Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
Sunday 21 Apr 2013 07:04
| Permalink
РАМКА ИЛИ ЈАМКА
- нафрлоци за новинарството -
1. Секоја
власт, па и онаа со уста полна демократија, сака да има влијание (и троа
повеќе) врз медиумите. А и меѓу новинарите, за жал, се множат давачите на
услуги - баш на
власта. Tаквите не сакаат да известуваат, да си ја вршат работата, ами да
произведуваат настани и да ја обликуваат стварноста. Малцинство се, ама многу
милуваат да се прикажуваат како мнозинство. Ѓоа така се произведува и вистина. Со врева. Ѓоа. Си мислат дека
однапред курдисаните таблици за множење на веќе измноженото, создаваат
вредносни еталони. Што не бива, никако.
2. За
новинарите своевремено се беше рекло дека се универзални незнајковци. Сега
доминираат сезнајковци и сезнајни дознајквци. Откако ќе се изнадознаваат и што
треба и што не треба, отпосле ќе дознаат дека, всушност, имале улога на копче,
петлица. Притисни копче - излегува ексклузива не готвачка. Притискувачот цело
време сучи мустаци, чеша меше.
3. Оние
кои што работат "на копче" често имаат третман на багаж: во некој од
куферите на оние кои што притискаат на копчето. Пат околу светот за драм
екслузива и троа повеќе послушност и исполнителност. Сана-бана, јас тебе - ти
мене. Политички коментатори известуваат од гостувања на музичари во странство.
И така дознаваат, на пример, дека на виолина се свири со гудало.
4. А
новинарството не е прост и едноставен занает што може да се работи без
мајстори. И тоа врвни мајстори, калени низ вековната традиција на
новинарството, во која, за радост на античките занесеници, се вбројуваат и Василиките на Александар Македонски. Го
пикал ли тој носот во внатрешното устројство на Василиките или имал поважни државни работи?
5. Врз
медиумите се влијае на илјада и еден начин, од кои, секако, најопако е
влијанието преку закон. Љубителите на законската регулација (читај:
ограничување) на медиумската сфера, инаку, не престануваат да трубат со своите
вувузели за дерегулацијата, како мошне блиска, најблиска до апсолутната
медиумска слобода. И ни подготвуваат, велат, законска рамка. Малкумина наивни и
веќе "обработени" во сета ова скаламуција не гледаат и законска
јамка. Или ќе се застане на столчето пoд јамката, или ќе се клоцне столчето и ќе се
скине јамката. Трето нема.
6. Желбата
медиумите да се стават "под свое" најачик ја искажуваат владетелите
кои си умислиле дека се разбираат во се' - од составот на фудбалската
репрезентација, преку археологијата и архитектурата, на пример, па до важните
стратешки прашања на државата. За таквите сезнајковци медиумите се мачкина
кашлица.
7. Апсолутното
влијание врз медиумите подразбира и апсолутна одговорност. Се' се враќа и се'
се плаќа. Ниту една власт не е вечна. Ниту едно изживување не завршува без
фајронт и без луфтирање на чадот.
8. Слободата
на новинарството не поднесува никакви законски регулативи. Особено не такви што
се стокмени така што да имаат неприкосновена ограничувачка моќ и да служат како
сатар во рацете на властодржецот. На медиумите и требаат свежи креативни
поттици, не гробари.
9. Медиумите
во демократијата го претпочитаат пазарот. На пазар, ама без касапници и касапи,
молам. Новинарството не е алатка за безобразно и крајно неодговорно исмејување
на противникот и подметнување на кукавичини јајца. Но и власта не е и не смее
да биде крвожеден и осветољубив демнач на секоја забелешка на нејзина сметка.
Дали некој сака да се врати времето од пред Втората светска војна, кога за
одговорни уредници се ставале лица кои немале никаква врска со уредувањето,
платени добро единствено за да одат в затвор ако весникот бил осуден, а тоа
пак, не било ретка појава?
10. Факти,
факти, факти - вели една латинска. Некогаш, на младини, сум запишал еден цитат:
"За историчарот се вели дека пишува документирано за настаните што не ги
видел, а за новинарот дека пишува недокументирано за настаните што ги
видел". Не звучи како евтина досетка и не е баш за лефтерно заборавање.
11. А
не е за во бездната на заборавот дека една од поважните мисии на медиумите е
запознавањето (преку) нив на светот. Сега се сака медиумите да бидат оние
огледала од бајките кои кажуваат дека баш ние сме најубави на светот, да
креираат превисоко мислење за самите нас.
12. На
пазарот се продаваат и ставови, и убави реченици - секому секој сам што сака.
На човек во поодминати години повеќе ќеиф му прават убавите реченици, што ќе
рече - презаситен е од ставови, посебно од трансмисиите на ставови. Можеби
звучи старински, ама новинарството е, сепак, книжевност на брзина. Не широко
поле за кочоперење на полуписмени извршители по кројка на исто толку писмени
нарачатели и оценувачи.
