Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров

РАМКА ИЛИ ЈАМКА

- нафрлоци за новинарството -


1.    Секоја власт, па и онаа со уста полна демократија, сака да има влијание (и троа повеќе) врз медиумите. А и меѓу новинарите, за жал, се множат давачите на услуги    - баш на власта. Tаквите не сакаат да известуваат, да си ја вршат работата, ами да произведуваат настани и да ја обликуваат стварноста. Малцинство се, ама многу милуваат да се прикажуваат како мнозинство. Ѓоа така се произведува и вистина. Со врева. Ѓоа. Си мислат дека однапред курдисаните таблици за множење на веќе измноженото, создаваат вредносни еталони. Што не бива, никако.
2.    За новинарите своевремено се беше рекло дека се универзални незнајковци. Сега доминираат сезнајковци и сезнајни дознајквци. Откако ќе се изнадознаваат и што треба и што не треба, отпосле ќе дознаат дека, всушност, имале улога на копче, петлица. Притисни копче - излегува ексклузива не готвачка. Притискувачот цело време сучи мустаци, чеша меше.
3.    Оние кои што работат "на копче" често имаат третман на багаж: во некој од куферите на оние кои што притискаат на копчето. Пат околу светот за драм екслузива и троа повеќе послушност и исполнителност. Сана-бана, јас тебе - ти мене. Политички коментатори известуваат од гостувања на музичари во странство. И така дознаваат, на пример, дека на виолина се свири со гудало.
4.    А новинарството не е прост и едноставен занает што може да се работи без мајстори. И тоа врвни мајстори, калени низ вековната традиција на новинарството, во која, за радост на античките занесеници, се вбројуваат и Василиките на Александар Македонски. Го пикал ли тој носот во внатрешното устројство на Василиките или имал поважни државни работи?
5.    Врз медиумите се влијае на илјада и еден начин, од кои, секако, најопако е влијанието преку закон. Љубителите на законската регулација (читај: ограничување) на медиумската сфера, инаку, не престануваат да трубат со своите вувузели за дерегулацијата, како мошне блиска, најблиска до апсолутната медиумска слобода. И ни подготвуваат, велат, законска рамка. Малкумина наивни и веќе "обработени" во сета ова скаламуција не гледаат и законска јамка. Или ќе се застане на столчето пoд јамката, или ќе се клоцне столчето и ќе се скине јамката. Трето нема.
6.    Желбата медиумите да се стават "под свое" најачик ја искажуваат владетелите кои си умислиле дека се разбираат во се' - од составот на фудбалската репрезентација, преку археологијата и архитектурата, на пример, па до важните стратешки прашања на државата. За таквите сезнајковци медиумите се мачкина кашлица.
7.    Апсолутното влијание врз медиумите подразбира и апсолутна одговорност. Се' се враќа и се' се плаќа. Ниту една власт не е вечна. Ниту едно изживување не завршува без фајронт и без луфтирање на чадот.
8.    Слободата на новинарството не поднесува никакви законски регулативи. Особено не такви што се стокмени така што да имаат неприкосновена ограничувачка моќ и да служат како сатар во рацете на властодржецот. На медиумите и требаат свежи креативни поттици, не гробари.
9.    Медиумите во демократијата го претпочитаат пазарот. На пазар, ама без касапници и касапи, молам. Новинарството не е алатка за безобразно и крајно неодговорно исмејување на противникот и подметнување на кукавичини јајца. Но и власта не е и не смее да биде крвожеден и осветољубив демнач на секоја забелешка на нејзина сметка. Дали некој сака да се врати времето од пред Втората светска војна, кога за одговорни уредници се ставале лица кои немале никаква врска со уредувањето, платени добро единствено за да одат в затвор ако весникот бил осуден, а тоа пак, не било ретка појава?
10. Факти, факти, факти - вели една латинска. Некогаш, на младини, сум запишал еден цитат: "За историчарот се вели дека пишува документирано за настаните што не ги видел, а за новинарот дека пишува недокументирано за настаните што ги видел". Не звучи како евтина досетка и не е баш за лефтерно заборавање.
11. А не е за во бездната на заборавот дека една од поважните мисии на медиумите е запознавањето (преку) нив на светот. Сега се сака медиумите да бидат оние огледала од бајките кои кажуваат дека баш ние сме најубави на светот, да креираат превисоко мислење за самите нас.
12. На пазарот се продаваат и ставови, и убави реченици - секому секој сам што сака. На човек во поодминати години повеќе ќеиф му прават убавите реченици, што ќе рече - презаситен е од ставови, посебно од трансмисиите на ставови. Можеби звучи старински, ама новинарството е, сепак, книжевност на брзина. Не широко поле за кочоперење на полуписмени извршители по кројка на исто толку писмени нарачатели и оценувачи.
13. Низ медиумите се' помалку циркулираат идеи. Се повеќе ни фрлаат в очи зрнца од живиот песок на тнр. спектакли. И општеството ни станува такво - општество на спектакли.
14. Обилно се потрхранува медиумскиот популизам, како што и некои мдиуми се штедри во потхранувањето на популизмот воопшто. Собранието, на пример, е лика и прилика за тоа: таму не се обраќаат еден кон друг, ами му се обраќаат на народот. А често и се прескока Собранието, па повиканите директно му се обраќаат на народот - преку медиумите, се разбира.
15. Имаме секагодишна вртелешка од избори. И веќе добро поткрепени согледби за однесувањето на медиумите. Едни главатари мислат дека медиумите се тука за да им помогнат да дојдат на власт, други главатари очекуваат медиумите да го помогнат заминувањето од власт. Никој не ја прашува публиката. Возот врви, споулавено, додека заглави во првиот тунел. Ама заглавувањето нема да го види - во тунелот, нели е темнина. Како во сокаците ноќум.
16. Веќе еден век живее (и им се припишува на разни автори, меѓу кои најчесто се спомнува Черчил) сентенцата дека новинарството е убава професија - ако на време се напушти. Ако не...?

Ристо Лазаров
See Older Posts...