не пак да се жали тегла мед за Керберот. Она што ќе остане на дното на теглата, ќе го излиже Неверниот. Керберот најаден со мед станува весел вртиопашко, а Неверниот и пред да го излиже она што останало на дното на теглата, веќе го стекнал меѓународното признание на вртиопашко и подлизурко.
Неверниот кога бил млад, не бил на младинска работна акција. Таму сигурно би бил главен трасер на патот кон пеколот. Но, никогаш не е доцна за пеколот - и со трасиран пат, и со козјо патче. Неверниот сега е висококвалификуван трасер за пеколот и воопшто не помислува дека одамна, многу одамна во пеколот му чуваат место на почесната трибина. Кога тогаш, ќе си дојде сé на свое место. И народот на кого сега му е доделена улога на риба на суво, ќе си дојде во својата природна состојба. Неверниот ајде, ама само ептен неукиот може да си смисли цел народ вечно да биде риба на суво.
На инжењерите (и оние на душите) во фабриките за митови им е совршено јасно дека секој не може да биде Херакле. И еден е многу и тој треба да биде направен од волшебен и цврст материјал, од кој има голем дефицит. Не баш радо, ама инжењерите се принудени да ја прифатат логиката: каков материјал - таков Херакле. После нешто може ќе се надомести со дување балони. По секое дување - напредок и милина.
Има Кербери што баздат на десетка со кромид. Барабар со локалните полухерои, кои се плашат и да помислат на Херакле. Има и еден таков што си мисли дека е директен потомок ба Херакле, ама тој воопшто не се разбира во митологија. А сече, око да не му трепне, ленти при свечените отворања на нови и нови фабрики за митови. Запаметил дека Стив Ривс е Херакле. Е, ама од холивудската митологија. Таму се произведуваат пластични. веќе и компјутерски митови, има и бескрајни ловишта на лажни митови.
Во таквите ловишта и оној Прометеј, кој благовремено бил предупредуван да биде претпазлив, да не брза. Оти се паметат и некои избрзани востанија. Со ништо не требало да се брза, а најмалку со огнот. Како велеше еден нашински главатар: крачка по крачка. Само, Прометеј бил презафатен со здиплувањето на огнот, онаму, горе, на Кавказ, па не чул ништо за крачка по крачка. А и да чул, ќе се скинел од смеење. Како што се правел наглув кога му велеле дека слободата не се подарува за роденден, онака набрзина застанувајќи кај некоја цвеќарница. Слободата се освојува.
Што не му прават на Прометеј, ама тој не ја открива тајната на Боговите. Ако биле милосрдни боговите, немало нивни пратеници да му го исколваат џигерот: а зуцна, а притвор, процес, како тоа веќе го викал оној мрачен Кафка кој никогаш не им бил љубимец на боговите.
Прометеј си мисли дека не е покусо од Херакле, ама злобниците му префрлуваат дека тој сепак бил крадец на огнот. И тоа, се гледа, речиси бадијала: да се греат дрвокрадците, да се варат манџи. Добро де, декоративно да светнува и по некој камин, околу кого се води немушта дебата за (не)оправданоста за крадењето. Пламтат митови, стари и нови, за корисни кражби.
Од многу митови, на народот, особено ако е гладен, му се зградува, го тера на блуење, а нема што да се блуе. Малодушност од која не се раѓа само малодушност. Многу локални митолошки полујунаци го почувствувале тоа. На ред ќе дојде и Неверниот. Ќе го снема во маглите на реалниот живот.
Митото го туркаат да стане мит, ама се опира. Митото не е мит, ами гола, сурова реалност. Три смени, реално. Не пропагандни пароли.
Мисирите не спаѓаат во митолошките јата. Тие се за божиќни залажувања. А потем, а потем - ќе спласне ли чешањето на вештачки ситите мешиња? Ќе издишат ли вештачки набилдираните митолошки мускули?
И да не се заборави: Керберот сака мед и думкање, ама бесконечноста му е здодевна.
Тешко се одгатнува звучи ли шегобијно гласот што низ шепот прашува: море Херакле и Керберот да не се споени во еден шејтан, што се топори тука, пред наши очи?
А и оној Прометеј, час без гаќи час со гаќи, штотуку загадочно се потсмевнува?
Ристо Лазаров
на Св. Климент 2013.