13. Низ
медиумите се' помалку циркулираат идеи. Се повеќе ни фрлаат в очи зрнца од
живиот песок на тнр. спектакли. И општеството ни станува такво - општество на
спектакли.
14. Обилно
се потрхранува медиумскиот популизам, како што и некои мдиуми се штедри во
потхранувањето на популизмот воопшто. Собранието, на пример, е лика и прилика за тоа: таму не се
обраќаат еден кон друг, ами му се обраќаат на народот. А често и се прескока
Собранието, па повиканите директно му се обраќаат на народот - преку медиумите,
се разбира.
15. Имаме
секагодишна вртелешка од избори. И веќе добро поткрепени согледби за
однесувањето на медиумите. Едни главатари мислат дека медиумите се тука за да
им помогнат да дојдат на власт, други главатари очекуваат медиумите да го
помогнат заминувањето од власт. Никој не ја прашува публиката. Возот врви,
споулавено, додека заглави во првиот тунел. Ама заглавувањето нема да го види -
во тунелот, нели е темнина. Како во сокаците ноќум.
16. Веќе
еден век живее (и им се припишува на разни автори, меѓу кои најчесто се
спомнува Черчил) сентенцата дека новинарството е убава професија - ако на време
се напушти. Ако не...?
Ристо
Лазаров
Sunday 14 Apr 2013 11:53
| Permalink
НИКОЕ ВРЕМЕ
Секоја пролет и есен се менува времето и тоа го правиме со обично поместување на сказалките на часовникот - за еден час понапред или наназад. Од тоа зависи дали првата вечер во сменетото време ќе спиеме еден час помалку или повеќе. При што ранобудниците продолжуваат да бидат ранобудници, а заспаните - заспани, во кома.
А и инаку се менува времето. Не се рекло џабе се' во свое време или - не е секогаш време за се'. На пример, изборни гласови се крадат во време на избори, ни пред тоа ни потоа. Што е доказ дека минува времето, тече, жубори. Има време кога ќе речеме: летнало времето, како сивите галаби од една народна песна.
Некогаш времето запира, се скаменува в место. Некое скаменето време е долговечно, друго се ничкосува. Запрено или заитано, некогаш времето е намуртено, некогаш насмеано: да не знаеш кој кого имитира - дали луѓето времето, или времето луѓето. Мнозина луѓе велат дека имаат фајде од времето само во поговорките: демек, времето лекувало се'. А тие што се разбираат во лечебности, велат дека она што лекува се', всушност, не лекува ништо.
Времето е полно или се полни, до врв. Времето е и празно или се празни, на екс, како чаша лута ракија. Од шприцееот на полното и празното време се исцедува безвременоста, а се наѕира и вонвременоста. Со што поточно се мери времето - со безвременоста или со вонвременоста? И тогаш - колку е часот? Колку е часот и сега? Ако се појави кусок на време, како и со што се надополнува? Да не би кусокот да е најточната мерка на времето?
Се мери времето и со
слобода. Ми се чини, Ленин беше рекол дека слободата е, всушност,
сфатена нужност. Колку што ја сфаќаме нужноста, толку сме слободни? Тамам
работа!
Кусокот време не е време без време. Кусокот на време често е време на чуда. На триста чуда, како оние рото-романите од детството. Времето на чудата не локално, ами глобално. На дело е глобализација на чудата, со локална анестезија.
Има среќни времиња, ама за нив се говори во минато време. Во сегашно време, тадури и во идно, се говори за злите времиња - времиња на исплазените јазици. Одењето од време на време може да се престори и во одење од време во време. Од време на време се оди како од облак на облак. А и од време во време се влегува како од облак во облак. Има време во магла и троа повеќе магла во времето. Маглата во времето се произведува во фабриките за зашеќерени приказни, без исклучок.
Времето, со тек на време, станува старо време. Заборавено време. Новото време е сплет од планови и желби. Моментното време е за чукање глава во некој ѕид што го издржал забот на времето. Во моментното време се издвојува најмногу време за насилства. Време на насилства, од секаков вид. Таксират време. Барем тоа, времето на насилства, да е на одредено време...
Во времето се влегува главечки и назачки. Не се знае како се излегува од времето. Се утврдува само дека времето не се повторува, иако некои си прават привиди а други бајрам со умот на таа тема. Како и да е, тоа не зависи од влезот и излезот од времето.
Има времиња кога умот
молкнува, будалата дрдори, а фукарите се збогатуваат – беше бил запишал Иво
Андриќ. Таквите времиња не заминуваат во историјата, жилави некои времиња.
Во времето, еве ова нашево, може да дурлат бистри води. А времето да би де матно. Во секое време се продаваат оптички мамки, нарочно во матните времиња.
Во матните времиња се отвораат посебни чекалници за времето.
Матните времиња можат да бидат и опасни времиња. Опасните времиња се времиња на коњи и биволи. Времиња на копита, кои милуваат да удираат по нежни чела. Kопита кои је милуваат и негуваат (пот)просечноста.
Лека-полека, времето станува - никое време. Време на голема срамота. Во никое време, се случуваат дремки, ама сните
се дамлосани, столчени. Во никое врее некој како да не’ тера сами да си ги
тепаме сните, сопствените сни. И тогаш никој не знае колку време збира во едно обично лонче време?
Saturday 16 Feb 2013 09:59
| Permalink
A БРЕ
МАКЕДОНЧЕ...
Денеска (16 февруари 2013), на трогателниот собир на
борците од НОВ на главниот скопски плоштад (неодобрен од власта!?!) ја чув од
звучниците, а троа и ја потпеав А бре
Македонче...
Мојата пријателка, пак, деновиве, не криејќи дека и е
дојдено преку глава од се’ што ни се случува, изјави во весник: ,,јас сум
задоена со слободарско, партизанско млеко, а чичко ми Оцка пред седумдесет
години ја напишал ,,А бре Македонче”, па верувам дека Македончето веќе
пораснало. Време е за Македонецот”.
Долги години слушам дека минало времето на Македончето,
дека сега можеме да говориме за Македонецот. Гордо, се разбира. Од што
произлегува (индиректно) дека Македончето
сме го изговарале и пееле понизно, срамежливо, второкатегорно, јуниорски.
Еве прилика да си го кажам мислењето за ова наметната разлика. Не да спорам со
пријателката и внуката на авторот на знаменитата песна, која секого кога пее за
Македончето го прави горд Македонец.
За јајцето и кокошката ли зборуваме? Македончето, пред да
стане Македонче, нели било Македонец? А и Македонецот, нели може да биде
Македонче? Зошто се игнорира контекстот на песната за Македончето? Зошто се сака на Македончето
да се гледа како на возраст, а не, на пример, како на блискост, нагласена
присност? Не дека прашањето граматичко, ама, сепак: зошто се игнорира и
вокативната форма во нашиот јазик, при обраќањето, во песна, на Македонецот?
Нема белки и такви во животот наш разбуричкан од се’ и сешто, што мислат дека
тоа Македонче е борбен повик на
биолошките Македончиња, дека Македонија немала мажи (и жени) за слободарски
бој? Ви се молам! Па, спомнете си барем на следната строфа на А бре Македонче.
И при ризик малку (ама само малку) да прекардашам, во
повеќето ,,патриотски искази” за исправањето на Македончето во Македонец, не гледам добра намера. Повеќе скриен,
ѓоа невидлив презир, не само кон песната, ами кон сите тие што са таа песна на
уста, ја донесоа слободата? А следствено, нели, потем и се однесувале така,
демек како Македончиња а не како Македонци. Што е глупост, тотално исчашен
поглед, тотално слепило и глувотија, тотално немање смисла за времето и за
неговите историски значајки. И тотално неразбирање на потребата да му вдахнат
малку душа на светот околу нив.
А бре Македонче
на Оцката Михајловски е предвостаничка творба, која
есенум ја навестува македонската добра пролет. A може и малку поинаку: знаел
авторот, мислам како Чапек што знаел, дека октомври (и тоа оној, 1941-та) е
првиот пролетен месец во најновиот македонски календар. Прилепски речено, има и
такви кои воопшто не го сајкалат тој пролетен
октомври, кои од времето од пред седум децении емигрирале во пајажините на
својата современа неукост и злоба. Си мислат во современоста се, а не гледаат
дека таквата современост е – празна современост. Таквите тешко сфаќаат, бргу
забораваат. И верувам дека ретко кој од нив, ај да не речам ниту еден, не чул
за онаа на Осја Бродски: да се памети – значи повторно да се воспоставува
блискоста.
Во случајов, двојна блискост: и со времето на
настанувањето на песната и со Македончето
во песната на Оцката. Мене тоа, Македончето
, секогаш ме поткрева, ми принесува пред очи ведрина, одново и одново ми ја
дарува радоста на победата.
Другпат за една оптичка мамка што се создава додека некој
сака да не убеди дека не сме Македончиња,
ами Македонци (море, Македончишта!).
Сетики спомнувате како партизанската генерација на Оцката го пеела крајот на
песната: Македонско име, нема да загине...
E, тоа ти е кога ќе се измести основниот акцент, поентата на песната: нешто не
сум чул дека во последно време се пее и крајот на А бре Македонче. Да не би песната, талкајќи низ времето, си го
изгубила крајот? Или, само партизаните биле толку упорни, па ги пееле песните
до крај?
Kако и да е, кога и сега, на овие години, ја слушам или
ја пејам А бре Македонче, не се
чувствувам смален и малав, ами голем и многу радосно и ептен гордо, како
вистински Македонец.
Ристо Лазаров
16.02.2013